Откријте го Мариово
Вo виорот нa илинденското востание

На Конгресот на ЦК на ВМРО што се одржал во месец јануари 1903 година во Солун е решено за кревање на востание против османлиската империја.

Против одлуката на Конгресот реагирал Гоце Делчев, бидејќи македонскиот народ не бил подготвен за кревање на едно масовно вооружено востание, а особено немало доволно оружје за вооружување на востаничките чети.

 

Од 2 – 7 мај 1903 година во с. Смилево – родно место на Даме Груев се одржал Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ. И на овој конгрес, со кој раководел Даме Груев; било донесено решение за кревање на востание, иако некои војводи и делегати, како Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Никола Петров – Русински и други биле против кревање на предвремено востание, поради неговите слаби подготовки. За кревање на масовно вооружано востание немало доволно оружје, храна, облека, доста од населението сеуште е во длабок сон на пет-вековното турско ропство, односно, несознаен и непросветено. Но, одлуките на двата конгреса требало да се почитуваат. Во Битолската револуционерна област трескавично почнале подготовките за кревање на востанието закажано за 2 август 1903 година. За жал, на 4 мај истата година, кај селото Баница во судир со турскиот аскер загинал Гоце Делчев, една од најмаркантните фигури на македонското национално-ослободително движење.

И селото Градешница, како дел на Шриово и Битолскиот револуционерен круг, не било надвор од настаните на Илинденската епопеја. Одејќи на пазар во Битола, многу градевци како и други селани од битолските села, дознаваат дека се подготвува востание. Селаните си купуваа газија, кибрити, сол и други намирници неопходни за домаќинството за подолго време. Секој селанец гледал што повеќе да си сомеле брашно за семејството, да се прехрани за време на востаничките денови. Некои градевци се снабдуваат и со пушки и муниција преку врските кои доаѓаат од Воден, Саботско и други места на Егејска Македонија. Пушките “Гра” се продаваат преку разни тајни канали. Некои селани се снабдуваат со пушки “Мартинки”.

Од прилепскиот војвода Петар Ацев, во војводата Толе Паша бил претходно заколнат и примен во Организацијата на ВМРО. За време на подготовките на Илинденското востание, вој-водата Петар Ацев го назначил, од името на Организацијата Толе Паша за мариовски војвода, а за секретар на четата е назначен четникот Крсте Гермов – Шаќир.

Од пишаните документи се дознава дека од името на Организацијата за раководител и војвода за време на Илинденското востание во село Градешница е именуван селанецот Митре Гулев. Војводата Толе Паша, селото Градешница го има прогласено како своја “тврдина”, бидејќи ова село е најблиску до мариовските планини Ниџе, Кравица, Козјак и други, кои претставуваат заштитници на востаниците.

Една вечер четата на Толе Паша ја напуштила Градешница и минувајќи преку селата Бешиште и Полчиште, за време на Илинденското востание го напаѓа турскиот уќумат во с. Витолиште, за да ги избрка Турците од Мариово. Но, бидејќи уќуматот бил добро бранет од турските мулазими, по борбата во која загинале неколку заптии, четата на Толе паша пак се повлекла во градешките планини.

14

 

 

15

 

16

 

17

 

 

За крвавата борба што се случила за време на Илинденското востание кај мариовското село Чаниште, во своите “Спомени” Ѓорче Петров, меѓу другото, го подвлекува и следното: “Од Софија до Ќустендил стигнав со пајтон заедно со резервниот поручник Лика Иванов, кој загина за време на Илинденското востание кај Воден. Co нас беше и Црногорецот Јово Јовановиќ. Преминот на бугарско – турската граница беше тежок и напорен. Патувањето и преминот преку Вардар исто така беше и напорно, при деноноќно патување и напади од турскиот аскер. Бев решен да загинам, но тоа да биде на теренот на Битолскиот револуционерен округ. Од Велес продолживме да се движиме со четата на Петре Ацев. Во Прилепско стигнавме околу 10 август 1903 година”.

Четата на Ѓорче Петров броел околу 45 души. Неговата чета се упатила кон мариовскиот револуционерен реон. Кај селото Чаниште се сретнува со костурската чета на војводата Лазо Поп Трајков и Иван Попов, во јачина од 130 востаници. Во своите “Спомени” (стр. 198-199) натаму Ѓорче Петров пишува:

“На Чанишка Чука не нападна аскерот. Водевме цел ден борба. Ако не беше стражата и ако не беа добри распоредите на Јово Јовановиќ, не ќе можевме да се извлечеме. Имавме 20 малихерки, 14 мавзерки, другите беа грчки пушки. Циле Кономладински -брз војвода со 20 момчиња речиси на јуриш ја зазеде чуката и ја испретече турската војска. Нападите на Турците беа силни и до пладнето сите ги убивме. Во тоа време од сите страни се спушти нова војска од 4-5000 души. Куршумите ни свиреа околу главите. Турците имаа план да не опколат, а потоа со штикови да се нафрлат врз нас…

На смрачување си зедовме збогум и со ура се повлековме и незабележано ја прегазивме Црна. Бевме капнати и гладни. И фишеците ни беа привршени. Co нас носевме 7-8 ранети, меѓу кои војводата Лазар Поп Трајков од костурската чета и Црногорецот Јово Јовановиќ – ранет во окото. На чуката останавме 4 убиени и 2 пред тоа. Среќа имавме што аскерот не тргна по нас. После разбравме од селаните, дека Турците имале околу 200 загинати и во нивите ги закопале. Ранетите ги пренеле во болница. Од кај селото Градешница стигнавме во мариовските планини. Таму се сретнавме со четата на Толе Паша. Пристигна вест, дека аскерот стигнал по селата. Се упативме на врвот Ниџе. Неочекувано таму, истата вечер, со 14-15 души востаници пристигнал и Борис Серафов од кај Костурско. Сарифов ни соопшти за решението на Главниот штаб на востанието, да се растурат четите, зошто востанието е пропаднато, така барем да се спаси оружјето, а имало надеж и за амнестија. He го одобрив расформирањето на четите. Уште истата вечер, кога Сарафов замина за Бугарија, неколку илјадна турска војска со синџир ја претресе Мариовската планина. Четата мачно се криеше во планината. Толе Паша ми советуваше и јас да заминам за Бугарија, бидејќи не можеше добро да се крие кога сум со него, а не сака и да не загинам во неговата чета. Од Ниџе се повлекоа и костурчани заедно со војводите Попов и Циле Кономладински, кој загинал на 4-от ден од нашата разделба…”

 

Понатаму Ѓорче Петров настанот мошне сликовито вака го опишува:

“На Ниџе, со надморска височина над 2000 метри, останавме се до повлекувањето на аскерот. Без да чекам ни еден ден, слегнав во селото Градешница, доверувајќи им се на Митре Гулев и Стале Босеов. Ги соблеков комитските алишта, облеков селски. Двогледот, револверот, камата и пушката ги доверив кај двајцата селани. После Толе Паша ја облекол мојата комитска облека и зел се друго. Другото лето го убија во моите алишта. Потоа, Турците моите алишта ги продале на ат-пазар во Битола. Алиштата ги купил некој мој пријател и мислам, дека уште ги чува.

Co своите нови селски алишта, со две магариња товарени со штици, со други пазарџии од Градешница тргнав за Битола. По патот на три места не претресуваше аскерот, но војниците не можеа да ме препознаат. Селаните – градевци што беа со мене и ме знаеа кој сум, но ништо не кажаа (Ѓорче Петров во Градешница ја избричи и брадата). Во Битола се сместив кај баба Фанија Аџи Велкова. Се ставив на располагање на Окружниот комитет (Лозанчев, Христов и Ацо Доров), но тој не ме прифати. Окружниот комитет за посигурно ми советуваше да заминам за Прилеп, и тоа го сторив. Потоа заминав за Бугарија…”

Ѓорче Петров, сред бел ден 1924 година на една улица во Софија беше убиен по директива на велико – бугарските врховисти.

 

Неколку илјадниот турски аскер при потерата по востаниците во Градешница, Старавина, Будимерци, Груништа и други мариовски села правеа палежи по куќите. На турските војници се што ќе им дојдело до рака пљачкосувале, силуваа и секој кој ќе се спротивставел на населението бил убиван на лице место.4

 

(4 Според сеќавањата на Илија Гуцев од Градешница (сега покоен). Сеќавањата

се земени 1958 година.)

 

 

По повлекување на турската војска од Мариово, во мариовските планини и села останала да дава отпор на турското ропство само четата на војводата Толе Паша. Тој и по Илинден не сакал да замине за Бугарија, туку останал во Мариово, да ја дели судбината со својот напатен народ.

Како што е познато, на 12 август 1903 година отпочнала турската офанзива врз Крушево. По неколку часовната жестока борба меѓу востаниците и аскерот, одбраната на Крушево е разбиена и во попладневните часови турската војска пак го зазема Крушево.

Крушевскиот востанички штаб дури по изгубената борба констатира дека не е дигнато општо востание во сите востанички реони во Битолскиот револуционерен округ, па и надвор од него во цела Македонија, што се причина за неуспехот на истото. Значи, востанието не било добро подготвено, да тоа пламне во сите револуционерни реони на Македонија, а на тоа со право укажал Гоце Делчев и некои други македонски ајдуци и војводи.

Во текот на Илинденското востание од август до октомври 1903 година, колку што тоа траело, од пишани извори се дознава дека се одиграле околу 200 позначајни борби и акции, меѓу востаниците и турската војска. Исто така, се случиле околу 150 диверзантски саботажи. И борбите и саботажите претежно се одиграле во Битолскиот револуционерен округ, во кој спаѓа и Мариовскиот револуционерен реон. 5

(5 Прилози за Илинден V од 1983 година. Прилог – Петар Пепељуговски.)

 

Откако турското раководство констатирало дека востанието и востаничките дејства со поголеми размери се во Битолскиот вилает, турската команда одлучува 3-та Турска армија со поголеми воени ефективи да го угуши востанието на тој простор. Во борбите зеле учество пешадиски, коњички и артилериски единици на Турската армија, вклучувајќи го и турскиот башибозук.

Човечките и материјалните загуби за време Илинденското востание во Градешница па и други мариовски села многу слабо досега се проучувани, а веројатно тоа се должи и поради оддалеченоста на овој револуционерен реон од Битола, Прилеп и другите градски центри. Човечките и материјалните загуби во овој реон не се проучувани и по илинденското востание па речиси се до завршувањето на Првата светска војна.

Ѓорче Петров во своите “Спомени” споменува доста интересни настани бидејќи со својата чета од 45 души за време на илинденското востание се борел во мариовскиот револуционерен реон. Тој споменува дека се сретнал на планината Ниџе и со мариовскиот војвода Толе Паша и неговата чета, која броела околу 20 востаници, кои биле претежно од мариовските села. He постојат податоци дали во Толевата чета имало востаници и од селото Градешница, кое било главната “тврдина” на Толета. Ѓорче Петров ги посочува само селаните – градевци Митре Гулев и Стале Босеов, на кои по пропаѓањето на востанието им се доверува и со нивна помош востаничката ја заменил со селска-мариовска облека и како пазарџија жив и здрав се вратил во Битола, без да биде откриен од турската власт.

Највлијателни селани за време на Илинденското востание се спомнуваат Митре Гулев, Илија Гуцев, Стале Босеов и други, но статистички податоци за тоа нема. Велко Велков е познато дека бил директен учесник во Илинденското востание. Овој Градешец, додека беше жив примаше илинденска пензија. Поради неинформираност и непознавање на прописите, доста селани директни или индиректни учесници во Илинденското востание по ослободувањето не знаеја да ги искористат своите права, што произлегувале од прописите сврзани со Илинденското востание од 1903 година.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu