ИТАР ПЕЈО И НЕГОВИТЕ ШУРЕВИ – хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО И НЕГОВИТЕ ШУРЕВИ
Како сите ергени, така и Итар Пејо решил да се ожени макар и во позрела возраст (30 години). Нашол убава мома, мариовка (се разбира), која имала двајца браќа. Кога дошло време да ја доведат невестата, Пејо им нарачал на шуревите: „Невестата да ми ја доведете ни гола ни облечена, a од мираз, ни малку ни многу”.
Почнале да се чудат браќата, што ќе биде оваа порака од зетот, но најпосле се присетиле и ја облекле сестра си во пезивол (мрежа за ловење риби), та така првиот услов од зетот го исполниле, бидејќи навистина невестата изгледала ни гола, ни облечена. А како мираз и заврзале во едно шамиче еден гулаб.
Кога ја довеле невестата така облечена, Пејо се насмевнал и ја завртел главата во знак на чудење што ја погодиле шуревите му неговата прва мисла, па веднаш ја прашал што мираз му носи. Таа му го подала со десната рака шамичето и Пејо, мислејќи дека се лири или франги, бргу-бргу ги одврзал. Но штом го одврзал гулабот, овој летнал во облаците, а Пејо си ја поткасал долната дебела муцка и си рекол за себе: „Аха, и овие не биле за фрлање! Ке си имам расправија со нив понатака”. И почнал да се готви да се надлажува, да се надмудрува па и да се наткрадува со шуреви си.
Кога дошло време Пејо да си оди со невестата на првиче кај шуреви си, нашол едни рогови од голем јарец и ги врзал со едно ортомче, а ортомчето засамарот од маската на која јавал, и така ги однесол роговите кај шуреви си, и уште оддалеку им се пофалил како им носи подарок голем јарец. Но кога отрчале шуреви му да го одврзат јарецот, ги нашле само роговите.
– Лесна работа! – почна да ги теши Пејо. – Нели се тука роговите, јарецот мора да си дојде по нив.
И таман се успале сите во куќата, Пејо станал и го украл од нивниот булук најголемиот јарец и го врзал за ортомчето, фрлајќи ги роговите на буништето да ги глодаат пците.
И кога се разбудиле изутрината шуреви му, што да видат. Навистина си дошол ноќеска јарецот по роговите! Се израдувале на големиот „подарок”, си го заклале јарецот и се нагостиле сите првичари од Пејовиот „подарок”.
Се свршило првичето, си отишол Пејо со невестата. го испратиле шуреви му со пиење, со јадење, и отишле кај овците да си ја бркаат овчарската работа. Кога го побарале најголемиот јарец – го нема.
„Бре, што се стори јарецот, бре кој го украде, волкот ли го изеде?” – се жалеле луѓето, но најпосле се досетиле дека таа работа Пејо им ја направил. „Тој го има украдено и никој друг”, си заклучија двајцата браќа и почнаа да мислат како да му се одмаздат.
И како што е редот, и Пејо ги покани шуреви си на првиче, и, за да ги пречека и да ги нагости што поубаво, закла едно теле и го обеси на горната греда во куќата. Дојдоа шуревите, се поздравија, седнаа на трпезата, но Пејо сети дека сега пак тие му кројат некоја подмама или кражба, та не ги пушти од око да мрднат, ни да си проговорат нешто сомнително меѓу себе.
Арно ама, нели е пусти домаќин, му се наложи да стане, да донесе борина, нешто за пиење, за јадење, да и помогне на жена си. И кога стана да излезе и стори ишарет на жена си да слуша што ќе зборуваат или што ќе прават браќа и. И таман тој излезе низ вратата, помладиот брат се опули во телето и му вели на постариот.
– Облачно било тука, бацко.
– Ќе се изјасни ноќеска – му одговори постариот и почнаа да си јадат и да си пијат како првичари.
Кога си легнаа вечерта, Пејо ја праша жена си што зборуваа браќа и дури тој шеткаше надвор. Таа не знаеше да му каже ништо друго, освен што го рекоа дека било облачно и дека ноќеска ќе се изјаснело.
– Ах, жено, ќе го украдат ноќеска браќа ти телето – се притапка Пејо погодувајќи ги мислите на шуреви си.
– Mope, како ќе го украдат кога и така за нив го заклавме – почна да го теши жената.
Уште разговараа вака, нешто тропна на врата. Пејо рипна од постелата и и вели на жената.
– Станувај жено, го зедоа браќа ти телето.
И дури станаа, дури Пејо излезе, браќата веќе излегуваа низ портата со телето на рамо.
Бидејќи навистина телето беше тешко, тие се договорија едниот да го носи, а другиот да трча празен напред за да го земе одморен и да бега да не ги настигне Пејо.
Арно ама и на Пеја му текнало што мислат, та на превар некако излегол пред нив и го видел тој празниот како трча напред. Го пропуштил него да помине, а кога дошол тој со месото му се приближил во темницата и му шепнал:
– Дај да го поносам јас, а ти трчај напред да се поодмориш.
Овој, мислејќи дека брат му е празен, му го дал на Пеја телето и се загнал колку што може и не може да трча. Кога излегол на неколку стотини метри го нашол брата си и овој го прашал:
– Камо го, брату, телето?
– Ах, пезевенк Пејо, ни го зеде телето – си рекоа браќата и со трчанка, сега пак тие по кусиот пат, го преварија Пеја, и како беше прала Пејовица дента, најдоа во дворот една нејзина кошула, и набрзина едниот се преслече во неа, се преправи во Пејовица и седна на прагот да го чека Пеја. И навистина Пејо си дојде со телето на рамо сиот испотен, штом го виде „Пејовица” почна да плаче и да тажи:
– Mope, пусто да остане телето, ги удави сите говеда и волови. Кај беше, браќа ми ги собраа сите од говедарникот.
Пејо го бапна телето пред „неа” и отрча право во говедарникот. Кога погледна, сите говеда кај си лежат и кај си преживаат, трчанка си дојде дома и ја најде жена си каде лежи во постелата.
– Камо го, мори жено, телето? – ја праша со остар глас.
– Какво теле, бре мажу? Од каде од мене го бараш, кога го украдоа браќа ми?
– Ама нели преѓеска ти го оставив, мори утко, кога ми рече на прагот дека ги отерале говедата -почна да ја кара Пејо.
Таа му објасни дека ни станала, ни излегла ноќеска од дома откако отрча тој по телето. Пејо разбра дека и тука шуреви му го надмудрија.
He губејќи ни минута, се истрча пак напред, ги престигна пак, се соблече гол, застана насред пат поткачен на еден камен, ја крена едната нога назад, ја направи опашка, a со рацете направи рогови и се здрви на местото. И се зададоа шуреви му со телето.
Кога го видоа „ѓаволот” насред пат го бапнаа телето од земја и си рекоа за себе:
– Бегај брату, да бегаме и ѓаволот на Пеја му помага!
Така Пејо си го зеде теленцето и си го однесе дома, та сами со Пејовица си го искркаа, бидејќи шуреви му од срам не се вратија да го продолжат првичето.

Како сите ергени, така и Итар Пејо решил да се ожени макар и во позрела возраст (30 години). Нашол убава мома, мариовка (се разбира), која имала двајца браќа.

(more…)

ИТАР ПЕЈО И ГОРДЕЛИВИОТ БОГАТАШКИ СИН – хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО И ГОРДЕЛИВИОТ БОГАТАШКИ СИН
Како секаде што има богаташки синови што не работат ништо, така и во Прилеп имало во старо време некој таков. Дали тој бил од Бомболовци, Аџи-Здравевци, Аџи-Ристевци, Аџи-Илиовци, Тепајмајковци, Палисламовци, Корвезировци, Колимагаревци, не би можело точно да се каже, но главно бил чорбаџиски син: ништо не работел, ами секое утро си одел на кафе и, кога било топло времето, си седел пред кафето и си пиел кафе, чај, си пушел тутун на голем скапоцен чибук со голем килибар.
Врвејќи Пејо еднаш по сокак пред кафето, го забележал и му дал еден селјам:
– Добро утро, цар на веков – му рекол тој.
На овега му поласкале овие зборови, го викнал Пеја кај себе и му дал грош да се напие едно кафе или ракија.
Пејо разбрал дека му ласкаат овие зборови на богатиов, та и утредента тоа го повторил. Пак добил грош и си отишол на анот и не само ракија и кафе, но со грошот си го плаќал целиот трошок за тој ден.
My се заарнило на Пеја, та продолжил со оваа работа цел недела и месец.
Арно ама, за несреќата од Пеја, богатиов син се оженил.
Излегол пак пред кафето и го чека Пеја да го поздрави со пријателскиот поздрав. Но, Пејо разбрал дека се оженил и место познатиот поздрав „добро утро, цар на веков” му запнал едно „добро утро, слуга на веков”.
Се растревожил богатиов и го прашал Пеја:
– Зошто ме направи ти мене слуга на веков?
– Зошто ли? Ќе видиш од утре кога ќе ти забрани жената да седиш вака слободно пред кафето. A остави, пак, кога ќе ти се народат деца, ќе видиш каков слуга ќе станеш.
Овој се налутил, но пак му дал грош на Пеја. Станал, си отишол дома и си ја избркал невестата, а утредента пак седнал на своето место пред кафето и одвај чекал да помине Пејо и да го поздрави како понапред со „добро утро, цар на веков”. Но Пејо ја разбрал и оваа работа и уште оддалеку му викнал:
– Добро утро, резил на веков!
Овој скокнал од столот и му се приближил на Пеја готов да му удри една преку очи што го навредил. но решил првин да го праша:
– Зошто сум резил на веков, бре пријателе?
Пејо се насмевна. се поистави два-три чекори и му одговори:
– Зар има поголем резил од овој да си избркаш златна невеста за едно „добро утро, цар на веков”?
Но тоа не можеше да го разбере горделивиот богаташки син, а Пејо не сакаше да му го полни умот понатаму, си го јавна магаренцето и си отиде во своето Мариово да им раскажува на Мариовците какви горделиви и глупави луѓе има на светов.

Како секаде што има богаташки синови што не работат ништо, така и во Прилеп имало во старо време некој таков.

(more…)

ИТАР ПЕЈО И СЕЛАНИТЕ РИБОЛОВЦИ – хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО И СЕЛАНИТЕ РИБОЛОВЦИ (слична на онаа „Магаре јавај – магаре барај”)
Тргнале еден ден неколку селани Мариовци да одат на Црна да ловат риби. Ловеле што ловеле, си кинисале да си одат дома. И таман на неколку чекори од реката некој привикал:
– Mope, селани, ние ловевме риби, се буткавме по површината на водата, ама којзнае дали не се удави некој од нас. He правиме лошо да се преброиме.
Го одобриле сите предлогот и застанале, а прелагачот почнал да брои. Еден, два, три, четири… дотерал до осум.
– Ами чаре – извикал тој. – Ние тргнавме девет, a се враќаме осуммина. Значи еден од нас се удавил! – констатирал бројачот.
Почнале сите да бројат – осум па осум. Ниеден од нив сам не се броел. И си тргнале кон селото, и си заплакале. Еден се удавил денеска во Црна, ама кој е ни самите не знаат.
Оделе што пооделе, ги сретнал Пејо и ги видел уплакани. па ги прашал:
– Што сте така уплакани, бре, кршоборци? Овие му раскажале дека еден се удавил денес-
ка, но не знаат кој е.
Пејо ги прашал колкумина тргнале утрината и веднаш ја разбрал работата, но решил да ги насамари за нивната глупост, па им рекол:
– Лесно ќе провериме, џанам. Ајде легнете тука на песокот и забодете ги носевите во него. Колку дупки ќе направите – толкумина сте живи.
Легнале селаните, ги заболе носевите во жешкиот песок и направиле по една дупка. Кога станале, почнал Пејо да ги брои – излегле девет!
Се израдувале селаните зашто никој не се удавил и му дале на Пеја од рибите да му ја платат мудрата постапка што открил дека се нема удавено ниеден од нив.

Тргнале еден ден неколку селани Мариовци да одат на Црна да ловат риби. Ловеле што ловеле, си кинисале да си одат дома. И таман на неколку чекори од реката некој привикал:-

(more…)

ИТАР ПЕЈО И СТАРИОТ АРАМИЈА – хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО И СТАРИОТ АРАМИЈА
Некојси прочуен арамија слушнал за итроштините на Пеја Итроманецот и решил да го испроба својот- арамиски- занает. Го нашол еден ден в чаршија и му предложил да го научи да краде.
– Добро – му одговорил Пејо, мислејќи си во себе дека не е лошо човек да знае нешто повеќе. И тргнал со арамијата.
Поткраднале што поткраднале ситни работи по чаршијата, отишле и в село. И тука украле по некое јагне, jape, кокошка, јајца и арамијата видел дека ќе го бидува Пеја и за оваа работа, и решил да го подложи на најзрел испит, па му рекол:
– Знаеш што, Пејо. Ти го испече донекаде мојот занает, но денеска треба уште нешто да ти кажам и да те испробам, па ако излезеш и тука како што треба, ќе ти дадам диплома од занаетот. Ене ондека на врбана има страчкино седело, во него има јајца на кои лежи страчката. Гледај ти сега како ќе и ги украдам јас јајцата, а да не сети страчката и да летне. – И се качил стариот арамија, го продупил седалото одоздола и и ги украл сите јајца на страчката без да го забележи и да летне.
Арно ама, во тоа време Пејо се качил по него. Дури арамијата занесен во кражбата, Пејо му ги одврзал бечвите и полека-полека му ги збутнал, та слегол и ги скрил во трњето крај врбите.
Кога слегол арамијата и се видел без бечви, му ја подал раката на Пеја и му рекол:
– Дај ми ги, Пејо, бечвите и оди ми со здравје. Го положи и овој испит одлично.
Така Пејо здобил уште еден занает, но никогаш со него не се користел, зашто не бил арамија по душа.

Некојси прочуен арамија слушнал за итроштините на Пеја Итроманецот и решил да го испроба својот- арамиски- занает. Го нашол еден ден в чаршија и му предложил да го научи да краде.

(more…)

ИТАР ПЕЈО И ВЛАДИКАТА – хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО И ВЛАДИКАТА
Како сите владици, така и битолскиот ја посетуваше својата „паства” барем еднаш годишно, та еден ден тргна и по Мариово. Патот го одведе и во Пејовото село Градешница. Селаните го пречекаа, како што се пречекува владика: со зелници, со мазници, со кокошки, со јајца итн., и му се испоплакаа од разни зулумџии, та дојде редот да му се поплачат и од Пеја.
– Каде не газат агите и беговите, дедо владика -рече коџобашијата – па и од овој нашиов Пеја дерман немаат селаните. Често ги напаѓа, ги кара, та дури и ги пцуе. Ни е стемнето понекогаш пред очите, та ни иде да се селиме од селото.
My расправи за разни Пејови кавги и пцости, и во името на селаните го помоли владиката да му го бара чарето на Пеја, ако не сака сите да го напуштат селото.
Владиката. како владика, ја сфати сериозно работата, ги смири селаните и му нареди на протуѓерот да му го викне Итар Пеја. Овој му кажа на Пеја дека селаните се жалат на него и дека ќе треба да се поправи. да не ги навредува, да не ги кара и пцуе.
– Така си е, дедо владика – одговори Пејо. -Ама послушај ме и мене што ќе речам, па после пресуди. И почна да си ги брани своите постапки:
– Ако молчи човек кога моите селани тресат глупости, го прават будала. Ако почне да им се смее, што си заслужуваат, го прават улав. А еден умен човек не може да дозволи будалите да го прават од нив побудала и да го газат како што сакаат тие, та ќе гледа некако да се одбрани. И мравката, што е мравка ако ја нагазиш, ќе се заврти да те укаса: а не пак јас жив човек! Морам со нешто да се бранам, па најпосле дури и со пцости. А дека тие го заслужуваат, ќе се увериш и сам ако сакаш.
Кога го ислушал владиката Пеја, му рече:
– Добро, Пејо. Ги слушнав тужбите од селаните, те слушнав и тебе, но јас би рекол да се откажеш ти од тој твој табиет и да не се караш со нив.
– He може, дедо владика, не може! Треба да сум глув или спеп,па да не ги слушам и да не ги гледам нивните глупости, та да не им давам по капата. Нека излезе некој од моите селани и нека докаже пред тебе дали сум го навредил без причина? Тогаш, еве, овде е тенко – и покажа на својот дебел врат – земи го ножот, заколи ме на сретсело.
Владиката поразмисли малку па му рече:
– Слушај, Пејо. Бидејќи сите селани викаат на тебе, а за да се смири селово, ќе дојдеш ти со мене. a јас ќе се погрижам да те одучам од таа мана.
Пејо се согласи и тргна со владиката по другите мариовски села.
Уште на крајот на Пејовото село владиката му даде едно бело камче на Пеја и му рече:
– Кога ќе се налутиш нешто и гледаш дека не ќе можеш да се воздржиш, клај го камчево в уста и држи го под јазик дури да ти помине лутината.
Пејо го послуша владиката и го кладе камчето во устата уште тука, та цело време не проговори ни збор.
На враќање патот го наведе владиката пак преку Пејовото село и Пејо излезе до крај село да го испрати и да се прости со него.
Токму на излегување од селото, од последната куќа истрча едно девојче пред владиката и почна да го моли:
– Дедо дуовниче, дедо попе – мислејќи дека владиката е некој калуѓер или поп.
– Мајка ми многу те моли да почекаш малку.
Запрета една погача во огнот и ете бргу ќе биде готова, ќе ти ја донесе да ти се најде за патем. – Тоа го рече девојчето и си отрча дома. Владиката застана со сета дружина на патот да ја
чека топлата погача. Помина доста време, но од куќата никој не излегуваше. Најпосле почна да вика владиката:
– Ајде моме, ајде побргу, ќе задоцниме. Далеку е Битола.
На тоа викање излезе девојчето на вратата и почна да се смее:
– Ха, ха, ха! Ама сте биле будали! Та каква погача чекате? Таман мајка ми почна да ја насадува квачката и си рече: ..Их. да има сега некој поп да излажам, сите пилиња црни ќе ми се испилат”. и вие поминавте па јас ве излагав. Туку одете си. одете си, не чекајте ја погачата. зашто не е ни месена, a камоли печена. – и се скри дома смеејќи се слатко.
– Е,  дедо владика? Што ќе речеш ти сега на ова? Да го плукнам ли сега камчево? – му се обрати Пејо.
Овој се насмевна, го благослови Пеја и му рече:
– Оди. Пејо, и прави како што си правел и досега. Ти си умен и итар човек.
Така Пејо го испратил владиката и се вратил да се расправа со селаните.
 
II
Кога одел Итар Пејо со владиката по мариовските села овој го навредил нешто Пеја, и Пејо, по свој обичај, не сакал да му остане должен, ами намислил веднаш да му се одмазди. Почнал да мисли како ќе го стори тоа и го скроил планот.
Кога беа близу до едно од мариовските села, Пејо го помолил владиката да го пушти малку понапред, да му соопшти на попот дека иде владиката, да се потсуреди домаќинката, да ја подзачисти куќата, да позамете, па… нешто и за вечеринка да приготви. He е шега – владиката иде.
My се свиде на владиката предлогот од Пеја и му дозволи.
На разделбата Пејо како да се поприсети нешто, се врати и му вели на владиката:
– Знаеш што, свети владика. Попчето во ова село има стар татко на кого непара му се дослушува, та ако дојде редот со него да проговориш некој збор, ќе треба повеќе да подвикнуваш ако сакаш да те слушне.
– Добро – рече владиката и си го кладе в ум ова што му го кажа Пејо.
Пејо се раздели од владиката и неговата дружина и се истрча напред да му јави на попот дека вечер ќе има гостин владика. Но не заборави потајно, со дикат, да му шепне на стариот попов татко дека владиката е глув, та ако сака нешто да проговори со него, ќе треба мошне да подвикнува ако сака да го чуе и да го разбере.
И стариот си го кладе ова во умот.
И, како што се пречекува владика, излезе попот со фамилијата и со други селани пред портата. Владиката го виде старецот и се сети што му рече Пејо за него – дека ќе треба да подвикне кога ќе зборува со него. А и старецот исто, та почнаа да се надвикуваат.
– Добро вечер, старчееееее – почна прв да вика владиката колку што може и не може.
Старецот го слушна силниот глас на владиката и си помисли: „Навистина бил глув”, та со уште посилен му одговори:
– Дал ти бог, добро, свети владикоооооо!
– Како си, старчееееее!
– Сполај богу, свети владикоооооо!
– Што правиш, што чиниш, се крепиш ли со староста? – го распраша владиката старецот со викање, а овој со уште посилен глас му одговараше.
„Навистина бил глув стариов”, си помисли владиката кога го слушаше стариот како вика.
Влезе владиката дома, седна на поставената трпеза, стариот како домаќин седна спроти него, водат разговор за разни работи, но куќата се цепи од викотници.
Најпосле му удри в ум на владиката да го праша стариов:
– Ами одамна ли си глув, старчеееее?
Овој запна уште повеќе да вика и му одговори:
– Ами јас не сум глув, туку ти одамна ли си глув!?
Владиката ја разбра работата и го спушти гласот па му вели:
– А бре и јас не сум глув, туку на душа нека не има Пејо. Обајцата си ги искинавме гркланите викајќи. Нејсе, нејсе. Пејова работа. Навистина човек со него не требало да сади краставици – се насмевна владиката и го симна гласот и разговорот почна „како господ што рекол”, пополека.
За сето ова време Пејо и другите селани во другата одаја се држеа за стомак кога ги слушаа како се надвикуваат владиката и стариот попов татко.

Како сите владици, така и битолскиот ја посетуваше својата „паства” барем еднаш годишно, та еден ден тргна и по Мариово. Патот го одведе и во Пејовото село Градешница.

(more…)

ИТАР ПЕЈО ЛЕКУВА СЕЛАНЕЦ УКАСАН ОД ЗМИЈА – лаги, смешки, хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО ЛЕКУВА СЕЛАНЕЦ УКАСАН ОД ЗМИЈА
Во Пејовото време живееле двајца браќа, и, како сите живи луѓе, и тие купувале сол. Арно ама, им се видела солта скапа, та гледајќи како расте житото, решиле да посеат и сол и да не даваат пари за неа. Намислиле и направиле. Посеале цела нива сол, но на нивно „големо чудо” не никнала.
„Ајде, белки семето не чинеше оваа година -си рекле браќата и в година посеале друго семе, поодбрано, но и тоа не никнало. На третата година -исто. Најпосле си рекле браќата:
„Треба нешто да го јаде семето во земјата та што не никнува” и отишле на нива да видат што може да го јаде ова семе.
Почнале да копаат и случајно удриле на една змија.
– Ах, еве го штетникот! – радосно извикале браќата во еден глас. Но за да се уверат дека змијата им го упропасила семето, едниот брат му рекол на другиот:
– Чекај, јас ќе ја лизнам змијата, да видам дали е солена. Ако е солена, значи таа го јаде семето. – И се наведнал да ја лизне змијата. Но како секоја змија, така и оваа, гоукасалаовега за јазикот. Отровот си го направил своето, и овој почнал да стенка, да офка и да се грчи од болки и тежини и да фрла пена од устата.
Здравиот брат се видел в чудо и почнал да го прашува укасаниот што сака да касне.
Извадил од торбата лен и му подал, но тој ни да го помириса.
– Белки сакаш лук, бре брату? – го прашал здравиот и му дал едно главиче лук, но болниот и него не го помирисал. Најпосле го качил на магарето и го однесол дома да го лекува.
Mope, му баеле бајачки; море, го пеал попот за здравје; море, го понадувале со разни понади – но нема лек од ништо.
Ех, кога ни тиква што е тиква не јаде, значи болеста е неизлечива, утврди една од бајачките.
Најпосле се сетил некој од присутните да го викаат Пеја Итроманецот. Тој ако не најде лек, отиде човекот, нема спас.
Пратија човек и по Пеја, и тој дојде. Го разгледа болниот убаво – убаво, ја разбра работата, па им вели:
– Тешка болест, ама ќе се обидам – и го побарал ножот што ги колат маториците. Го понаострил од плочата под огниште и му го даде на брат му:
– На – рече – пресечи му ја главата, да се спаси телото, па после јас друга ќе му турам, ако остане жив.
Мавна братот и му ја отсече главата на болниот брат.
Почекаа сите околу трупот и бидејќи тој без глава не мрдна. Пејо немаше зошто да му клава друга глава на мртвото тело.

Во Пејовото време живееле двајца браќа, и, како сите живи луѓе, и тие купувале сол. Арно ама, им се видела солта скапа, та гледајќи како расте житото, решиле да посеат и сол и да не даваат пари за неа.

(more…)

ИТАР ПЕЈО И ТУРЧИНОТ – лаги, смешки, хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО И ТУРЧИНОТ
Спечалил Пејо некое време и маска и со гордост тргнал и тој на пазар со жито како Мариовците чорбаџии. Арно ама, и маската како стопанот – била улавка. Клоцала, касала, а најголемата маана и била таа, како на сите маски, што не се водела.
Ја дотерал некако Пејо до некаде и ја фатил за огламникот да ја води. Но таа толку се тегнела што просто морал да ја влечка по него.
My се здодеало и почнал на глас да ја колне:
– Муууууц, волкот да те изеде, да рече господ златен да се потурчиш.
Влечкал така, колнел, но назад од гордост не се завртувал.
Кога навртел долу во полето, го настигнале некакви Турци и незабележливо му се приближиле одзади. А Пејо се си вика: „Муууууц, волкот да те изеде, да рече господ Турчин да се сториш”.
Го слушнале Турците и полека – полека ја изоглавил еден маската, а другите ја отерале на друга страна сосе жито.
Турчинот што ја изоглавил маската, си го наврел огламникот на вратот, и откако видел дека маската ја отераа другарите, почнал толку да затегнува назад, што Пејо морал да се сврти. И кога погледнал – што да види. Неговата маска навистина се претворила во Турчин. Застанал како скаменет, се завртел спроти сонце, ја симнал својата „валаница”, се прекрстил и си рекол: „Ех, сполај ми ти, бре боженце, зашто ми ја слушна молитвата да можам и на Турчин да појавам”, и му се завртел на Турчинот да го јавне. Овој почнал да се брани, но Пејо го притенал со огламникот, го репнал по ребра со ластегарката, го изгазил убаво – убаво и го скротил. A овој видел дека лесно може и главата да ја изгуби, та застанал, а Пејо го јавнал по сите мариовски правила на јавањето. Го потерал и право во Прилеп.
Кога влегол в град јаваница на Турчин, целиот град тргнал по него, а тој го дупи во вратот со ластегарката и вика: „Муууц, мууц, волкот да те истури”.
Јавајќи вака низ чаршија, го забележале неколку заптии, го симнале од „маската” и го собрале да го тераат кај кадијата. Но Пејо цврсто го држи огламникот да не му побегне „маската”.
Излезе пред „честитиот кадија” и Пејо искрено му раскажал како ја колнел маската и како господ му ја слушнал молитвата, та рече дека „таа е господова работа” и што е тој тука крив што го послушал господ и што јава на Турчин.
Кадијата го слушнал и Турчинот на кој начин станал Пејова „маска” и пресудил да му се врати на Пеја маската сосе жито и да му платат една лира денгуба што го задржале од работата. Ако не, Турчинот да остане Пејова „маска”.

Спечалил Пејо некое време и маска и со гордост тргнал и тој на пазар со жито како Мариовците чорбаџии.

(more…)

ИТАР ПЕЈО МУ ВАДИ ЗАБ НА СЕЛАНЕЦ – лаги, смешки, хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО МУ ВАДИ ЗАБ НА СЕЛАНЕЦ
Еден од Пејовите селани го заболел заб Кај ќе оди да го вади ако не кај Пеја?! Отишол и го прашал:
– Знаеш ли, Пејо, да вадиш заб?
– Знам, како да не знам – одговорил Пејо. – Ор тоа полесно што има? Само ти седни на столчево и биди мирен – и му го подаде смрековото столче со три нозе на кое беше провртена на средината дупка да си ги закачуваат жените вртешките кога вијат основа или јаток.
Седна селанецот, а Пејо се засука да работи. Наостри еден кол и го забоде во земјата пред селанецот. Потоа исука еден дебел конец и го врза едниот крај за колот, а другиот за забот од селанецот. Се заврте зад него и си зеде една игла бабушка та полека-полека го боцна од дупката од столот, а забот остана на конецот.
Фаќајќи се селанецот за боцнатото месо почна да вика:
– Т-и-и-и! Колкав корен имал овој заб, дури долу ме заболе – си отиде задоволен од Пејовиот мајсторлак, уверен дека коренот од забот бил долг дури до дебелото месо и дека болките од иглата се болки од извадениот заб.

Еден од Пејовите селани го заболел заб Кај ќе оди да го вади ако не кај Пеја?! Отишол и го прашал:- Знаеш ли, Пејо, да вадиш заб?- Знам, како да не знам – одговорил Пејо.

(more…)

Itar Pejo – МАРИОВЦИ – КРШОБОРЦИ – лаги, смешки, хумор од Мариово

МАРИОВЦИ – КРШОБОРЦИ
Тргнал Пејо со група свои селани в планина за борина. Арно ама, никој не понесол секира. И кога дошле во планината и ги побарале секирите да сечат, сите почнале да се жалат. Но тука бил Пејо да ја нареди работата и почнал да ги советува:
– Знаете што, браќа. Еве што ми текна мене: јас ќе се качам на боров и ќе го фатам за врв, а вие фаќајте се еден за друг за нозе, првиот за моиве, се разбира. Од нашата тежина борот ќе се искорне и ние ќе си го однесеме дома, цел и ќе си го поделиме. Лошо ли ви викам?
Се качил Пејо на борот и ги фатил за врв. За неговите нозе се фатил еден од селаните, за него друг, за овој трет и така редум до последниот. Борот го иоднаведнал врвот. но далеку бил од корнење.
Тогаш Пејо привикнал одозгора:
– Држете се. браќа, добро да си илукнам на рацете да земеме троа сила – и го пуштил врвот, та сите селани се нашле на земја еден врз друг. Пејо паднал врз селаните, кои мошне се испребиле. Некој скршил нога, друг рака, а еден – и ребрата и почнал веќе да умира, а Пејо го теши:
– Што се смееш, пријателе? И јас си го удрив коленцето – и станал та си отишол дома да им раскаже на жените како се бере борина без секири.

Тргнал Пејо со група свои селани в планина за борина. Арно ама, никој не понесол секира. И кога дошле во планината и ги побарале секирите да сечат, сите почнале да се жалат.

(more…)

ИТАР ПЕЈО И ГОСТИЛНИЧАРОТ – лаги, смешки, хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО И ГОСТИЛНИЧАРОТ
Пошол Пејо една сабота на пазар во Прилеп со своите Мариовци и излегол в чаршија да се прошета и да ја разгледа. Се запрел пред една гостилница: вриеле тенџерињата со разни манџи. My потекле слинки од убавата миризба, ама немал парички да влезе да повечера. Затоа си извадил од торбата едно парче лебец и отишол кај тенџерињата и почнал да си го топи лебецот на пареата што излегувала од нив, та така поомекнат почнал да си грицка од него. И таман сакал да се истави од тенџерињата, почнал гостилничарот да му вика однатре:
– Еј, побратиме, камо пари што си го натопли лебот?
Пејо се зачуди што му побара пари кога не сркна ни една лажица од манџата. Но гостилничарот истрча надвор и го грабна да го тресе и да му бара да плати за пареата. Пејо почна да се брани и да докажува дека нема зошто да плаќа, но овој го нападна и му рече:
– Ќе платиш како попче што си го натопли лебот. Ако не беше оганот под тенџерињата, немаше да има пареа, а за огнот се потребни дрва за кои јас сум дал пари. И затоа ќе платиш, или ќе ти удрам десет стапови.
Виде Пејо дека на правина ќе јаде ќотек и почна да мисли, па наеднаш ја погледна својата сенка од вечерното сонце и му вели:
– Е, добро де, добро. Ќе ми удриш, ќе ми удриш. Ајде земај го стапот.
Гостилничарот изнесе еден голем стап и сакаше да го налегне Паја за да му ги удри десетте стапови, но Пејо го фати за раце и му вели:
– Удри, побратиме, ако сакаш и сто стапови, по мојата сенка, зашто ако не сум овдека нема да ја имаше и неа.
Сите присутни слатко се насмеаја и го пофалија Пеја, а гостилничарот го викна во гостилницата и го навечера од најслатките манџи поради мудрата Пејова одбрана.
 
Дошол другпат Пејо кај гостилничарот и си порачал една ваганка манџа да си појаде. Кога се наручал Пејо, дошол гостилничарот, си ја зел ваганката и лажицата и му побарал пари за манџата, велејќи:
– Е, побратиме, некни ме измами ти и не плати што си го натопли лебот на пареата, ама сега не можеш да мрткаш. Давај го грошот ваму.
Гледајќи го Пејо како си ги собира ваганите и лажиците, наеднаш се присети на некаква досетка и го извади грошот. Но наместо да му го тури во раката на гостилничарот, тој го удри силно од масата и веднаш си го зеде назад и си го тури в џеб, велејќи:
– Мене грошот, а ти земи си го звукот од него, зашто и ти си ги прибра ваганките и лажицата.
Кога гостилничарот почна да протестира што не плаќа, Пејо го потсети на понапрежниот случај со пареата, па му вели:
– Да не беше мојот грош, немаше да има и звук – и пак измрда од плаќањето.

Пошол Пејо една сабота на пазар во Прилеп со своите Мариовци и излегол в чаршија да се прошета и да ја разгледа. Се запрел пред една гостилница: вриеле тенџерињата со

(more…)

ИТАР ПЕЈО МОМОК КАЈ ПОПОТ – лаги, смешки, хумор од Мариово

ИТАР ПЕЈО МОМОК КАЈ ПОПОТ
Во наше Мариово многу убави обичаи има. Еден од нив и до ден-денеска се задржал, и многу е арен. На пример: Кога ќе заколе некој домаќин свиња, ќе им однесе на соседите по едно парче удина, малку црн и малку бел дроб колку за внуш и благослов, со здравје да си го јаде домаќинот крмакот.
Во старо време овој обичај бил уште поарен за поповите. Секој домаќин му носел на попот по едно парче мевце, дропче, па и по некое главче паѓало. Арно ама, кога ќе го заколел попот крмакот, требало да го повика целото село на ручек или на вечера.
Кога бил Пејо момок кај попот, тој намирисал да измрда од овој обичај, да не ги вика селаните на ручек или на вечера, та решил да се посоветува со момокот, што ќе рече тој.
Пејо го разбра попот што сака, па му вели: – Лесна работа, дедо попе. Еве што ќе направиме: ќе ја заколеме свињата, ќе ја исчистиме вечерта и ќе ја обесиме на чардакот да видат селаните кога ќе се враќаат од работа дека утре ќе јадат поповски курбан. А ти ќе ја скриеш през ноќта некаде и изутрина рано ќе викаш дека некој ја украл!
Речено – сторено. Ја заклале вечерта свињата, ја обесиле на чардакот и ја оставиле ноќта да се олади. Само нозете и ги пресекле.
Селаните – кој помина оближи се. Утре ќе јадат пресно месо од поповиот крмак, а што е најглавно, ќе сркнат и од убавото попово винце.
Пејо пак, уште вечерта кога си легнаа попот и попадијата, си стана, си ја зеде свињата цела и си ја однесе дома. Ја суреди убаво и се врати на местото каде што си спиеше.
Кога се разбуди пред зора попот отиде на чардакот да ја скрие свињата – шипинки! Ни свиња, ни од свиња трага. My отиде на Пејо каде што спиеше, го затресе за рамениците и му вели:
– Mope, Пејо, стани! Некој ја украл свињата! Пејо се затркала, се прозевна и му вели:
– Така треба да велиш, попче. Прво мене треба да ме убедиш дека ја украдоа, па после другите селани.
Попот се лути и вика, а Пејо се едно и исто:
– Така треба да велиш, попе!
Што ќе му прави, го остави, нека го носи ѓаволот. Но реши барем да го изнатепа добро.
Каква маана да му најде не знае, сиромашкиот поп? Го натера да ги стави нозете да се варат за ручек. И таман Пејо мрдна некаде, попот дојде, ја извади од тенџерето едната нога и ја скри некаде дома, да му најде кривица да го тепа и да го напади без руга.
Арно ама. кога се врати Пејо погледна во тенџерето и виде дека само три нозе има и се сети дека попот ја има извадено едната за да го натепа. Бргу, бргу отиде во кочината, кај што лежеше другата свиња на попот. Вака со ножот, и ја потсече едната нога и ја фрли во тенџерето.
Попот, пак, се поразмисли и виде дека Пејо не е многу крив за случката, ами тој самиот си го направи за да не им даде на селаните од свињата, се врати назад и ја пушти земената нога во тенџерето. И сега, од една свиња се варат пет нозе!
Кога седнаа да ручаат, пробуричка попот со лажицата и виде пет нозе, па му вели на Пеја:
– Mope, Пејо, колку нозе има една свиња? Пејо се сети и вели:
– Mope, попе, колку нозе имаат две сињи?
– Mope, Пејо, колку нозе има една свиња?
– Mope, попе, колку нозе имаат две свињи?
И се така, и дури попот не кажа колку нозе имаат две сињи, Пејо не сакаше да каже колку нозе има една свиња. И кога попот рече дека две свињи имаат осум нозе, тогаш Пејо извика:
– Ах, така! Да си ми жив, попе! Пет нозе во тенџерето и три на свињата во кочината – токму осум.
Иако не му беше мило, се насмеа попот отсрце и го напади Пеја од дома, ама му плати за сето време што го служеше.

Во наше Мариово многу убави обичаи има. Еден од нив и до ден-денеска се задржал, и многу е арен.

(more…)

Itar Pejo – ОБЛОГ – лаги, смешки, хумор од Мариово

ОБЛОГ
Две – три прилепски бежиња разбрале за итроштините на Итар Пеја и таман дошол Пејо во Прилеп на пазар, го нашле на анот и, за да го насамарат, му рекле:
– Ајде, Пejo, да се обложиме дека не можеш да преседиш ноќеска на ќерамиди. Ако преседиш, ќе ти дадеме сто лири.
Било зима и многу студено та бежињата си мислеле дека Пејо не ќе се согласи со облогот. Па и ако се согласи да остане ноќеска на јасникот, нема да остане жив.
Арно ама, Пејо го заскокоткаа ребрата за сто лири и си вели:
„Стопанка му. Јас сум сиромав, па сиромав. Ако останам жив, ќе и речам збогум на сиромаштијата, а ако умрам од студ – ќе се спасам од неа. Кога да видиш, жив – умрен, на ќар сум!” И реши да се обложи со бежињата.
Го качија ноќта на една куќа на ќерамиди. Ни сакме ни гуне, ништо не му дадоа да си земе. Тресе Вилици Пејо, тенџере клинци и плочи цела ноќ. Нели пукна зора – се осамна, достиска душа, не умре!
Кога дојдоа изутрината бежињата, за чудо, Пејо еве ти го каде мртка на ќерамидите. Слезе кутриот, се порастрча нагоре – надолу да му се пуштат дамарите, да се позатопли, и им отиде да им ги бара парите.
Овие небаре се зачудија, па му велат:
– А бре, Пејо, како остана жив ти ноќеска? Можеби навали оган на ќерамидите, што ли?
Пејо почна да се брани, па им вели:
– Mope ни оган запалив, ни ништо, туку давајте ги парите, не играјте си мајтап со мене, сиромав!
He, брате. Бежињата сакаат да измрдаат од облогот, а Пејо сака да си ги земе заслужените сто лири. Почнаа да се расправаат: – Бре, си се греел негде! – Бре, не сум ни видел оган. – He, си се греел? – Бре, јок. Најпосле му падна на ум на едно од бежињата и го праша Пеја:
– Ама ич нигде не виде оган ноќеска, бре Пејо?
– А бре, агачко, видов таму негде во планината под Крушово, туку оттаму доовде колку е далеку?
– A, a, а, ах! – повикаа сите бежиња во еден глас. – Ти си се греел, ќерата, цела ноќ, па сакаш од нас пари да земаш, а? Ај, сиктер оттука да не ти ги скршиме коските.
Што ќе прави Пејо, сиромав. Си киниса, си заплака. Се греел од триесет километри далечина. Но што ќе прави: кај е сила – нема правдина.
Оди време, оди, дојдоа истите бежиња на лов по Мариово и ги донесе ѓаволот и во Пејовото село.
Бре ош, бре дрш. Пејо ги пречека како што се пречекуваат бегови, но му падна на ум нивната подигравка па си намисли да им врати мило за драго. Ќе ги вика Пејо, денеска на ручек!
Тие одвај дочекаа мувте ручек, се надеваа дека ќе падне и ракија, алва, и најмногу од се – белки Пејовица е млада да ги послужи. И дојдоа кај Пеја. Се вртка, се шутка Пејо, домаќин е. Носи ракија, кафе и излегува понабргу да види дали е готов ручекот.
Помина дванаесет часот, ручекот уште не е готов. Помина едниот, па двата, па трите, се стори ужина, ручекот од Пеја никако да втаса!
– Ајде бре, ќерата, Пејо, зошто не го носиш ручекот? – прашаа бежињата.
А Пејо се насмевнува под мустаќи и им вели:
– Уште малку, агачко, уште малку, беже, – и излегува почесто да види дали е печено телето. (Така ги излага, дека ќе им пече теле).
Најпосле им се стемни на бежињата, ги сви цревцето за јадење и станаа да видат каде се пече или вари ручекот.
Кога го прашаа Пеја каде е ручекот, тој ги зеде по него и им вели:
– Елате да видите! – И ги одведе во градината под една топола. Под тополата навален оган, а нигде нема ни котел да вари, ни ражен да се врти, ниту пак нешто да мириса на манџа.
– Каде е телето, бре пезевенк? – се разлутија бежињата на Пеја. А Пејо одвај го дочека прашањето, па им вели:
– Ене го ене-е-е-е котелот од телето – и им го покажа со главата на врвот од тополата – туку уште малку не е доварено месото!
Бежињата се налутија и почнаа да се готват да го маваат што ги излага, па му вели едно од нив:
– Кога се видело и чуло, бре ќерата, на врвот од тополата месото, под тополата оганот, па да се свари?
– Ами како се греев јас, беже, од Прилеп, а огнот во Крушево?! Парите, пезевенци низаедни, зашто сите сега ќе ве исколам – им се пофали Пејо и го извади од чорапот својот анџар, со кој си го тераше тромото магаре, дупејќи го во вратот.
Видоа не видоа, бежињата ги одврзаа ќесињата, му дадоа на Пеја сто лири и си тргнаа гладни, та дури во Прилеп.

Две – три прилепски бежиња разбрале за итроштините на Итар Пеја и таман дошол Пејо во Прилеп на пазар, го нашле на анот и, за да го насамарат, му рекле

(more…)

Itar Pejo – КАКОВ БИЛ ИТАР ПЕЈО – лаги, смешки, хумор од Мариово

КАКОВ БИЛ ИТАР ПЕЈО
По кажувањата на „очевидци” (кои никогаш не го виделе) Итар Пејо бил ваков.
На слика: низок, шишкав, со голема глава одоколу бричена, на средето кинеско перче, со широко испупчено чело, со големи широки уши и големи воловски очи, со дебели образи, широка уста, шеплест нос, со надолу наведени рунтави мустаќи. Нозете му биле криви – пајмаклии што се вели за кај коњите, и куси, стапалата мечкини, рацете куси, но дебели во прстите. Широк во плеќите, дебел, а кус во вратот.
Од облека Пејо носел: на главата бела валаница – капа слична на арнаутско кече, широка бела кошула опашана преку половината со сиџимка. Гра-дите, и зиме и лете му биле разградени, но заштитени од студот од честите и дебели влакна – козина. На нозете носел волнени бели гаќи на голо месо, та да не ја стега сиџимката со која ги врзувал и да не го глода по колковите, повеќе ги придржувал со десната рака да не му навртат под колена. Зимно време носел истуткани чорапи и свински опинци, а лете одел бос само по опинци. Одел од кол на кол и во снегот си правел пат со колениците. Спиел по зајачки – со отворени очи, а кога јадел ја кривел долната вилица, наместувајќи ги залаците на здравите заби.
Каков бил во умот Пејо, ќе ни го претстават приказните во оваа книшка.

По кажувањата на „очевидци” (кои никогаш не го виделе) Итар Пејо бил ваков.На слика: низок, шишкав, со голема глава одоколу бричена, на средето кинеско перче,

(more…)

Close Menu