Крчо и Дарко (виук на дедо Никола Дарка — Стојан го викаа) беа добри другари.
Обајцата во Турско беа четници, обајцата пушкарлии, а блиски комшии. Што е најглавно — обајцата одлични ловци. Таман земјата ќе обеле, ќе се најдеа заедно на лов. И добри загари имаа. Што доведе Крчо еден, педесет лири да му дава човек, не му се пули во парите. Барем така тој велеше, та којзнае! Зајаци тера, лисици тера па и волци, срни и елени. И на секој дивеч башка глас дава да знае ловецот што да чека. А што е најглавно — и во дупки влегува. Дарковата Лиса подолна е, но и таа врши работа. Слаба како секоја загарка, та не и тежи месото и затоа не го остава зајакот дури не му го дотера на Дарка пред нозе, макар и по стопати да го враќа на истото место. Знаете белким дека зајаците се вртат околу легалото од каде ќе ги дигнат загарите.
Еве и денеска пак се најдоа заедно да ловат. He се најдоа, ами се викнаа од дома. Ги нарамија пушките, ги поведоа загарите и се кренаа горе „Средни Рид”. Уште не влезени во растот кај Жиовскиот дол го истераа загарите зајакот и тој летна да бега наспоред на ловците.
Обајцата ги кладоа пушките на око и којзнае дали не ќе ја дупеа кожата на две места да не проговори Дарко:
— Чекај, бре Митре! Зошто да арчиме два фишека за еден смрден зајак? Ами, или фрли, или да фрлам. Туку, знаеш што? Да фрлиш ти, знам оти ќе го отепаш, но може да го погодиш во средето; ќе му ги искинеш цревата, та ќе го расипеме месото. Затоа остави ме мене; јас ќе го удрам в глава, та ќе ни остане месото чисто. — Толку беше сигурен Дарко во стрелањето. Беше се метнал на деда си Николај беше биринџи стрелец. И Крчо ја симна пушката од окото, а Дарко понанишани уште малку и му ја истури. Буум! И зајакот се завалка. А кога го зедоа, навистина беше го погодил в глава — меѓу уши. Месото чисто како од јагне.
Кога ти реков, а? — почна Дарко да се петли пред Крча — Каде сакам — таму погаѓам. Влакно кинам со манлихеркава!
Вечерта си дојдоа дома позарана, та кога почнаа да го дерат зајакот се насобраа комшиите на сеир. Дери, дери, нема куршум никаде да го погодил пустиов зајак. Најпосле дојдоа со дерењето и на главата. Кога го виде Грде дека е удрен во главата, почна да вика:
— А бреми, овие наши ловџии не го отепале овој зајак?! Гледајте? По глава е толчен од орлите; тие им го откинале, бре?!
Затоа, оттогаш наваму не ги тепаше Дарко зајаците в глава да не му се смеат селаните дека од орлите ги откинува или умрени ги наоѓа…
Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА
Автор: СТАЛЕ ПОПОВ
Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ
НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976
Booking.com