Останало Ѓуро сиромавче,
сиромавче Ѓуро, ем без мајка
ем без мајка, Ѓуро, ем без татко,
па сам, Ѓуро, чарето си нашло.
Што се глави, Ѓуро, у Јована,
у Јована Јован чорбаџија.
Три години овци му ги пасло,
никак руга Јован не му плати;
зборот му е што ќе се објагни,
што ќе се објагни црно јагне
тоа нему руга да му биде.
Се зајагнија се дојагнија,
сите бели сите црнопашки,
нема црно ни за бакнување.
Се налути Ѓуро, си киниса,
на пат сретна една стара баба:
-Добро утро мила стара бабо!
-Дај бог добро мои мили синко,
каде одиш, каде пат патуваш?
-Дил ме питаш право ќе ти кажа,
бев главено овчар у Јована,
у Јована Јован чорбаџија;
зборот ни е што ќе се објагни,
што ќе се објагни црно јагне
тоа мене руга да ми биде;
зајагнија бабо дојагнија,
сите бели сите црнопашки,
нема црно ни за бакнување!
– Ејди Ѓуро, ејди мили синко,
нешто сега баба ќе ти каже,
да си станеш на ден на Ѓурѓовден,
да прошеташ широкото поле,
да одбереш само црни какол,
да накрмиш, Ѓуро, руди овни,
дај накрмиш на ден Крстовден
кога овци, Ѓуро, се мркајат!
Што се врати, Ѓуро, у Јована,
си допаси, Ѓуро, руди овци;
а послуша, Ѓуро, стара баба
го прошета широкото поле,
го прошета на ден на Ѓурѓовден,
што си собра само црни какол,
што накрми, Ѓуро, руди овни
и накрми на ден на Крстовден.
Кога дојде време да се јагнат,
се зајагнија се дојагнија,
сите црни, сите белопашки,
нема бело ни за бакнување!
Се налути Јован чорбаџија,
го истера Ѓуро сиромавче.
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Менка Марчевска, родена 1912 година во с. Будимирци, омажена во с. Петалино а премажена во с. Груниште; тогаш (1953) таа имаше 41 година.
Вид на песна: аргатска