Остана Пејо една година без паричка, та почна да размислува како да дојде до некој грош.
И не му требаше долго да мисли. Си ја зеде торбата со една женска икона и наврте долу Тиквешијата. Го погоди панаѓурот во Ресово — Богородица и зашета низ селото да собира подароци (доброволни прилози) за манастирот …
Пејо и порано идеше по ваква работа како ѓак од некој мариовски манастир и собираше „милостиња”. Тогаш ги носеше иконите од Свети Илија Мелнички, од Свети Димитрија Чебренски, од Свети Пантелија Полчишки, Света Богородица Манастиречка, Света Петка Бешишка, кои манастири ресавци добро ги знаеја, та дури и иконите ги познаваа.
Арно ама овој ред Пејо дојде како ѓак од сосема непознат манастир. И кога го прашаа: за кој манастир собира милостиња, Пејо не злоупотреби ничие име од познатите светци, ами им рече:
— Нов, нов манастир подигнав јас личко — Света Тодора. За неа собирам, кој милува да даде; многу добрини таа светица прави.
И им раскажа дека тој манастир е на највисокиот рид во Мариово, и ретко некој човек, освен него, се има качено на тој манастир. Се разбира дека сите богобојажливи христијани приложија нешто повеќе за новиот манастир.
А таа света Тодора беше … Што мислите, која? Та Пејовица се разбира. За неа и за дечињата Пејо ги собираше подароците од ресавци и други христијани.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com