Ој снао, снао,
снао Петкано,
скорни Јована
за на орање.
-Ој свекре, свекре,
ој мили свекре,
кај да го најдам
за да го скорнам?
Јован ми љуби
друго ми либе,
горното мало
кај поповите.
-Ој снао, снао,
снао Петкано,
пушка ми пукна
горното мало
кај поповите,
ајде да ојме
за да видиме
да не е Јован
нешто убиен!
Кога појдоа,
што ме видоа?
Јован ми беше
стварно убиен!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: семејна