Ој Јанкула мили синко,
малце куќа подрасипа
од пиење од јадење
и од госје дочеквање,
сека вечер побратими,
а наутро посестрими.
Криво падна на Јанкула
и ми летна планината,
там го нашол манастирот,
ми се сторил калуѓера;
три години црн калуѓер
жива душа не видело,
угу една кукавица.
-Кукавице, мила сестро,
ќе те ватам посестрима,
ќе те пуштам мојто село,
мојто село, мојта куќа.
-Ој Јанкула, мило брате,
јас ти незнам твојто село,
твојто село, твојта куќа!
-Кукавице, мила сестро,
мојта куќа бележита
со кале е заградена,
во калето три тополи,
а три чешми под тополи;
прва тече студна вода,
друга тече баш ракија,
трета тече рујно вино!
И ми летна кукавица,
и ми пошла во селото,
во селото кај куќата;
ми застана на калето,
кале било разурнато,
тополите исушени,
а чешмите пресекнати.
Кукавица три дни кука,
три дни кука и три ноќи,
жива душа не испадна;
ми испадна една баба
со мутавче преврзана
со капина опашана.
И ми летна кукавица
и ми пошла планината:
– Ој Јанкула мило брате,
кале ти се разурнало,
тополите с’исушиле,
а чешмите пресекнале.
Јас си кукав до три дена
до три дена и три ноќи,
жива душа не испадна;
ми испадна една баба
со мутавче преврзана,
со капина опашана!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Менка Марчевска, родена 1912 година во с. Будимирци, омажена во с. Петалино а премажена во с. Груниште; тогаш (1953) таа имаше 41 година.
Вид на песна: балада