ОЗДОЛА ИДАТ ДВА СВАТОВИ – лирско епска песна

Booking.com

Оздола идат два сватови,
два сватови два ѓаволи;
први беше тој Јанкула,
втори беше Дојчин јунак.

Јана мете рамни дворје;
ми догледа бела Јана,
само шета горе долу,
солзи рони коса корне,
коса корне прсти крши.
Ја догледа стара мајка:
-Дејди Јано, мила ќерко,
зошто, Јано, солзи рониш?
-Дејди мајко, стара мајко,
оздола идат два сватови,
два сватови два ѓаволи,
тие идат да ме земат!
Проговори стара мајка:
-Ој ти Јано, мила ќерко,
ај влези си ви земникот,
промени се в женско руво,
женско руво велигденско,
и влези си в одајчето,
и легни си во креветот,
и стори се ти умрена,
јас ќе седам до сам тебе,
ќе ти палам жолти свеќи!
Се што чула и сторила.
Два сватови два ѓаволи,
се качија на чардакот,
вратата ја отворија,
ко видоа – се вратија.
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: романса

Booking.com