КУПИ МИ CTABPE КАПЕЛЧЕ – лирска песна

Booking.com

Купи ми Ставре капелче,
од озгора со пердуви,
да се стори две бели,

до кај што ќе поминам
народот да го изгорам,
другарките да пукаат.
Сакам Ставре шаторче
одозгора со пулејки,
да се стори черек лира,
докај што ќе поминам
народот да го изгорам,
другарките да пукаат.
Сакам Ставре вустанче,
двајсе гроша аршино,
осумнајсет шиење,
да се стори три лири
до кај што ќе помина
народот да го изгора,
 другарките да пукаат.
Сакам Ставре вутале
оздола со куразе,
да се стори две бели,
докај што ќе поминам
народот да го изгорам,
другарките д’ испукаат.
Сакам Ставре скрпени
оздола со крцкала,
да се сторат две бели,
докај што ќе поминам
народот да го изгорам,
другарките д’ испукаат.
Ставре беше сиромав,
парите ги преесапи,
му ватија седум лири;
Ставре си зеде машата
ми ја удри по глава:
-Нати жено капела,
одозгора со пердуви,
да се сторат две бели!
-Аман Ставре не мавај,
кај што мавна изгорев,
устето ми капнало,
зошто ти проговорив,
јас ти реков насмеа,
смеа ти не си знало,
човек ти не си било!
Си зеде Ставре стапчето
ми ја удри по раче:
-Нати жено шаторче,
одозгора со пулејки,
да се стори черек лира,
до кај што ќе поминеш,’
народот да го изгориш,
другарките да пукаат!
-Аман Ставре не мавај,
кај што мавна ме запали,
устето ми капнало,
зошто ти проговорив,
јас ти реков насмеа,
ти си стори вистина,
смеја ти не си знало,
човек ти не си било!
Си зеде Ставре вртомче,
ми ја удри в половина:
-Нати жено вустанче,
двајсет гроша аршинот,
осумнајсет шиење
да се стори три лири!
-Аман Ставре не мавај,
кај што мавна изгорев,
устето ми капнало,
зошто ти проговорив,
 јас ти реков насмеа,
ти си стори вистина,
смеа ти не си знало,
човек ти не си било!
Си зеде Ставре машата
ми ја удри по колено:
-Нати жено вутале,
оздола со куразе,
да се стори две бели!
-Аман Ставре не мавај,
кај што мавна изгорев,
дека мавна ме запали,
устето ми капнало,
зошто ти проговорив,
јас ти реков насмеа,
ти си стори вистина,
смеја ти не си знало,
човек ти не си било!
Си зеде Ставре чеканче
ми ја удри в петици:
-Нати жено скрпени,
оздола со крцкала,
да се сторат две бели,
до кај што ќе поминеш
народот да го изгориш,
другарките да пукаат
-Аман Ставре не мавај,
кај што мавна изгорев,
 дека мавна ме запали,
устето ми капнало,
зошто ти проговорив,
јас ти реков насмеа,
ти си стори вистина,
смеја ти не си знало,
човек ти не си било!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: хумористична

Booking.com