Прекари од Мариово

Booking.com

Извадок од монографијата „Градешница” од авторот Трајко Босеовски
Година на издавање: 1997 // УДК 908.497.17

Во текот на минатото, па и денес, покрај презимето многу семејства во Градешница, како и во други места во Македонија, носат посебни прекари, кои во месните жаргони се викаат парамони или надимоци.

 Постарите жители на Градешница се сеќаваат на некои семејства, кои немаат оставено свои наследници, изгаснуваат и нивните прекари. Прекарите се добивани по разни поводи, но почесто по името на најстариот, односно главата на семејството. Бојковци го носат прекорот од некој си Бојко, кој во Градешница се доселил од Бешиште. Петревци по некој си Петре, Марковци по некој си Марко. Биџовци прекарот го добиле по селото Биџово, Егејска Македонија, бидејќи потеклото им е од тоа село. Босеовци од некој си прадедо кој веројатно поради сиромаштија на работа мошне често одел бос.

Според едно предание, кое од колено на колено се пренесува, семејството Гулевци прекарот го добиле наводно од некој си пра или чучук дедо, кој веројатно, пак, поради немаштија на работа одел полугол. Надимакот Луповци доаѓа од некој си Лупа. Самарџиовци, повод е самарџискиот занает. Ковачовски, пак е повод ковачкиот занает. Баснаровци повод е баењето во семејството (баеше дедото Ристе, па ќерка му Мара). Поп Најдови, поради професијата, свештеникот Најдо т.е. чинот поп.

До денешно време, во Градешница, се задржани над стотина прекари: Пенуковци, Дојошевски, Кокошовци, Пушинци и други. На страна 23 од оваа книга се споменати сите прекари во селото, што успеавме да ги дознаеме. Многу од иселените градевци до денешен ден си ги имаат задржано своите прадедовски прекари.

Booking.com