Во Мариовскиот крај па и пошироко децата обично се раѓале во некоја плевна или во јасли кај стоката
– со што се мислело оти ново-роденчето ќе има благослов голем и дар. Ако детето се родело машко се до неговото крштевање го викале во куќата сите ПУРДЕ, а ако се родело чупе како ги викале женските деца во овој крај го викале ДУДА.
Кога ќе се родело детето обичај било прво да биде задоено со млеко од друга доилка-жена, кога ќе пораснело ако било лакомо, мрзливо, циција или многу се задирало го прекарувале на таа првата што го задоила-ејкај се истера на таа и таа се именувала жената што го задоила. Кај секоја жена кога требало да се породи обавезно имало баба. На трите вечери се земало машка кошула и во неа го кревале детето, му клавале налив, книга, чешел, огледало, звонец, клопотарец ќе го залулале и ќе го благословеле, да бидеш дарлија да имаш ксмет, да учиш, овци да пасеш и ќупина да бркаш, да пејш како звонецот што звони, и да зборуваш како клопотарецот што трони. На неделата му збирале повојница и тоа само жени носеле булина и погачи и го благословеле малото да расти големо да биди здраво, да се жени, мажи и др, и му давале буле и пари кога му го давале булето го благословеле да бидеш дарлија ксметлија да расти големо, а кога му е давале парата го благословеле јас со прсти господ со грсти, потоа пиеле ракија а за мезе јаделе царевка варена ручале грав и сомуни и си оделе дома.
На трите недели се крштевало детето, кумот се канел со погача детето го земала бабата, свекрвата на невестата а ако немала свекрва некоја од стрините, а во исклучителни случаи мајката на невестата го носеле в црква и таму ќе го крстеле.
Попот ќе го крштевал детето кумот обавезно требало да биде гладен, и кога го носел детето од црква за дома да не се вртел наназад и да не зборува да не го кажува името, кога ќе се донесело детето дома тоа пак се ставало во јаслите онаму каде било родено, мајката го земала детето од јаслите и го носела во собата каде биле гостите, му бакнувале рака на кумот, му ставале прстен на раката и му викале куме кажи име, откако кумот ќе го кажел името прво кумот ќе го благословел да биде здраво и живо, да расти големо, да се жени, мажи, да биде дарлија ксметлија а потоа со благословењето наставувале и другите гости a најпрво најблиските.
Потоа се ручало и се благословело во името на детето и на неговите родители и тие да се здрави и живи, на одење на кумот прво мајката на детето му бакнувала рака и пола од гуната му давала дар-чорапи и му велела со здравје исто и на свекорот чорапи, а на кумата и свекрвата вути.
„НАРОДНИ ОБИЧАИ И ПРЕДАНИЈА ОД МАРИОВСКИОТ КРАЈ“
Автор: Киро Крстески, Прилеп
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com