Моме сиде од плетење,
а лудото од ловење;
се сретнаа в улицата,
се сретнаа – узминаа;
моме му се шега подби:
-Најде волкот рудо јагне,
па не знае да го јаде,
најде сокол јаребица,
па не знае да ја ловне!
Се поврати лудо назад,
го соломи го содроби,
му ги скина монистата,
монистата од рацете,
шестаците од грлото.
Викна моме се расплака:
-Как ќе кажам на мајка ми,
на мајка ми, на татко ми!?
Лудото го подучува:
-Mope моме мало моме,
вака појди, вака кажи:
видов цвеќе во капина,
се наведов да го скинам,
се скинаа монистата,
монистата од рацете,
шестаците од грлото.
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Неда Здравевска, родена 1910 година во с. Будимирци, а омажена во с. Груниште; во 1953 година имаше 43 години.
Вид на песна: љубовна