Исмаил и Ибиш од Дреново многу страсни ловци беа.
Макар да немаа тескере за лов, ама нели се мухамедани — Турци колџиите им гледаа низ прсти, та често одеа на лов по мариовските села, особено во блиското Галиште, каде што имаше и зајаци купишта, ама и јајца со кошови, та поминлакот им беше секако осигурен. Ако не отепаа зајак за ручек, или вечера, ќе отепаа некоја тава јајца или некоја кокошка, зелниче мазниче, што дал господ, кај чорбаџиите во Галишта, а тие пак ќе ги закрилат нив кај кајмакамот или чаушите во Кавадарци.
Така осигурени не пропуштаа зима да не накачат кај свети Никола во Галишта за да се симнат оттаму кај свети Атанас, кога веќе ќе треба и да надраскаат по некој слог за пролетнина. Неоти пак многу седеле во Галишта? Од 6 декември до 19 јануари? Токму мили гости од четириесет и три дена.
Арно ама, ѓаволот ни ора ни копа. Тргнаа еден ден по Водици Исо и Ибо на лов. Ибо ќе поттерува со загарите, а Исо ќе поначекува да не им побегне некој од многуте галишки зајаци. И таман се поразделија и ги зедоа пушките на готовс, за такциратот од Иба, рипна едно зајачиште и летна право кон Иса. Овој му ја наврте Шарка и му ја истури. Зајакот се спрпелка, ама и Ибо почна да пишти:
— Оооф, мајко морииии! Ми го скина трбушалникот!, — и се свитка како зајакот и тој, држејќи се за стомакот.
Исо почна да го теши:
— He бој се, аго Ибоооооо! Вала и заецот падна — цел ќе ти го дадам тебе — крстами… — Ама беше доцна. Кога отиде Исо да му го однесе заецот цел, аго Ибо клоцаше со нозете, а на устата пења му вриеше.
— Тих што стори, јок да се стори, не дочека да касне од заецот, види што дебел се погодил, — го изжала Исо Иба и накачи на колибата од Гелета, го зеде старото Marape и и го однесе Иба на Ибишица заедно со дебелиот заец.
— Земи, земи го заецот, баго мата. Види што е дебел, ич мавца да не му клаваш. Земи, свари го да каснеме, да му се најде на тој век на ага Иба.
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com