Мариовски панаѓир – цела книга – Стале Попов

7. ПОПОВА ЌЕРКА

Поп Тодоровите гости не излегоа првиот ден на оро. Се послужија со гајдата на ракиџиите што дојдоа и останаа кај попот и на спиење. Co таа гајда вечерта посвире и Јошето Арнаутово, па и Велика поигра до самиот поп — татко и, но некое особено внимание не му обрна на гајдаџијата, ниту пак на некое друго ергенче што беа кај попот. По се изгледаше дека веќе ја имаше некаде на друго место „обесена пушката”. He изгледаше, ами јасно беше како бел ден дека Велика Попова се сака со даскаловиот момок Васила. Тоа се забележа уште минатата зима на Водици, а особено пролетоска на стригот.

Почетокот на нејзината љубов — на стригот… и на Богојавление.

По смртта на мајка и, Велика си ја зеде грижата на домаќинка. Почна да си ги брка сите домашни работи. Переше, готвеше ручек — вечера, ги пречекуваше и ги испраќаше многубројните посетители и посетителки на попот, што се зачестија барајќи го да им сврши некоја душе брижничка работа. Од Тешките домаќински работи Велика _ немаше мака. Неволјата ја научи во своите петнаесет шеснаесет години да биде вистинска домаќинка. Знаеше пристојно да ја измете и суреди куќата, да спреми ручек, да меси и испече, да испере, та научи дури и кошули и гаќи да му шие на Ѓорета од дебелото платно што го ткаеше сама.

Бидејќи веќе и годинки понаполни (влезе веќе во осумнаесттата) и снагата и набуја. На образите и се појави црвенило, нозете и рацете и се понаполнија, а градите покажаа знаци на женственост. Co еден збор речено, се замоми. Beќе и најдобрите домаќини почнаа да мислат на неа кога правеа разговор со своите баби која да ја земат за синот за снаа.

Селските ергени, (оние што пред две три години не ни знаеја дека постои девојче на некојси манастирски ѓак), почнаа да ја бројат во редот на селските моми и со задоволство разговараа за неа, сакајќи секој од нив да биде попов зет.

И кога се започнуваше разговор меѓу некој ерген и некоја баба што се занимаваше со стројниклак, овој веднаш ја потсетуваше на познатата песна.

„Мори стројник ќе те пратам, бабо мори

Мошне на далеку

Дури во Јанино, бабо мори

У тој попо Јанета, бабо мори

За попова ќерка

И бабата веднаш знаеше кај мава овој пријетел.

На некого му велеше: „Обриши се, синко; тука ни чорбаџи Беренџе не ќе може да влезе, не пак ти голо овчариште”, друг тешеше дека девојчето е уште малечко и за бадијала ќе го чека, ит.н.

Но ни Велика сега не беше рамнодушна спрема околината. Свеста дека таа е сега попова ќерка и ја подигна женската суета и егоизмот се покажа кај неа.

Како секое младо девојче гледаше што поубаво да се облече, да се измие, да се начешла и ситно да ги заплете своите црни, како жужел, коси, бидејќи беше попова ќерка, беше срамота да носи опинци. Затоа секогаш одеше со чевли. Најпосле не остана рамнодушна и спрема ергените, како оние лично или преку други што и се умилкуваа, така и спрема оние и што не мислеа за неа. He што не сакаа да мислат, но затоа што се чувствуваа недостојни за таква висока чест.

Набргу се забележа дека на Велика и го фатило окото селскиот ерген Васил Копринаров; еден од оние што најмалку се надеваше на ваква среќа.

На еден стриг случајно се погодија Василовите овци кај истиот ќаа Трајка, кај кого што беа и овците на поп Тодора.

Бидејќи стригот на село е еден редок празник — еднаш во годината — тоа тој ден се собираат кај ќаата сите оние сопственици на овците што ќе ги пасе летоска чорбаџијата, и се прави цел џумбус од веселби.

Старците седат околу поставената софра, која е преполна со јадење и пиење. Тука се тепсии со месо — капами — со ориз, бонгур и зелје, кисело и благо млеко со пченица и шеќер, сирење старо и ново, погачи, зелници:, мазници, разни пити и се она што може да се изнесе на софра. Од пијачка најмногу се употребува вино и ракија.

Младите ги фаќаат една по една овците, им ги врзуваат сите четири нозе со нарочна врвца — подваза — и ги кутињаат на грб за да им го симнат свиленото руно за десетина петнаесет минути, од кое пак невестите ќе испредат танки кистови и убави шајаци за гаќи, гунки, сакми, или ќе ткаат черги, вреќи, покрови и веленца за ќерките и снаите.

Малите деца се шеткаат низ булукот, јаваат некој голем брав дури некој од постарите не ги искара, а лебами, и не ги пронатепа.

Невестите и девојчињата стојат крај стригарите и чекаат овие да ја довршат работата со една овца и да го приберат руното, да го здиплат убаво и да го кладат во кошот што е донесен за таа цел. Одат до софрата и носат по некое шише ракија, та ги честат стригарите да им ја закрепнат снагата во тешката работа. He е шака. Co обични ножици треба да остриже секој стригар триесет, четириесет, па и шеесет овци до пладнина, оти попладнина пак ќе дојдат козите на ред.

He е редок случај тој ден некој од стригарите добро и да се ќевледиса, да се поднапие, та мошне тешко прави разлика меѓу волната и кожата на овцата, така што не една овца ќе видите облеана со крв кога ќе ја одврзе и пушти стригарот. Но тоа ништо не е страшно. Нивната опробана медицина за три четири дена ќе ја излекува како ништо да не било. Тука е ќупот со катранот којшто служи за бележење на секоја острижена овца, а во вакви „трагични” случки се намачкува и пресечената рана со катран, и така за тоа веќе не се води сметка, и нема зошто…

Тој ден беше и Велика со татка си и брата си. Навистина и поп Тодор немаше богзнае колку многу овци за стрижење, но дојде и тој повеќе за разонода, па и да се напие и касне, а најмногу да им направи ќеф на децата. Ѓоре требаше да остриже неколку овци, оти попот не го носеше редот да стриже. Но едно што Ѓоре беше уште малечок и слаб, а друго поради изабените ножици, остана последен во работата. Сите ги привршуваа своите работи, а тој не беше уште ни на половината.

Кога видоа другите дека заради него ќе треба да чекаат со пуштањето на овците (а тоа би го задоцнило стрижењето на козите) решија да му помогнат на Ѓорета. И така, еден од оние што ќе му помогне, беше и Васил Копринаров, син на сиромашниот  селанец Богдана.

Бидејќи Богдан имаше малку овци, Васил ги остриже пред сите и му се понуди на Ѓорета да му помогне, но место Ѓоре, Велика му одговори и му го покажа белегот по којшто Васил можеше да ги најде поповите овци.

Васил се изгуби во булукот и набргу се врати со еден голем брав кого што така лесно го носеше што се зачуди Велика. Го кутна наземи, и дури Ѓоре би го мачел половина, па можеби и цел час за да го врзе, Васил за миг го спетла и уште побргу го оголе, небарем со машина го стрижеше. Го одврза, го пушти и и го покажа на Велика руното да го прибере. Тој пак се изгуби и довлече друга овца, по неа трета, четврта, така што тој остриже три четврти од поповите овци, додека слабиот Ѓоре одвај една четвртина. Ова на Велика многу и се бендиса. Ова ергенче што одвај година две беше постаро од неа, така е вешто и брзо, а покрај тоа, така скромно, та ни еднаш не ја погледа в очи.

За првпат нешто и ги разволнува градите, така што одвај се задржа да не издивне длабоко1. Кога и ги покажуваше руната да ги прибира избегаваше да и се пули во очите. А исто така го избегаваше и нејзиниот поглед. Но на два три чекора откако ќе се поиставеше, таа небарем си ја бришеше потта од челото, тој крадешком ја гледаше како го носи руното, како го клава во кошот, како се наведува та и се гледаа црвените жилички на ножињата под кусото везано кошулче. Но ни на памет не му идеше дека таа може да го израдува барем со поглед, а веќе да се омажи за него — беше залудно и да мисли. My беше мило што таа стоеше тука крај него додека ги стрижеше нивните овци и тоа му ја вудвоваше вештината и му даваше сила со необична брзина да ја врши работата.

Напротив, ни Велика не остана рамнодушна спрема него. Го исползува случајот кога тој сакаше да стане, таа намерно му ја нагази кошулата, та кога оптегаа за да се исправи, потклекна назад и седна на нејзината нога. Таа, како да се возбуди од ова, малку се уплаши и се навали на неговото рамо за да не падне врз него. И едниот и другиот сега за првпат си погледаа во очите. Жар избиваше и од едните и од другите. Како излив на чувствата, обајцата се насмевнаа. И … осетија дека има нешто меѓу нив.

Половината работа се заврши. Поп Тодор го благослови ручекот и, откако младите каснаа на брза рака и стоејќи, ги пуштија овците од дворот на чорбаџи Трајка со голема веселба.

Најмладата снаа Бојана со шарена нова торба на рамото, опашана со огојка и друго зеленило, трчаше пред острижениот булук. На портата постарата снаа Јова ги прскаше овците со крстена вода, а Петко, Бојаниното момче, најмладиот Трајков син, сееше пепел со решетото врз овците, така што правот се дигаше високо како магла. Ѓоре, ползувајќи се со поповото име, ги грабна поповите пиштоли и испука два грмежа над овците. Овие се исплашија и напнаа кон излезот, а од портата надвор почнаа да бегаат колку што можат и не можат. Жени, мажи, деца, девојки викаа одѕади да се крева што поголема ѓурунтија за да се плашат овците и што посилно да бегаат низ селото.

На портата Бојана сите ги попрска со вода, а Петко сее ли сее пепел над нивните глави небарем ќе ги тера на покајание за нивните гревови, како што правел пророк Еремија во старо време со Евреите за да не паднат во Вавилонското ропство.

На излегувањето на портата Васил и Велика се најдоа едно крај друго. Магнет ги привлекуваше. И во таа бутканица излегоа заедно прицнати еднододруго. Бојана и нив ги попрска, a Петко ги запраши со пепел.

Овој беше прв случај така блиску да се најдат еден до друг. Мравки ги полазија обајцата; образите им зацрвенеа, а устите им се здрвија. Само потскришум пак се погледнаа, и, бидејќи ниеден не можеше да издржи, ги наведнаа главите, излегоа на улицата и се загнаа да та бркаат овците.

На враќањето кога требаше да се разделат, Велика се окуражи и го праша Васила дали ќе дојде да му помогне на Ѓорета во стрижењето на козите.

Тој потврди со главата и отиде да се измие од потта и пепелта и да се одмори од претпладнинската работа.

По пладнина за младите е многу попријатно на овој празник. Самата работа е позанимлива, та и оние што не ја сакаат многу работата, се фаќаат за ножици и се обидуваат да си го покажат мајсторилакот.

Козите се стрижат стоејќи, а не лежејќи како овците. Причината за ова е таа што козите ги обдарила природата со рогови, та можат да се врзат за некоја греда, за некоја гранка од некое дрво; еден држи за рогови, а друг им ја стриже острата козина, правејќи правилни линии по грбот и ребрата на животното.

Значи спремањето на козите за стрижење се врши на овој начин:

Секој домаќин кога ќе дојде кај ќаата на стриг, си понесува по една ортома (обично оние што им служат за товарање на добиците). Таа ортома се врзува за некоја греда или гранка и на долниот крај се прави клучка, се провираат козјите рогови во неа и добро се стегаат, а после се поткрева животното високо и се заврзува ортомата така што предните нозе ќе му висат, а ќе стои само на задните. Кога ќе остане само на задните нозе, тоа тешко може да мрда, а за тоа време стригот ќе си ја врши слободно неговата работа.

Друга причина што е поручек попријатно е таа, што ги нема старите. Обично откако ќе се испратат овците, старите одат да се поодморат, а младите остануваат сами да ги стрижат козите. Дури тогаш може да се види вистинското блаженство на заљубените девојчиња и овчарчиња. Затоа и Велика го замоли Васила да дојде поручек и да му помогне на Ѓорета. И ете тој и вети. Их, ама ќе се нагледаат колку што сакаат! Ако не во очите, барем во грбовите, вратовите, косите!

Вака размислувајќи, Велика си дојде дома каде што го најде татка си со стариот Мицка, којшто го донесе кошот со волната.

Го сместија кошот во предниот земник и поп Тодор си ја посла рогузината на сонцето крај ѕидот и легна да се одмори, а на Ѓорета и Велика им нареди да одат кај чорбаџијата Трајка и да продолжат со стригот.

Да не отиде онака сета испепелавена, налепена со пот, Велика набрзина се изми се зачешла се огледа и седна малку да здивне од трчањето.

Ѓоре непара се дотеруваше уште беше малечок, но кога почна потта помешана со прав да го јаде си фрли неколку капки вода на лицето и си го истрлка вратот.

Во тој момент се слушнаа големите ѕвонци од чорбаџи Трајковите кози.

Во дворот, покрај четири пет стотини кози се најдоа и дваесет триесет млади луѓе. Тие беа скоро сите синовите и снаите и ќерките на сите стопани на козите што ова лето ќе ги пасе чорбаџи Трајковиот син Петко. Од старите дојдоа само неколку души што немаа кој да ги замени.

И работата почна.

Сите греди под тремот беа зафатени уште пред пладнина.

Бидејќи Василовиот татко имаше само пет шест кози, Васил и рече на Велика да ги остриже тој сам првин нивните кози, но затоа да му ги даде Ѓоре нивните нови крклизи, кои поп Тодор добро ги беше наточил за да не му се мачи Ѓоре како пред пладнина со изабените ножици.

И сега, кога ги имаше поповите ножици — крклизи — ги стрижеше поповите кози, а покрај тоа Велика беше крај него; сета работа беше погодена.

Додека тој ги влечеше една по една поповите кози, зад него почнаа шаките. Некој му ја остригол на прчот и брадата, та го нагрдил живинчето. Другите го караа што го расипал прчот, а тој објаснуваше дека нигде не било напишано прчевите да носат бради.

— Ако мораат, — вели — поповите да носат бради, не мораат моите прчеви . ..

Паѓаа и други шаки за сметка на попот, но Васил сето тоа го примаше само со воздишка. My беше незгодно отворено да застане на страната од попот, да го брани.

Сите знаеја дека Васил ги стриже поповите кози за пари, а кога би почнал да го брани, тогаш би се наѕрело и нешто друго. Тогаш уште повеќе би го исмеале, и овде, и попосле секаде каде би го виделе селските ергени.

Ги влечкаше Васил една по една козите, ги бесеше безмилосно и ги пушташе острижени, голи додека и последната не ја оголе.

Потоа требаше неговите да ги стриже. И почна.

Гледа, Велика уште не си оди макар да си ја сврши работата.

Ѓоре ја крена и ја однесе вреќата со козината, а таа уште стоеше крај ортомата каде што требаше да ги стрижи Васил неговите пет шест кози.

Кога ја доведе првата негова коза да ја обесува, Велика му помогна, но не му проговори ни збор; единствено што ги осети нејзините ишарети на своите раце.        ‘ °’гш yiBiI 301

Виде дека таа не си оди, та се реши тој да и проговори макар што и да било. Се исправи си ја избриша потта од челото и одвај изусти

—           Зар уште не си одиш? — и се наведна да работи.

Таа му се насмевна и сосем јасно му одговори:

—           Ами кој ќе ти ја собира козината кога од твоите нема никој овде?     ЈЈ BCPY1VI

Од Василовите и немаше кој да дојде, сестра немаше, а маќеа му беше болна. Само тој и татко му беа за работа дома.

И така. Велика ја сврши и таа работа и за првпат почувствува милина крај овој младич нејзин  врсник, што и беше толку близок, па сепак ги делеше непреодна провалија.

Та зар може таа и да помисли на мажење уште за три четири години дури Ѓоре не наврши шест седумнаесет и не стигне за женење.

Од друга страна знаеше дека таткому на Васил бараше девојче за Васила. За чекање не можеше да биде ни збор, та веќе дали ќе ја даде попот на такво сиромашно место, на тоа прашање имаше лек.

Сепак инстинктивно чувствуваше дека ќе има расправии околу оваа работа, но не ќе бидат сите пречки непремостиви.

За првото прашање се тешеше со тоа што Васил е сиромав та тешко ќе најде девојка да се ожени. А од друга страна Ѓоре напредуваше нормално и можеа да го оженат уште на шеснаесетте години и нејзе ќе и се отвореше патот. Тоа пак што татко и нема да ја даде на такво сиромашно место каков што беше Васил не ја тревожеше многу. Ако не ја даде со добро, таа ќе побегне и работата ќе се сврши како што сака таа.

Во гледањето еден со друг — бргу им помина времето.

Васил бргу ги остриже неговите кози, Велика ја собра козината во вреќичето и во самата вечерна мугра се разделија. Едно „со здравје” ја запечати нивната наивна љубов и од тој ден не престанаа да мислат еден на друг.

Штом им се даваше можност со погледите се милуваа и си даваа надеж за иднина.

Васил одолжуваше со женењето. Кога татко му еднаш му рече дали би се оженил со едикоја си девојка десет години постара од него, тој со гнасење откажа и да го слуша до крај.

Попосле кога се запознаа поарно, почесто се видуваа, исползувајќи секој згоден случај. Било да се враќаше Васил од работа, или да одеше, a Велика носеше вода од чешмата, застануваа на патот и на брза рака си прозборуваа по некој збор колку да не се заборават.

За некакво отворено изјавување! на љубов, ни едниот, ни другиот и не помислуваа и немаа зборови. Доста им беше што се гледаа и што разговараа кога можеа да се видат.

Еднаш летото кога попови вршеа пченица на патот помина Васил со полна торба кајсии. Бидејќи беше и самиот поп на гумното, на Васила му беше непријатно да започне разговор направо со Велика но му се обрна лично на попот и му рече добар ден. Попот му одговори љубезно, а малиот Стевчо (внуче од сестра на попот) којшто случајно се најде тогаш на гумното, му се приближи на Васила и ја пипна торбата. Кога забележа дека овој носи нешто за јадеше, а ги намириса дека се кајсии, го кандиса Васила да ја симне торбата и да му даде, та се излага, го клукна змија, да го рече она што не требаше ни сам да го знае:

— Дај ми, Василе, троа кајсии, ако сакаш да ти ја дадам Велика, — но така гласно го рече што, и Велика, и попот многу убаво го слушнаа.

За тие зборови доби што бараше, но не кајсии, ами лопатата по задник што и беше на Велика в раце. А Васил поцрвене до уши и му даде од кајсиите. Велика не се приближи до Васила, ниту пак тој имаше смелост да ја покани со кајсии по онака обелоденетата вистина од страна на малиот Стевча.

Поп Тодор се направи дека не слушна, но од тој ден се пробуди и кај него радозналост.

„Може малиот Стевчо има право кога му ја дава Велика на Васила? Може Велика е за мажење, или близу до мажење?” И почна да мисли кого ќе го доведе в куќи кога Велика ќе си оди како што му е редот.

Тогаш да ги оставиме Велика и Васил да се сакаат, а да поминиме на поповите планови по речената вистина од лигавиот Стевча.

***

Co вршењето веќе беа при крајот бидејќи итака поп Тодор немаше многу седба за вршење. Свои волови не држеше, работници немаше за полски работи, но сепак сееше по некое и друго кило пченица, оти тоа што му го даваа селаните беше речиси сето ‘рж, та попот беше принуден ,или да купува пченица, или пак да сее помалку колку за своја душа.

И така тоа одеше од година на година па и оваа кога Васил удри на поповите вршачи.

По прибирањето на седбата настапија студените есени дни и во селото стана поживо.

Попов Ѓоре секој ден одеше со другарчињата в планина по дрва со поповиот коњ. Влезе веќе во петнаесеттата година и ветуваше работен, но некако ограничен младич. Се обиде поп Тодор да го учи писмо, ама неколку години поминаа Ѓоре што научуваше денеска, утре го забораваше. Го прати една две години и кај Чала во В. ама и овој се откажа од него и му го врати на попот со длабоко жалење дека не може од него ништо да на прави. „Учи, учи — тиква бучи”, му рече отворено Чало на поп Тодор. Се изнажала попот што не ќе може да го направи својот Ѓоре поп, ама немаше што да прави: толку делил тој сполај му. Се утеши што му е детето здраво и го подврза барем дрва со коњот да бере, та за наследник на поплакот ќе гледа да земе некој за Велика домазет, макар што има син.

Но повеќето селани не знаеја дека попов Ѓоре нема да стане поп, та имаа желба да се сосватат со попот; барем дури ќe биде жив поп Тодор да им проживеат ќерки им на раат во поповата куќа.

Други пак што имаа синови за женење имаа исто така желба да се сосватат со попот; да доведат в куќи попова ќерка. По таа причина Велика стана омилена меѓу своите другачки. Некои што ја посакуваа за снаа, а повеќе од нив сакаа тие нејзе да и бедат снаи за Ѓорета. Но оти беше предмет ка општо внимание, тоа беше очигледно насекаде.

И поп Тодор тоа го гледаше; му беше мило, и почна отворено со неа да води разговор по овие прашања.

— Вецо мори, — и велеше — ти! имаш толку другачки. Која велиш да ја земеме за Ѓорета? гледаш? Тој веќе порасна. Уште една година и можеме да го жениме!

Велика овие зборови ја радуваа. Ако го жени татко и Ѓорета, ќе ја омажи и неа. Ете го и нејзиниот идеал исполнет. Ќе се земат со Васила. Во тоа не се сомневаше. Затоа таа веднаш и го даваше својот суд и мислење за секое девојче во селото што идеше предвид да биде попова снаа.

И на Велика, и на попот им падна в очи ќерка му на даскалот — Јана. Убаво и е името, убаво девојчето, чесно и угледно семејство. Навистина сиромав беше даскалот, но еснаф човек. Девојката е учена на скромен, но човечки живот и знае она што го има да го пригоди како што приличи во една попова куќа.

А и Ѓоpe почна да ce буди.

Кога Велика минатата недела беше по круши со другарките, тука беше и Јана, Горе случајно се најде близу до нив и го викнаа да им натресе круши. Кога се качуваше и слегуваше од крушата уште малку што не падна гледајќи во Јана. Но не ја гледаше за бадијала. Таа сета ѓаволски насмеана беше му намигнала уште кога го молеа да им натресе круши. И да не беше тоа намигнување, којзнае дали ќе се качеше. И тука се разбуди, и кај едниот, и кај другиот радозналост.

Ова на Велика не и откина од острото око, и кога беа на разделување, ја задржа Јана и доверливо и шепна:

— А, така ти на брата ми, a? Co левото. .. да ти испрсне, да рече господ! Ајде, ајде; гледам оти ќе ме бакнуваш во образ и ќе ме викаш сестрице Велико!

Јана не поцрвене пред другарка си, но призна. А кога разбра од Велика оти и попот ја има предвид, си отиде сета среќна. И оттогаш не одеше на чешмата дури не ја дочека Велика. Велика и кажуваше што зборувале сношти за неа и каде е Ѓope.

Од друга страна, да биде пријателството уште поцврсто, таа зима Васил се глави момок кај даскалот. И за она што и кажуваше Велика на Јана за Ѓорета, толку добиваше таа од Јана за Васил.

Велика не пропушташе момент да не му раскаже на татка си што мисли Јана, дека го сака Ѓорета, а попот припремаше терен кај даскалот.

Тие и така беа добри пријатели; како поп и даскал. Секоја вечер си постојуваа на даскаловото плетче и ги отпоздравуваа сите селани што се враќаа од работа. Разговараа за сешто, но ниеден не го засегнуваше ова прашање, макар што обајцата чувствуваа дека им е потребен некој видлив знак да го зацврстат своето пријателство. Можноста им беше тука, дома. Тука беше Ѓоре, тука беше Јана. И што има поарно од тоа? Попот жени син; даскалот мажи ќерка. Обајцата чесни луѓе, угледни по професија, еснаф луѓе. Се беше погодено, само се чекаше на Ѓоревото полнолетство — петнаесет години.

Никакво чудо не беше што беше Јана две години постара од него. Така треба. Малечок зет нема да земе уште помалечка невеста? Вака, таа ќе го поткрепи дури тој да поодрасне и после еве ти домаќин.

Сета работа се одвиваше добро и по планот на обајцата. И даскалови, и попови си живееја среќен и задоволен живот. Зимните празници ги поминаа во среќа и задоволство со одлично рас положение.

Дојде Божиќ и помина; дојде Нова Година па и Водици — Богојавление.

Додека луѓето на Богојавление ги носеа светците да ги „измијат” на Николовиот јаз Горе Река, момите и невестите се дотеруваа која поубава и понагаздена и накитена да излезе и да присуствува на водокрст, од каде што ce донесе барденце со крстена вода за да се најде преку целата година. Знаете како е. Се разболува дете, паѓа на очи убава невеста, момче, добитче, та со што ќе го лекува домаќинот ако нема богојавленска крстена вода да го попрска?

Ce разбира дека на овој празник паѓаа в очи Велика и Јана кои што одеа под рака. Обете еднакво облечени во кошулите „Шарените со убаво накитени саѓии со долги алови кистови измешани со срма, со дебели појаси навиткани околу танките половини, прегачите со широки тељови, море алови чорапи и на крајот, и двете со ластикини чевли по последната мода. На главите убави бели извезани тулбени, гуни со гајтани на терзија шиени. А од сребрените накити не фалеше ниеден. Скопци, павти, скопец со синџири наресени со сребрени гровчиња; решмиња со алтилаци и карагрошеви; колани на срмени подвески нанижани со бели меџидии и бели череци. Co еден збор „наружани — како маски опковани”.

Службата брзо се сврши, бидејќи и тука ,Чало одеше на чекор. Сите отидоа и го целиваа крстот и раката на поп Тодора, а тој со познатата песна „во Јорданје крешчајушчусја тебе господи” ги благословуваше сите и ги прскаше со босилковата китка од крстената вода, удирајќи секого по теме.

Дојде редот и на нив двете. Прва се приближи Велика, а потоа Јана. Под благиот поглед на попот Јана ја осети љубовта на својот иден родител.  Срцето и се исполни со радост и од милина и заигра. Го целива крстот и раката со длабока почит и се тргна назад да и направи место на таа што идеше по неа, па ја побара Велика. Оваа пак, во мешаницата се истави назад и со очи ја бараше Јана. Кога, пред неа и се испречија Ѓоре и Васил. Тие носеа по една икона, и,         откако ги „измија” ги оставија на ѕидот од Николовото лозје и со очи ги побараа своите мили и драги.

Васил, макар што беше момок кај даскалот, одеше под рака со Ѓорета, на кого што пак му чинеше чест, иако уште малечок, да оди така пријателски и другарски со бендене ерген каков што беше Васил.

Бидејќи Горе и беше брат, Велика не се притеснуваше да застане со нив, а Васил како Ѓорев другар  беше „само”  заради него крај  Велика.

Потоа дојде и Јана и се направи четворка. Брат и сестра — момок и чорбаџика; што има тука сомнително?

Но сите четворица ги обвиваше и ги галеше една искрена детинска љубов.

Дури поп Тодор ги благослови сите верни богомолци и ги прочита сите молитви, оваа наша четворка се гледаше едно со друго, штрачорејќи неврзани зборови како врапците на поповата голема цреша.

Васила пак го измолија да посвири денеска со гајдата на срет селото, а Велика и Јана да поиграат. Јана како чорбаџика дури му го нареди ова, но Васил во тој момент малку ја слушаше нејзината наредба отколку Великината молба и потајните намигнувања.

Ѓоре пак, си ја зеде грижата да ја претресе поповата торба и да дрпне некое јаболко, што не го смотал малиот Стевчо, та да има со што да го платат гајдаџијата, ако го викне случајно даскалот Васила од орото. Ѓоре се заколна дека ќе му ги откине на Стевча, не само поповите, ами и оние од неговото торбенце што го носеше овој секогаш на вратот, и ќе ги исполни нивните желби. А за себе си додаде „нејзината — Јанината желба”.

Ах, таа Јана … !

Зар има нешто што не би исполнил Горе за Јана и Васил за Велика? Нема, нема!

И така, двете девојчиња двата дена — Богојавление и Водици, по цел ден нога не подвија од играње, а Васил се расцепи од дуење во гајдата да ги задоволи нивните желби, т. е. желбата на поповата ќерка Велика, која не сакаше да крие дека е заљубена во него.

***

Како што гледате, се оддалечивме од главната тема и место да ви раскажувам за мариовскиот панаѓир, јас поминав на раскажување за стригови и други празници, но ќе молам за прочка, оти и ова раскажување беше во врска со поповата ќерка Велика, која на Арнаутчето и другите ергенчиња што беа кај попот првата вечер на Илинден, не им покажа никакво внимание како на ергени. А зошто? Од двеве раскажувања јасен е одговорот: затоа што ја „обесила пушката” кај даскаловиот момок Васила.

Претходно поглавје…
Следно поглавје…

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *