Мариовски панаѓир – цела книга – Стале Попов

8. НАЈПОСЛЕ

На вториот ден растанаа гостите уште рано, отидоа на реката, се измија образ, и, оние што останаа сношти случајно на спиење кај попот, се фатија за очи и просто побегнаа, засрамени што се одделиле од своите жени или деца, та останале кај попот на вечера и спиење. Оние пак што беа салам понови гости како Чала, Арнаутчето, кум Сиве, Ѓуро и други, се вратија кај попот да покаснат од она што остана — ако остана.

За леб не беше проблем кај попот. Пред Денот „крена” сто и осумдесет панагии по куќите и зеде сто и осумдесет „булиња” секое најмалку по полока, тие беа деведесет — сто оки леб. И тоа каков леб. Само од пченично брашно — чист леб.

Па и за манџи попот не беше оскуден. Грав насобра од селото токму пред Денот, пиперки, домати, лук, кромид имаше во изобилие од градината; маст и сирење имаше од овчичките, а и маторицата му се опраси пролетоска шест прасиња, та двете попот ги спреми за свети Илија што го има во „реката” според Сивевиот благослов. Ракија, вино, киселина имаше од лозјенцето, така што немаше за ништо да се обѕрне а да не најде. Само што сето тоа требаше да се приготви за да се стави пред луѓето — гостите. За тоа требаше да се грижи ќерка му Велика со помошта на помалото попово дете Ѓорета.

За првата вечер поп Тодор и сам и помогна на Велика. Наполни еден котел од дванаесет оки што го викаат месарник, оти во него топлат вода за месење, грав и го надроби половината прасе во него. Друг таков наполни со зелка и другата половина од прасето. Зелка и едно шилеже, a зеде десетина оки и говедско месо, та Велика направи и три четири тепции со овчо месо, а потурок (јавнија) од говедското со пиперки, домати, компири, кромид и друг зеленчук што се тура во такви манџи.

И што му требаше уште? Леб имаше, манџи — четири, ракија — бурилото од сто оки беше полно, вино — бочвата од пет шестотини оки исто така. Нека идат гости колку што сакаат; окото не му трепнуваше на попот од таа страна. Сета мака и беља беше кој да ги двори, кој да ги служи, бидејќи неговите гости беа само мажи. Никој не дојде со некоја жена да ја запрегне попот во домаќинската работа како што им правеше на мажите. Иако дојдеше некој од роднините, идеше само на видување, а никако да остане постојано кај попот, зашто сите знаеја што гости има попот, та жените бегаа како од оган.

Наготви попот вечера толку манџи и сметаше дека барем двата дена од празников ќе ги помине со нив, ама сношти се собраа над четириесет души, и, речиси, којзнае дали остана нешто каловина на дното од котлите и тепсиите. И тоа што остана сношти, еве ги сега ќе го поручаат вчерашните осумнаесет попови стални гости.

Се вратија од реката и Чало го обеси котелот со дванаесет оки ракија. Виде дека Велика и Ѓope не можат да го дворат како тој што сака, та се растрча сам. Ги најде каде се булињата и сношните манџи и ја нареди трпезата како што ја најде вчера кога дојде со попот од црква. Ги покани другарите да си ги заземат своите места и почнаа со Арнаутчето да ги служат со блага ракија.

—           Чесна испаднала невестата кај Бургиови, чесна. Повелете по една блага ракија, — почна да ги чести Чало своите другари и пријатели и ја зеде улогата на домаќинка.

—           Кога не се жени попот да има попадија да не служи, ќе служам јас денеска, — им рече и ја накрена винската чаша полна со блага ракија за честа на Бургиовата невеста.

Поп Тодор ги остави да ја топлат ракијата со мислата дека ќе се напијат по некоја ракија и друга, ќе покаснат и ќе се разодат по други куќи Така си мислеше попот. Си помина тој на редот. Еден ручек, една вечера и спиење, ете, нека биде и појадокот негов. Толку се тера гости. Не е само неговата куќа во селото? Затоа кога тргна за в црква на сите вкуп им рече: „до видување” и „в година повесели — со гаќите растресени”. He можеше да се воздржи, а да не посее семе од шеги. А тоа после никнуваше, растеше, зрееше.

—           До видување, до видување, туку побргу иди си да кажеш што ќе готвиме за ручек, — ги испрати Чало попот и Јошето, кое отиде да му пцала в црква. Го испрати и не го дочека да се врати да каже што ќе готват за ручек. Ги изгреба сите котли и тепсии и им ги даде манџите на гостите да појадат та ги нареди и грнињата со вино и трпезата. И овие запукаа да јадат и пијат како гости, а Чало не престанува да ги кани:

—           Повелете, пријатели, повелете, браќа, како во своја куќа. He жалајте го поп Тодора, му дал господ, и вино, и ракија и секаква сермија. Домаќин е поп Тодор. Само едно е за жалање што нема попадија да ве чести. Затоа, еве, јас ќе ја одменам да не биде срамен попот, да не речете дека немаше кој да ве почести кај поп Тодора.

И ја одмени Чало попадијата. Ја подбра Велика со него во визба да му го каже месото, маста, расолот, пиперките, доматите, сирењето и се друго што му требаше, та се распиштоли тој како вистинска домаќинка — попадија. Наточи вино, ракија; насече месо, расол, компири, ги наполни пак котлите и латвиците и ги стави на огништето да вријат. Велика и Ѓорета ги ослободи од секаква должност.

—           Ти си мома и денеска ќе одиш со брата ти на оро; јас ќе бидам домаќинка денеска кај вас.

— А таа и не чекаше друго. Дури да си дојде попот од црква се промени „како за на оро” и штом попот си дојде, Чало го кандиса да ги пушти децата до орото, толку повеќе што самото оралиште беше пред поповата порта.

—           Ако ни притреба Веца, ќе ја викнеме. Зошто да не си поигра и таа кога не ни треба дома? Еве, јас ќе турам вино — ракија; ќе носам мезиња, па и манџите ќе ги приготвам за ручек. — му рече Чало на попот и просто ги напади двете деца низ врата. Виде невиде и попот се согласи. Го стави Чало пред свршен чин.

,,И денеска ќе ме вршат! — си помисли поп Тодор во себе и додаде: „Кој што сторил — Ќе најде”, вели народната поговорка. И јас арно ги вршам, ама и тие не ми оставаат’ должни”. И се помири со положбата во која најмногу Чало го насади. „Нека е само со помин”, си мрмна под нос. „Болест. Еднаш иде во годината, само нека е со помин. Ќе им дојде и ним црн петок; тогаш пак поп Тодор ќе знае да си одмазди за сево ова”.

И со таа утеха си седна на своето сношно место и почна да му заповеда на Чала како на вистинска домаќинка.

„Чекај барем да го испотам од работа, та ме насамари тој што ме насамари.”

—           Донеси, Трајко, ова, донеси она, ова, она, ова, та дури жар на лулето го натера да му подава десетина пати. А Трајко се растрча и поарно од секоја домаќинка ги служеше и гостите и попот.

Кога виде дека работите го наваксаа, си го зеде Арнаутчето за помошник и се навреме приготви. Ги запржи манџите, та дури и тепсии капами направи. Препашаа со Јошето по еден скутник од Велика и го поставија ручекот .

Попот го благослови „јастието и питието” со свои благослови:

„Кој ќе касне — да цркне од него, отров и пелин да му се стори; на нозе пет дена да не може да си застане”, ама гостите се накркаа убаво убаво и никој, ни цркна, ни пукна ни пак отров и пелин му се стори. Се накркаа и продолжија да си пијат од убавото попово винце.

По ручекот поп Тодор понаговори да не сакаат да излезат до орото, но тие како под команда сите гркнаа:

—           Арно ни е нам овде. Кој сака, нека бара поарно.

Така рекоа, ама пак поповиот предлог ги подбуди на оро.

—           Ајде, Јоше, излези ти сега до оралиштето и викни го гајдаџијата Катин нека Дојде со гајдата. Речи му: „стрико Чало те вика кај попот”.

Попот почна да си ја мазни брадата.

—           Ај а реката да појдеш, — си мрмна за себе. „Дури сега не ставаат ни до вечера”. Но ништо не рече.

Јошето излезе од портата и го виде Катин каде свири на еден танец од пет шеснаесет мажи. My мавна со главата, тој дојде и Јован му кажа што му рече Чало. Дојде и танчарот пред гајдаџијата, та Катин во кусо му ја пренесе пораката малку поизменета:

— He вика поп Тодор на визита, — му рече и веќе влезе во портата не престанувајќи да го свири орото што го играа луѓето. По него танчарот го внесе целиот танец во поповиот двор и го продолжи орото со уште поголемо темпо.

Чало се појави на вратата и кога го виде танецот, за миг изнесе четири грниња вино и почна да ги служи играчите. Навлегоа во дворот и половината сеирџии што беа на орото, та ова се пресели сега од оралиштето — во поповиот двор. Излегоа и поповите гости од дома секој со грнето в раце и Ѓуро се фати на танец. Од петнаесет души, танецот се направи триесет и пет. Се наполни дворот со луѓе, небарем попот свадба прави, а не панаѓир.

А Чало со Арнаутчето само влегува и излегува од визбата со полни грниња вино.

Едно време се фати и тој до Ѓура да игра, a Јошето го натера да им свири.

Попот поседе дома сам, но и него го србеше реброто, та си зеде еден стол и излезе, седна под тремот да го гледа орото во неговиот широк двор.

My наздравуваа тие што пиеја. А пиеја сега сите, не само гостите. Грнињата со вино залутаа во народот, та и сите селани се изнапија, секој благошавајќи: „И за радост, дедо попе, и за радост да пиеме.”

Овие благослови му наметнаа на Чала една мисла:

—           Да му ја побараме на попот Велика за Арнаутчево? — им шепна на Ѓура и кум Сивета. — И така му го испивме виното и ракијата, барем да се види некоја работа.

—           Аџаба ќе ја даде? — прашаа во еден глас Сиве и Ѓуро.

—           Што ќе прави кога ќе му се товариме сите. И нема да биде лаган. Детето е само за него. Нека си го задржи домазет дури да си го ожени машкото, па после… зар нема да му направи некоја куќурка, да му купи ѕевгарче, товарче, па, лебами, може и да го направи наследник на еноријата, да си го запопи, бидејќи неговото не изучи за да го наследи. Ќе видите дека обајцата ќе не благошаваат, — ги убедуваше Чало и се пушти од танецот. Тој играше меѓу Ѓура и Сивета.

—           Играјте вие, јас имам троа работа, — им рече и повика пет шест момчиња што гледаа сеир.

Ги внесе момчињата во визбата и за миг изнесоа двајца по двајца три пералника полни со вино. (Пералниците ги викаат мариовците големите котли од по дваесет и пет оки оти во нив жените топлат вода на реката кога перат.).

Ги изнесоа котлите и ги наредија пред попот.

Попот пушти што сакаат да прават, та ништо не му рече на Чала.

Но затоа Чало се истопори пред него, ја симна капата и побара да го благослови:

—           Благослови, оче Тодоре, — му рече сосема сериозно.

Попот помисли дека и сега Чало тера шега, та го благослови со стариот негов благослов: Но Чало сега не се насмеа, но сериозно му ја подаде раката и цврсто ја стисна поповата:

—           Речи аирлија, попе!

—           Што аирлија, Трајко? — почна попот да се чуди, гледајќи го Чала така сериозен, па и тој го направи сериозно лицето.

—           Сводник сум за Велика, нека ти е жива!

—           Аирлија нека ти е ногата; да ти се исуши. Од кого ако е вистина? — го праша попот се уште мислејќи дека и тука Чало сака да се пошегува со попот. Но го знаеше Чала како сериозен шегаџија. Никогаш не би си дозволил да тера шеги за сметка на децата од своите пријатели, та и сега ја сфати работата, ако не наполно сериозна, но не и шега.

Чало позагомџи, го накрена грнето, се напи, а попот го повтори прашањето.

—           Е, кажи де, кажи од кого? Навистина немам ниет дури не го оженам Ѓорета, ама пак сакам да слушнам од кого…

Место одговор,  Чало почна да го убедува:

—           Ти треба тебе, Тодоре, човек во куќи, ти треба. Ѓоре уште ти е малечок, а Велика нема да ти доседи дури Ѓоре да стигне за женење. Затоа та, ако не слушаш нас со кум Сивета, Ѓура и другите твои пријатели, ќе треба да земеш некое сиромавче тука, на куќи домазет што се вика. Па откако ќе го ожениш Ѓорета, зар мал е дворот да им направиш уште една куќурка? Било за Ѓорета, било за Велика. И двајцата ти се челад !..

Попот се замисли и пак го праша:

—           Ама кажи од кого си сводник, па може и да се поразмислам.

—           Ти реков, од сиромавче. Но само тоа е за тебе. Инаку, ќе ја цапнеш со некоја снаа, та ни Црна на стари години не ќе те носи…

—           И ми треба, Трајко, и не ми треба, туку речи од кого си; та сиромав — чорбаџија, знаеш дека јас многу многу не гледам. Само пак ти велам: не сум со ниет. Млада е уште …

—           Млада — стара, не испуштај го детето, оти пишман ќе бидеш. Како нарачано е за тебе…, го кандисува Чало, но гледа дека попот цврсто запиња. Најпосле му кажа, белким како што рече и сам, ќе се поразмисли.

—           А бре, кое е. Помошникот мој пцалтот твој; гостинот Арнаутчето ондека. Што велиш, ќе ги ујдисате табиетите, зар не? Го гледаш што шерет е? Уште на млади години очите му играат во главата…

—           За во тавата, — упадна поп Тодор и се раскикоте, па продолжи сега тој:

—           Добро е, добро, Трајко, детето, ама како што ти реков: уште за пет шест години немам ниет. Ако дочека — не се басам. Гол за гол, што викаат мегленци наши, — му одговори попот и умот му отиде во сваќата Стојна.

—           Поразмисли се малку и ќе ми кажеш довечера. Ако се решиш, веднаш ќе го свртиме госјето на свадба, та и тука ќе поминеш со еден трошок, — настојува Чало и веќе ја крои во својата глава казната со која треба да биде накажан попот ако не се согласи.

Попот категорички одби. He ја мажи Велика уште за пет години па и Султанот да ја побара за сина му.

—           Пишман ќе бидеш, — беа последните зборови на Чала. Се тргна од попот, отиде кај Сивета и Ѓура; им шепна нешто, а потоа навика десетина момчиња од орото и ги воведе во поповата визба.

„Што ќе прави пак сега овој Чало?” се праша попот кога виде дека не ги зедоа котлите да ги полнат со вино. Но цврсто застана на своето решение да не протестира денеска за ништо, па ако сакаат и куќата нека ја запалат. Толку повеќе што таа беше стара ‘ржаница, та попот имаше ниет да ја урива и да прави нова.

Влегоа луѓето во визбата и за малку време се разнесоа викотници на вратата. Ораџиите ги пуштија танците и сиот народ се собра пред врата да гледа што се прави во визбата. А Чало со момчињата ја собрал бочвата со вино и каде ја валка низ врата.

Се разбра работата. Чало ја истркала бочвата во дворот, намести еден од котлите под чепот, го одврте и го наполни котелот, та ги покани сите присутни да пијат кој колку сака и може.

Таа беше првата казна на поп Тодора што не му ја даде Велика за Арнаутчето.

Помина  пред попот и го праша иронично:

— Да не се лутиш, попче?

—А бре, ме фатиле арамиите на бел ден, што има да се лутам, — му одговори кисело попот и почна да си ги реди во умот сите трикови со кои би можел да му одмазди на Чала кога ќе му отиде пак тој нагости.

Се изнапија сите од поповото вино. Некои, што им се пиеше, други за инает — да повратат барем нешто од она што им го земаше попот, ама бочвата ја преполовија. Две три стотини оки вино помина низ чепот и Чало ја понавали за да не пресуши овој.

Падна мракот, се растури орото, но во дворот од попот останаа сите негови стари гости и уште толку, ако не и повеќе, нови. Останаа и двете гајди, та се зафатија нови танци.

Виде попот каде оди работата и го измени своето решение. Стана, им отиде на гајдаџиите и им ги затна брчалата. Запреа свирките — запреа и ората. Се насобраа тркало околу попот пет шеесет луѓе, а тој им подвикна:

—           Би свадба и помина — секој подома. Ако е за фајде, доста беше кај мене џумбус; барајте конак за ноќеска. He е само мојава куќа во селово?.

Но уште недоискажан попот, свикаа Чало, Сиве, Ѓуро, Куцевци и компанија:

—           Арно ни е нам овде, арно! He бараме поарноооо!

—           А бре, вам арно ви е, туку мене дали ми е арно? —’ се провикна попот и почна веќе да се лути.

—           Кому не му чини, нека си бара поарно, — го покани Чало попот да ја напушти својата сопствена куќа.

И попот го прифати овој предлог небарем да ги заплаши или засрами да си одат. Ги повика Ѓорета и Велика, си ја зеде сакмата, децата покровчињата и перниците, и, наочиглед на сите, ја напушти куќата со една длабока воздишка: „Уште ова не беше било, да бега човек од својата родена куќа од гости. Казна божја… и Чалова) — си мрмна и од портата му викна на Чала:

—           Седи со здравје, домаќине, и варди ја куќата оти е од слама, — се прекрсти и го пречекори прагот од портата небарем тргна на јабана.

— Co здравје, попче, со здравје, и носи многу здраво живо кај што ќе одиш. Да не се лутиш нешто? — му одговори Чало и им свика на гајдаџиите да ги надујат гајдите. Го продолжија орото, песните, ама веќе се затемни убаво, та почнаа ораџиите да се сопинаат во дворот.

Еден танец удри во камарата дрва и танчарот го сплеска носот, но тоа му наметна мисла да запалат оган. И за миг букна коледарски оган сред поповиот двор. Орото се растегна, а Сиве и Ѓуро ги донесоа пушките и почнаа да грмат. Чепот на бочвата го оставија одвртен, но котелот никако не се полнеше, а уште помалку да се прелее. Се грижеа играчите за него; фрчеа грнињата од рака на рака и се враќаа празни кај котелот да го поотпразнат да не се прелее.

Кота се растресе оганот, Чало поштукна. Убавиот жар му навеа мисла. Пак свика пет шест момчиња меѓу коишто секогаш беше Арнаутчето, и се изгуби зад куќа. Ја најде кочината од попот со маторицата и трите прасиња. Сквичеа прасињата, а маторицата укаса едно од момчињата и се изгуби во темницата, им побегна. Ги дупнаа прасињата; набрзина им ги извадија утробите и ги довлечкаа до огнот.. Чало донесе сол од дома, ги посоли внатре, и така, ни кубени, ни драни, ги запрета во жарот.

По примерот на Чала, Куцевци влегоа дома и ги симнаа од гредите сите попови кокошки. Кинејќи им ги главите со раце, им фрлаа по една на гостите, а овие бргу, бргу ги позачистуваа од утробите, некои дури и без тоа, земаа и една бобовица и веднаш ги напинаа кокошките да ги печат на ражните. Се изнаредија дваесетина души околу огнот со ражните, а Чало го мести жарот врз прасињата и ги предупреди сите што печеа кокошки, да не ги јадат.

—           Ќе вечераме домаќински на трпезата дома, — им рече и им кажа дека и други манџи има.

Се изнаиграа кому му беше за играње, се изнапија кому му беше за пеење и веќе полноќ наближи. Чало го отпрета едното прасе и виде дека убаво изврело, та донесе тепсии од дома, ги извади сите три прасиња, им ги олушти кожите, та печеното свинско месо им ги вадразни на сите носевите.

Чало та повика сите да влезат дома. Со кокошките в раце, со тепсиите печено месо и котлите со вино навлегоа и се сместија некако од горни до долни крај во куќата. Го распалија и огнот во огништето. Чало, Арнаутчето и уште две три момчиња си ги зедоа улогите на домаќинки. Ги најдоа булињата во ноќвите, наполнија вагани со манџи, донесоа лажици, виљушки и се друго што требаше и се курдисаа да вечераат. Изморени од орото, раздразнети од пијалачката, навалија луѓето на јадењето небарем од трупје си дошле и цел ден леб не виделе. А грнињата со вино фрчат ли фрчат; котлите полни се носат, се празнат и пак се полнат. Гајдите вријат, песни се орат до небо. За некакво спиење и збор не станува.

—           Оваа му е казната на поп Тодора што не ни ја даде Велика за Арнаутчето, — повторуваше Чало на трпезата сите да слушнат. Направи и тука „магарица” — ја врза ортомата за рамовите од големата и мала врата, но ниско, на еден метар од земјата и ја вјавна — седна на неа и почна да ја тера. Пијаните негови другари сакаа да не останат подолу од него и се обидоа и тие да ја вјавнат магарицата, но штом ќе се качеа на едната страна, веднаш се препрчалуваа на другата, та сите што се качија, a се качија скоро сите, ги раскрвавија носевите, главите, а некои изместија рамо, лакт, врат или нога. Но шаката си е шака. И зошто е Чало тука ако не за шаки?

Се изнајадоа, се изнапија; на тие што заспаа им кладоа заушки или запалени цигари в уста. Им ги продупчија ушите, им ги изгореа муцките, но на сето тоа „нема лутиш”. „Такво бачило — таква маст вади”, им велеше Чало. — Кој не декшава шеги, нека си седи дома или да не се меша со моето друштво. Кој се лути — ќе го дереме, се прикажува во една поповска приказна.” И Чало насекаде ја истакнуваше како правило за неговото друштво, та и вечерва неколку пати му ја наспомна на поп Тодора. Затоа никој и не смееше да се лути, па ни попот, оти знаеше што ќе му одговори Чало ако рече „се лутам”. „Нека крши вратот сермијата кога е во прашање кожата”, си рече и попот кога побегна од дома и отиде кај комшијата Батрамот да преноќева.

***

Барем така им се стори на гостите дека попот побегна од дома да преспие кај комшијата. Но дали го фаќа сон човека што го нападиле од дома на еден безобразен начин и што гледа како се пусти неговата сермија? И не само заради сермијата се јадасуваше поп Тодор. Мака му беше зошто тој да биде предмет на Чаловите трикови и шеги.

Легна во постелата колку да ги залаже децата и домаќините и, штом овие заспаа, се издутна и во темницата наврте до над неговата куќа токму кога приквиче маторицата со прасињата. Полека се приближи до калето и со голема претпазливост се изјази на стогот сено што беше стожен до самото кале. Распрета на врвот и се подвре под сеното откаде можеше да види се што се правеше во неговиот двор. И виде. Виде и цревата му се превртоа од лутина, но немаше никаков лек. Намисли да бара помош од власта, од мудурот и заптиите што беа дојдени в село да се најдат по Денов да не стане некој пачарис, бидејќи имаше секакви луѓе од сите деветнаесет мариовски села. Но тоа му излезе неприлежно; да ги вика Турците во помош против своите стари и добри пријатели. И тоа кога? Кога му дошле со најискрени чувства и намери да се видат на Денот, да се почестат и да се нагостат како што се гоштаваше тој кај нив на нивните Денови. „Не го прави тоа поп Тодор, не, па дотука да е животот, а не имотот”, си мрмна на врвот на стогот. „Ако можам со итрина да им доскочам, арно, ако не — нека тераат. Од народ — за народ. Неоти ја скршив јас мотиката во она што ќе го изедат и испијат? Село нека е весело; пак тоа ќе го надомести, — си сметаше попецот и ја ублажуваше лутината, која со секоја постапка на гостите земаше замав. Вриеше на Чала, бидејќи тој беше причината за сето што се правеше. А добар пријател му беше Чало на попот, ама ете не го послуша за Велика и сега Чало си го вади афтот на неговата сермија.

Кога ги донесе Чало прасињата да ги пече, попот за малку што не се издаде од стогот. Гракна, гласно се насмеа и го изжала комшијата Стевана, оти прасињата не беа на попот, ами Стеванови. Се научиле да лежат во поповата кочина со поповата маторица, ама си го зедоа делот. Чало мислеше дека се попови и сите три ги скитка и направи пет шеесет оки месо, бидејќи секое имаше по дваесетина оки. Си помисли дека Стеван може да ги бара од него утре, но немаше што да се тревожи за тоа. Цело село виде кој ги закла и испече. Ене му го Чала на Стевана, нека се расправа со него како знае.

Преседе на стогот дури гостите беснееја во дворот, а штом ги воведе Чало дома, тој слезе полека на калето и рипна во дворот. Огнот позагасна, та во темницата можеше слободно да се движи. Тргна кон бочвата што стоеше пред вратата на визбата, но токму во тој момент излезе еден од Куцевци—Стојче, да ги полни грнињата вино. Попот се шчучури до кармата дрва и го затаи здивот да не се издаде. Но може ли пијан човек да запазува такви ситници околу себе, та и Стојче да го запази попот? Тој ги наполни грнињата од котелот, во којшто одамна престана чепот да тече, бидејќи виното наврте под него. И кога попот се допре со десната рака наземи да се потпре за да стане, случајно му дојде на ум барем со нешто да им одмазди некако ако може. И штом Стојче се изгуби со грнињата, попот заграби цел грст пепел од огнот и ја тури. во котелот со виното, па го избуричка убаво со десната рака мрморејќи си за себе: „Барем нека се подржат за стомак утре.” Оваа мисла му навеа и друга, но колку да беше лут, се сети дека виното е крв Христова во причесната, та се стаписа. Кога затропаа нови чекори од вратата на куќата (идеа пак по вино) попот влезе во предниот земник и слушна како клокотат грнињата во котелот — се полнат. Се топеше од задоволство што барем малку одмалку им Доскочи со „пепелта”. My беше криво дека сите се пијани, та не ќе разберат што вино пијат. A многу сакаше да остане трага од ова нешто за да ги јадосува од утре.

„Сигурно ќе остане на дното нешто колку да се уверат што вино ги напои поп Тодор ноќеска”, си мрмна за себе.

Сакаше да го свлечка дојдениот, но во тој случај ќе останеше „миродисаното” вино неиспиено, а тоа би значело непостигната цел — нема сите да се напијат и утре кога ќе ги јадосува секој ќе се вади дека не се напил од тоа вино.

Го пушти овега, пушти уште пет шестмина што дојдоа со грнињата по него и котелот веќе се испразни. Се испразни котелот, ама веќе и петлите в село зачестија. Зората наближуваше.

— На работа сега попе, оти може да те фати денот, — пак си мрмна и тргна полека кон големата врата. Co сета претпазливост ја затвори, ја кладе жапката и еден клин на неа, та отиде тоа го направи и со малата врата. Па како од крилја носен, се качи на куќата, ја расфрла ‘ржаницата околу баџата и им се јави одозгора токму над трпезата каде што седеа кум Сиве, Чало, Ѓуро и Куцевци. Ги погоди главните кривци и извика со силен глас:

— Е, сега побратим, да се платиме за работата што ми ја сработивте ноќескааа! — и без да се мисли и двоуми штракна клечка кибрит и и го даде огнот на куќата. Ја запали над огниште, па зеде една запалена свивка ‘ржаница и ја запали на сите четири ќоша. ‘Ржаницата сува, се вифна оган во небото, а попот рипна и застана над куќа да погледа сеир.

Спискаа гостите внатре како глувци во стапица. Напнаа да излегуваат низ врата, ама видоа „колку е саатот” та ја најдоа некаде долни крај секирата. Ги расцепија рамовите на вратите и излегоа во дворот. А куќата веќе ја обзеде огнот од сите страни. Спукаа Сиве и Ѓуро со пушките во знак на пожар, ама никој од селаните не дотрча, бидејќи тие цела ноќ пукаа за шенлук.

Пак самите гости под командата пак на Чала, ги најдоа пералниците и се назагнаа да носат вода, да го гасат пожарот. Некои од нив ја изнесоа трпезницата, ноќвите и другата посатка, но за некакво гасење не можеше ни збор да стане. Се гасела ли ‘ржаница на Илинден? За неполн час изгоре покривачот. Спасија нешто од гредите и го запреа огнот да не ја изгори покуќнината што беше во визбата и да не ги зафати и комшичките куќи. Bo тоа и зората забеле и го затече поп Тодора да се грее на гламните со сите свои гости.

—           Е, сега, повелете, пријатели, кај поп Тодора на гости. Домаќин е поп Тодор и ќе ве пречека. . . Гиди такви па такви .. .! Како само мојава куќа да беше в село; немаше каде на друго место да кршите глава. Бујрум, повелете … — па му се обрна на Чала:

—           Е, Чало? Сводник си сега за Велика да ти ја дадам? Краста господ и орлови нокти да ми ти даде, едепц’зу ниеден. Од кожата ме извади ноќеска со твоите шеретлаци и мајмунлаци. Камо го Арнаутчета да ми го видат очите. Убаво ја одигра и тоа својата улога; го испече занаетот твој. И токму дека е твој ученик и така успешно напредува во твоите мајстории, навистина ти велам, ќе му ја дадам.

Чало почна да трепка со очите и да се трезни. Го симна фесот и со сето страхопочитание му се приближи:

— Благослови, оче Тодоре, и проштавај за сево ова што стана. И .. . ако навистина велиш оти ќе му ја дадеш Веца на Арнаутчето, сите грешки што та направивме ноќеска ќе гледаме да ги поправиме, — па им се обрна на Сивета, Ѓура и другите другари:

—           Го слушнавте што рече? Ќе му ја даде Велика на Јошето. Голем себап ќе направе, а и тој ќе си осигури човек што ќе му биде по табиетот и живот ќе проживее со него. Јас се шегувам каде што е за шегување, а овде најсериозно зборувам. Послушај ме, пак ти велам и овие твои зборови да не бидат мајтап или некоја одмазда… Поп Тодор навистина стана сериозен.

—           Шегите и мајтапите поминаа со горењето на куќата. Јас сега зборувам! сериозно. Ако беше и твојот сводниклак вчера сериозен, еве ти ја раката. Од се срце ти велам дека ќе му ја дадам. И тоа уште сега, во овој момент.

Чало му ја стисна раката и го повика Арнаутчето:

—           Кај си бре пезевенк:? Ела ваму да те правам со невеста; доста ме глода не сум ти наоѓал невеста. Еве и попова ќерка ти била касмет.

Ѓуро и Сиве просто го истуркаа Арнаутчето пред попот и ова го симна фесот како Чала и му се приближи. И тоа по Чаловиот пример побара да го благослови поп Тодор и да му прости ако претера нешто ноќеска во шеретлуците и мајтапите.

—           Се знаеме, синко, се знаеме поодамна. Таков што си те бендисувам: и затоа, еве, ти ја давам раката. Бакни рака и биди благословен во мојава куќа,  тука поп Тодор ја погледна изгорената куќа и тажно се натажи. И ти имаш дел во нејзиното битисување, та затоа запрегни се од утре да собереме некој ќош и за мене, и за тебе. Бидете среќни до век. Амин.

Јован му бакна рака, а попот него во образ.

Ја викнаа и Велика да и го соопштат поповото решение. Таа ги наведна своите сиви очи и ги наполни со солзи. Поплака неколку дена за Васила, но тогаш не ce прашаа момите и ергените дали ги сакаат тие што им ги одредиле родителите или не. Волјата на родителите беше закон и тие не можеа да го кршат тој закон. И Велика се помири со судбината, кандиса да биде невеста на грдото Јоше Арнаутово. Но другите негови позитивни качества набрзо ја утешија и таа среќно проживеа со него долг живот.

Сега за сметка на свршувачката поп Тодор во дворот ја постави трпезата и пак целото село на третиот ден на панаѓирот го покани на честење.

Пријателите Сиве, Ѓуро, Чало, Куцовци, Данабашовци, Налевци, даскалот Димо и други поведоа една силна акција кај селаните и ги наговорија да му помогнат на попот,да ја направи куќата, а самите му дадоа по некоја и друга лира, макар да не им бараше тој.

И во првиот петок по Денот педесет души со магарињата под нив и секирите отидоа со Јошето во планината и наделкаа стотина двесте греди. А во неделата сто ѕевгари влечкаа по една две греди кон селото. Тоа селаните на погорелецот поп Тодора му ги донесоа гредите и за неполн месец изникнаа во поповиот двор две нови куќи. Го послуша поп Тодор Чала, та направи две: една за сина си Ѓорета, а една за ќерка си Велика, поправо за зета си Јошето Арнаутово.

На Денот на Богородица влезе поп Тодор во двете куќи. Во едната тој со Ѓopeтa, а во другата Велика со момчето, но дури да го ожени Ѓорета една им беше трпезата.

Кога виде попот дека негов Ѓоре не може да го испече неговиот занает, го благослови зетчето Јована, одброи педесет жолти и го заведе кај битолскиот владика, та му тури нему „венец” и го направи наследник и на еноријата, како што го направи наследник и на половината свој имот. Колку да беше мал имотот од попот, готовите пари им ги подели со Ѓорета, та така ја ублажи болката кај Велика за Васила.

Остана по поп Апсика да попува поп Јован Арнаутинот со попадијата Велика Попова а поп Тодор проживеа среќен живот и длабока старост.

Овие се приказни за поп Апсика и можете да ги сметате за вистински или не, но никако да не ги сметате од мене измислени. И сега да појдите во Мариово и да поддените разговор со некој старец или старица, ќе ви кажат нешто за стариот поп Апсика и неговите згоди и незгоди што му се случиле по тоа време.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *