Itar Pejo – ПЕЈОВА „УСЛУГА” – хумор од Мариово

Booking.com

Една година Пејо заклучи договор со воената единица што беше во Мариово да доставува за аскерот месо и дрва.

И не му беше тешко. My даде забитот (офицерот) десетина — дваесет лири аванс и Пејо ја почна работата. Купи денеска од еден селанец дватрипет брави, продади го месото на војската, земи дветрипет лири, плати му ги на чорбаџиите бравите … Го разбраа селаните дека е контракчија на аскерот, па почнаа и на вересија да му ја даваат стоката. Кога ќе ја продаде — тогаш ќе им ја исплати. И така тераше Пејо на општо задоволство, и на аскерот, и на селаните, и свое, бидејќи му оставаше по некоја и друга лира печалба за заметот што трча и што ги коле бравите.

Командирот на оваа воена единица беше младо момче — јусбашија — (поручник) и како млад човек, по тогашната „мода” (збор става за турско време) си фати една мариовка посестримка (љубовница што би рекле сега), и да ја израдува, му рече на Пеја, кога ќе купува стока за војската, да купи и едно убаво јагне за Катето, да го води со неа „даше”. Сите мариовски девојчиња водат од Ѓурѓовден до Петровден по едно јагне, кое го викаат „даше”. Ги китат со разни китки, им ја бојосуваат волната, ги хранат со леб, леблебија, суво грозје, ги водат по плетвата на пасење. Co еден збор самите јагниња се еден украс на девојчето што ги води. Затоа и јусбашијата Мефаил му возложи на Пеја да купи едно најубаво јагне и да му го даде на неговото Кате да се гизди со него, л Пејо ја исполни наредбата, купи јагне и запиша на сметката половина лира, која јусбашијата ја плати заедно со продаденото месо за аскерот.

Катето го прими подарокот од својот „побратим” и почна да го кити и храни јагнето со леблебијата, сувото грозје што му ги купуваше Мефаил за двете „јагниња”. Го научи и шеќер да јаде. Убаво пасено, хрането со леб, леблебија, суво грозје и шеќер, за едендва месеци се издигна јагнето и стана цел брав. Направи десетпетнаесет оки месо, и тоа месо, само лојрасол, што се вика по касапски.

Арно ама, таман пред Петровден му дојде на субашијата во ревизија неговиот бимбашија (полковникот), та да се покаже овој пред својот старешина и убаво да го нагости, го викна Пеја и остро му нареди:

— Сега, Пејо, да се покажеш каков лиферант си. Сакам за ручек едно јагне, ама зелка. Знаеш за кого …

Пејо погледна во сонцето, кое веќе баеги беше искочило над Трибор, се позамисли и некако понакисели. He му се одеше в планина по јагне, оти фати горештината. Па и да отиде, далеку се стадата; не може за ручек да го донесе и да сака. Си го кладе прстот пред уше и се замисли далбоко. Јусбашијата не сакаше да повторува; си отиде…

Наеднаш Пејо тропна со ногата, тргна кон дома и почна да се кикоти. За неполн час му однесе на јусбашијата јагне какво ни пашата во Битола не јал ни ќе јаде. Дебело — зелка, како што му рече тој.

— Аферим, бре Пејо, ашколсун, — го пофали самиот бимбашија кога го виде убавото јагне.

Co големо задоволство јадоа од јагнето,

а тоа што остана, јусбашијата му го стави на својот полковник во дисагите за патема.

Се отстрами јусбашијата од својот началник и немаше зборови да му благодари и да го нафали Пеја за брзата и добра услуга со јагнето.

Поминаа дватри дни од посетата на бимбашијата и Катето му се поплака на Мефаила, дека „дашето” и загинало ненадејно. Мислела во прво време оти е побегнато со некое стадо, но татко и и брат и три дена го бараат и нигде не можеле да го најдат. И Ката пред Мефаила го исплака „дашето”.

Мефаил се натажи гледајќи ги солзите по Катините образи, ја избакна и почна нешто да се вознемирува.

—           Ах, пезевенк, Пејо, Туку чекај!_ мрмна и тропна со ногата. Отиде во казармата и повика еден од чаушите:

—           Бргу да ми го дотераш Пеја контракчијата, — му рече и зачека.

Пејо си ја имаше мувата на капата, та кога чаушот му рече дека го вика јусбашијата, си го облече кожувчето под кошулата, макар да пукаше земјата од горештина. И отиде во казармата, каде го дочека јусбашијата:

—           А така ти мене отстрами кај бимбашијата, со Катиниот јагне, а? — му се развреска овој и замава со камшикот по Пејовиот грб.

Пејо дочека дватри камшика да му помине автот на офицерчето, па се поистави настрана и му рече:

—           Чекај, Мефаил ефенди, чекај да се разбереме. Ако сум крив, ќе легнам мавај колку што сакаш. Ама мене ми се чини, не само што не сум крив, ами треба и бакшиш да ми дадеш што те отстрамив.

Ти ми побара јагне за ручек, а до ручек немаше ни три часа. Кога ќе одев в планина, кога ќе го носев, колев и печев тоа јагне за ручек? Ако бев те послушал, не ќе стигнеше ни за вечера. Кој ќе беше срамен тогаш? Ти, се разбира. Вака да проштаваш, ама работата се сврши . . . Па, најпосле, зошто да го јадат тоа јагне селанковци, а не ти со бимбашијата? Мислам дека никаква кривица со тоа не направив, та затоа немаш право да ме тепаш, ами напротив, да ми благодариш што се сетив да го направам тоа. Ако е за јагне на Катето, ќе и купиме друго нека се кити со него, — призна Пејо отворено дека го закла Катиното јагне и го убеди Мефаила дека му направи во случајов услуга.

И Мефаил поразмисли, та и тој призна дека Пејо умно постапи. He само што не го налегна да го тепа, ами го почести со алва и ракија и му нареди да купи друго јагне за Катето. Се разбира пак за сметка на аскерскиот таин …

 

Преземено од: Раскази I том, СОБРАНИ ДЕЛА

Автор: СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник: ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ

Редактор: ДИМИТАР МИТРЕВ

НИК „НАША КНИГА’ СКОПЈЕ, 1976

Booking.com