Извадок од монографијата „Градешница” од авторот Трајко Босеовски
Година на издавање: 1997 // УДК 908.497.17
Едно од многуте преданија за орачот и денденеска и во Градешница е зачувано и се прераскажува од колено на колено.
Имено, кога човекот почнал да ја ора земјата, Господ поминал покрај него, престорен во старец, подзастанал и почнал да се чуди на орањето.
– Што гледаш, старче? – прашал орачот. Можеби не ти се бендисува моето орање?
– Синко, не ми се бендисува кога гледам како се мачиш и ти и воловите – одговорил Господ. – Ами, оти така ораш? Откако ќе ја завршил браздата, назад празен се враќаш, за пак од другата страна да започнеш нова бразда? Ами, еве, види, јас како ќе ти покажам: откако ќе ја истераш браздата открај, отаде врати го плугот со орање и изорај друга бразда. така побргу ќе ја изораш нивата и нема да се мачиш. Ајде обиди се.
Зафати така орачот и му се виде полесно и отогај до денеска така си ораат орачите.
По некој ден, Господ пак поминал од кај орачот и прашал:
– Братче, кој те научил вака да ораш?
– Господ ме научи, бре, брате, кој може друг вака да ме научи? – му одговори орачот на Господ.
– Е, нели Господ те научил, тој ќе ти го благослови и семето што ќе го посееш. Од едно зрно што ќе посееш, најмалку четириесет зрна да ти се родат и од тебе другите да чекаат да јадат и да живеат – благословил Господ и си заминал.
Booking.com