Откријте го Мариово

По крвавото задушување на Илинденското востание и изневерување на уставните реформи на младотурците по хуриетот, македонскиот народ пак се нашол бесправен и угнетен, при што повторно го кренал својот глас за национално и социјално ослободување од петвековниот поробувач – османлиите.

Под паролата ослободување на “сонародниците” Македонци од ропството на Османлиите, a со цел за приграбување на македонската територија, на 13 март 1912 година меѓу Србија и Бугарија е потпишан договор таканаречен “пријателски сојуз”, кон кој бил додаден “тајниот анекс”, со кој е предвидено распарчување на Македонија, по победата над турската империја. Српско-бугарскиот сојузен договор е проширен со сојузен договор меѓу Бугарија и Грција од 29 мај 1912 година, со што е создаден Четворен балкански сојуз против Турција. По создавањето на “сојузот” се развила мошне жива пропаганда дејност за војна против Турција. Гледајќи ја опасноста од војна, Турција врши нова мобилизација и регрутација. Во турската армија се регрутирани и Македонци, меѓу кои има и градевци. Тогаш е мобилизиран и Митре Ќиќерков и некои други градевци, за кои не располагаме со писмени податоци.

 

За да не бидат регрутирани во турскиот аскер, повеќе Македонци, меѓу кои имало и градевци, како на пример браќата Стојко и Стојан Шкрекови, Јован Долевачев, Коле Зулумов и други, заминале за Америка како печалбари. подоцна, за да ја избегнат Балканската и Првата светска војна, за Америка заминале и други градевци.

Владетелите на Србија, Бугарија и Грција на 18 октомври 1912 година на Турција и објавуваат војна. Кај населението, пак, настанува загриженост поради воената состојба. По борбите на 34 и 24 октомври кај Куманово и на 17, 18 и 19 ноември 1912 година кај Битола, пред победата на Српската војска, поради своите големи загуби, Фети-Паша со својата војска во безредие, се повлекува кон Лерин-Воден и Солун, и понатаму кон исток кон Кракија. Српската војска окупирала поголем дел од Вардарска Македонија. Другите делови на Македонија ги окупирале грчките и бугарските трупи. Во безредието и повлекувањето на турската војска, многу Македонци што биле мобилизирани како турски војници, се вратиле по своите домови во Македонија, а така било и со Митре Ќиќерков кој се вратил во својата родна Градешница. Градешница, како дел на Мариово, потпаднало под српска власт, која е воспоставена на цела Вардарска Македонија.

Треба да се спомене дека против војната со Турција, како доброволци – ополченици во состав на бугарската армија учествувале, според некои пишани документи, околу 12000 Македонци.

Слично на бугарската врховна команда и врховната команда на српската армија, создала чети на доброволци т.н. “Народна одбрана” за борба против Турција. Се смета дека во тие српски чети на “Народна одбрана” имало и околу 300 Македонци, од кои некои насила биле мобилизирани. Мобилизиран во српската армија се нашол градешецот Трајко Грков.

Под команда на грчката армија дејствувала таканаречена “Света чета” составена од андарати – четници Македонци од Егејска Македонија.

Големиот број Македонци, кои во составот на бугарската , српската и грчката армија со одушевување учествувале во борбата против Турција, сметајќи дека конечно ќе се ослободат од петвековниот поробувач. Но, во тоа се измамиле, незнаејќи ги тајните планови на балканските монархии.

При капитулацијата и повлекувањето на турската војска од Солун на 8 ноември 1912 година, востаничките чети на Јане Сандански, во содејство со бугарската армија, меѓу првите влегле во градот. Тогаш во Солун влегувале и грчките трупи. При здравицата за победата над Турција и “ослободувањето” на Македонија, здравица одржал и Јане Сандански, искажувајќи се за слободна и автономна Македонија. Присутните бугарски офицери на здравицата на Сандански за автономна Македонија му се заканиле со исукани сабји, дека ќе го исечат за таквите зборови. Тогаш Сандански и другите присутни Македонци сфатиле дека Македонија нема да ја добие очекуваната слобода.

Македонците од Петроградската колонија во Русија, на чело со Димитрија Чуповски, испратиле меморандум до Лондонската мировна конференција за решавање на македонското прашање врз принципот “Македонија на Македонците”. Лондонската мировна конференција завршила на 20 јуни 1913 година, каде што Меморандумот на Македонија од Петровград не бил земен на разгледување. Лондонската мировна конференција ни оддалеку не ги решила горчливите прашања на Балканот.

Веднаш по истерувањето на Турците од Македонија, српската армија поставила своја власт и во Градешница и другите мариовски села. Во пределите на мариовските планини Ниџе -Сокол – Добро Поле – Кравица – Козјак кон Кожув се воспоставила српско-грчка граница. Како и во други села и во Градешница е формирана српска власт на чело со кмет. Во основното ќелијно училиште наместо грчки, настава почнало да се изведува на српски јазик. He постојат податоци, кој бил учителот кој ја изведувал наставата и колку ученици имало во учебната 1913/1914 година.

Меѓу балканските “сојузници”, од една страна Србија, Грција и Бугарија, од друга страна, се повеќе растела затегнатоста за прераспределба на заземената македонска територија. Втората балканска војна меѓу “сојузниците” Србија и Бугарија почнала на 29 јуни 1913 година. Најрешавачка била борбата по должината на реката Брегалница и Злетовска Река. Овој судир го искористиле Грција, Романија и Турција, кои и објавиле војна на Бугарија. Бугарската армија опколена од четири страни, претрпела голем пораз, при што бугарската влада била приморана да побара итно примирје.

На 10 август 1913 година во Букурешт е потпишан таканаречен Букурешки мировен договор, со кој се утврдени граничните линии меѓу Србија, Грција и Бугарија, а Македонија е разделена на три дела. Најтрагичната последица од Втората балканска војна во македонскиот народ е губењето на неговата

национална целост. Раздробен, тој останал да се бори против три поробувачки режими, кои со секакви средства ќе настојуваат да ја обезличат македонската национална свест и самобитност. Тогаш македонскиот народен пејач ќе запее:

 

“Викна се Јана провикна

Од високи чардаци,

Од сребрени пармаци:

– Удрете, браќа, пукајте,

Јавор-пашовата дружина!

Овде не е Србија,

Овде не е Грција,

Овде не е Бугарија,

Туку е Македонија!…”

 

Co воспоставувањето на српско-грчката граница, населението од Градешница и другите мариовски села не ќе може повеќе да контактира, да тргува и да одржува други врски со населението од Пожарско, Родиво, Струпино, Тресино и други села и градови од Караџова и Воденско.

Српските власти продолжиле да ја зацврстуваат својата власт и во Мариово. Ставени се синорите на српско-граничната линија долж мариовскиот реон: Ниџе – Сокол – Добро Доле -Кравица – Козјак и натаму кон Кожуф. По селските населби се воспоставени жандармерски станици и е формирана административна служба доведена од Србија.

Српските власти во пролетта 1914 година и во мариовските села ја продолжиле регрутацијата на младинците. Младите регрути пешки се спроведени до Битола и Прилеп, а оттаму преку Скопје до Крагуевац. Во Крагуевац, според зборовите на Трајко Грков, по едно-двомесечната обука се испратени на српско-австрискиот фронт.

Заминувањето на младинците во српската војска, се чувствувало дека тие и во оваа насилна мобилизација се приморани да служат за туѓи интереси.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu