Мариовски панаѓир – цела книга – Стале Попов

6. HA OPOTO

Кои беа за ракија, визита и видување ги видовме кај попот, Џака, Лута, Дрмончета и други куќи. Направија визити, се видоа и се напија колку што можеа.

Навистина кај Лута не беше како кај попот и Џака, па ни кај Дрмончета. Луто заправо не беше посиромав од Џака, ама Лутовица се погоди „лутица”, та иако влезеше по некој пријател, гледаше што побргу да излезе да не и го гледа киселиот сурат и намуртените муцки.

Џако и Луто беа врсници, ама Луто изгледаше триесет години постар од Џака токму заради карактерот на Лутовица. Дури Џако се фалеше со Бисера, Луто пиштеше од својата „лутица” што секој ден го клукаше и му го труеше животот, та уште совреме (на триесетте години) му ги исчука забите и му ја обеле косата. Оцрне Луто, отемне и заб не обеле за своите четириесет години колку што ја имаше крај себе оваа своја лутица.

И Луто се обиде на неколкупати да ја испроба својата жена како Џако, но кога тој и велеше: „друга лубеница донеси, а не оваа”, таа му се нафрлуваше со најбезобразни зборови и го правеше резил пред луѓето. Отприлика вака му одговараше лутовица:

— Кога ќе донесеш ти друга, тогаш и јас. Зар слеп си оти џема веќе сирење во качето та што запињаш да донесам уште; ракијата се сврши, мажу, речи им на луѓето да се пособерат малку во пиењето.

А кога денеска не помогнаа сите овие нејзини опомени и некои Лутови пријатели, знаејќи ја каква е, за инает останаа да пијат подолго, Лутовица ги натера да излезат без да сакаат. Отиде надвор и ја наполни футата божем деланки да го распали огнот, а во средето на деланките засипа една низалка суви лути пиперки и ги истури на жарот во огништето. Кога се зачурија деланките, се зачурија и пиперките, та во куќата не можеше да се диши. Станаа луѓето и просто избегаа за да не се задушат од лутите суви пиперки. Се разбира дека Лутовица го доби од Лута заслуженото, но во тој гнев тој старееше и остаре пред време, додека Џако со својата Бисер – Бисерка се помлад изгледаше.

Дрмонче пак беше од „скапаните”. Живееше во една ѕидиница со половина покривач и без еден шил. Лете – зиме ветерот си вееше низ неа, а Дрмонче ги чукаше гламните на огнот, лажејќи се дека му е топло крај црните суровици што пиштеа на малкуте жарчиња под нив. Но и кај таков домаќин на Денешен имаше гости. Гости од неговата сорта, сиромаси пријатели, другари кај коишто и тој на нивните Денови одеше. И не само што имаше гости ами дури и песни се слушаа и во неговата ѕидиница. Пагурчето и тука фрчеше одрака нарака, грнето со грав клокотеше, а, лебами, и Дрмончевица меси погачи и булиња, макар да беа ‘ржани; уште поубаво се носеа со грашокот и лутите пиперки што му се родија во малкото градинче зад куќа. И Дрмончевите гости се наручаа убаво од лутиот грашок и пиперки, та и тие излегоа на сре тселото да земат учество во орото и другите игри што се изведуваа на Денот.

Орото почнува уште од утрината. Рековме дека има разни сорти гости. Ораџиите Друго и не ги интересира на панаѓирот, освен орото. Гајдаџиите — исто така. И ене го гајдаџијата Стојко Катин од В. уште пред осум часот ја надул гајдата на една страна и собрал околу себе група гости и домашни, се разбира млади ергени и девојки, и го повеле првиот танец. На друга страна други негови еснафи, гости и домаќини, исто така ги спремаат гајдите, а околу нив се собрале ораџиите.

Како гајдаџии, така и ораџии се исполни срет селото. Секој гајдаџија ја спремил својата гајда за Денешен. He е шега работа. Цело Мариово треба да си го каже своето мислење за секого.

Петко од М. нарочно го закла најголемиот прч што го имаше за да изгледа неговата гајда најголема, покрај тоа што клепарката, брчалото, па дури и дулецот беа од чиста коска и нашарени со триста пулејки. Ама пак не можеше да ја добие првата награда, бидејќи Стојко беше ја разбрал работата, та место јарец, тој го закла телето од Пулка и го надмудри Петка. И не само што беше поголема Стојковата гајда од Петковата, ами тој беше мајстор гајдаџија, та беше ја направил да пишти „до небо да се слуша”.

И ене ги сега каде се натсвируваат.

Додека Петко се гордее со својата шарена гајда, Катин не му дава „око да отвори” да писне.

Штом Петко ја надуваше гајдата и сакаше да и посвири на некоја девојка, Катин ги намамуваше селските ергени и почнуваше да им свири се на „горните”, па кога ќе писнеше таа пуста гајда, се заглушуваше наоколу, така што Петковата ни танчарката не можеше да ја слушне, а камоли другите ораџики.

И така Петко и оваа година остана на второ место. Сам призна дека не свири поарно од Катин, но се надеваше дека украсот на неговата гајда ќе му донесе поголема слава и уважение сред многуте ораџики на кои им свиреше. He му беше криво што беше гајдата на Катин поголема, но од каде, пустињата, толку пишти?

А Стојко само се дуеше и се насладуваше што и оваа година го потисна својот стар противник Петка, којшто за оваа работа дојде дури од далечното М. Цел ден, сиромав, патува и пак не успеа во натпреварот со Катин.

Можеби ќе се запраша некој: зошто им е ова првенство? He е тоа без значење.

Петко беше ерген. И тоа стар ерген. Одамна втаса, та дури и претера за женење, бидејќи ги помина дваесетипетте. А која во Мариово ќе се омажи за таков стар брав кога има јагниња од осумнаесет години?

Од неговото село Петко и не мислеше да бара девојка. Едно поради староста, а друго и поради сиромаштија. Од неа и остана тој досега неженет. Затоа не оставаше ни еден селски панаѓир по Мариово да не појде, белким некоја што не го знае, ќе се излаже да му добега.

He беше грд како Арнаутчето, да речеме. Може да се каже дури и убав беше Петко. Ама пустите години беа тешки. Таа беше најголемата пречка што го сопињаше. Испуштил кога му било времето, и сега каде си ја толче главата. He може да најде мома.

И оваа година се обиде да излаже некоја со гајдата и со песните; а добро и играше Петко, ама оној проклетник Катин не му даде око да отвори со тоа пусто негово гајдиште. Ене го. Излегол на орото и ја надул гајдата. Дарко го повел танецот, до него лудиот Дајлан, по Дајлана — Ѓуровци. Колку ли се? Петина браќа, шест први братучеди — цело Чочово бачило. Кога ќе се фатат тие на оро, тешко му на гајдаџијата, а уште потешко на тие што гледаат. Особено моминските рува страдаат ако е кално времето.

Дарко го опнал фустанот со сто и дваесет бочници; ѕиврите му ги покриле колениците, a јанинските опинци со буфките на врвовите светат на жешкото сонце. Млад, здрав, променет не може да биде поубаво, ги исполнува сите услови да рипа и да ги гази девојчињата. Го води танецот и се врти како чигра. Пустиот му фустан се шири како шатор. Сите гостинки му завидуваа и заблазуваа.

Оние што го познаваа со шепот го величаа, а оние што не го познаваа — распрашуваа кој ли е оној делија.

He само Дарко, но целиот танец се претвори во шатори.

Опашката ја држи еден од Ѓуровци. Тој постојано се врти, ама нема фустан ни широка кошула да развее во вртењето, ами опнал некакви тесни шалвари, нешто како градски панталони. Затоа жените со потценување го гледаа.

— Пусти, Ѓуро, пусти! Што се вртиш кога си како драг. Колку да се вртиш нема фустанот да ти се рашири, му потфрлаше Дафина Мокрина, гледајќи во танцувачот Дарка, кој беше салам натокмен по мариовски.

А Ѓуро се порасклоцуваше, кога ќе поминеше крај нив, та и една капка кал ако имаше, сите ги попрскуваше.

И така. Дури танецот од Дарковци, Дајлановци и Ѓуровци се вртеше, Катин дуеше во гајдиштето и тераше се на горните прсти, а таа пиштеше, та до небо се слушаше. Како да сакаше и старите светци да ги разигра.

Едно што ораџиите таква сербес свирка сакаа, а друго и најважно беше да се заглуши Петковата гајда, со која тој и свиреше на една гостинка.

Дува Петко, сиромав, ушите му ѕвонат и мисли белким со дувањето ќе ја натпишти Катиновата гајда. Колку да не може, ете се лаже.

Гостинката често го погледнуваше, а Петко само што не ја нагазуваше. И се наднесуваше над лицето, свиреше и во самиот дулец, подигруваше и сам по тактот на гајдата, и го допираше брчалото до самите бујни гради небарем не гледа што прави и се топеше од милина.

„Белким ќе ја излаже тој натемаго?”, си мислеше Петко и потскришум и намигнуваше да види на што ред е гостинката.

И навистина на овој панаѓир Петко си сврши работа. Гостинката го бендиса во свирката и тој, отаде одоваде, се најде вечерта таму кај оној домаќин каде што беше денешната ораџика на гости. Го весели Петко целото друштво со свирка и песна, и тоа сега само со својата гајда, бидејќи не беше тука Катин да му пречи како денеска на сретселото на орото. Свирејќи и пеејќи, толку и cе бендиса на момата и маќеа и, та успеа да ја прелаже и по Денот и тој се прожени.

И Стојко Катин не остана подолу од Петка. И неговата гајда си ја достигна целта кај друга гостинка, та обајцата соперници по Денот се оженија и по девет месеци и татковци станаа. Такво е; тоа бачило таква маст вади…

** *

Гостите кај поп Тодора заседнаа и цел ден не излегоа од дома. Велика ги послужи со кафето, ракијата и мезињата и попот ја ослободи од понатамошната домаќинска должност. Едно, знаеше што значи да врзиш дома младо живинче на таков ден, а друго, сакаше да биде на раат целото друштво да не се стега никој дека има женска челад. А должноста на домаќин си ја зеде Чало со Арнаутчето и уште неколку гости од посиромасите. Попот им кажа каде што се наоѓа и тие почнаа да служат како што му е редот.

Затоа Велика се натокми со сите момински накити и се спреми за на оро.

Го промени и Ѓорета што можеше најубаво и го испрати него напред.

Ho Ѓоре требаше да ја види даскаловата ќерка Јана со која почна уште од петнаесеттата своја година да шеретува макар да беше таа постара од него цели две години.

Кај даскалот Бина пак служеше сиромашното момче Васил Гелевски, околу кого што се завртка поповата единица Велика. Затоа Ѓоре сега застана на даскаловото плетче небарем Васила да го чека.

Васил немаше што да се променува и дотерува. Тој немаше, ни фустан како Дарка, ни широка кошула како Дајлана, но не носеше ни тесни шалвари како Ѓура Гуровски. Една кошула со пет шест бочнички, ќурдија со оптоки а не со гајтани како Ѓуровата и Дарковата, волнени гаќи и обични чорапи без никакви шарки на нив. Нови му беа само опинците „ќоселе” и капата што му ги купи даскалот за Денот.

Но таа скромна облека го правеше многу поупадлив, бидејќи девојчињата не го загледуваа во рувото, но во неговото бело црвено лице и кршната става.

Јана не беше сама домаќинка на глава како што беше Велика Попова; уште и беше жива мајка и, та беше уште рано — рано нагиздена. Но не и се одеше сама, без Велика на орото, а од друга страна и таа го чекаше поповиот „ерген” Ѓорета.

Затоа, кога го виде преку прозорецот, го замоли татка си да го ослободи Васила да и посвири’ на орото. Оти момците слуги не можат да излезат и на празник без дозвола од чорбаџијата. Таков беше адетот. Ако сакаат и в година да најдат место за главување, треба за се нешто да го прашаат чорбаџијата, та дури и за на оро дали можат да одат.

И ене ги, Васил и Јана излегоа, го најдоа Ѓорета на плотчето со полни пазуви круши,  Се поздрави со Васила и срамежливо ја погледна Јана. Оваа, како постара од него, имаше поголема слобода, та го праша:

—           Камо ја Велика, бре фудул! — Така го викаше, бидејќи тој никогаш не започнуваше започнуваше разговор со неа… He дека тој беше фудул и нејќеше да и преговори прв, но се нешто го стегаше во грлото. Но кога таа прва започнуваше, тој одговараше на прашањата, поцрвенувајќи до уши.              *

—           Ете ја, остана да се дотерува. Вие момите да е кабил и рогови да си кладиле, — и одговори кусо.

—           Mope, нашите моми и така се убави, зар не? — се замеша Васил, покажувајќи му ја со окото својата чорбаџика Јана.

—           Така им се чини, та убави како .. . сакаше да рече Ѓоре: ,,како оние во пештерите” и му ја покажа пак тој Велика која се зададе од ќошот на Сребриновскиот плет и слушна што проговори тој.

—           Што, бре, што? — праша таа од неколку чекори скраја. — Што зборувате вие тројцата за некаква убавина?

—           Тоа де; Васил вели дека вие и ненаружани сте биле убави, ама јас му реков дека не сте убави, — се окуражи сега Ѓоре и смело и погледна на Јана во очите.

—           О, ох! Па вие сте ми многу убави кливтевци едни, — продолжи Велика и веќе се сретна со Јана, која тргна кон неа, та се фатија за рака.

—           Ајде, ајде. Ајде да одиме на орото да поиграме и да видиме таму некој убав, та ние сите сме си: „еден дигни — друг трати”, си го даде својот суд Јана за сите четворица.

Ѓоре го фати Васила за рака и така тргна нашата четворка нагоре по Сребреното уличе штрачорејќи како страчиња штотуку излетнале од седелото.

Ѓоре го поптурна Васила до Велика небарем се сопна. Васил му го врати и го поттурна до Јана само и само некако да им се допирнат алиштата, ако не можат рацете или телата.

Јана го искара Васила, Велика — Ѓорета, но сите четворица чувствуваа милина што се заедно.

Ѓоре се окуражи и и ја зеде босилковата китка на Јана од рацете, ја помириса и пак и ја врати.

—           Охо, хо! Што убаво мирисала момина китка!!! — си мрмна и по два чекора и ја откина китката на Велика и му ја поднесе под нос на Васила:

—           Мирисни, бре, и ти од момина китка; што си се здрвил како брчало од гајда?

Васил помириса, но Велика му ја грабна на Ѓорета од раката и токму кај што мирисаше Васил и таа ја помириса. И се стори дека сега китката многу попријатно и некако поинаку мириса од преѓеска.

Така поттурнувајќи еден друг ето дојдоа до оралиштето.

Гледачите веќе беа изнаседнале и со љубопитство ги гледаа новите посетители.

—           Види, види, ослепела, поповата и даскалова мома ка се наружиле, и вели Мита Чолакова на Стојна Гегова; и двете моми за мажење што гиздењето на малите девојчиња ги дразнеше, мислејќи дека ќе бидат засенчени.

—           Mope ми, што ги боде да не се наружаат кога ги храни и газди цело село, — одговори Стојна и ја заврте главата на другата страна во знак на протест и завист.

—           Види, па и онај шебекот попов се присливосал со нив. Уште гаќите не може да си ги врзе асално, па опнал фустани, везени ќурдии, шарени чорапи …

—           Се прави со сила ерген, туку има да лапа муви дури да стане ерген како што треба, — пак префрли Стојна божем не сакаше ни разговор да прави за овие, недостојни за неа, моми и ергени.

А и едната и другата потајно си мечтаеја можат ли некако да станат попови снаи?

Но тие беа само празни мечти. Ене ја Јана веќе го фатила метеризот и само нејзината пушка може да го застрела ова попово кунатче.

На Васила, Мита и Стојна не му се ни опулија.

Та такви како Васила, поправо како Василовиот татко — сиромаси и колпоскапци — во селото има колку да сакаат Мита и Стојна. Марифетот е да појдат кај попот или даскалот; на раат да си го поминат животецот, та за со мотиката и српот на рамо, колку сакаш места има во селото.

Арно ама, ете, кај попот ги истурка Јана Даскалова, а кај даскалот Митра Сребрева уште лани влезе, та немаше што да разговараат по тоа прашање. Затоа и Стојна ја вртеше главата настрана.

Уште со навлегувањето во орото Васил ја наду гајдата, а Јана и стори ред на Велика да го води танецот.

„Нема чаре, золва ќе биде, мора да и се прави киселиот”, — си мислеше Јана во себе кота и го отстапи местото на Велика. И оваа го поведе танецот.

За миг за Јана се нафаќаа други девојчиња и танецот тргна сред игралиштето.

Ѓоре остана сам пред Мита и Стојна и овие го исползуваа случајот да го заденат младото попово ергенче „0што не може асално ни гаќите да си ги врзе”.

—           Оти не се фатиш и ти, бре Ѓорго, да поиграш со момите? — му потфрли Мита, знаејќи дека ќе им се смеат на оние моми до коишто би се фатил ерген да игра. Така беше тогаш; шарено оро не се играше оти се фаќаа и Турците до жените ако видеа оро од мажи и жени.

—           Mope, фати се, фати се, мило; ти си уште максамче, кој ќе ти забележи, го повтори сега Стојна она што го рече Мита со еден додаток „максамче” со којшто сакаше да го потсети Ѓурета дека е уште дете недостојно за нејзиното внимание.

—           Оти.. . ? Зар пак не можам да се фатам? — одговори Ѓоре.

—           Оти пак да не се фатиш? Ете сестра ти го води орото; Јанка ти е твоја, оти да не се фатиш. Ако си будала, не фаќај се, — му потфрли пак Стојна и ја прегрна Мита со левата рака, та извикнаа обете јасно и гласно во знак на задоволство што ја открија вистината кај Ѓорета и Јана.

Ѓоре поцрвене, но одговори:

—           Ете моја е, мори златни, што ќе ми правите, де да ве видам? И баш за ваш инает — ќе се фатам, а де?

—           Еве ве, сестричко златна! Ни пет, ни шест, си признава дека Јанка е негова. А ти, Мишко, мисли си дека гаќите не може да си ги врзе, — и рече Стојна на Мита така гласно што Ѓоре ги слушна.

Додека се водеше овој разговор, Велика го доведе танецот од каде што тргна и токму пред Ѓорета дојде. Овој им се опули право во очите на старите моми Мита и Стојна и влезе меѓу Велика и Јана во танецот.

Мислејќи да се фаќа некоја нивна другачка, овие ги пуштија рацете и Ѓоре ги фати едната за левата, другата за десната рака. Но кога, на два чекора напред го видоа дека не е девојче, се растревожија. Велика го искара што се фатил до неа, Јана поцрвене како жар, но тој ги стискаше и двете раце а не сакаше да се пушти. Јана го греши орото, а таа што играше до неа од другата страна ја искара да се поправи. Да го прекинат орото не сакаа, бидејќи само еднаш завртоа, те Велика продолжи со едно фалење на Ѓорета:

—           Ќе видиш кога ќе му кажам вечер на татко.

—           Кажала не кажала, и јас сакам да поиграм со вас, —одговори Ѓоре и го исправи танецот со Јана по него, знаејќи дека татко му уште ќе го пофали што тргнал по неговиот пат уште co Bpеме.

—           Аха, хааааа —ииииии хи! — се слушнаа пак гласовите од Мита и Стојна. И колку танецот од Велика одеше кон другиот крај на оралиштето, ова: „аха, ха — ииии хи” се се прошируваше.

—           Гледајте, жени, во девојчињата се фатило едно машко, — се чудеа гледачите и гледачките.

—           Mope ми како не и е срам на даскалова ќерка да го држи за раце она попово шебече, срам да ја јаде! — велеше бабата Кала Шалева. — Да се фати некој до Мена моја, главата со столов ќе му ја расцепам овде на сред оралиште.

—           Мори оти пак да не се фати, Кало? Неоти ќе ја изеде дека ќе се фати! одговараше понапредната Неда Сивевска, којашто исто имаше ќерка врсничка на Јана. — Јас, право да ти кажам, ич не и бранам на Доца моја; кого си го сака — нека си го земе. Па на овие попови — даскалови не треба да им забележува човек. Еснаф луѓе се, та ако се посватат, лошо ли ќе им биде

— Мори, златна Недо, златна. Кој им пречи да не се посватуваат? Туку. . . денеска овој до Јана, утре другиот до Доца твоја што велиш, другиден до Мена моја и еве ти го букуреш во селото! Јас дури сум жива не сакам да ми се смеат еснафките, — заврши бабата Шалевица строго решена да не дозволи ни на еден ерген од селото да се фати до Мена нејзина додека е во нејзината куќа.

— Секој си е сајбија на главата негова и на челадта, — го заврши и Неда разговоров кој што се водеше кај сите мајки што гледаа дека меѓу девојчиња се фатило едно ергенче и тоа на сретселото, ка орото. Да беше на некоја свадба, првиче, меѓу роднини, кое како. Ами на сред село и до јабанџија, па уште и до такво што иде предвид да се омажи за него! Тоа досега се немаше, ни чуено, ни видено во Мариово.

Велика го заврте танецот уште еднаш и го замолија Ѓорета обете со Јана да се пушти ако не сака да им го расипи орото.

Се разбира дека Ѓоре им ја исполни желбата, се пушти и ги покани да се фатат и тие на неговиот танец. Но тоа би било ептен резил. Девојка во машки танец, не и гинеше смеата: „машкаракамара, бик Стојна”. Така им викаа на тие моми што се мешаа со машките. A пo која ќе се викнеше вакво нешто, се знаеше нејзиното; остануваше извикана до животи.

_ И токму орото се растресе од разни Дарковци Дајлановци, Ѓуровци, Велики и Јани и Џако со своите гости тргна со надуена гајда.. Свири и викна патема да пее колку грло што го држеше. A неговиот глас беше познат во сите мариовски села. Свири Џако и пee, а гостите го придружуваат. Барем така тие мислат, оти тоа што се слушаше малку личеше на песна. Во занес Џако се сети за своите млади години, па и за неговата прва љубов — за Бојана. Ги постегна брчалата, ја поујдиса гајдата како да ја спремаше за некаква свеченост и ја викна својата омилена песна: „Учи ме мајко, карај ме… Како да земам Бојана. .. ” и високо извикна: Иииии — их!? И само што го изговори Бојаниното име и она иииих!? ја удри гајдата одземи и колку што можеше скокна и рипна на неа. Тежок над седумдесет оки, а покрај тоа и силниот скок гајдата не можеше да го издржи, ами пукна како меур од крмнак и направи една грмотевица небарем бомба пукна.

Друштвото се потплаши, позастана, но кога виде што направи домаќинот, Џако почна да се смее, но му стана криво што мора да оди на оро без гајда. Сепак излегоа кога Катин свиреше, a Дарковци и Ѓуровци играа. Се послужија со нивната свирка и се фатија на нивниот танец, се разбира тиквешанецот пак напред, a Ѓypo на опашка, та танецот доби два стожера со шалвари.

Од другата страна на сретселото дедото Бургија ги изведува своите гости. Домаќин човек, честит, богат и дружевен и тој. Често оди на гости, затоа и му идат и добро го „вршат”. Се собрале и кај него од сите страни. Особено негови пријатели и врсници — старци. Тој оди напред, потпирајќи се на дреновата патерица, a по него брчи гајдата и пријателите се шегуваат и шенлучат. Попладне е па се забележува на нивните лица веселба со пијачката.

Макар сите да се стари, го тераат домаќинот да поведе танец. Тој се оптега, се ењави, но кога сите навалија, трга, ама патерицата не ја пушта од рацете. Кога се појави тој со својот танец, гледачите се потргнаа назад. Само едно купче девојчиња и невести останаа на сред оралиштето.

Дедото Бургија го тргна танецот токму низ ова купче и прозбори:

— Бегајте, моми, да не ве изгазат ергените.

На оваа негова забелешка сите прснаа’ во смев, а опашкарот му потфрли на танчарот со некаков стих како да беше го чул од Елин Пелин:

„А бре, старче, гурелавче, Зошто одиш низ момите Како бел прч низ козите…”

Момите и невестите се закикотија и сите го погледнаа танчарот.

И навистина нашиот танчар токму личеше на бел прч низ козите, бидејќи целиот беше бел наG главата.

Го заврте еднаш танецот и кога виде како скакаат и се вртат Дарковци, Дајлановци, Ѓуровци со тиквешанецот на танец, се обиде и тој со своите другари да направи некоја од тие „акробации”, но штом еднаш клекнаа, повеќе од половината од танецот не можеа да станат. Самиот танчар се послужи со патерицата, се исправи и им помогна на другите „ергенчиња” да станат.

Се направи смеа. Се смееја децата, се смееја жени, мажи, а најмногу бабите.

Оние, што дедото Бургија во млади години ги беше задевал, почнаа да му напомнуваат некои доживувања од тоа време.

Бабата Митра Ѓорговска му вели:

— Мислиш ти, свату, да си оној пред педесет години кога ги бркаше девојчињата, а? Помина тоа, поминаааа! И јас би сакала да се врати, ама на! — и си го удри левиот лакт со десната рака.

Најпосле и тоа се сврши. Колку за просо да се роди заиграа и бабите со Митра на танец и веќе фати сенката од ридот.

Тогаш почнуваше најинтересниот дел од денешните настани. Почнуваше борењето меѓу гостите и домаќините. Се фаќаа прво дечишта од десетина дванаесет години и победителот бучеше сред обрачот гледачи коишто веднаш се собираа околу нив да го видат резултатот. По правило на победителот му водеа постар противник и појак за да падне првиот победител, а на вториот, третиот . .. петтиот и тн. му водеа се постар и поголем, та дотеруваа и до најјаките мажи да се обидат. Натпреварот се состоеше во тоа, кој ќе остане оваа година победител — домаќините или гостите.

Паѓаа гости, паѓаа домаќини, но крајниот резултат секоја година, секој Илинден беше победата на домаќините. Ниеден гостин не можеше да го кутне Џака. Кога веќе некој од гостите не можеше да биде совладан од друг домаќин. Џако ја слекуваше ќурдијата и не чекаше да го тераат да се бори. My пристапуваше на победителот — гостин; ги засукуваш ракавите до над лакти и пред целиот собир бараше од противникот да се изјасни, да си го даде зборот дека нема да го бараат домашните ако го отепа во борењето.

Гледајќи го така голем, борачите се исплашуваа и му поминуваа под рака во знак на признание дека се победени. И така домаќините остануваа победители. Ако пак некој од гостите се осмелеше да се фати со Џака да се бори, другите го бескуражеа, плашејќи го дека еј сега ќе го наметне на колк и ќе го отепа, та таквиот борач потклекнуваше и се олабавуваше и сам да го кутне Џако со полесно, отколку да го отепа.

Се случуваше по некој да ја опипа Џаковата сила и да оцени дека не е толку јак Џако и се позаинатуваше да се бори. Во таков случај Џако имаше еден необично вешт трик за да го натера противникот на „капитулација”. Гледаше да го фати некако за учкур, та, или да му го скине, или лак да му го одврзе. А бидејќи мариовците не косеа тогаш две рала гаќи, т. е. гаќи и панталони, ами само едно рало гаќи на голо месо, тоа во секој случај, било да му го кинеше гаќникот било да му го одврзуваше, на човекот гаѓите му навртуваа под колена, тој се посрамуваше, a лебами, и се сопињаше од гаќите и мораше да клекне, за да не го разоткрие Џако пред целиот свет на оралиштето.

По „капитулацијата” на гостите во борењето се заметнуваа другите натпревари: фрлање камен, скакање од место, тринога, долга магарица и тн. но тука Џако ги оставаше домаќините да се обидат, па иако победат гостите, тие беа слаби победи во споредба со борењето.

Така се завршуваа сите три дена на Илинден, Спасовден, Митровден, Петковден и ред други панагири во цело Мариово.

Претходно поглавје…
Следно поглавје…

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *