РАСКАЗИ ОД СТАЛЕ ПОПОВ

Booking.com

 

 

МИЦЕ КАСАПЧЕТО

Трајко Лулето умре, вечна му памет, и сета сермија од едно црно магаре, пет кокошки, еден петел и булук овци од шест глави, една кошара и две парчиња ниви, каде зајаците што пасат, ги остави во наследство на единствениот свој наследник, сина си Стојана и жена си Стана.

Бидејќи Стојан остана сирак на седум осум години — некадарен мајка да храни, a сермијата што ја наследи беше „многу голема”, Стана се премажи во своите четириесет и шест години за дедот Тотка Мегленецот на кого тукушто му беше умрела бабата Мара Мегленката.

—           Така, ајде, мори Станке, дојди каде мен да се пригледаме ние двајца стари јунаци — ја повторуваше Тотко својата молба секое среќавање со Стана откако и умре Лулето.

—           Mope крши глава, вапиру еден, ами знаиш ли оти коските ќе ти и сокршат синови ти ако чујат оти ќе се прежениш.

Тој беше одговор на четириесетишест годишното Станче на Тотковите молби.

— Какви синови, мори Станке? Кој е домаќин и стопан на моата куќа, јас или синови ми? Само ти ајде, а, кој сака да седе со нас нека седе, кој не, ене му и патиштата на сите четири страни. Така, јас су сторил ниет, ќе прибирам некоа сиромашка, токо што ќе биде друга, биди ти. He испуштај си го к’сметот шо ти го навел господ. Ела, ела, да видиш шо сермија су спечалил. Земникот ми е п’н со каци, каците се п’ни мас, сирење, урда, сланина. Та веќе оти сете кошеви и мутли се п’ни со в’на и козина ќе видиш кога ќе дојдиш.

Стана го слушаше Тотка, знае оти се потфалува, ама знае оти има нешто и навистина.

Оти Тотко има каци и оти се полни со маст, сирење, урда и сланина — не е лага. Оти има и волна — козина, и тоа може да биде вистина. Уште кога има триста овци и двесте кози, никакво чудо не е да има и маст, и сирење, и урда и волна.

Мислата дека ќе најде полни каци благота и бонлук волна ја заскокотка уште од првата Тоткова понуда да стане чорбаџи Тотковица.

„Ајде да појда” — си велеше насамо. — „Ами дали ќе ми го прибере детето? Ете тоа ошче ми е малечко, оде на школо, дали ќе ми го изгледа; та за некое друго со него слабо да извадиме. Јас, ете и вати педесетина, он може и има поминато, токо баре тоа што ќе го проживеа, белким леб ќе се најада. Најстина ќе пера тричетири рала гаќи, токо, ете неговите веќе се пораснати, та по година две ќе и изжениме, и ќе си го земат гајлето невестите. He права лошо, ако ми го декса детето”.

Co таа мисла го дочека пак чорбаџи Тотка на малата врата.

—           Шо велиш, Станке, ќе правиме ли работа или не? He бркај си го, така к’сметот; пишман ќе бидиш кога ќе гледаш некоја друга да врви со таблата в’на и ведрата млеко покрај твоата мала врата — налегна Тотко да и сепотфалува оти, ако не кандиса таа, друга ќе најде. И ќе најде нели сторил ниет чарбаџијата Тотко да бара.

—           Mope бре, Тотко, ти лели си сторил ниет неоти не ќе најдиш. Камо бради, та за чешли — колку сакаш! Токо пак јас на тоа си стоја. Дали ќе ме сајдисаат децата; да не си направиш некоа омраза со ним. Ете, тиа ти се големки. Ричко веќе ти е ергенче, нека ти е жив, утре, другиден ќе си го прожениш и ете ти домаќинка на куќата. Зошчо пак да зимаш ти жена на староси. — Тука Стана запре да слушне што ќе рече Тотко.

—           Така, јас ти реку, Стане, децата си се за деца, снаите за снаи, ќерките за ќерки, а друшката за друшка. Така, шо зијан они од тебе ќе имаат? А пак јас си и знам моите деца и затоа ти велам: не чуди се, ами дај збор да не ми се двои умот наки ваки.

—           А бре арно, бре Тотко, токо јас не су сама. Ете тој прикрепникот мој, ми остави и авале на главата; шо ќе му права на воа пусто дете.

—           Ту! Голема работа! За тоа ли ти толку стегаш, мори утко? Дете, шо дете? Кај ќе одиш ти, ќе си го водиш и детето. Зар ногу ќе ти бидат три деца, не ќе можиш да и гледаш?

Ајде, ајде, пушчи го срцето. Дај рака и прибери се, и ти и детето. Еве, дури оди на школо, јас ќе ти го гледам, а кога ќе излезе од школото, нека оди со моите деца по стоката и него да го направа домаќин со булук, ѕевгар и товар, та ако су жив, и да го прожениме, да си седне на татковите му камења.

Стана ja зарадува овој Тотков одговор и немаше што да се мисли.

—           Е море, лели велиш така, така нека биде, токо барем нека направи Трајко шест недели, та ружај се, било, к’смет ли такцир ли, ќе се поцрнуам на староси.

На Тотка му светнаа очите. Тој веруваше оти ќе најде баба, ако и по староси, ама оти толку бргу ќе најде, пак не му се фаќаше вера. И така си е тоа: ако на еден не му се стемни, на друг не му се осамнува. Ако не умреше Лулето, немаше да се прожени дедот Тотко со „баба”, десетина години помлада од него. Вака, ем Стана се куртулиса од сиромаштијата и ќе се најаде леб, ем дедот Тотко се куртулиса од бабата Мара што беше десетина години постара од него.

Тотко го одврза ќесето уште веднаш и извади една половина лира и и ја подаде на Стана.

—           Земи, аирлија нека е саатот, купи си некоја шамија, чели и друго што ти требе и токми се. Првата недела откако ќе му изнесиш на Трајка да бидиш азар. — И си киниса горе сиот среќен и задоволен од постигнатиот успех.

Околу мракот слезе надолу со еден тагар чисто брашно, една мисурка маст, две три оки сирење во едно цедилце, пет шест оки, и сето тоа и го подаде на Стана на малата вратичка:

—           На, земи — рече — направи му на Толето некое виткалниче и ти касни, омрси се.

Стана ги зеде поклоните и се скри зад вратата, очигледно трогната од вниманието.

—           Дали вака ќе биде арен и кога ќе појда кај него? — се праша сама и го вади сирењето, што и се стори цело богатство во куќата, оти таа со Трајка во дваесет и пет години живот не виде наеднаш в куќа толку сирење.

За шесте недели на Трајка, Тотко донесе цел кутол брашно, грав, ракија, та дури и залажачки за на гробот пригоди.

—           Земи, Станке, земи, раздај му, нека му се најде на Трајка на тој век. Еснаф човек беше, бог да го прости, ме има поризано многупати, алав нека му е. А во себеси си мислеше: „Нека му е алав оти ми те остави тебе да ми го топлиш грпчето дури су жив”.

Стана му го направи адетот на Лулето, Тотко на бабата Мара и закла јаловица од три години, и двајцата веќе беа слободни.

До неделата кај чорбаџијата Тотко Мегленецот се направи мала веселба.

Стана Лулева се претвори во Стака Мегленска.

Си дојде Станка кај дедот Тотко, си го доведе и малото Луленце — Толето и си почна нов живот. Заплива во изобилие.

Вистина, во прво време и беше многу незгодно дури да се научи како се преточуваат каците, како се попарува волна козина, ама „сермијата сама го учи човека” — им велеше на жените на реката, кога носеше табла да попарува волна.

Децата на дедот Тотка не и пречеа, бидејќи на двете недели еднаш се враќаа дома на промена или пак да донесат сирење, млеко, јагне заклано или некоја овца што си ја скршила ногата.

Толето заврши училиште и си тргна со прибраќа му по стоката од чорбаџи Тотка.

Шо ќе плаќам на јабанџии, нека зема руга нашето — и велеше Тотко и секоја година и даваше на Стана по лира две да му ги чува одбашка на посинокот.

Така ,Стана кладе пет шест десетини лири франги настрана, а и Толето веќе навлезе во осумнаесетте години, та почна мајка му, како секоја мајка, да мисли да си го удоми.

Оваа своја намера Стана му ја изложи на Тотка и тој со недвоумење ја одобри.

—           Така, нека се отвори пак Лулевата куќа, бре Станке. Таман ќе си имаш ти каде да се прошеткаш и да се потпреш до снаа ти. А пак и на нашата куќа зијан нема да биде. Невестата со Толето ќе ни подработуа дома, надвор. Арно си наумила. Токо што велиш, ќе ни дадат ли чупа и коа мислиш? — додаде Тотко.

—Mope ми коа, Тотко! Ние сме сиромаси и ќе бараме некое сиромашче, сираче како нас. Неоти чорбаџиите нам ќе ни дадат чупе! Ете, воа Жиовчевото, Анѓата, што го остави попот, греот да му бере, токо се вртка од тамо, до тамо. Јас коа си го поскроти, угу околу мене ме, та, кој знае што ќе речиш ти. Да си ги провенчаме ако кандиса. Токо сака некоа паричка куќата да а претресиме. Ене а не, ошче троа ќе падне. Сламата а ишчепкале кокошките, гредите поизгниле, сака некоја и да се мене. Ако го правиш ошче тој себап, да се ружаме покроце, — заврши Стана и зачека што ќе рече Тотко.

—           Така, за тебе, Станке, што можа ќе направа. Барај мајстори, прави шо ќе правиш. Ако ти се скусат пари, земи од моите —плати.

Co тој Тотков одговор Стана доби одврзани раце да „прави шо ќе прави”, Толето да си го удоми.

Ја направи куќата, ја кандиса и Анѓа и една неделина утрото, по десет години, се зачури Лулевата кошарка.

Се насобраа роднини и пријатели колку што имаше Лулето и Тотко, се разбира, повеќе Тоткови од Лулеви, и забрче гајда.

Се разбра, значи работата. Тотко Мегленецот ќе го жени посинок си Стојана Лулето.

За свадба со сватови, со коњи, маски, не можеше да се мисли, бидејќи невестата беше сосема испустиња, та немаше кој да ги пречека и испрати. Сиромашки си ја заплетоа невестата дома кај зетот, си ја променија и си ја одведоа во долната црква каде поп Петко, оној истиот што требаше да и биде свекор, ги провенча и си дојдоа дома. Ја отворија затворената Лулева куќичка.

Почна животот како кај сите сиромаси. Толето ги пасе овците на дедот Тотка, Анѓа и помага на свекрва си кај Тоткови, и само едната ноќ што оди во својата — Лулевата куќа на спиење. Летно време плеви, жние, врши, копа на Тотковите ниви, но затоа пак, кое Тотко со рака, кое свекрва и Стана под рака, навистина се осети дека и оваа сиромашна куќичка се поткрева малку по малку.

Во Тотковиот булук веќе често се сретнуваа овци и кози со друг белег на ушите — „рамно уво предорсзо”. Тој е белегот на посинок му Лулето. Од две овци со женски јагниња што им ги дадоа Стана и Тотко на младоженците  „на кошулите”,  за две три години веќе се направија булучка од тричетириесет. Зошто пак да не си направат? Лулето си оди по нив и си ги гледа како свои; не продава ни една, машките очув му Тотко му ги сменува со женски и тие се како бостан. Па и со алав биле дадени. Ни волк ги јаде ни орел ги дига.

За оние три години Анѓа му издутна на Лулето и едно луленце. My се роди уште во втората година машко дете, и да го подноват името на умрениот стрико, го крстија Митре, што на галено си го завикаа Мице.

Арно ама Мицево се роди со еден доста незгоден дефект. Имено: брадичката му остана некако накриво извиличена и не може да си ја отвори устата, правилно да јаде.

Како така, Анѓа го исправи Мицето на нозе и тоа почна да се развива нормално. Сo зорт, со мака, со мали залавчиња Мицето си се хранеше и растеше.

Кога, нели во пуста држава живееше и Стојан Лулето, дојде време и тој војник да служи. И како сите негови врсници, еден ден замина и Стојан Лулето во кралската војска таму негде во некој град Суботица.

Замина Стојан и не се врати.

По пол година од заминувањето дојде известие дека Стојан Трајка Лулевиќ умрел во болницата од запаление на белите џигери.

Си го исплакаа Анѓа и бабата Стана му ги направија сите адети до шесте недели, и, како бабата Стана што направи по смртта на Трајка — си појде кај дедот Тотко, — Taкa и снаа и Анѓа ја остави пак пуста кошарката на Лулето и си се премажи за Јована Шојкарот. Само со еден исклучок: Јован не и го примна малото Луленце, оти немаше леб ни за неговите пет шест шојкарчиња. Мицето го прибра, од гревот, бабата Стана кај дедот Тотка.

—           Така, Станке, земи го Мицето кај нас и гледај си го со нашето Шпире.

Заборавив да ви кажам до тука дека и бабата Стана на староси му издутна на дедот Тотка едно ново Мегленче, што го крстија Шпиро.

—           Мисли, така, да си се облизнила на старос и гледаш две твои деца — и велеше дедот Тотко, кога стана прашање што да му се прави на тригодишното Луленце.

Бабата Стана си ја зеде ролјата на облизнета мајка и си ги изгледа двете машки дечиња.

И како што му е редот, уште од петте години тие веќе почнаа да вршат работи.

Малото Мегленче Шпирето бабата Стана го изгоре во жарот, та остана без лева рака, малото Луленце со крива вилица, но на мајката какви да се и се дексани и мили.

Шпирето го дадоа на училиште во седмата година, а Луленцето си остана на местото од татка си Стојан и стана овчарче со дедо Тотковите овци, во кои беа и неговите оставени од татка му. Ја виличи долната вилица, дроби ситни залаци во котлето секогаш полно со млеко, мласка по два три саата, се храни некако и напредува. Порасна, нормално се разви, само со крива вилица. Овчарлакот го испече како никој во селото и дедот Тотко го реши, еднаш за секогаш, прашањето за овчар момок. Мицето му беше негов момок и свој човек.

Арно ама, како повеќе од овчарите што си имаат една мана, и Мицето се научи да си позаколува по кое примешано ајванче, та неговата чанта ретко се празнеше од мевце. И толку се извешти во овој занает што ни касапот Наум не му беше рамен. Оттука и си го доби прекарот „Касапчето Мице”.

Дедот Тотко неколку години доби поплаки од разни домаќини дека Мице посегнал и заклал по едно нивно живинче — јагне, jape, та дури и некоја јаловица кога му се беше пријало подебело мевце и како строго намузлија домаќин, еден Митровден му откажа гостопримство, го напади сосем неговото стадо од дваесет триесет овчуринки.

Мице веќе стана беќар. Ги помина дваесетте. Кривата вилица го ослободи од војниклакот и тој си остана да си овчарува. Годинава кај еден, догодина кај друг чорбаџија, живее со овците заедно цела година. В село се враќа еднаш годишно на Велигден или Коледе колку да се пробори со еснафи и ја истера коледицата. Никој за ништо не го сметаше, освен чорбаџиите за овчар.

Девојчињата се подигруваа мајтап со него и една на друга си го заречуваа на Мученици.

—           Ајде, мори Митро, оти не се мажиш? — и велеше често Риза на старата мома Митра Кусибајова на чешмата. — Ене го не, касапчето и засукало мустаките, ошче не ќе те чека?

—           Земи го ти, мори златна, ако ти е жал за него! — и одговараше дваесетпетгодишната Митра, не поубава и почорбаџика од самото Касапче.

—           Е, е! лели и Митра Кусибајова го нејќе Касапчето, ќе си остане, сирома, беќар до векот, — си правеа разговор разните чорбаџиски моми во селото.

—           Пусти Мице, пусти! Мори сирак па сирак; кај оди В’че угу град т’че — велеше Чона Влајковска кога стануваше збор за ергени и го намнисуваа Касапчето.

Мице и не помислуваше на женење. Неоти нему му се нејќеше да се жени. Та на кој маж на дваесет и три години не му се жени та и на Мицета? Но си ја знаеше маната и положбата во која го беше фрлила судбината, та немаше кураж да побара негде ни домазет да се припикне.

Кошарката, оставена без чад, се урна и тоа дрвцата ги разнесоа комшиите, та и сега веќе и да најдеше Мице жена, немаше каде да ја одведе. Затоа си легна на брашното. Ќе го турка векот како многу мариовски беќари овчари. Дури е жив, ќе се главува и ќе се храни, дури да издивне негде по Трибор, Зелка или Опстраница, заедно со некоја измрзната коза од неговиот булук и ќе го донесат да го запретаат врз деда му Трајка Лулето.

Така мислеше Мице да го сврши својот мачен, но и пријатен, овчарски живот.

Времето си врвеше, a со него Мице овчаруваше.

Дојде окупацијата. Мице ја преспа со овците на чорбаџиите.

— „Се осамна” — си рече Мице, кога првите партизани го посетија на трлото од чорбаџи Влајка Влајковски во Катунишча.

Тие му ја објаснија својата борба и Мице подразбра дека иде нешто ново, но што ќе биде не може точно да си претстави.

„Борба против чорбаџиите, против јадачите на сиромашките маки, за поарна иднина на сиромасите”. Мице ги начули ушите и си вели сам за себе:

„Ако е така, ногу убава работа ќе излезе за нас сиромасите”.

И почна да си сонува како ќе му се измени положбата ако излезе што велат другарчињава. Та дури му текна да помисли и за некое девојче или млада вдовица да си се прожени.

Си го кладе Мице в џеб сето тоа што му го велеа и им вети кога ќе можат и сакаат нека идат кај него. Еден залак леб секогаш ќе најдат.

He помина долго време и навистина — како што му велеа на колибата — така излезе. Си ги кренаа парталите бугарковци, се испразни селото и рудникот во Лигураса од нив и еве ти ги другарчињата што го учеа, се наместија во општината. Се сами сиромаси. Чорбаџиите некако останаа по зад врата.

На Мицета му се ококорија очите.

„Белким има и за нас сиромисите спаси бог”? — си рече Мице и уште на првиот Митровден по ослободувањето го напушти чорбаџијата Влајчета и нигде не се глави таа зима.

Mope го молеа: чорбаџијата, чорбаџивката та дури и ќерка му Чонка му ја потпуштија белким ќе го кандиса, ама Мице си остана на своето.

— He се главувам воа зимо — беше одговорот на сите што му предложија сега многу подобри услови отколку ланските.

Разбрал дури и поп Димитрија од Бешиште оти Касапчето не било главено та дојде да го кандисува, ама Мице решил да ги јаде спечалените пари.

Се прибра кај бабата Стана, се помири со дедот Тотка, којшто му ги прибра и овчаринките, и Мице си плати однапред, и руга за овците, и јадењето и се курдиса дома, в село да си се одмори.

Секој ден излегува на средсело; се меша со народ, слуша и голта разни муабети од селани и граѓани.

He се глави ни на Ѓурѓовден.

Но нели сака да се јаде, Мице се позамисли, кога виде дека паричките што му ги чуваше бабата Стана почнаа да се намалуваат.

„Треба нешто да се работи” — си рече Мице, само веќе никако не ми се излегува од село надвор, а веќе за овчар ни да му намнисаш.

— Зар пак само овчарлакот е работа? — се праша Мице.

И навистина има многу работи, ама дали Мице може да ги работи?

Што па да не може!

И ете, на неговата среќа и за среќата на многу како него сиромаси, му се отвори на Мицето работи в село! Се отвори работа в планина. Дојде некој си директор од Скопје и почна да сече борје во Лигураса, баш каде што беше рудникот од момирок на Германците.

На тој директор му беа требни работници и Мице никако не се почуди, ами појде кај него и се погоди да му ги чува двете маски и да носи леб на работниците наутро, a навечер дрва за фурната.

Така Мице најде работа в село да не спие по колибите наврнат, гол, бос и гладен.

Ем каква плата ќе зема? Наместо двесте триста банки годишно да капе по туѓите булуци, овој директор му одреди стотка денот, три илјади месецот или триесет и шест илјади годишно.

— Охохо! Таман десетпати повеќе отколку што ми плаќаа чорбаџиите. — Еве ве баго мајката — си рече Мице кога ги примна првите три илјадарки за триесет дена — навистина чорбаџиите ни ја дереле кожата на нас, сиромасите, кога ни плаќаа за десет едно. Овоа било за нас. Држи, Мице помагај, работи да не падниш пак во ноктите на ќаите да ти ја дерат кожата.

И Мице си заработи во претпријатието, та почна пак да сонува и за женичка.

—Се арно, се убаво — си велеше тој со умот. — Ама ошче да можа да си се прожена, сосема ќе ми биде наредена работичката.

Само една мисла го мачеше.

Куќичката ми е урната, каде ќе доведа жена! — Та веќе кој ќе му ја даде. Осеќаше дека иде време и не е далеку кога и тоа прашање ќе се разреши.

Окуражен од оваа мисла, Мице почна веќе да ги задева селските девојчиња. Во прво време тие посиромашките, почурукот, постарите, почнувајќи од Митра Кусибајова нагоре, а троа по троа си се поотпушти и кај поарните, помладите па дури и кај бившите чорбациски ќерки.

Многу од нив во прво време се однесуваа со потценување, фрлаа зборови на мајтап, му даваа огледалца да си го види „чурилчето”, како му ја викаа кривата устичка, ама некои си занесуваа од муабетот со Мицета и некоја сериозна мисла.

—           Mope ми оти да не си бара Касапчето невевче, кога му е време? — се прашаа меѓу себе другачки кога се разделуваа од него.

—           Ене го не! Си работи детето, си печали. Ниту е пијаница, пуш, ни некој арамија, господ да чува. Си има и по некоја овчичка, место за куќичка му остана од татко му, ошче да си собере едно маќанче, оти да не си се жени? — им велеше Неда Бурназова на другачките кога се враќаа од вода.

— Ахахаиихии! — Се разнесуваше глас по улицата.

—           Ете те, слепачко, Неда се заљуби во Касапчето — ја задеваа водарките. — Ајде, ајде, ајде да поиграме на свадбата, та тоа се виде и стариот орел ќе касне јагнешко месце.

Неда ја наведнуваше главата, ама немаше ништо против да се ожени и тоа сираче, само, се разбира, не со неа. Она е бендена чупа в село, та не ќе го зема овој стар овчар, уште алипен!

Мицето си ја бркаше работичката на општо задоволство, и на директорот, и на работниците, и на свое.

Од платичката одделуваше секој месец по една две илјадарки и за две години ги направи два триесет. My ги чуваше се разбира, бабата Стана.

Работата се прошири во претпријатието, та достигна дури до монтирање на разни машини, гатери,  циркулари, бансизи и др. И почна производство на сите видови дрвени материјали. Се отворија многу други работи: поправка на старите, правење нови патишта, згради за управата, фабриката, за работниците. Се направија магацини, фурни, гаражи за автомобилите и станови за шоферите та дотераа дури до електрично осветление.

Мице виде дека со врзана надница добива броени пари како месечар, се откажа од маските и зафати работа на парче, од кубик, од метро.

Навистина тие работи беа потешки за снагата, ама сака ли да знае триесет годишен ерген од умора? И уште кога се храни добро?

Првите акордни работи — кубицирање камења — му ја удвоија на Мицета платата. Од сто динари надницата ја качи на двесте и фати тој месец — место три — шест илјади динари.

Се храни добро, купи и по некое алиштенце, ама се стега и бере по некоја илјадарка и ги дава на бабата Стана. Мисли Мице за живот.

И навистина, Мице, и сите негови другари, осетија една слобода, и само со песни одат, со песни работат и со песни се враќаат од работа. Никој не ја прекратува нивната веселба.

Ни ќаа им заповеда, ни жандар ги брка, ни полицај ги тепа.

—           Ее! Вака може да се живее — си повторуваше Мице по секој дебел ручек на работата.

—           Ошче да можа да си се прожена, ништо друго не барам — си мислеше Мице и си ја подгреваше таа мисла секој ден, секој час, секоја минута.

—           Та кој ќе ми даде мене жена? — очајуваше во моменти, гледајќи си го суратот, но пак не губеше надеж.

Секоја недела Мице излегуваше на сретсело, се провеселуваше пак со другари и кршеше понекој лав со понекое девојче или стара жена.

—           Ајде, Касап, ајде, оти не се жениш да се напиеме? — му велеше стариот занаетчија — сводник Ристе Грдев, којшто на половината ергени в село му имаше доведено невести.

—           Mope кој Ќе ми даде мене жена, стрико, Ристе, та јас за женење дури презреан су, бамуа! — одговараше Мице.

—           Mope, ами оти да не ти дадат, братко.’ Неоти ти не си машко? Токо, кажи каде да му се бркнеме, та оти ќе купиш чели, тоа се знае — го тешеше Грде Мицета и му ја подржуваше надежта.

—           Токо, знаеш шо, Мице, гледај ти, собери ја ваа куќарката, та да видиш дали идат нашите чупи или не. Та и некоја вдовичка млада ако е, а? Шо велиш?

—           Женичка, стрико Ристе, женичка немa е. Нека мириса на женичка, та, момичка вдовичка јас не пребирам — одговара Мице и просто слинките му течат како на дете кога гледа некој да јаде мед.

—           Ее! е! е! Бацо, жеден коњ матна вода не гледа — се разнесе глас од другарите на Мицета, што веќе и деца имаат, а не само и жени.

—           А бре, така си е — вели Грде. — Којшто има и му преврла а кој нема сии подг’тнуа слинките. Токо ајде, гледај ти ваа да a свршиш, та за жена, еве ме мене. Како ќе лажа, ќе мата, таа си е моја работа — заврши Грде.

Мице си го кладе ова в умот.

Значи, за да дојде до женичка, прво треба куќичката да ја подигне. Ваму, од троа камен, што остана од старата куќичка, друго ништо нема. Некоја паричка веќе присобра — петшеесет илјадарки.

Се слушне ли некаде в село да се продава некоја куќа, Мице се интересува, ќе ја види — ако сите ги знаеме и сите се еднакви — ќе удри на пазар, ама цените не се такви да може Мице да се нагрби. Сто, сто и педесет, двесте илјади му сакаа на готовите и тоа стари куќи, со огништа, без одајче, што на Мицета не му се бендисуваа.

—           Најарно јас мојата да си а направам. Малечка со две одајчиња и тремче, санким ќе ја клавам посатката во неа — си заклучи Мице и се реши најпосле тоа да го прави.

Арно ама, мајсторите станаа к’т во ова време. Сите се зафатени во претпријатието, нема човек без работа.

На едно сретселско собрание, на смеана шака, Мице стана предмет за дискусија.

Се поткрена неговото прашање околу женидбата. Го гибаат еснафите постари помлади, оти не се жени, а он си ја кажа маката:

—           Без куќа каде ќе ја вода таа жена бре, другари, стриковци и татковци? А ете мајстори нема да ми ја соберат куќичката, се разбира, со пари — се изјадика Мице пред селаните и уште што не заплака.

—           Ти и! Баму белјата бре, Мице, таа ли е сета мака, бре! — се јави бригадирот на мајсторите што работеа во претпријатието, селанецот и Мицев врсник Ристе Шишето.

—           Имаш ли бре, пес, материјал? Еве јас со мојата бригада ќе ти ја направам куќата ударнички во неделите. Де да те видиме и тебе еднаш домаќин со куќа! А за жена, еве го дедот Грде, нека и стега гошците.

—           Шо велите вие, другарчиња, ќе му подработиме ли некој и друг саат на Мицета во неделините да го окуќиме и него?

—           Како да не, Ристе, како да не, неоти рацете ќе ни паднат од еден два саати работа, таман да ни се пријаде за ручек. Па Мицето ќе даде и по некоја ракиичка, шо велиш, Мице, а? — се јави мајсторот Дано Чолаков.

—           Само Мице нека прибере камен, дрва,  вода, песок, шо треба. Ние сме азар.

—           Еве го и другарот директор на претпријатието. И тој ќе ни помогне со нешто. Од него ќе сакаме некоја гретка, штичка, та за покривач веќе сме сигурни оти ќе ни даде капаци. И така нему не му се потребни.

Директорот ја разбра работата и без двоумење ги такса дрвата од претпријатието, по нормирани цени, донесени на место.

—           Што е тоа лав не давање, џанам, — вели тој. — Зар Мице петшест години работи та да не му дадеме еден два кубика дрва? Што ќе се стори со претпријатието што располага со дваесет триесет кубици дека ќе даде два три па и пет шест на еден свој работник?

И проблемот се реши.

Ристе со бригадата ќе ја соѕида, покрие, директорот ќе даде дрва и ете ти куќа.

Мице се расплака од радост и бидејќи не беше никаков оратор, не одржа благодарно слово, но сите разбраа од неговите солзи радосници дека тој им благодари од срце.

Уште тука Мице побара од директорот да го ослободи од редовната работа во претпријатието да ги извади камењата од земјата, ама собраните работници од претпријатието и тие од село ни тоа не го дозволија.

Падна предлог, како што се собрани да одат на местото од Мицета да ги соберат камењата и идната недела Ристе да почне.

Co едно „да живее Мице Касапчето” сите се најдоа во Мицевиот двор и зачас се изнесоа казми од магацинот што беше пред самиот двор во бившата попова куќа.

Од девет до единаесет саатот камењата беа на куп и бригадирот Ристе ги измери темелите, а работниците ги ископаа.

На некои од присутните им се видоа малку камења, та, од рака на рака, префрлија од кај оградата на Киро Даскалов и се натокмија.

Комшиите на Мицета, што беа дигнале понекој ќош од неговите камења, засрамени ги вратија и за да ја платат киријата што се служеа со нив десетина години, изнесоа секој по едно две шишиња сливовица та ги почестија работниците.

Мице, и сам трогнат од настанот, отрча кај баба Стана и донесе една торба шишиња со сливовица.

—           Урааа! — се разнесе, на ова необично градилиште, грмогласен извик од стотина двесте грла.

—           Да џивее Касапчето Мицко, да живее мајстор Ристе, да живее директорот што ќе даде греди, штици, да живеат ѕидарите што го удрија темелот. — Се знае ли кој што вика? За големо чудо од десет дваесет кила ракија се испијанија двесте души луѓе.

Наизлегоа и жените од поблиските куќи, се собра целото село. Мице Касапчето стана денес на сите старци и старици син, на сите млади брат. Расположението се продолжи поручок и се увеличи со помошта на гајдата и тој ден селото отпразнува еден голем празник, како што ретко се празнува. Мице беше предмет на сеопшто внимание. Иако дотогаш слабо играше, мораше неколку пати да поведува танец од мешано оро. Девојчињата, што досега со потценување се однесуваа кон овој стар ерген, со радост се фаќаа на неговиот танец, та дури и се туркааа која до него да се фати.

Мице за првпат сети женска рака на своето рамо или во рацете, кога се играше оро за раце, и мравки му го лазеа целото негово тело. И се срамеше, и се гордееше. Мило му беше дека доживеа и тој, Мицко Касапчето со искривената вилица, стариот ерген, вакво сеопшто внимание, како од машките, а уште повеќе од женските, што довчера мајтап се играа со него. Црвенеше кога се фаќаа бендене моми, убавицата од селото и чорбаџиските ќерки. А кога се фати до него, сосем слободно, неговата бивша чорбаџивка Чона Влајковска, Мице само што не падна во несвест. Таа ја стави својата топла рака во Мицевата така слободно, го потстисна два три пати и му се опули право в очи.

— Ајде, Мице, речи го Арнаутското да се нарипаме дури сме млади — и му намигна на гајдарџијата Катевски да свири подолго време. Очигледно и беше мерак да го држи Мицета за рака подолго. Стојко Катевска ги размрда прстите на клепарката од гајдата и она ја пушти познатата мелодија на Арнаутското оро, што и „мртвите ги скорива на играње”, особено ако ја свири гајдарџија како што е Стојко.

Се изредија скоро сите девојчиња до Мицета. Мице ги потстисна за рака, за рамо и тие него, и се сврши тој ден со општа селска веселба.

Се заредија понеделник, вторник, среда, четврток, петок дојде и сабота за да осамне недела. Мице секоја вечер излегува на сретсело, се меша со народот, праша што го интересува и одговара на прашања секогаш насмеан.

Уште во саботата бригадирот Ристе му кажа дека утре ќе почне со ѕидањето на куќата та да се најде Мице на место, ако им притреба нешто на мајсторите да попригоди.

Во неделата Мице уште пред четири саатот беше на „градилиштето.”

Тој знаеше дека кога се удира темел на куќа се коле курбан.

И тој ќе ги прави сите адети, макар да не им го знае значењето. Затоа ноќта, спроти неделата, Мице претрча до дедо Тотковите овци и донесе, на магарето од дедот Тотка, еден брав и една овца јаловица.

Кога дојде Ристе со бригадата, крај ископаните темели лежеа двете животинчиња со врзани нозе.

— Ете, — вели Мице — под првиот камен од темелот да се уѕида крвта од бравот и овцата за ногу години.

Мајстор Дано го зеде бравот, а на Мицета му ја покажа овцата и му вели:

— Ајде, Мице, нека е аирлија саатот, да си жив и ти и стока и стопани и мајстори, и село и селани и сите браќа рисјани, Турци, Арнаути, работници, управници. — И му го тргна ножот на бравот токму над ископаниот темел.

Мице аминува по стопати на еден Данов благослов и ја закла овцата на другиот ќош од темелите. Мајсторите аминуваа, се смееја и благошаваа: до недела гајда да брчи во новата куќа, невеста да прошетка во неа и да ги послужи со блага ракија.

Работата почна. Кој камење прибира и подава, кој вода носи, кој ѕида, уште рано пред појадок темелите излегоа „над земја”.

Се стекоа комшивките со пералници вода, надојдоа работници од претпријатието, нема место каде да се наредат да работат.

Некои се зафатија со курбаните. Прават ражни, валат огин, печат дробови за појадок.

Мице зеде од фурната десетина сомуни леб и адетот, појадокот се стори со понекое накревање на шишињата со сливовица.

Околу осум саатот дојде и директорот на дирекцијата. Виде дека напредува работата брзо, се позамисли, извади едно метро и почна да мери нешто по новите ѕидишта. Запиша во едно тевтерче и се изгуби. Премина отспротива и си ја даде наредбата на шоферот Кожински. — Овој го запали „Омот” и со десетина работници на него забрче горе Оралиште. Се разбра. Ќе оди да ги донесе гредите, штиците, чатмите, капаците од гатерот, оти како почнале ѕидарите од поручок треба да ја фрлаат чатијата, ако не и целиот покривач.

И навистина, уште пред дванаесет саатот мајсторите ги фрлија чеканите и мистриите од ѕидот. Изникна за половина ден една малечка шест на осум метра, зградичка со три прегратки насреде. Тогаш и забрче „Омот” од Кожински со дрвени материјали од разни димензии. Дојде пред новата куќичка и ги растовари.

—           Браво директоре, браво Кожински, браво мајстори — се разнесе од сите присутни.

—           Значи ќе ја довршиме до вечерва Мицевата палата? — се насмеа бригадирот Ристе, виткајќи цигара на самиот ѕид.

—           Ќе ја довршиме, ќе ја довршиме макар по месечина — се слушнаа гласовите на мајсторите и каларите одоздола.

—           Ајде, Мице бреее! Барај невеста да ни тура вода да се измиеме — вика некој од мајсторите.

Бригадирот објави одмор до 12 и да се покасне ако е готов ручекот.

Ручек, каков ручек за цело село и уште толку работници од шумското претпријатие! Курбаните се готови, се раздели по едно парче мевце, секој си донесе и од дома по нешто и во куќата на Касапчето уште непокриена се стави трпеза од донесените штици од гатеро!. Некои седат, повеќе на нозе, каснаа што каснаа и бригадирот даде знак за работа.

Ги фрлија мајсторите гредите, клештилата, директорот нареди да се донесат шајки од магацинот, — и куќата веќе околу ужина се кладе под покривач.

Комшијата Стојан Кожински денеска не дојде на градилиштето. Многумина се позапрашаа да не се има нешто карано со Мицета та што го нема? Тој секаде беше прв на вакви работи та чудо што денеска не е тука.

Некои објаснија: може не е тука, и во народот неговото отсуство не се забележи веднаш.

Но што била работава.

Тој е дограмаџија, качар, ѕидар, прави шпориња, воденичаре и се што сакаш. И како таков си ја зел грижата, задржал штици и чатми уште кога поминал син му со „Омот” и запнал та направил со неколку другари од работниците од управата, три врати и три пенџериња. И само што бригадирот ја фрли теслата од последниот закован капак на покривачот, Кожински со другарите се зададе, носејќи сите по една врата и пенџере.

— Урааа! — се разнесе по градилиштето. — Е па ако се себап, токму себап ќе биде — вели Ристе и слезе со мајсторите поставајќи го на врвот на покривачот знамето да се вее на ветерчето што подувна приквечер од кај Перун, небаре сакаше со своето шушкање да им рече на сите присутни:

—           Така, браќа така, другари, со слога и љубов се ќе постигнете.

Зачас ги наместија вратите и пенџерињата.

На влезната — големата врата чкрипна клуч. Ја заклучи Кожински и му го даде клучот на Кирета Даскалов да му го предаде на Мицета, a со него и готовата куќичка како подарок од неговите селани.

Кире го зеде клучот, се поткачина прагот и со писклив глас го викна Мицета.

—           Ела, Мице, ела брату и другарче! Од името на нашата слога и од сите работници во нашето претпријатие и селаните, твои роднини и другари ти го предавам клучот и овој скромен нивни подарок — куќичката и ти пожелувам што ти срце сака. Земи, отвори ја вратата, влези си внатре и со здравје да си седите со невестата — и му го подаде клучот.

Мице го кладе клучот во вратата, заврте двапати на десно, вратата се отвори и он со десната нога пречекори внатре, а од очите солзите го натопија прагот и земјата.

Се наполнија зачас сите три одајчиња со луѓе. Сите благошаваа.

—           Co здравје да си седиш, Мице, со убава невеста, дечиња да ти шеткаат по дворот, свадби од нив да дочекаш, — и кој знај уште колку благослови не се истурија.

Мице Касапчето се стори со куќа. Го исчисти дворот, го израмни тремот и двете одајчиња и навали оган во оџакот.

—           Ајде, Мице бре викаат поминувачите покрај куќа — а зачури и ти, стопанка му. —

—           А бре ќе “а зачура и јас како сете сиромаси, токо што ќе клада во неа. Нека е жив народ, село нека е весело, белким и мене ќе ми се осамне. Ете дојде време и ние сиромасите да прогледаме еднаш. — одговара Мице на секого и му ја покажува новата куќа израсната за еден ден.

—           Е! стрико Ристе! Шо велеше ти туа некни? Направи а Мице куќата, за невеста јас си го земам гајлето. Ајде да вида колку ќе си достоиш на зборот? — го закачи Мице другата недела Ристета Грдев селски сводник.

—           А бре, ти борча, Мице, една невеста, се виде тоа, токо што да ти права, да имам чупе ќе ти го доведа ошче вечер, еве ме одборчен. Вака, сака да барам некоа од селото. Шо велиш ти, рече, каде да тропам, та оти ќе купиш чели, тоа се знае — се насмева Ристе и чека дали Мице ќе пребира или која и да е — само нека е женичка.

—           Та јас коа ќе можа да а најда, зошто тебе чели да ти купам? — одговори Мице натажен небаре волот во јаремот му пцовиса.

—           Работата е да а најдеш, да а доведиш та да и заслужиш челите. Де да те вида шо машко си сега? Си го оженил вој, си го оженил ној, ми се фалиш. Ожени ме мене, тогај секој ќе потврди оти си бил мајстор. — И Мице се затаи да го слушне последниот збор од големиот мајстор сводник.

—           Се стори бре, Мице, се стори макар да знам оти и ќотек ќе јада ошче вечер ќе му се лупна на чорбаџијата, Влајковски. Твојот чорбаџија, Чона, бре, Влајковска, сакаш да ти а доведа? Ама ако дојде работата за некоа и друга илјадарка, како, да такцам или не?

Мице ја наведе главата и се замисли, а во себеси се праша:

„Дали навистина вели вој Грде или и он се подбива шега со мене како сете други?”

—           па му одговори скромно ама отсечно.

—           Mope, Чона, стрико Ристе, кај не сајдисуват нас чорбаџиите, токо гледај некоа од нашата траба, некоја подолничка, посиромашка, шо велат мегленци „гол за гол”, та Влајковци, Милошевци, Билјарите и др. чорбаџии ќе си прават свадба меѓу нив. Токо, пак ако можиш и тоа чудо да го направиш, де бакалум и тебе ќе ти се поткрене цената.

А колку за парички, зошчо оди, бамуа, дваесет години момок нали за ваа работа. Ете за куќичката не даду ни динар, да му се живи децата на селаните, ме сторија со куќа, та дека ќе дада на дедот, бабата некоја илјадарка нека му се алав. За тоа су и печалил

—           заврши Мице и се оддели од Грдета којшто со рацете одзади тргна горе Гизовата улица.

Мице долго се чуди.

Зар чорбаџивката што го гледаше накриво кога му ја подаваше торбата со сомуни може да се кандиса да му биде жена? Од друга страна пак се тешеше:

—           Оти пак да не ми биде? Шо пак она повеќе денеска има од мене? Една куќа она, една куќа јас. Покуќнината бабата ми ја зачуала, ќе си ја наружам куќичката и ако е будала да не дојде да седе и да крка. Ете јас си работам. Лебец си вадам и со лебецот се што е потребно за живеачка. Та и на чорбаџивките му ги пресекоа опашките. Ако работат ќе имаат, ќе јадат. Умре тоа шо го знаеја они: друг да ‘рга за нив. Co шо ќе ми се валат сега?

Ристе Грде уште истиот ден го најде чорбаџијата Влајковски и, отаде одоваде подразбра дека тој мисли да ја мажи Чона годинава па макар и веднаш „ако се најде згодно местенце”.

—           Местата се сега сете едно — натисна Грде. — Само човекот да е прокопцан, та друго шо има да гледаш — вели Ристе и му се стори дека работата мрда. Ќе чука, дури железото е жешко.

„Чорбаџијата е готов” — си вели со умот — сега ошче чупата да а обида, по после ќе излегуам со отворени папаски. Ако е и она на тој ум, најситна Мицето ќе го правиме домаќин како шо требе.

He би час, се сретна Грде уште веднаш и со Чона. Се враќа од вода та на Ристета иако не му се пиеше, ја застана да се напие ладна водица.

—           Охохо! Да си жива, досега на татка ти, од сега на момчето — и потфрли Ристе на Чона.

Оваа се насмеа слатко и му вели, познавајќи го како селски сводник:

—           Ајде, де? Камо го момчето да му бида жива. Шо не запниш да го најдиш та да не одиш и ти со тиа сокинатите чели напапош.

—           Mope, ти само речи, та јас довечера ти го наѓам — одговори Грде и го држи бардачето в раце за да ја позадржи.

—           Најстина, оти не се мажиш ти, да отвориш некоја сиромашка куќа токо вака и тутниш дните? Ќе се чиниш пишман, тако доцна ќе биде. He глеаш, слепелнице, твојте врснички и деца веќе изгледаа а ти ошче ќе ми бреаш по селото. Ајде, ајде, речи каде да те заведа?

И тука Ристе го затаи здивот да ја слушне Чона.

—           Mope кој ме сака мене, стрико Ристе, зошчо су му лебот да му го јада и да го поцрна сиромаот, токо дај ми го, дај, баченцето да си ода, оти Влајко ќе ме одере за вода.

—           Кој те сака? Mope, речи кој го сакаш, та за сакање, сете те сакаат, мило, сете. Ајде, ајде, оди ми си та утре другиден да се истреса кај чорбаџијата, да и кина виа сокинатите влечки, та за нови зетот нека е жив, та дал, та не дал, јас себапот ќе си го права.

—           Е, а да те вида, де? Ако можиш да го свиткаш Влајка, јас су, ете, готова, дека ќе речиш тамо нека биде. Сега секаде е арно, човекот нека е здрав, умен разумен, та сермијата сега на сете ни е една.

Co овие зборови се раздели Грде од Чона и Чона од него.

—           „Ќе биде работа” — си вели Ристе и накачи кај сретсело.

Тамо го најде Мицета и оддалеку му намигна.

— Точи заби, Мицеее, ако сме живи ќе купиш чели.

Касапчето го болсна сечково сонце, та ја фрли сакмата од грбот.

—           Ајде, стара арамијо, ајде! — му викаат другарите на Мицка — пушти ли негде жили? Mope бре, брате, каде ќе повлече нога тој стар в’к нема напразно да биде. Токо гледај некоа добра, здрава, цврста, оти на Касапчето секоа не може да му дотрае. Еве ве ка се запалил, ако му доведеш некое пиле, во три дни ќе го стопи.

И така со смеа, со шака помина тој ден за да дојде друг.

Касапчето почна често да се дружи со Колета Влајковски. Многу му беше пријатно да го послуша нешто, да му помогне каде овој што работаше, бидејќи и тој работеше што и Мице на шумски работи, го испраќаше дури до порта кога си идеа од работа и често ја видуваше, со таа мана, и Чона.

Како бивш момок и чорбаџивка тие беа добро запознати, ама пак Мице не се осмелуваше отворено, направо во очи, да и го рече тоа што си го мисли. Доста му беше само што се насладуваше од нејзиното присуство и внимание да разговара со неа за најобични работи.

Чона пак, откако на Мицета му ја направи куќата целото село и работниците од шумската дирекција, почна да го симпатизира Мицета.

— Та кога целото село и сете работници толку го сакаат, дури и куќа му направија, зошчо пак јас да го нејќам? И шо му е кусо на овој златен маж? My е накриво малку брадулчето. Та неоти некој друг е без никаква мана? Доста шо си е работно детето, намузлија, ете куќичка си има и тоа новка. Шо ќе ми биде ако си го зема Касапчето?

Во долгите денови и куси ноќи Чона почна да си ја подгрева оваа мисла и кога Грде и рече: „да отвориш некоа куќичка”, она уште малку што не се испушти да му рече: „ако е само новка”.

Нејсе, ќе го каже Грде и тоа, само по некоја и друга недела.

На големата чешма отспротива се разнесе познатиот звук на момински извикнувања: ахахаа, a, a, a, a, a, а, ииохи.

Тоа се селските убавици собрани да залеат пресна вода и да си ги раскажат, на своите верни другачки, најинтимните приклученија за поминатите дваесет и четири саати.

Ене ја Доста Макрева — на Полицот де — каде и шепнува нешто „многу важно и интересно”, на Митра Калцова и од тоа шепотење излезе едно „ахаха — ихихии”. A што и шепнала? Тоа тие двете си знаат, ама другите што беа на чешмата разбраа дека Доста ја кандисува Митра да го земе постариот Џаков ерген — Ристета, а она помалиот Милана, та да бидат јатрви.

—           Ами, некак да го земиш ти постариот, јас помалиот, шо велиш, а? — и вели Митра на Доста и пак гушнати извикнаа како преѓеска кога Доста на Митра и го предлагаше постариот.

—           Ама ти си коа постара од мене, тебе те носи редот да ми речиш невесто, јас тебе сестрице — ја кандисува пак Доста Митра и пак извикнаа.

—           Коа постара, мори слепачко, да ти остареат воловите? — се жести Митра — зар не одеме заедно на школо? Токо оваа пуста старост никој а неќе, та и ние со тебе.

—           Ајде да си ватиме лота. Под’гото тревче е постариот, покусото — помалиот; игбалана, шо ќе ни даде господ, — предложи Митра и пак извикнаа така силно та другите водарки навистина се растревожија.

—           Mope шо ве боде шо токо врискате како некои кобилетини, м’ња ве м’снало — ги прекина Зоја Билјарова, невеста од неколку години, ама уште со момински табиет оти и она често си извикнуваше кога ќе и дојдеше некој збор ујгун.

—           Mope бре, па ти, стрино Зоје, ќе нб караш. Ѓоа не знајме како ти пееше и викаше кога беше на нашите години — одговори Доста и скубна две коренчиња од класина та си тргнаа лота кој ќе го земе постариот Џаков ерген.

Си фатија со Митра кусо долго и навистина Митра го извлече подолгото стебленце од класината. И пак се нададе едно a хахаихи.

— Ами коа ти вела јас твој к’смет е Ричко, ти шо велеше? Ете, и лотата не знае за илје. Ти си на редот и нека ти е аирлија — заврши Доста, која ја повлече Митра кон чешмата, оти веќе и редот им беше дошол да си залеат вода.

Неоти пак им се брза на водарките? Тие ништо не губат ако поседат два три па и пет шест саати на чешмата. Ако е делник, секоја си носи: ја чорап, ја фурка, ја ракав, та си седи и со муабет си работи. А на мајка си дома ќе и рече дека имало многу навалица и ќе го оправда ова забавање.

Денеска кога Доста и Митра си правеа план која да биде постара, која помлада снаи на Џака, на чешмата беше и Чона Влајконгка со уште пет шест други девојчиња.

Тие секоја за свој есап си правеа плаг: каде да се „сместат” порано да го поминат овој бел век.

На Чона и се врти во умот Мице Касапчето. Погледнува во чешмата, во букарот што се лее, во девојчињата и се некако и се врти вратот кон селото а очите ја бараат новата Мицева куќа.

,. Ене а ‘не, нема кадеш да излева од неа” — си мислеше Чона — та кој ќе завали оген ако не појде некоја од нас овде или од селото? Оти пак јас да не завала оген во нова куќа, да си седнам сама без свекор и свекрва, без командир над глава? Сама самица — добра домаќица? Само ако го вида ошче еднаш стрика Ристета јас ќе го терам сводник кај Мицета место тој кај мене.

Си залеа вода и си киниса сама, иако другачките ја задржуваа да ги дочека.

Ристе си седеше на чардакот на неговото „високо”, гледаше во чешмата, слушајќи ги сите ахаха — ихихи и небаре допре Чонината мисла до него, та сам за себе си проговори:

„Море стани, Грде, стани, побратиме, излези до кај сретсело, белким ќе сретнеш некое од ониа парипчињата што врискаат на чешмата да видиш, да прожениш некој сирома та да се напиеш, најадиш и да искиниш некое рало чели”.

И си стана, си слезе и рацете одзади, како си имаше навик, пукарачукара фати горе чаирот, задевајќи ги жените по портите.

Таман он под Гизовата куќа, на реката прејде само девојче со букарот на рамо и едно стомниче во десната рака. Се позаѕури Ристе и го позна.

„Аха! — си рече сам со умот — се одделило од булукот едно јагне за в’кот. Таман сама ќе ја начекам сега Чона и ќе и се стегна за Мицета” — и повјаса Ристе да и го пресече патот пред Шишевата порта.

Чона го виде одоздола, и мислејќи оти ќе помине горе кон сретсело, забрза. Една им беше, значи, мислата. Да се сретнат. Ристе го намали, Чона го пушти чекорот и таман како нарачани, пред Шишевци — среќа.

—           Залеа ли, море моме — ја застана Ристе Чона и како секогаш, за да поддене човек разговор со жена што си иде од чешма, побара вода.

—           Дај го бардето да се напија троа водичка. Me пресоли снаа ми од сабајле со едно старо сиренце.

Чона му го подаде бардето и си го кладе букарот на Шишевиот ѕид да не и тежи. Очигледно, имаше желба подолго да си постои.

—           Охохо! На свекор да му донесиш. Сполај ти, шо ладна водичка се напи — и и го подаде бардачето.

—           М’ња ќе го м’сне, стрико Ристе, свекор, свекрва. Кој ќе му го бере гајлето на старци. Mope да ми најдеш некое местенце сама, сама со момчето, та за свекор, свекрва, золви, девери до овде ми е дојдено со виа моите Влајковци. Едно Чочово бачило се собрале браќа, снаи, внуци, па тиа старите не се тргаат, како некои ромаци само зинале: дај Чоно леб, дај Чоно вода, испери, закрпи, измиј, меси, печи, веќе душа не остана во мене од измет.. А ти пак ме благошаваш на свекор, на свекрва, чумата да и истреби. — И тука Чона застана да слушне што ќе и одговори Ристе.

—           Ами кога ти вели стрико ти Ристо, земи си го Касапчето да ми ти се раатиса душичката, ти шо велиш, а? Сирома е, стар е, алипен е, и којзнае ошче колку мани не ќе му најдиш. Ако е до сирома, кој е сега чорбаџија. Сете работат — се ранат, и он работи, се рани. Куќичката, како сете сиромаси, ете си а собра, шо му е кусо? Стар бил, да ти остареат воловите. Таман маж на време, 28—30 години, да те стопи в раце, да не гледаш наки ваки. He гледаш тиа шо земаат мали момчиња как и оставаат после кога ќе остареат. Жената секогаш треба да е помлада пет десет години од мажот, оти побрго старее. Та и ти, од тиа двете страни ич да не се басаш… Е! шо е троа алипно детето, тоа е на мегдан. Токо пак ти светец на црквата не ќе го правиш! Нека е здрав на срце, нека работи, нека печали, нека носи да кркаш и да живееш убав живот, та убавина за година, велат старите. И така си е.

—           Така си е, зар не? — потврди Чона и додаде. — Тиа убавите повеќе се улави од неубавите, та тоа мене ич не ми е гајле, оти не бил убав, токо не го кандисуаш ној моот стар, та јас ич не се басам. Ем право да ти кажа, откако му ја направија куќичката, некако ногу ми го засака душата. К’сметот ли, такциратот ли, јас сум каил ако го кандисаш татка, та за бацко Коле — веруам оти и он ќе ни помогне, а не да ни пречи.

—           Ами така кажи ми, мори внуко, дали ти сакаш та за друзите еве го чичко ти Ристе. Ќе му забае како на ногу други татковци и мајки и работата е готова — скоро воскликна Грде и ја чукна по рамо Чона. — Ајде, ајде оди, занеси му ошче некојпат и друг вода на твоите та после ела ми си долу, ќе си бидиме и комшии!…

Чона си го крена букарот од ѕидот, бардето в рака и си отиде кај Влајковци да го чека вечер Грдета сводник.

Се стемни и овој ден како сите досега и Ристе си го зеде бастунот и околу вечери заман му појде на Влајка.

—           Добровечер, побратиме.

—           Дал ти господ добро.

—           Добро дојде.

—           Добре најду.

—           Како си, шо правиш.

—           Сполај богу, ти како си, како поминуаш. Од кога не сме се виделе, кај вати, кај одиш, стопанка му, баре ти сега немаш работа, не излеваш ич по сретсело да се видиме.

Обичните разговори се свршија и Ристе си го кажа алот пред Влајка зошто дојде.

—           Mope побратиме, јас дојду нешчо за аирлија, ако е к’смет, токо да те прашам првен, пак како некни: ќе правиш ли радост, нека ти е жива Чонка, или да не аба лаф.

—           А бре знам, ошче колку те виду и ме зајаде јасник, ти за друго неоти ќе му дојдиш на човека. Ја да купиш нешчо, ја да му го земиш пиленцето. Купувањето сега ете се запре, па знам зошчо и некни ме потпраша, токо што да ти реча. Дошло време да се рои пчелата, ќе излева од кошарот. Неоти од нас е првица. Така рекол вој сињелко озгора и така ќе си биде довека… Ами кажи, де, од каде, за кого? Кој да е, сега е гол, токо, мегленци наши велат „гол за гол” и ние така. Неоти пак ние сме, ете, ногу облечени. Шо имаше по нешто закатинка, си го поткаснаме, стокичката отиде по ѓаволот, нивичките и зеа побратимите, та и ние си слегоме кај момците, токо пак да чуа за кого, од кого си пратен, — заврши Влајко и зачека.

Ристе гледа оти не е многу тврдо, ама пак се плаши, којзнае дали не ќе се наостри чорбаџи Влајко кога ќе му ја посака чорбаџивката Чона за момокот Мицета. Се накашла, почна со бастунот да прави дупки во пепелта пред него и виде невиде, рече:

— А бре за кого? Ти сам рече сега: сете дојдоме на едно дереџе. Чорбаџии, сиромаси, тиа сме, рисјани, браќа. Да има едно врталишче, шо се вели лавот, да си се удоми чупето, да си помини на редот шо го оставил господ, та ако работат сега ќе имаат, ако не работат па нека трпат, бре побратиме?… Ете виа дни и ти сам виде, целото село, та и сете работници од шумарството, му а направија куќичка на ноа сирачето долу Лулево. Овчарчето твое, де! Та ако е к’смет да му а дадиш Чонка, нека се отвори и таа сиромашка куќа, ако милуаш ќе правиш голем себап. — Заврши Грде и длабоко се издиши, небаре симна од грбот вреќа брашно од сто оки. И пак си почна да прави дупки во пепелта, ама сега со растоварен товар.

Влајко го направи кисело лицето. Да му дојдеше Грде стројник за Мицето кога Мице беше овчарче кај него со машата очите ќе му ги исчепкаше, ја оти ќе го наведеше во жарот да го испече на животи, ама сега ете и тоа го доживеа — чорбаџијата да му ја дава ќерка си на момокот.

— А бре, Ристе, шо да ти реча. Ми ватил камен нозите, лели имам женска челад и со ѓуптинот ќе се сосватувам. На детето јас мана не му наѓам. Беше момоче некоја и друга година каде мене, умно, разумно, поризливо беше тогаш, та сега кој го знае какво е. Некое лошо не сум чул за него. За сиромашко, како шо рече и ти, како шо гледам и јас, сете на еден степен дојдоме. Токо коа алипно е бре, брату; коа грдомасно со таа брадичката, та којзнае ваа коконата моа дали ќе го бендиса. А ти знаеш оти веќе поминаа тиа времиња кога нам татковци ни и мајки ни не женеа и не мажеа. He верувам да ти кандиса за него. А колку за мене, право да ти кажа, не ми се прави ќевот да а дада на пуста куќа, а ошче повеќе на мојот момок. Токо, најпосле ете тебе, ете а неа. Ако го сајдисуа, пепел гледала — пипер макала, шо рекле старите. Ама јас веќе си го симинам товарот од грбот. Нити имам со нешчо да и помогна, нити пак сакам. Шо е нејното, тоа парталчоките нека си ги собере, нека дроби вратот. — И длабоко се издиши чорбаџи Влајко:

—           Е, — еее, дуњо, мори дуњо. До каде дотераме: чорбаџивките да се мажат за нивните момоци. Нејсе, тргнало море во река да се дави и ќе се удави. Токо, побратиме, праша а ти неа, ако кандисува најпосле џенем нека вати.

Во тој час на чорбаџи Влајко му капнаа две солзи по набраното лице. Очевидно, беше длабоко навреден од Ристета, а особено од новото, за него, лошо време кога дочека тој, Влајко Влајковски, да му ја даде ќерка си на вчерашниот свој момок Мицка Касапчето, со едната вилица, без нигде ништо.

—           Е, море, и јас знам оти ти е жал, токо шо да правиме кога така дојде — сочувствува Грде, ама на душата му олесни. Нели дојде до тука, Чона да реши, успехот му е сигурен. Но за да го поуспокои чорбаџи Влајка го продолжи муабетот:

—           А бре, ете, и мене не ми чини воа, Влајче, токо шо да правиме. Нашите ни го направија. Зар ми беше лошо мене, ќе дојде Мате од Кален, ќе донесе еден сноп банки, едно ќесе франги, лири, ќе ми ги истури на постелата на чардакот и ќе ми речи: „Ајде сега побратиме! Виа се сете на твоа рака. Оди, купуај овци, брави, јарци, волови, крави, шо ќе најдиш. Колку ќе купиш по банка на ситна, по стотка или вранга на едра стока за заметот. Знаиш како одеме со тебе кај булукот твој шо го пасеше баш овој твојот сега зет шо ти се топори? Ќе ми одлачиш десет дваесет, педесет, еве ми мене толку банки, по некоа и друга ќа му наткача на Матета и за еден два дена ем ќе се насркам млеко по булуци ќе клада во џебот по две три стотини банки, десетина дваесет лирички франгички. Ама а де? Ни и секоа пашките крепоземците. Токо нека ни се живи, наши се, нема шо да му правиме, нема каде да и бркаме. Знаиш шо велеше Чатлакот едно време кога беше спаија по Бешишча кога му велеа оти Мејмед негов и Јован Ѓуро пиеле, арчеле и го запустиле и него и сиромасите? — „Знам бре, синко, знам оти лош Мејмед и Јован, ама знам оти наш”. Знаеја оти се лоши, ама нема шо да му прави оти Мејмед е негов, го боли. Та и ние сега знаиме и гледаме оти не чини воа шо го прават, ама ете нашите го прават, та нема шо да му правиме. Најпосле како ќе си дробат, така ќе си сркаат. Ти и рече преѓеска — пепел гледале, пипер макале. Ние го претуркаме векот, сега они нека му мислат. Та и ваа наша работа сега. Ако сака Чонка да а прашаме, јас вела не правиш лошо ако не и попречиш — го заврши Грде разговорот.

Влајко сто насто беше сигурен оти Чонка нема да кандиса за Касапчето, та наеднаш се согласи. Да си оди Грде насигурно и да не се повраќа да му додева. И како нарачана Чонка влезе во одајчето да го послужи гостинот со едно кафе и ракија, оти чорбаџи  Влајко не можеше да’ си го расипе чорбаџилакот.

Чона ја кладе левата рака на градите, во десната послужавникот со две кафиња и две ракии и откако му подаде прво на татка си, му подаде и на Ристета.

—           Повели, стрико Ристе, едно каве напи се.

Истото го повтори и Влајко.

—           Mope ми, шо требаше каве, ракија, братко јас не су гостин од јабана та да ме честите — изусти Ристе, ама веќе ја држеше чашата во десната рака и го чекаше Влајка да почне со благословите.

—           Е, ај добро дојде, Ричко. — Добро ве најду, Влајко.

—           Аирлија да ни се муабетите, здравје и живот да ни даде господ и нам и на сите браќа. Некој бериќет да истури господ и некоја слободија да рече, сполај му — заврши Влајко.

—           Амин, амин, дај боже и света неделичка денешна — одговори Ристе.

Откако се напи Влајко ракија, скоро истите благослови ги истури и Ристе, задржувајќи се нарочно на оние „аирлија да ни се муабетите”.

Се напи и Ристе ракија, му го подаде Чона и кафето по истиот ред па се истави во ќошот да дочека да го испијат, за да ги земе филџаните.

—           Е брат, Влајко, дури го пиеме кавето да не седиме бадијала. Еве а Чонка, еве те тебе, еве ме мене. А сега да ве чуа обата шо ќе речите, а? — застана Ристе и кафе да пие.

—           А бре ми, ете а неа, ете те тебе, правете го муабетот. Јас шо има да реча — и се обрна кон Чона.

—           Шо велиш мори, ќеркавице? Вој стрико ти Ристе нешчо за аирлија дошол, шо да му речиме. Ќе ме оставиш ли ти воа лето или пак ќе си поседиш. Јас сакам од тебе лаф да чуа.

Чона знаеше зошто е дојден Грде, ама пак, како секоја девојка пред мажење, поцрвенеа дури до уши, што се вели лафот, и ја наведе главата.

—           Mope ми шо знам јас татко. Ти си ме гледал дваесет и толку години, шо ќе речиш ти, тоа нека биде. Лели не сум веќе за твоата куќа, ќе ми го бараш чарето, та ваа година, та в година. Ако си ти со ниет да ме нападиш, јас шо има да реча — и зачека да го слушне неговиот одговор.

—           А бре, ќерко, коа страчка без пашка та и ти без момче, токо, коа тој шо рекол, шо е за давање не е за чување, та и ние сега, ако сакаш ти, јас не ти преча, само прашај го стрико ти Ристета од кого ти иде сводник.

Ристе ги напрегна сите сили.

—           Mope, ами од кого ида? — Од ерген. Господ да чуа не е вдовица она та да ида од вдовец. Ете Чонко, јас ида од едно сиромавче, сираче, без мајка, без татко, сама на глава домаќинка да бидиш, куќа да отвориш толку години затворена, и тоа нова кука. — Тука Ристе го поткрена гласот. — Да си кажиме направо, море, ида од момочето ваше со татка ти — Мицето Лулево — Касапчето! Шо велиш ти, та татко ти веќе го чуме шо рече. — Чона пак ја облеа црвенило. Собра сили и со една длабока воздишка одговори.

— Mope ами неоти Касапчето не е човек пак. Ако е к’смет, ете те тебе, ете го татко. Јас лели су втасала за тој ред, ќе дојдат од секаде и секакви. Ако наѓате вие за арно, шо ќе реча јас. Најстина човекот е коа алипен троа, троа грдомасен, токо икона на овој свет нема. Санким јас пак којзнае каква убавица су. Грд за грд, човек нека е, куќа нека гледа, никој човек на вој свет без мана нема. Јас мана не му наѓам. Сирома, чорбаџија, господ е чорбаџија. Ако работи, ќе јаде, ако го мрзе да работе, ќе гладува. Па ако гладува он, ќе гладувам и јас. Тоа е од мене. Ако му се прави ќевот на татка, јас не права каршилак. Дури, право да ви кажа, иако е страмота може, родители сте ми обата, па каде на друго место ќе ода? И кај да ода за маж ќе ода. Ошче можа да падна на некои неразбрани луѓе, свекор, свекрва, девери, золви, јатрви, та цел век кавги и ѓурултии да си тргам. Вака сама како ќе си работа, така ќе си имам. А колку за човекот, го знам и јас и татко, табиетлија е, работен, ете и куќичката си а собра со целото село, оти пак јас да го неќу тој шо го сака едно село и од цел вилает работниците? Го сакам, море, правите шо е за правење, од мене се е одобрено, — заврши Чона и ги прибра филџаните, та си излезе за да можат двајцата старци да ја довршат започнатата, и веќе готова, работа.

—           Е, побратиме, шо ќе речиш ти на воа? — му се обрна Ристе на Влајка.

—           Mope ми шо ќе реча, Ричко. Велењето мое јас го реку. Пепел гледала — пипер макала. Било к’смет чорбаџиите да и женат момоците со своите ќерки. Да ми речеше некој пред седумосум години, кога Касапчето беше овчар кај мене оти вој ќе ти биде зет, главата со камен ќе му а скрше, ама сега векот се преврте наопаку, та јас ќе ода со наудолу глава. Токо ајде, ајде, оди чини му здравоживо на момокот, нека се чини азар. Лели сторила ниет ќерка ми, нека му е жена. Ама, право да ти кажа, ич не ми си праве ќевот. Иако е к’смет да биде, ви нејќу, брате, ништо, ама не сакам да ми водите никаква олелиа. Ќе си а земите, заведете си а, венчајте си а, нека ви е жива, мене ме изгорел огнот шо ме изгорел, ќе ми црвеат образите пред еснафот кога ќе чуат на кого Влајко му а дал ќерка му, токо рекоме, се превртел светот, та тиа шо бевме згора, се најдоме здола. Нека проживеат сега згора тие што беа здола — заврши Влајко и викна по Чона.

Чона влезе.

—           Донеси мори, невесто Лулевице, ошче по една ракија да се напиеме со стрика ти Ристета.

Чона излезе и бргу се врати со полни чаши и шише од полока.

—           Повели, Ристе, сега за сигурна аирлија — ја крена чашата и ја испи до капка, побара пак да му ја наполни Чона, што беше редок случај Влајко да испие две и три чаши наеднаш.

—           Така, ете нека биде на нашето со стрико ти Ристета и со бацка ти Колета. За момок, сакаш, за момокот оди ми со здравје, ама од мене нишчо да не чекаш. Оно шо имам и да ти дада. Токо мене ми се чини оти ошче су Влајко Влајковски со булуците и со амбарите п’ни пченица.

Влајко зборуваше со голема тага на душата. Тој сакаше да се сосвати со свој еснаф, чорбаџија како него, но веднаш му излегуваше стварноста дека сега и тој има толку имот колку овој негов бивш момок и колку сите други бивши сиромаси. Тагата му беше толку голема, та солзите не можеа да излезат, иако срцето му плачеше.

Но за сметка на оваа негова тага се радуваше ќерка му Чона, се радуваше сводникот Ристе, се радуваше Мице Касапчето кога му го однесе Грде раунот, се радуваа сите оние што беа служеле кај чорбаџиите, се радуваа сите работници што помогнаа на куќата.

Ристе уште истата вечер го зеде раунот од Влајковци и му го однесе на Мицета кај бабата Стана Тоткова, за да ја пречека до неделата својата млада чорбаџивка Чона во својата нова куќарка.

Што да ви раскажувам за свадбата и веселбата на тој ден? Навистина, беше без сватови. Чорбаџијата Влајко ја испрати ќерка си Чона скромно во саботата навечер без гајда, без песна, како вдовица, што се вели, но затоа пак кај Мицета во новата куќа невестата ја дочекаа бабата Стана и дедот Тотко со сто сватови, двесте сваќи, дваесет свекори и свекрви, золви и јатрви, со вистинска братска љубов.

Ако на секоја свадба свиреа по една и две гајди, овдека беа сите колку ги имаше в село.

Booking.com