ПРАЗНИКОТ HA ТРУДБЕНИЦИТЕ
Април веќе помина испратен со радост од целата природа и од луѓето. Се приближи Први мај, денот на вистинската радост на сите оние што си го вадат лебот со пот по челата. Тој ден треба да се прослави со особена радост.
Ете зошто и во нашето централно село на тричетири дена пред овој празник се собраа одговорните лица да се посоветуваат и подготват за што поубав пречек.
Како што е ред, сите прашања околу прославата треба да се разгледаат на една конференција. И еве ја таа конференција во една од одаите на големиот Влашки ан, којшто служи како задружен дом, бидејќи селото го откупи уште 1925 година од Крапчевци за шеесет турски лири.
Присутни се на конференцијата:
Петко Сивевски, секретар на ОПО;
Ристе Карабоја, претседател на MHO;
Киро Нидоски, претседател на СРЗ;
Коста Сребрески, книговодител на СРЗ;
Никола Лашкоски, секретар на MHO;
Славка Србиновска, раководител на АФЖ;
Јордан Вескоски, раководител на младината;
Инж. Дамјан Бекировски, главен инженер на шумскоиндустриското претпријатие „ШИП”;
Златко Колиџоски, директор на истото претпријатие и
Столе Ристеноски, командир на народната милиција.
Во овој состав сите седеа на двете клупи и единствениот стол. Пушачите пушеа, сите мислеа што предлог да дадат, а секретарот на ОПО нешто бележеше на едно парче од својот бележник, и најпосле им се обрна на присутните:
— Чекаме ли уште некого, другари?
— Па, кого чекаме. Тие што бевме за идење тука сме. Туку, ајде почнувај, кажи што ќе ни кажеш — одговори за сите Ристе.
Петко стана, си го запетла палтото, си ја помазни косата и почна со сериозен машки глас:
— Другари и другарки! Ја отварам оваа наша тесна конференција која е свикана од нашата партиска организација по повод празникот Први мај. За значењето на празникот јас сега нема да зборувам, но да разгледаме некои припремни работи за самата прослава да излезе што поубава. Ајде, секој од нас да поразмисли и да предложи по нешто, ама и сам да земе од тоа нешто на себе доброволно.
Прво и прво, некој од нас ќе треба да ја отвори прославата; друг да каже нешто за денот; трет да си ја земе грижата за пароли, бајраци, за одржување редот итн. Ајде да видиме како ќе ја наредиме да не излеземе ептен чурук, да ни се смеат комшиите.
Присутните погледнаа еден во друг, a Нидо почна со предлозите:
За отворање на прославата јас го предложувам другарот Сребрески. Тој е стар мајстор за тие работи.
— Арен е, арен е. Се прима, грмнаа сите во еден глас.
— Е, море, ајде да си поминам на редот —се согласи Коста а Петко запиша на парчето книга спроти ова прашање: „Коста Сребрески” па продолжи со прашањата:
— Кој ќе го држи говорот за денот Првимај?
— Е, другар, тој ти е твој ден. Секретарите на ОПО ги држат секаде тие говори. И ти нема да се иставиш кога го држиш тоа место — предложи Славка.
— А бре, ме носи редот, туку којзнае дали ќе ја испечам вака самоделски. Белким некој друг доброволно сака да ме замени? — праша Петко и зачека, но сите ги наведнаа главите. He е шака работа. Да одржиш говор на сретселото, пред неколку стотини слушачи, не беше лесно ни за даскалот а камоли за самоукиот Петка Сивевски, којшто по силата на времето застана на едно такво одговорно место, какво што е секретар на ОПО во едно големо село. Затоа миловидно го погледна инженерот и молбено го праша:
— Да сака другарот инженер да ме замени? Ајде, ти си учен човек. Ми е страв да не ја цапнам некоја говедарска, да ми се смеат до смеење тие што разбираат по нешто.
— He мрткај, Пецо, не мрткај. Славка убаво рече: „Тој ти е твој ден”. Свињари, говедари, овчари, тие сме сега. Како ќе си дробиме—така ќе си сркаме. Стига што немаме јабанџии попови да ми висат над гдава. Ајдс, јас ќе земам нешто друго, — му одговори Дамјан, така што Пецо се запиша сам на своето ливче за говорник на прославата.
— За пароли и знамињата некој? — праша Петко и погледна во сите со ред.
— Јас со младинците — се јави Јордан веднаш.
— АФЖ ќе го организира другарката Славка, а?
— Ами кога нема некоја помлада, се примам, што ќе правам…
— За редот на Денот, се знае: другарот командир — предложи самиот Петко и не заборава да запише спроти секое задолжение кој ќе биде одговорен.
— А другарите директорот и инженерот да ги спремаат работниците од нивното претпријатие да дадат една точка од програмата — предлага Нидо.
— Другарите од власта останаа слободни — забележа другарката Славка.
— He ce останати, не ce. Тие ќе си ја земат грижата селото убаво да се исчисти, измете, да се закачат бајраците, китки цвеќиња, зеленило. И така, за сите излезе работа — констатира секретарот Петко и предложи да го прочита она што го запиша секој да го слушне и да го исполни.
Прославата ќе почне во 9 часот на сретселото од прилика со оваа програма:
а) Пред ручек:
1. Отворање на прославата;
2. Поздравен говор за значењето на Први мај;
3. Рецитација за Први мај;
4. Хорот ќе испее две песни;
5. Поворка од шумските камиони и работници;
6. Народна веселба — гајдите.
б) По ручек:
Пријателски фудбалски натпревар.
— Се прима ли оваа програма, другари?— праша секретарот Петко.
— Се прима, се примаааа — извикнаа во еден глас сите присутни.
— Тогаш да ја завршиме конференцијата, а другите што ги зедоа обврските, да гледаат да ги исполнат. Јордан со младината ќе има повеќе работа, затоа нека се стегне убаво.
— Се разбравме, џанум! Младите секогаш и секаде се напред — одговори Јордан и сите станаа та ја напуштија „салата”.
* * *
Дојде и Први мај. Убав пролетен ден уште од утрината. Покрај убавата и весела природа и селото осамна украсено, набелено, нацрвено, нагиздено како млада девојка на Ѓурѓовден. Сите улици чисто изметени, по прозорците од куќите накачени бајраци, по вратите и портите—зеленило. Луѓето, жените, особено ергените и девојчињата празнично облечени. Се забележуваа многу младежи во костуми, со јаки и врски, со плитки чевли, капели. Овде онде по некој попрекршен човечец носи народна носија, колку за поредба меѓу минатото и сегашното. Женските беа повеќе во живописната мариовска носија, но и во нив веќе имаше доста во лесна градска облека, со ондулирани коси, свилени чорапи и високи чевлички, та дури и со чанти во рацете. Ако се појавеа такви пред десет години, сите ќе беа сметани за даскалици. A сега? Се познаваа сите кои се и никој не им се чудеше и не ги викаше „Ѓупки”, како порано.
Околу осум часот се слушна гласот од железното клепало; знак за собор, а од кон гатерот засвире сирената од локомобилата. На тие знаци од сите страни почна да се собира народ на големиот чаир —сретселото.
И Влашкиот ан беше украсен со Haјубавите килими што ги имаше селото. Тука беа: MHO, СРЗ и ОПО, т.е. сета власт и управија од каде се управува со селото. Пред него Нидо и Јордан со младината подигнаа трибина од штици. Сега чаирот се наполни со народ. На трибината веќе се качија познатите функционери и свеченоста почна.
Коста се приближи до масичката и почна да вика:
— Приберете се, другари, поблизу, приберете се и малку тишина да слушнеме.
Живата маса свет се прибра и стивна. Едно момче улучило прилика за своите шеретлуци и му закачило на едно гиздаво девојче што стоеше пред него ливче книга, на кое пишуваше: „Колку те сакам, мори Стојно. Ќе пукнам како костен за тебе”.
Момчињата околу него се раскикотија.
Коста ја отвори свеченоста, викајќи како што му е редот.
— Другари и другарки!
Го отворам ова собрание, оваа конференција, овој митинг и прослава за денот Први мај. Има збор другарот Петко Сивевски. Тој ќе ви каже нешто за денот Први мај. Има думата другарот Петко — го рече ова и се тргна назад од говорницата.
На неговото место се исправи Петко. Висок, плекест, рус маж на околу 25—28 години. Облечен во градски алишта, избричен, начешлан. Во десната рака држеше парче книга. Неговото појавување масата го поздрави со викотници и ракоплескање. Петко почна со говорот:
— Другари и другарки!
Денешниот ден е многу голем ден. Од сите денови на годината најголем ден. Велам голем, не дека е најдолг. Оно, тој е и најдолг, туку ете така тој е голем ден за работниот народ. Heгo илјадници, милиони работници го прославуваат, па и ние, ете се собравме да го прославиме.
А зошто велиме е голем?
Еден од слушачите што стоеше до трибината потфрли:
— Ами, зошто е голем; оти е пролет и оти иде лето, зошто за друго …
Петко се распали од забелешката:
— He, другар, оти е пролет и оти иде лето, ами затоа оти тој е празник на сите работници од целиот свет. Денеска тие го празнуваат, та и ние, ,еве го празнуваме. Овој ден е земен како празник на работниот народ…
Од масата се слушна громогласно извикнување: „Да живее работниот нарооод!” проследно од ракоплескање и викање.
Петко продолжи:
— После. . . Овој ден е прогласен за празник на работниот народ од Комунистичката партија.
— „Да живее Комунистичката партијаааа!”.
— „Да живее другарот Титооо!” — викна Петко, што се разнесе низ масата:
— „Да живеее… !”
— Ете зошто е голем Први мај и ние сега сите да го отпразнуваме што повесело — рече Петко тивко и повтори: „Да живее Први мај”, што масата пак грмогласно прифати.
Ha говорницата пак излезе Коста и објави:
— Другари и другарки! Ceгa ќе го чуеме нашето даскалче; ќе ни каже една песничка за Први мај.
Даскалчето излезе пред Костета и ја издекламира песната:
„Иде празник на работник,
Празник славен на трудот …”
По свршетокот на декламацијата и тоа викна: „Да живее Први мај”, па и публиката, а Петко објави дека наредната точка ќе ја исполни со песни хорот. Трибината јa испразнија официјалните лица, a ce накачија хористите на број 18 души, и тоа 10 машки и 8 женски. Паѓаше в очи дека сите машки беа облечени во градски облеки. освен „диригентот” Младен, повозрастен (25—28 год.) во мешана облека: бели селски чорапи, куси црни пантолони, селска кошула со широки ракаци, курдија, но под селската кошула место фанела носеше градска кошула со јака и врска. гологлав, начешлан напатец.
Женските членови на овој необичен прв мариовски хор беа се млади девојчиња и сите во живописна мариовска облека. Аловите кистови и прегачи зацрвенеа на сонцето на бината и им ги приковаа очите на гледачите. Ергените, па и младите оженети, гледаа во убавите мариовки; во црвено—белите образи, русите или црни, како жужел, коси, во сивите или црни очи, во бујните гради и обли колена, што се надзираа под аловите чорапи и им даваа волшебен изглед на крупните женски фигури. .. Дури по некој и од повозрасните па и постари мераклии се сетија на своите млади години и ги позамазнија мустаките.
Па и „диригентот” како да сакаше да им угоди на гледачите та ги нареди женските во првиот ред, а машките зад нив—во вториот. И кога тој се заврте и и се поклони на публиката, оваа го поздрави со силно плускаке и бесно викање. Се заврте пак кон хорот и почна да му дава тон, а потоа ги крена двете раце и замавта. По сите правила, значи, на диригенството.
Хорот грмна „Еј словени”, а присутните го задржаа здивот да слушнат за првпат песна од машки и женски што стоеја едно до друго и тоа на сред село. Уште и поткачени на повисоко, за да можат поостро да ги бодат во очите бабите Цвети, Петри, Проки, Стаки и Стојни, коишто ова го сметаа као „букураана”, расипаност, неморал.
По химната хорот испеа уште неколку партизански песни, меѓу кои и познатите за Иво Рибар—Лола, Ѓорѓи Сугаре, Гоце Делчев и други и Коста објави дека таа точка е завршена и како наредна ја соопшти процесијата од шумските камиони со работниците на нив. Оваа точка требаше да го прикаже процесот на производството што го произведуваше ова претпријатие во рамките на првиот петгодишен план на Нова Југославија.
Затоа, додека се одвиваше прославата на срет селото, надвор од него по патот се спремаа шоферите со камионите и работниците да им покажат на селаните што работат тие во блиската нивна планина и на гатерот.
Камионите ги наредија по „старешинство”. Се разбира дека напред беше Гркланот со неговиот „ОМ”. Сите камиони беа натоварени. Некои со готови материјали: штици, летви, бичмиња, прагови и греди; други со суровини: трупје, бандери, јамско дрво, бурила со смола.
Се пренесе знакот за тргнување.
Напред на Грклановиот камион со големите трупје беа секачите со секирите на рамо, пилите—џаги и една моторна пила, која пиштеше — сечеше. Го покажуваа почетокот на производниот процес со модерни алати.
На вториот камион беа накачени белачите што ги белат трупјето и на самиот камион ја покажуваа втората фаза на работата. На третиот беа дотурувачите со цапините и по него валкаа два—три трупа и ја покажуваа третата фаза. Зад нив, во составот на таа фаза на работата, еден булдожер влечкаше приколка со огромни трупје над десет кубика. Се покажуваше, значи, модерниот дотур; место по три ѕевгари волови да влечат еден труп, овој гигант „вол” сам влечеше десетина—петнаесет такви големи трупје. На четвртиот камион јаваа врз готовите материјали гатеристите и целата послуга на гатерот. Стариот Коџаманоло ги остреше пилите и циркуларите на модерното механизирано точило и на минута фрлаше по една готова наострена пила, која на рака со егето требаше да ја остри најмалку еден саат. Работниците сортираа материјали, рампираа, подредуваа. Си ја покажуваа нивната работа на гатерот.
По овој камион беа патарите (Пештанци) прочуени со брзата работа по шумските патишта. Снабдени со своите алати: казми, лопати, чукови, ќускии и со опнати голи изгорени но затоа јаки мускули по рацете и плешките, ја покажуваа силата со која ги совладуваа шумските карпи и правеа патишта низ непреодните мариовски планини.
На последниот камион беше исправен бор во природна големина и на неговиот корен беа наредени две — три лончиња во коишто се збираше смола од која фабриките произведуваа терпентин, калафон и други екстракти за нашата индустрија. Околу него беа смоларите со тесличките в раце, со коишто го дразнеа растението да им пушти повеќе солзи и да им го наполни што побргу поставеното лонче. Тие го претставуваа смоларењето.
Вака приготвени камионите поминаа меѓу двете редици од луѓе коишто на секој му се начудија и изнаплускаа, поздравувајки ги трудбениците од ова поле на работа. А овие, како да не ги гледа никој, си ја работеа секојдневната работа, гордеејќи се со своето учество во големите напори за исполнување на дадените им задачи во општиот народен план.
По изврвувањето на последниот камион, којшто беше испратен со најголеми аплаузи и викотници, Косте се појави на трибината и ја објави последната и најрадосна точка од програмата.
— Е, сега како последна точка е наподната веселба. Де сега гајдите да се надујат — заврши тој и слезе та се замеша во светот.
Масата се размрда и забаботе со разни гласови, а на две—три страни на чаирот писнаа гајди околу кои зачас се направија обрачи од ораџии.
Танците тргнаа низ чаирот, а гледачите го испразнија центарот и се наредија наоколу да ги гледаат младите како се кршат и извикуваат под острите звуци на гајдите.
За разлика од старо временските ора кога играа машките одделно, женските одделно, овие ора беа шарени. Хорот во целиот свој состав направи еден танец машко и женско, а „диригентот” ја дуеше гајдата, та и сега даваше такт и со гајдата и со ногата што посложно да играат неговите преѓашни песнари.
Се играа ората: тешкото, арнаутското и повраќаното.
Жешкото мајско сонце и веселото играње ги загреа играчите и зачас ја изменија бојата. Образите им се запалија и, речиси, се изедначија со аловите кистови од саѓиите, прегачкте и женските чорапи. Жешка пот им ги облеа лицата, но тие не мислеа да престанат. Во таа и таква атмосфера од преѓашната трибина се слушнаа звуци од армоника. Младите наеднаш ги обрнаа своите глави кон неа. Нив не ги задоволуваа во моментот звуците од старовремските гајди и сакаа нешто ново. Ги напуштија гајдите и ce собраа пред трибината. А еден од танчарите, признатиот ораџија Русе, повика со силен глас:
— Бало, даскале, бало засвири, балоооо! Русета го придружија сите млади. Армоникашот, преѓашното даскалче што декламуваше за празникот Први мај, засвире еден лесен валс.
Како под команда се фатија младите двојки и се растурија по природната сала, што не беше, ни измазнет ни намачкан паркет, ни убав под од штици, но чаирот на срет селото, осветлен место од скапоцени лустери, од мајското сонце.
Играта, се разбира, не беше по монденските правила, селанска игра, со извесни и грубости може да се рече, но не беше старовремски танец ами модерно бало.
Тука за првпат бабите видоа двајца млади на сред село да се држат прегрнати и да се вртат на очиглед на целиот народ. Тој „резил” предизвика, речиси, кај сите стари големо негодување.
— Иии, како не им е срам, срам да ги јаде, мори Проке; види како се прегрнале како вчерашни младоженци. Лелеее, зини земјо — голтни ме, што доживеав да ја видам оваа букураана, — ce заврте бабата Цвета кон другарка и Прока со полно очајание што ги гледа младите како се притискаат едно до друго, ни род, ни поможи бог.
Па тоа да се случеше во нивно време уште на прагот од портата татковци им ќе ги заколеа со секирите.
Младите се посилно и посилно се вртеа. Јордан со една руса „дама” — Ѕвезда, се вртеше, се смееше кокетираше, а неговата Севда, со едно русо момче — Младена, исто така. Се вртеа, си намигаа машките еден со друг и покажуваа со главите на своите партнерки, сакајќи секој да се пофали како неговата дама е поарна и поубава од таа со која другиет игра.
Во екот на играта на Јордан му пристапи едно момче Злате—и го пардонира да му ја отстапи Ѕвезда. Јордан не пристана и го одби:
— He може, другар, оваа. Ене ти ја Севда моја; земи му ја на Младена.
Злате се навреди и налути и расправијата почна:
— Ќе може, другар, ќе може. Овде е оро. Твоја да е пак не можеш да ја браниш, не пак туѓа — и почна да ја дрмоли „дамата”. По таа причина се скараа остро, а Јордан дури и една трештеница му удри на Златета за да ја одбрани „дамата”. Ова предизвика тревога кај сите, а армоникашот го запре свирењето. Сите се собраа околу Јордана и Златета, а некој викна:
— А, Орде, на Злате; удрите дури да се соблечам јас. —*А така.
А кон „дамата”:
— А, мори руса, поможи му на тој што го сакаш. Туку и двајцата се женети; никој те неќе дома.
Бабата Цвета пак и се обрна на комшиката:
— Јаз’к да им биде, алабаците ниедни. Гледаш ли што прават? Очите ќе си ги извадат за едно ороспивче.
Проќа тивко и одговори:
— Мори молчи, Цвето, да не те чуе Ордан, ќе ти ги искрши коските настарост. He гледаш колку ја брани?
Тој што ги туткаше, повозрасен човечец, се замеша и ги одвои Јордана и Златета.
Co овој мал инцидент се заврши претпладневната прослава на големиот работнички празник Први мај.
Поручек на игралиштето „Перун” се одигра пријателски фудбалски натпревар по сите прописи на фудбалот. Скоро сета публика што беше пред ручек на срет селото и уште толку од соседното село П. навивачи за својот тим, ја поседнаа природната трибина — меѓата на Белевата нива, која беше претворена во игралиште и ги почна коментарите за излезот на натпреварот.
Благодарение на објективноста на судијата, а уште повеќе што во тимовите немаше женски играчи, играта се заврши без инциденти со резултат 3:2 за „Перун”. Единствено стариот Беле за цело време им ја пцуеше мајката и на играчите, и на гледачите што му ја претворија златната нива во игралиште и со тоа го лишија од десет—петнаесет товари пченица што му раѓаше оваа нива кога беше „негова”. Сега ја држеше СРЗ, та охотно му ја отстапи на „Перун” за игралиште.
Гледачите се разотидоа секој по дома a гостите навратија кај свои роднини и пријатели в село и претераа една весела ноќ како гости.
Co тоа се заврши првомајската прослава. Но останаа трагови од неа кај нашите ораџии, а особено кај двете двојки од „балото” Јордан—Ѕвезда и Младен Севда.
Јордан од натпреварот не си отиде право дома. Кавгата со Златета за Ѕвезда го раздразни многу та сакаше да ја продолжи па се спреми дури и за ќотек со овој шебек ерген. Отиде пак на срет селото каде што по мракот насобраните селани го коментираа нивниот случај. Тука разбра дека Злате ја изнесол работата дури пред власта. My кажал на претседателот Петка и овој тука, на „јавна расправа”, пред сите присутни, го повика да си даде одбрана.
Одбраната беше убедителна, и за власта, т.е. претседателот Петка, и за поротниците (скоро половината селани што беа на срет селото) и Јордан се оправда, бидејќи сите потврдија дека, кога еден има нешто в раце a друг му го побара, зависи од притежателот, ќе му го даде или не. Во случајов тој не сакаше да му ја отстапи Ѕвезда на Златета, та овој немаше право да ја дрмоли и да му ја откинува насила. Затоа и пресудата падна во Јорданова полза, а Злате го окрка шамарот заслужено.
Дури се избистри оваа работа на срет селото месечината веќе поискочи над Ѓурѓишта два—три остена, што покажуваше дека ноќта длабоко завлегла.
Во тоа време, во двокатната Јорданова куќа од две одаи, од кои едната со под од штици, убаво наместена, а другата со оџак и земјан под се одигруваше следната сцена:
Bo кујната крај оџакот седеше бабата Стаќа, мајка и на Севда и ја држеше големата таза за долгата железна рачка, a со долгата боравалка ја боравеше кашата да не се завари. Ламбата жмиркаше обесена на десната страна на оџакот, а Севда шеткаше зад мајка си со детето в раце, сета растревожена од возбуда.
— Го виде ли ти зета ти денеска? — и се обрна таа на старата, застанувајќи и зад грбот. — Се степа за онаа кучка Ѕвезда со Златета. Да е кабил под унечка да и се напика; толку што залудел за неа. Еве го, ве. Се стори полноќ уште го нема да се прибере. Кај неа ќе срти како некој мандак. Mope очите ќе му ги исчепкам со нокти кога ќе си дојде, туку чекај — и пак зашетка низ одајата спремна да му се фрли и навистина да му ги исчепка очите со нокти штом се појави Јордан на вратата.
Бабата Стаќа престана со боравењето и се заврте кон ќерка си.
— Полека, ќерко, полека. Умири ce. He клавај си саклет на душата. Се ќе биде. Caмo со ум.
Севда пак застана над самата нејзина глава и почна да ја кара на високо:
— Како полека, мори, стара вештерко, и ти што ме зеде на душа. Кога ти велев јас оти тој мангуп не бидува човек, ти што ми велеше: „Ќе се зауми, ќерко, ќе се зауми. Ќе си дојде на годините, ќе му легне умот. Еве на. Колку старее толку магарее. На душа да ме имаш што ме поцрни за него; аир да не сторите во очите обајцата.
При последниве зборови Севда на глас се расплака. Солзите и потекоа низ црнгалестото лице и почнаа да капат на главчето од детето, кое и заспа на рацете.
Стаќа ја истави тавата од перустијата, ја кладе во пепелта и стана та и го зеде детето од рацете и почна да ја теши:
— Е, бре, тоа се стори, Севде, што се стори. Ти арно велеше уште тогаш дека не бидува од него човек, ама ете се греши. Туку пак ти неоти толку го сакаш?
Севда пак и се нафрли како пушка отпетлана:
— Колку јас што го сакам, толку жив да биде; туку а де? Жива в земи не се влегува. Ќе ми темнее векот покрај него — и пак почна да ги брише солзите.
Стаќа се издиши длабоко и како да се присети нешто, продолжи:
— Е, море, арно беше да си го земевме Младена како што велеше ти, ама ете стана грешката.
Ги изговори овие зборови и некако со друг глас, глас на мајка што сака да и помогне на ќерка си настави:
— Туку. . . знаеш што Севде?
— Да штокнеш та да пукнеш, да рече господ златен и Богородица. Да го земевме Младена, топ не не разбиваше — пак ја проколна Севда мајка си, а оваа и понатаму зборуваше:
— Уште ли го сакаш него како што го сакаше порано? Гледав денеска и ти се позаврте со него. Што ти вели тој? Те сака ли и он како ти него?
При овие зборови Севда се поиздиши, та дури ја развлече устата; се понасмевна:
— Mope, господ да ве всакате обајцата со него. Што ке ми вели. Издивај тој, издивај јас, но огламниците на двајцата ни се наврени. Што марафет дека издиваме. ..
Од овие зборови Стаќа некако се поразведри, па и рече:
— Знаеш што, Севде? Ако сакаш да си го имаш Младена, ете така за ќеф што се вели, ќе ме послушаш мене. Ќе гледаш да не се караш со Јордана за Ѕвезда. И не само тоа. Ќе гледаш дури и да се спријателиш со неа. Ете, Младен и е братучед, та таа, за да ти го откине Јордана, ќе ти иде на рака со Младена. Слушај ме ти мене. Се ќе се нареди. He плачи.
— Mope платно на очите да ви стои на вас старите кодошки, туку, ајде да видиме што ќе излезе и од таа твоја будалештина — и одговори Севда и си плисна еден грст вода на лицето од бардачето, бидејќи по скалите веќе се слушнаа чекори од човек што се качуваше.
Тој се накашла силно и плукна од чардакот, нервозно чекорејќи кон убавата одаја. Уште понервозно ја отвори вратата и влезе внатре та чкрапна кибрит и почна да ја пали ламбата.
Тоа беше Јордан што се враќаше доцна од „судот” на сред село, каде пред селската „правда” се оправда, но сега требаше да издржи поголемо судење од Севда и мајка и Стаќа, каде што беше домазет. Тука требаше јуначки да ги дочека сите клетви од старата и сите плачки од младата, а тој да им одговори со познатите мариовски пцости. А ако префрли мерата на нивните јазици да проиграат и неговите тупаници, ако не слезе да се замеша и самиот „Дрвен господ” — ластегарката.
Севда си го забриша лицето, та дури и си ги тргна кркмите со чешелот и, претворајќи се во нежна сопруга, како ништо особено да не се случило, влезе во одајата и, место плачки, клетви и кавги, нежно му се обрна на „добриот” свој стопан:
— Си дојде ли, Орде? Каде се задржа? Или некоја конференција пак имавте? — а во себе си додаде: „Да ми те клукне змија осојница, да рече господ”. — Ајде, ела да повечераме, се олади кашата! — и го фати под мишка, го потстисна и се разнежи како верна и заљубена сопруга.
Јордан се изненади од постапката, но омекна, та почна и тој да се преправа:
— Си дојдов, Севде, ете се задржав малку на сред село. Се порасправивме малку со оној пезевенк Златета за денешното, бесот да го фати. Me направи за резил со невестата Ѕвезда. Опара, опара мандакот еден, сака да игра со неа, ни род, ни поможи бог што велат, па му удрив некоја и друга тупаница; му ги искршив рилките, да не ја бута тоа чурилката каде што не е местото. Па ќе ме тужел човекот; не го срам. Та, таму се позадржав — призна Јордан каде се задржа, не толку од искреност, колку што сакаше да види што мисли Севда за неговите врски со Ѕвезда.
Па за да и даде да разбере дека и таа го направи истото престапление во тој поглед, ја праша:
— Ами ти, како си помина денеска? Проигра, те видов, со Младена, туку ако. Тој ми е другар од време. Co него ич кусур не ти фаќам. Ама со оној пес Златета да не се излажеш оти вратот ќе ти го пресечам — заврши Јордан и веќе дојдоа преку кујната и си влегоа двајцата едно до друго, притискајќи се на тесната врата.
Од самото влегување бабата Стаќа разбра дека Севда ја послуша и и се олесни на душата. И го даде детето на ќерка си, ја стави софрата, повечераа и младите си отидоа на спиење во убавата одаја, а бабата си го фрли рогузинчето и козинавчето крај оџак и мирно си заспа со една постигната цел.
На неколку дена по празникот се сретнаа во едно од многуте тесни уличиња Севда и Младен. Оваа си идеше од чешма со букарот на рамо и едно стомниче в раце; измиена, исчешлана, потпроменетка, поткршнатка како секогаш што си одеше. А денот беше недела, та требаше да изгледа и изгледаше празнично облечена.
Младен, пак, се враќаше од ливадата со секира в раце и нарамник врбова шума. Имаше дома по некој ромак—криви овци, јариња, та им носеше некоја вејка да не гладуваат животинките.
Уште од далеку Севда му се обрна:
— Каде вака, браче Младене, со секирата? — и веќе се наближија и застанаа еден спроти друг.
Младен се заврте на двете страни на уличето и погледна да види дали не ќе ги забележи некој сами со Севда. Навистина на орото сите ги гледаа кога играше со неа, но овдека насамо не ќе биде баш згодно. Севда го опомена:
— He врти се, ама слободно стој и разговарај. И слушај ме што ќе ти кажам. — Тука и Севда го спушти гласот иако него го опомена да биде слободен и да не се врти, па продолжи: Мене Орде не ме кара оти со тебе играм и оти стојам. Вели, ти си му бил стар другар и ич не се сомнева во тебе. Но за да биде работата сосема ујдисана, еве ти што ќе направиш.
Младен пак почна да се врти небарем грозје сака да краде од Андовото лозје, a Севда пак го опомена:
— He врти се, будала; ќе виде некој. Слушај ваму. Што ти е Ѕвезда Бојова тебе?
— Прва братучеда од тетка — одговори затресен Младен.
— Ах, таман работа! Ти сега, овие дни, кога ќе можеш, ќе ја закачеш неа мене да ме кандисува за тебе. Вели и што ќе и велеш. Ветувај и нешто само да ја согласиш да биде наш посредник. Ако ја кандисаш неа да ни биде јатак сета работа ќе се нареди. Инаку, крени си го од умот тоа што го знаеше до сега.
Младен се поприсети што треба да значи ова, се поднасмевна и одговори:
— Mope, ако е за Ѕвезда, ѕвездилатаќке и пукнат и ќе врши работа, туку да не имаш некоја беља од Јордана. Ајде, оди си да не ти тежи букарот и чекај ја овие дни; ќе ти се истресе дури дома ако сакаш. Таа непара се плаши од нејзиното Трајче.
Co овие зборови се разделија Севда и Младен да чекаат резултат од мудрите совети на старата кодошка бабата Стаќа.
По некој ден и друг во исто такво тесно уличе се сретнаа Јордан и Ѕвезда. Оваа беше прва средба по инцидентот со Златета та Јордан оддалеку и се насмевна и проговори:
— Виде некни? Ама го намердав Златета! Повеќе сирење му дадов од леб. Па дури ме тужи мажот, не го срам… Туку, слушај, Звездо — рече и почна и тој да се врти како Младена:
— Слушај. Оваа наша работа не бидува вака. Сака да бараме некое местенце да се видуваме понабргу. Та за некое земање… — ги поткрена рамениците — кој знае. Ете и двајцата сме врзани. Туку, барем дури сме млади да се помилуваме по некојпат и друг, пак кога ќе остарееме, ќе бидеме добри пријатели. Што мислиш ти; кој може да ни помогне?
— А бре, Орде, неоти ти не знаеш колку те сакам. Аир да не стори мајка што не ме даде за тебе. И кога ќе умрам, цела ќе лежам во гробот, што се поцрнив за човек што не ми го кабули душава. А за ова што ми велиш; јас право да ти кажам, никаде на друго место немам верба, освен кај тетка Бојана. Ама од батка Младена ми е страв, та тетка не ќе ми откаже — одговори Ѕвезда сета зацрвена од темата на разговорот.
При овој Ѕвездин одговор Јордан се разведри:
— Co Младена јас ќе ја уредам работата. Ич, без гајле. Само ти држи ја тетка ти Бојана. Ќе и купиме некоја и друга ока шеќерец. Што вели песната „На тетка ти ока шеќер — нека јаде, нека молче”.
— Ајде, ајде, оди да не не види некој. Ти мазни го батка Младена, јас тетка Бојана.
Ајде, ај со здравје —му одговори Ѕвезда насмеана. — Оди и не тепај се ти за мене да не се дошикаат векот.
И се заделија со надеж на успех, како Младен и Севда.
Младен и Јордан навистина добри другари беа. Причините за тоа другарство не бе за фалење, но тие се трудеа да бидат блиски за да можат да си ги постигнат своите цели.
Јордан го сакаше Младена дека тој и беше прв братучед на неговата симпатија Ѕвезда, та ете со неа го крои планот да си создаде јатак баш кај него дома. Суровиот инстинкт ги потисна моралните чувства та, макар да беше и некаква подалечна роднина со мажот и на Ѕвезда, Трајка, тој сакаше да си направи пријатна разонода со неа, со која уште од ергенлак имаше извесни симпатии, па дури и некаква притаена љубов. Уште тогаш тој и предложи да се земат, но како бабата Стаќа што и попречи на Севда за Младена, така и мајка и и попречи на Ѕвезда за Јордана, та ја омажи за едно недоделкано овчариште, Трајко Бачков. Но таа љубов по три четири годишен брачен живот со несаканата друшка, ете, излезе на поврвшина и посака, макар и недозволено, да се оствари.
Иста беше положбата и кај Младена. Тој со Севда се сакаше уште од шеснаесеттата година, ама пусти адет мариовски — родителите да ги женат и мажат децата, му ја растурија среќата. Бабата Стаќа сакаше домазет, a Младен не ја оставаше куќата дури е жива мајка му, та така кај Севда дојде Јордан а тој — Младен — се ожени со една многу чурук та дури и болникава момичка, Менка Брцева.
Јордан навистина не се сомневаше во Младена, но затоа пак Младен ги знаеше сите Јорданови врски со Ѕвезда, та добро му дојде да го исползува тоа негово слепило.
Двајцата другари не се разделуваа. Дома надвор, што се вели зборот; едниот сон ги делеше. И на работа заедно се зафатија на гатерот. И ене ги каде изнесуваат штици и каде ги редат на камари во дворот.
На враќање го фати Младен Јордан под мишка, се насмевна слатко и го гибна:
— Та, така ти некни, а? Го намерда убаво Златета за Ѕвезда наша? Mope, припази се бреј; ќе ти ги искрши коските Трајчето нејзино, ако го гледаш така „Толеволе, турни бука”. He си накапал на таков!
Јордан го потстисна, го поттурна и таман му дојде згодно да си ја каже маката, па му одговори:
— Mope, остави го ти Трајчето Ѕвездино. Нели си иде дома на двете недели, од него мала грижа, ами нешто тебе да те прашам кога ме гибна за тоа— рече и го застана пред зградата на гатерот. My ce опули во очите и со умилен глас му проговори:
— Што велиш ти? Ќе не караш ли нас со Ѕвездето ако не најдеш кај тетка Бојана? He ќе ти ја изедиме куќата? Најпосле… Зошто сме другари!
Младен се тргна. My дојдоа на ум Севдините зборови: Ѕвезда да им биде кодошка ним со Севда, а тој, ете сега, ќе треба да биде кодош на Ѕвезда и Јордана. My падна смешно како се годат овие ѓаволски работи сами по себе. Да е некоја домаќинска, триста пречки ќе се испречат дури да се направи, а овие одат како подмачкани. И веднаш одговори:
— Mope, бреј! Коските ќе ти ги искршам, алабаку ниеден! Зар лоша ти е невестата Севда та што ќе вадиш очи со Ѕвезда?
Јордан почувствува дека не е опасен Младен, па уште поумилно го замоли:
— А бре, лоша! Кој ти вели оти е лоша. Туку, ете така, да размени човек. Бачот јаде само млеко, маст, сирење, па му се внушува и за пиперка. Та и ние мажите така, да размениме понекогаш. Па што ќе штетиш ти од тоа? Зошто сме другари, мајка му стара, нели да си помогнеме во зол час. Ајде пак јас ќе врткам некоја за тебе. Ете, и снаа ти Севда ќе ни помогне, ако ја имаш негде обесено пушката.
Младен пак почна да се смее, гледајќи го Јордана како ја налапува јадицата, без да може да ја види неговата пушка обесена баш кај него дома. Поправо кај неговата Севда. И пак со закана му одговори:
— Mope орман ќе фатите, бреј! — Но само за миг сам се поправи: — Најпосле вадете очи, туку со мукает да не си слушнеме некој муабет; да ни се смеат векот.
Јордан ce расположи.
Така да си ми жив! Mope другар, пак другар. Како другар каде има — рече и тргнаа да земат други штици да редат.
Од гатерот гатеристот Мирко Сивевски им свика:
— Mope в реката ќе појдете, бреј алабаџии! Кај туку се штуткате? He гледате? Be затрупав со штици; кога ќе ги носите?
— Ајде, бре, говедару ниеден. Вчера ги остави говедата, денеска машинистер ми се прчиш. Ја ела да влечкаш по сто оки на грб и ти ќе сакаш да се издишиш малку. А не си седнал на трупот, се возиш како улав по него, па ќе викаш — му одговори Јордан на шега.
Мирко се насмеа:
— Е море, говедар, говедар, ама еве Македончето од говедари направи машинистери. Камо ги Дојчовци твои да видат дека и Македончето можело да тера мотори, не само тие пезевенци. Ела да те видам, седни ти на трупов дали не ќе те расчеречи на дванаесет — па им рече сериозно: — Туку, ајде, лебави; нема каде да ги фрламе штициве. Носете ги побргу оти ќе останете по пајдосот да ги редите.
Во тој момент еден од работниците на циркуларот запиште:
— Олеле, мајко! Помош, луѓе, ја пресеков ракава — и се фати со десната за левата рака, продолжувајќи да пишти.
Стојан Сукала — Големиот ја пресече левата рака на циркуларот. Сите се загнаа кон него а Мирко почна да вика:
— Запри машините, Вескооо! Бргу, бргу, бргу; давај леп. Човек се повреди!
Наеднаш сите машини застанаа а Стојан, сред обрачот работници, продолжуваше да пишти:
—Отиде ракава, другари, отиде, туку бргуте, правите нешто барем главата да ја куртулиме — рече и се испружи на тезгето од самиот циркулар.
Јордан и Младен потрчаа низ гатер и за миг се вратија со еден средовечен човек со чанта со црвен крст. Тој беше лекарскиот помошник Стеван Катин што служеше во претпријатието како санитар за брза прва помош.
Стеван се приближи кон ранетиот Стојан и ги растера работниците:
— Место, другари, место, да видиме што стана.
Обрачот му направи место и тој се приближи.
— Што е, бре Голем? Што направи од кука нога да си направиш?
Стојан длабоко офна и запомага:
— Левата рака, доктореее! Me боли, ме боли, ме болиииии! Ја пресеков на циркуларот — и почна да чкрта со забите и ја поткрена левата рака со десната и двете облеани со крв.
Стеван ја раствори чантата, го преврза Стојана и му удри една инјекција против тетанус, а Младен и Јордан го изнесоа низ врата за да го предадат на Пиџа да го однесе со камионот во Прилеп, на болница.
Зачас се заборави несреќниот случај со Големиот и Мирко си почна со својот секојдневен хумор:
— Ајде, бре овчариште, оди пушти ги машините. Нека го Големиот, ќе го излекуваат доторите во Прилеп — му се обрна на машинистот Веска, којшто застана мирно по војнички и му одговори и тој духовито:
— Разбирам, бре говедариште! — а тој пак кон другите работници:
—Ајде, бре свињаришта! Одете по машините и гледајте да не му го пресечат на некого вратот, та веќе од рацете и нозете не се умира.
На овие Вескови зборови сите на глас се насмеаја, а „докторот” којшто и самиот беше „дрвесина” како гатеристот и машинистот, потфрли:
— Е, бацооо! Еве, ве говедаришта, овчаришта, свињаришта, ама Македончето од нив направи: докторишта, машинистеришта, командантишта, та дури и министеришта ако сакате да знаете. Туку, ајде, ајде. Гледајте да не располови некого она големо колце та овие малите, од рака и нога повеќе не можат да поткинат — рече и покажа на големиот циркулар.
Работниците си ги зазедоа своите места, Веско ги пушти машините и работата продолжи.
* * *
Истиот ден кога Јордан го наговараше и го наговори Младена да не го кара ако го најде дома со братучеда му Ѕвезда, оваа се сретна (во она уличе каде пред три дена се сретна со Јордана) со „другачка” си Севда. Уште од далеку се спремија двете партнерки на лицемерие.
Севда со котелот на глава одеше на вода а Ѕвезда — со букарот на рамо, си идеше од чешма.
Севда насмеана ја застана Ѕвезда и и проговори:
— Залеа ли, невесто Ѕвездо? Кај одиш? Што правиш? Од кога не сме се виделе, ослепаго!
И Ѕвезда се насмеа лицемерно и и одговори:
— Мори, залеав, сестрице Севдо, ете залеав, туку душата ми излезе горе улицава. He ce носи овој пустиња, ме отепа — и покажа на големиот букар. — Кај одам, нели гледаш: од водана вода од рекана река. Таа е нашата женска работа. Ти што правиш? Што чиниш? Како си помина некни на орото? He те поискара браче Ордан што играше со братучет ми Младена?
— Ами зошто да ме кара, ослепаго! Ако е за играње, ете и тој со тебе играше. Зар јас да го карам него. Орото е за сите; туку да не дојде нешто друго та да се караме…
При зборовите „нешто друго” и двете невести се насмеаја, а Ѕвезда рече:
— Ами што друго, слепачко? Да не мислиш ти јас со деверите да мислам на друго?
— Mope ми, ако ти со деверите не мислиш, да не мислам јас, та ти веќе да речеме дека не мислиш — и одговори Севда и и намигна со левото око.
— Машала! Невестата наша! Ти го фаќа значи окцето Мацето наше, а? Што велиш, да му носам здраво живо? — ја подзеде Ѕвезда Севда и си помисли: „Ете згоден разговор за она што ми велеше Младен да му ја наговарам Севда”.
А Севда сериозно одговори:
— Арно де, ќе му носиш здраво живо, па ќе се свртиш, ќе му кажеш на Ордана.
— Кој? Јас да му кажам на Ордана? Што ми е од работа! Ордан има очи, нека си ја варди невестата — рече и се приближи уште поблизу до Севда:
—Навистина, навистина. Младен изгоре за тебе. Вчера ме сретна и ми рече да ти го кажам ова. И, многу поздрави ти праќаше. Ах! Камо мене некој толку да ме сака; со Ордановци, двесте Трајковци ќе излажам и ќе си го правам ќевчето — издивна Ѕвезда за да ja убеди Севда дека неа никој, па ни Јордан нејзин, не ја сака, па продолжи: — Будала си ако не се зближиш со Младена. Младост не се чува за старост, будала!
— Е, море! Така си е, другачке, туку кај можам јас да се довардам од Ордета мој. Та и јас, право да ти кажам, полудена сум за Младена. Ама, а де? Сама што можам да правам
— се изжала и Севда што нема кој да и помогне во големата „неволја”
На Ѕвезда и дојде згоден разговорот.
— Така! Кажи си го алот та од мене без гајле. He само што не му кажувам на Ордета ами и ќе ви помогнам. Ги знам јас како одат тие работи. He сум вчерашна.
Севда внимателно ја ислуша, но сепак со извесно сомневање и одговори:
— Кој знае дали не ми тураш вода под рогузина! Бесот ќе те фати. Да не ми донесеш некоја кавга во куќата, оти и така го гледам Ордета непара ме мириса.
Толку повеќе — пламна Ѕвезда. — Штом тој не те мирише зар ти пак ќе му го имаш срамот? Mope гледај, направи си го ќевчето со тој што те сака и што го сакаш, та мажот и утре кога ќе остариш, ти е маж. За кавга и ќотек, не бој се, и на старост ќе јадеш.
— Кој знае како ќе излезе — процеди Севда низ заби и длабоко издивна.
Како ќе излезе! Ќе си се намилуваш, ќе си ја задоволиш душичката. Како инаку. Ја машко, ја женско, друго што може да излезе
— заврши Ѕвезда со убедувањето и слатко се насмеаја двете невести.
— Е море, ајде, ај ми со здравје. И…
носи му, eгa, еден кош здраво—живо. Нека наминува крај куќа барем да го гледам почесто. Мене ми се полни срцево кога го видувам. Атана Ордета — сак’н — заврши Севда и го кладе прстот на устата да ја потврди молбата да не му кажува Ѕвезда на Јордана за нивниот „сериозен” и „домаќински” разговор.
По разговорот Ѕвезда си тргна задоволна од постигнатиот резултат, а Севда како зашеметена почна да си мрмори за себе:
„Аха! Фати лопатата вода. И Орде ќе гали руса невеста, ама и Севда не ќе му остане должна. Кога можат машките, зошто да не можеме и ние жените? Ако, ако. Тој со снаа му, јас со другар му. Кога ќе разбере, има да пукне од јад. Но нека ги; нека разберат мажетаните оти, што ќе си посеат — тоа ќе им никне — заврши и Севда со мислата, одејќи на спротивната страна од Ѕвезда.
* * *
Во идната сабота Јордан и Младен ја изнесуваа и последната штица кога сирената даде знак за крај на работата. Машинистот Веско го префрли ременот на празната шајбна и сите машини во салата престанаа да работат. Јордан и Младен се измија на студената чешма и околу три часот поручек си тргнаа кон селото. Одејќи ѕевгарички надолу, Младен го праша Јордана:
— Е, што велиш, Орде? Утре е недела; ќе одиме ли во некое село на сеир, или дома ќе киснеш?
Јордан одвај го дочека Младеновото прашање.
— А бре, јас сум ти кажал тебе. Барем ти ми ја знаеш маката. Јас без Ѕвезда не можам да дишам, еј улаво! Разбери ме еднаш за секогаш, оти без неа не можам леб да јадам. Ете ја неа, ете те тебе. Каде ќе речете вие со неа, јас таму ќе одам.
— Тогаш, знаеш што ми текна? Ајде утре да одиме в планина на прошетка. Ќе си земеме по едно кошниче, ќе си набереме малини и боровинки; ќе се изналежиме под сенките, по орниците и ќе се вратиме како росни зајаци. Што велиш? Нема убаво да се проведеме? — му предложи Младен на Јордана прошетка в планина, во природата, убеден дека и Севда ќе дојде со него.
— Ами Ѕвезда? — го праша Јордан и го направи жалосно лицето.
—Младен почна да му се смее и да го руга:
— Ами Ѕвезда! Ѕвездилата ви испаднале на двајцата. Ами и неа да ја земеме, туку ќе ти се лути снаа ми Севда. Та ако ти стиска — ајде; јас ќе ја кандисам Ѕвезда, само да не го јадеш копанот ти утревечер од Севда. Та, се виде оти ќе ви бидам кодош со неа; вадете очи најпосле…
Јордан се развесели.
— Знаеш што, Младене? — просто воскликна како да го најде решението што му пречеше да сврши некоја најтешка работа. — Се сетив како ќе ја изведиме работата. .. Ако ја кандисаш ти Ѕвезда да дојде утре со нас, јас ќе ја земам и Севда. Верувам оти ќе кандиса. И. .. таа црнелка уште не се сомнева во Ѕвезда. Ете така. Трајчето Ѕвездино ми е нешто својштина; некаков далечен братучед. Ѕвезда мене ме вика „браче Јордане”, Севда си ја вика „сестрице”, а оваа неа „невесто” и многу убаво си живеат. He гледаш? Секаде се заедно. Та, убаво ќе излезе, не? — рече Јордан и го фати Младена под мишка, на со умилен глас му прошепна:
— Ама ќе ја вртиш работата да се изгубиме некако во планината; ние со Ѕвезда — вие со Севда. Што велиш, а?
Се разбира дека и Младен таму ја вртеше водата без да го моли Јордан но со подлабока бразда. Затоа веднаш го успокои:
— Тих, стопанка му! Тешко да се изгубиме во честарот. Вие ќе фатите на една страна, божем по малини, ние — на друга. Легнете во некои капини и кога ќе викаме ние со Севда, молчете си; еве не изгубени. Кој може да те најде во таа пустелија? Биди слободен. Печи пајки на сламка, што велеше дедот Ѓуро. Ќе ја наредам јас таа работа како ништо.
Јордан го прегрна Младена и почна да го фали неговото другарство:
— Е, ова се вели другар. Бога ми, секој не го прави ова — и сакаше да го бакне, но Младен го задржа очигледно задоволен, гледајќи го да се лизга по мразот што му го подметнува самиот тој.
— Е, е, не сум јас Ѕвезда да ме бакнуваш! Остави ги тие работи за утре за неа. ..
Развеселени и задоволни и двајцата се фатија под мишка и почнаа да поттрчнуваат на надолништето, брзајќи што порано да стигнат дома и да ги кандисуваат двете млади невести за утрешната прошетка.
Штотуку си дојде Младен в село отиде у Ѕвездини и ја извика Ѕвезда на портата. Се потпре на ѕидот до самата порта и почна да и го објаснува утрешниот план.
— Е, така значи. Направи ти нешто за јадење и уште ранко, кога ќе ти подвикнам, да бидеш готова. Ама како што ти реков. Ќе гледаш да се изгубите вие со Јордана, а ние со Севда ќе ве бараме, ќе викаме по вас на спротивната страна, се разбира. Орде во мене не се сомнева и ќе ми ја остави Севда сама, а и Севда не се сомнева во тебе што ќе ве оставиме сами. Нели убаво ќе излезе за сите четворица?
Ѕвезда гласно се насмеа:
— Е, какво сомневање? Нели сме роднини, другари, пустињата…
— А бре, така си е таа. Ако роднини и пријатели не се пригледнат во ..зол” час, туѓинците ќе ти ги искршат коските. Туку ајде, така! Ти за мене, јас за тебе. Така бидуваат тие работи. Само со усул! — ја поучи Младен Ѕвезда кога оваа конечно се согласи. Та што имаше да се согласува кога и самата гореше на истиот оган. Затоа му рече:
— Оди без грижа ти. Спи си спокојно. He ми е мене првина, — му намигна во знак на разбирање и си влезе во дворот.
Младен си отиде дома да го чека утрешниот ден и пријатната прошетка низ честата гора со убавата калеша невеста Севда.
Јордан се прошетка по мракот по сред село. Се виде со други другари и, како нарачано помина и крај портата од Ѕвезда. Ја најде пред порта, уште со некои сосетки, и ја викна да и каже нешто. Ѕвездиното момче — Трајчето му беше нешто роднина, та не се чуваше дека ќе го види некој со неа насамо да разговара. Co два збора, се разбраа дека утре и таа ќе иде на прошетка.
— Само гледај да ја наговориш и невестата Севда, оти сама не идам — му нареди Ѕвезда и Јордан си отиде дома да ја реди работата со Севда. Но што има и Јордан да ја реди кога самата си е наредена уште совреме?
На пат го сретна и Младена и како да не се видел со Ѕвезда, го запраша како стојат работите за утре.
—Ce е в ред — радосно му одговори овој — но зависи од тебе. Ако ја кандисаш Севда твоја, ќе иде и Ѕвезда, ако не, сама не се согласува — му рече Младен, настојувајќи да дојде и невестата Севда та тогаш да биде се во ред за сите четворица.
Јордан му вети дека таа работа е сигурна.
— Та маж ли сум јас, или лукова глава?
Ами, просто ќе и наредам, и сака нејќе. ќе дојде — го утеши најпосле Младена и си отиде дома.
Бабата Стаќа пак беше пригодила нешто за вечера, та седнаа и оваа вечер и повечераа. Јордан беше необично весел и расположен. Јадеше со апетит, го накреваше бардакот со вода, си ја бришеше устата и мустаќите и почна со настапувањето на „опасниот фронт”. Co особена умилна насмевка и се обрна на Севда:
— Знаеш што, Севде? Утре е недела. Оној, другарот мој што работиме заедно, Младен, де? Идејќи си денеска надолу ми предложи утре да сме излегле на прошетка в планина. Ќе си земеме по едно кошниче; ќе се изнавалкаме по тревата под сенките, ќе се изнајадеме малини и јаготки, зонички и офинки, ќе се изнапиеме студена вода, ќе си ги наполниме кошничките со малини и ќе си дојдиме утревечер весели. Што велиш ти? Што ќе правиме утре цел ден дома да не јаде горештината и да собираме болви по куќите.
Севда друго и не чекаше, но постави услов:
— Ако иде и некоја друга жена ќе идам. Ако не, сама нема со кого ни да си проговорам. Вие ќе си зборувате машки разговори, a јас треба да си ја зашијам устата.
И Јордан друго не чекаше, та одеднаш отпетла:
—Ама тој рече дека ќе ја земе со него брачеда му Ѕвезда — па да и докаже на Севда и бабата Стаќа дека не треба да се сомневаат во него, додаде сериозно; —невестата Ѕвезда од братучед ми Трајка. Ете, вие пак со неа ќе си правите женски муабети. Лели бидува, а?
Бабата Стаќа ја погледна Севда и и чкрапна со окото. Севда незабележано се насмевна, па му одговори:
—Е, така некако, може! А сама, лебами, не ми се идеше.
— Тогаш, спремајте нешто со бабата за јадење и. . . ајде да спиеме — изусти Јордан задоволен од постигнатиот успех и си излезе од кујната, та си отиде во одајата. Во кујната останаа двете жени.
Откако ѕирна на вратата да се увери да не прислушува Јордан, Стаќа и рече на Севда:
— Кога ти велев јас, ќерко, немој со лошо, ти што велеше, а? Го гледаш ли како си ја реди работичката? И си мисли, сиромав, оти ние сме задоени во ушите, та ќе не врти како што сака. Е, море, е, сираку! Каде ти што шиеш, бабата Стаќа се провира. Туку, ајде, ајде крени ја трпезата та оди слободно утре со Младена како тој со Ѕвезда. Тоа ќе остане, ќерко. Младост за старост не се чува. Нему му се чини дека само тој е мајстор во овие работи а ние трева пасиме. He знае дека бабата Стаќа се вратила стопати од тој пат по којшто тој сака допрва да оди. Ајде. He мисли му се. Кога се согласил тој да носи рогови, слободно набивај му ги пред очи. Севда ја ислуша мајка си, која беше „печена” во овие работи уште кај татка и, се издиши длабоко и ја крена софрата, та си отиде кај Јордана на спиење. Цела ноќ размислуваше за утрешната прошетка, за проводот со Младена, но како стрела ја боцкаа мислите дека и Јордан си ја наредил работичката со Ѕвезда.
Во неделата уште рано пред сонце огревање нашата четворка се најде пред Налевото анче, каде застана првиот камион што беше тргнал в планина. Ако недела, шоферите и товарачите се согласија да товарат еднаш двапати, бидејќи работеа на акорд.
Се накачија на камионот десетина дванаесет души работници товарачи, a пo нив ce качија Јордан и Младен и им подадоа раце на жените.
Уште тука се виде планот. Јордан и подаде рака на Ѕвезда, Младен—на Севда. Сите се смееја; некои потфрлуваа: „Ајде со здравје, Орде; среќна да ви биде работата”, и камионот тргна горе Оралиште, по новиот шумски пат и влезе во честата борова гора. За половина час излезе на Трибор, откаде се прогледаа рожденските борови гори a пo пет минути навлезе во честата гора под Свињарникот каде што за првпат навлезе овие години секира и човечка нога. Од честиот орман (буки, борје, ели) не се гледаше ни небото. Токму за комити и … љубовни идилични авантури.
Длабоко во гората застана камионот и од него слегоа сите патници. Товарачите почнаа да валкаат трупје а нашата четворка со кошничките в раце продолжи напред по недовршениот пат, буткајќи се еден со друг. Еден од работниците им подвикна:
— Co здравје, Маце! Враќајте се побргу да не ве изеде мечката.
Јордан се заврте и кусо му одговори:
— Мечките не јадат волци, не грижи се за нас. Туку, чекајте не час околу ужина, бреј! — и се скрија зад ритчето.
— Верувате дека не ќе се загубат во честарот денеска? —им се обрна Петко на товарачите како да беше присутен кога Јордан и Младен го правеа овој план. —Ќе се загубат како ништо. Ќе видите ако сме живи што ќе излезе од оваа нивна прошетка.
Разделувајќи се од работниците, нашата четворка излезе на широката ораница на Свињарникот и тргна под сенката на една голема бука. Жените ги распашаа унечките и на една седнаа двете една до друга како најверни другачки, а до нив, од лево и од десно седнаа мажите: Младен до Севда, Јордан до Ѕвезда. На другата унечка го наредија јадењето и почнаа со појадокот. Јадеа, се нудеа и се буткаа еден со друг.
Откако се сврши појадокот мажите се развалкаа безгрижно по тревата а жените го прибраа јадењето што остана во кошниците
Кога се наведе Ѕвезда да си ја земе унечката Јордан, онака лежејќи, погледна кон неа. И, бидејќи беше завртена со тилот кон него, а кусата и груба мариовска кошула се понадигна, тој ги виде нејзините бели и дебели нозе високо над жилите и си ја поткасна долната муцка. Севда го забележа ова, се заврте со грбот кон Младена и нарочно ниско се наведе, така што Младен и ги виде уште погоре црните, но дебели како налеани нозе. Подготовките започнаа уште не разделени ни изгубени, како што беше договорено.
Жените си ги опашаа унечките, ги зедоа кошничките в раце, а Јордан веќе предложи:
— Ајде сега. Тргајте да собереме некоја малина и јаготка, офинка и да се најадиме по појадоков.
Да им ја олесни положбата на Јордана и Ѕвезда, а повеќе да си ја нареди својата работа, Севда сама предложи, обрнувајќи му се на Младена:
—Ајде, браче Младене, ставај да ја фаќаме шумата; овдека ќе не опече сонцето.
Јордан и Младен станаа, а Севда ја доврши започнатата улога, велејќи му на нејзиниот Ордета:
— Ајде, ние со браче Младена, вие со невестата Ѕвезда. Де, боже поможи. Да видиме кој е поработен; кој побргу ќе ја наполни кошницата.
Ѕвезда наполно ја разбра Севда и го одобри предлогот:
— Добро, де. Ајде кој ќе биде појунак… Само гледајте да не се загубиме во овој честарот, бреј!
Јордан, уверен дека на Севда ни на ум не и паѓа ова што се работи, се правеше наивен, чесен, добронамерен и сериозно повторуваше сосема загрижен:
—Навистина, море луѓе, гледајте да не се изгубиме во честарот, да не јавне некаде баба Меца.
На овие негови зборови на Севда и идеше да се расцепи што не можеше гласно да се изнасмее или да му се изнавика и накара.
А Младен го тешеше:
— И, стопанка му па ти, Орде! Толку ли ти е страв од баба Меца? He грижи се дури сум јас покрај вас; ништо не иде кај мене.
—Ама таа е маката што ти не ќе бидеш покрај мене, та инаку.. . Туку, навистина. Ако зателка некој длабоко да не можеме да се довикаме, дајте да се разбереме каде ќе се собереме. Оставете ја смеата. Ништо чудно не е да се изгубиме во оваа пустелија, — „сериозно” заклучи Јордан, намигнувајќи му сосема претпазливо на Младена.
—Е, море, ако дојде до загубување—и Младен чкрапна со окото — тогаш барајте го ридот. Перун златен белким ќе не собере вечер. Туку, излегувајте поранко за да го фатиме Гркланот да не завлечка пак надолу. Која душа ќе оди пешки по горештината, заврши Младен, а Јордан го удри по плеќи:
— Памет си бре, Маце! Така значи. Кој каде да оди, да оди, зборно место, што викаат во војската, Перун на кладенчето. Ајде сега на работааааа!
И се одделија двојките: едната лево Јордан со Ѕвезда, другата десно Младен со Севда и зачас се изгубија во честарот од борчиња, елички и буки.
Во еден таков честар Младен и Севда се фатија за „работа”. Прицнати едно до друго се наведоа да берат малини и почнаа да се буткаат. Но Младен сакаше да се осигури дека навистина Јордан и Ѕвезда отидоа на друга страна, та му подвикна тивко, држејќи ја Севда за рака:
— Има ли, Ордеееј!и ја потстисна Севда поцврсто.
Во исто таков честар Јордан и Ѕвезда, речиси, во истата положба наслушуваа дали се оддалечија Младен и Севда. И кога го слушнаа гласот на Младена, некако се поприцнаа едно до друго, а Јордан му одговори:
— Непара, Маце, непара! Кај вас како е? Младен се успокои и увери дека навистина Јордан ништо лошо не подозира што ја остави Севда сама со него, ја бутна Севда со главата; оваа се раскикоте тивко, а Младен му одговори на Јордана:
— И кај нас како слабо, но повнатре, повнатре. Влегувајте повнатре, сигурно ќе најдеме…
И почнаа да се оддалечуваат едни од други, зашто уште при поаѓањето зедоа спротивни страни.
Во еден многу густ честар Јордан и Ѕвезда застанаа. Јордан ја преметна раката околу Ѕвездиното рамо, но Ѕвезда му ја симна внимателно, ја остави кошницата крај неа, го фати за двете негови раце и сета зажарена, треперејќи од возбуда му предложи тивко:
— Да седнеме малку овде…
Јордан погледна лево, десно, горе, долу; се опули во небото:
— Да седнеме, Ѕвезде, да седнеме. Види, ни оној одозгора не може да не види, а камо ли човек, — рече и наеднаш седна на тревата и тој растреперен, па ја повлече скоро врз себе. Се прицнаа едно до друго со рацете на вратовите еден на друг, почнаа да се ѕверат еден во друг, додека најпосле Ѕвезда избезумена не му се фрли на градите и почна да го гушка:
— Ордане, ‘рслане мој! Од Јордана се слушна:
— Ѕвездо! Рибо белвице — и ги залепија усните во страсен долг бакнеж, стискајќи ги своите раце кој кого повеќе да стегне во прегратките. Во таа положба се развалкаа по меката трева и се изгубија во своите страсти.
***
Скоро во истото време во друг сличен честар, скоро на истиот начин, се изнамилуваа Младен и Севда, само со таа разлика што Севда го нарече Младена „ангеле мој”, а тој неа „јагне калешо”.
Расположен Јордан од успехот што го постигаа кај невестата Ѕвезда стана од тревата, се протегна и се намршти некако како да почувствува непријатност:
— Охохо! Сите коски ми ги размести — се обрна кон Ѕвезда која седеше на тревата. — Леле, леле, лелееее! Зглопче здраво не си оставила.
Ѕвезда си го прибра гушалчето, си ја позамазни косата, и таа нешто почна да се снебива. И неа ја болеше нешто, па му рече:
— Ами ти мене? Гледај ми го рамото? Уште малку месо ќе скинеше — го засука затилокот од кошулата и му го покажа посинетото рамено, на кое се познаваа сите белези од Јордановите заби, како со пците да се давела. — А овдека да видиш што си ми направил? — рече и се помазни со раката по градите, па го поткрена гушалето, каде по горниот дел на градите се прогледаа пак синила од заби.
Јордан ја изгледа лакомо и се насмеа:
— Ха, ха, ха! И ти ме искрши, ама и јас сум те уредил! — Малку се замисли па и рече:
— А Младен и Севда? Нека берат малини, а? — се наведе и ја фати за раце. Таа стана и застана пред него.
— Доста ти беше? — и му ја заврте главата. — He ќе ти текне уште еднаш да береш малини со невестата Ѕвезда, а? Гиди таков па таков. А оти сте рода со бацка ти Трајчета, не ти е страв од господ.
— Mope ми, од своето ако не добиеш што сакаш, туѓинците ќе ти ги искршат коските;
што си зборуваш детински муабети? Туку, ајде, ајде. Ајде да собереме некоја малина та да ги побараме ние нив да не им текне тие нас да не бараат. Што ли прават сега? Сигурно ја имаат наполнето кошницата.
Ѕвезда прсна во смев. Се заврте на другата страна и си мрмна за себе: „Што правевме ние, тоа прават и тие, што има друго да прават двајца млади сами во пуста и честа гора” — но на Јордана друго му речге
— Берат малини и јагоди, што има друго да прават. Белким не се тие расипани како нас вака на својштина да се галат.
Јордан стана сосема сериозен:
— Ба, ба, ба! Младен да ми згазне мене на честа? Да видам — не верувам. Другар е тој, Ѕвезде, другар што го нема на светов. Од брат поблиску го имам — заврши Јордан и ја привлече кон себе Ѕвезда. Се избакнаа сега мирно, без касање и стискање како понапред.
По сето ова Јордан ја зеде кошницата, ја фати Ѕвезда за рака и ја поведе преку орман. Одеа, се водеа, береа малини и јагоди. Задоволен Јордан тивко почна и да потпева:
„Горо, мори, горо зелена
Дали имаш сенка дебела…”
Ѕвезда го поттурна и му потфрли:
— Да се повалкаш со невестата Ѕвезда, а?
— Потивко, потивко, и рече Јордан — да не се блиску до нас да не слушнат; ќе си ја земам јас бељата од таа црнелка, та тебе братучедот нема ни да те види каква си. Лесна ти е работата со него. Ѕвезда пак се насмевна:
— He бери гајле, не се близу. He виде дека сосема на другата страна тргнаа? — му рече и продолжија низ гората да ги бараат.
Одејќи така, удрија на едно изворче. Јордан истрча кон него и викна:
— Охохо! Што ќе се напијам. Дробовите ми се залепија за водица — и веќе слезе на изворчето, легна ничкум и се наголта бистра студена вода. По него дојде и Ѕвезда, та и таа на ист начин се наведе да се напие. Се напија и се оладија и двајцата; пак се оптегнаа во папрата и се изнамилуваа до наситка. За тој ден беше и премногу за да можат да се пожалат на прошетката.
* * *
За ова време Младен и Севда седеа во друг таков честар едно додруго. И тие беа разбушавени како Јордан и Ѕвезда. Се прибираа, а Севда на глас се смееше:
— Што си вели Орде мој сега, Маце? Ја суредив Севда, ја излагав; ме остави сам со Ѕвезда, а таа нека бере малини со Младена. Еј, море будала маж, будала дури истресен! Нека, нека. Нека го кога сам си го прави. Ако не почнеше тој, немаше ни ти да ја имаш невестата Севда денеска. Вака, ти му ја подаде брачетка си, тој тебе женичката. Така си е тоа: „Ако не дадеш — не земаш”.
Младен ја слушаше Севда и сиот се топеше од задоволство. И тоа што го мислеше во моментот и го рече нејзе:
— Mope, јас му ја сторив алав Ѕвезда, и ништо од тоа не губам,’ама тој ако разбере, ќе го расипеме другарството.
Севда пламна:
— Што? Само нека лавне нешто, устата ќе му ја залепам со лепешка. Тој можел, a јас сум не можела. Каде пишува тоа? Било, Маце, тоа некогаш кога жените биле робинки на машките, пред ,сто години, та денеска кога ни се отворија очите, нека го бришат сите Ордановци, сите Младеновци, Петковци, Трајковци. Како ќе си надробат — така ќе си сркаат. Туку, ајде станувај. — рече и почна да наслушува нешто.
— Слушаш? Гората нешто оддзева… Младен наслуша и се насмеа.
— Пеат обајцата — рече Севда.
— Пеат, пеат, не ќе не жалат нас оти сме будали; бериме малини — и одговори Младен и стана. Ја фати и тој за раце, како Јордан Ѕвезда, и ја исправи до него.
— Ајде, ајде да бркаме работа. Сака веќе и да излеваме на кладенчето.
— Ќе ја свршиме и таа работа, море, како што ги свршивме овие најважните — му одговори Севда и пак се насмеа слатко, та тргнаа и тие низ гората да берат малини и јаготки. Береа, јадеа, се буткаа еден со друг во полна слобода, задоволни што им се исполни одамнешната желба.
Севда го советуваше Младена:
— Така значи. Орде со Ѕвезда — ние со тебе. Само ќе гледаш да не се раскараш нешто со нив, та да ни се расипе планот. Јас пред Ѕвезда ќе се правам будала, ништо не разбирам, а ти ќе им ујдисуваш средби понабргу. Та… кога тие, се разбира и… ние. И, иди почесто кај нас. Гледаш? Тој во тебе голема доверба има. Заслепел во Ѕвезда, та од носот подалеку не може да види. Толку поарно за нас…
Младен се позамисли некако:
— Леле, кога ќе разбереее! Орлите ќе се берат на нас.
Севда го стисна за рака и почна да го теши:
— He грижи се ти од таа страна. Кога ќе разбере тој за тебе, јас ќе разберам за него. Ти барем нема што да се плашиш. Гледај да не разбере Менка твоја, кутрата. Таа си е права душичка, та од такви како Ордета мој, Ѕвезда, мене и тебе нема што да се плашиш кога на сите ни е валкан задникот.
— Mope Менка моја нели со години е скисната, нема што да прави, туку Орде, Орде; како ќе се погледаме некој ден кога ќе излезат на бело видело овие наши маскарлаци — се обиде Младен малку од малку да се покае за денешната постапка. Изгледа совеста го прекори што престапи искреното другарство со Јордана и го злоупотреби. Но, се правдаше пред тој судија, дека Јордан го наведе на овој престап.
Околу ужина време на ридот Трибор се валкаа на тревата двете млади двојки со кошниците крај нив полни со малини и шумски јаготки; се гледаа со умилни погледи и раскажуваа како го поминале претпладнето во барање малини, како се изнатрчале, изнапеале во гората. Јордан му чкрапнуваше на Младена со окото и му се жалаше дека загорел за вода; овој му одговараше на намигањето и го прашаше: белким најде некое изворче да се оладиш, покажувајќи му ја со веѓите Ѕвезда.
Само Севда се правеше „Толе, воле — турни бука” и тврдеше дека таа со малини и јагоди си ја гасила жедта, на што Ѕвезда потајно се смееше.
И додека тие така тропаа неврзани разговори, од шумата излезе камионот од Гркланот, што ги донесе утрината. Машките му се испречија на патот и тој застана. Се стрчнаа и женските со кошниците и дојдоа до него, а тој ја отвори вратата од кабината и завика како секогаш:
— Ајде, бре алабаци, качувајте ги невестите побргу оти сакам довечера да одам дури на Црна.
Работниците што беа на трупјето ги подзедоа жените и дури да се фрлат Јордан и Младен, Гркланот го потера камионот и ги остави, подавајќи им со рака од кабината „шипинка”. Јордан и Младен потрчаа по него извесно време со надеж дека ќе застане; жените му тропаа озгора на кабината, но тој си продолжи, оставајќи ги со сиот ум.
— Таков е Гркланот, со три штици — изговори Јордан и го опцу, а во исто време почна да го задева Младена:
— Ама брачетка имаш нека ти е живааа! Младен, само што не изусти да му рече:
„Ама женичка имаш нека ти е жива”. Па му одговори:
— Добра е брачетка ми нека ни е жива на обајцата, ама ти виде што другар имаш? — и пак се затресе на мислата како ќе изгледа кога ќе разбере Јордан, но продолжи:
— Како, убаво излезе денеска, а? Јордан го фати под мишка:
— Екстра, што викаат учените. Токму по планот. Фала ти на услугата. Me задолжи многу. Којзнае и со што ќе ти се оддолжувам…
Младен се насмевна, а во себе си помисли: „Дејди, Орде, дејди максамче. Ми се оддолжи мене невестата Севда место тебе,” па му рече:
— Ништо, ништо, Орде! Ќе побараме пак некоја калеша за мене. Тогаш ти ќе ги местиш работите.
При зборот „калеша” се тргна некако и се уплаши да не предизвика некое сомнение, бидејќи невестата Севда беше калеша, но Јордан беше далеку од мислата да се сомнева во така „верен” другар за каков го сметаше Младена.
И така, задоволни сите четворица се вратија вечерта дома за да си продолжат со пријатниот животец.
Нивната интимност можеше да предизвика, а лебами, веќе кај некои слични на нив (а такви по Мариово ги има на дузини) веќе и предизвика извесно подозрение.
Ами чаре?
Чарето е најдено одамна, од старите мераклии на вакви заврзлами. Во такви случаи треба видно да се зближат, иако се роднини, уште повеќе да се ородат.
Затоа старата баба Стаќа почна пак да ја советува ќерка си Севда.
— Да се фатите — вели—Светијовани вие четворицата за да бидете сосема слободни.
Севда му ја пренесе мислата на Јордана, овој на Ѕвезда и Младена, коишто со радост ја дочекаа.
Јордан издивна длабоко и си помисли:
Е дури тогаш слободно ќе си одам кај „дотка” ми Ѕвезда”. Младен, Севда и Ѕвезда исто така се ослободија и една неделина влезе поп Бајрам кај Јордана дома со торбата на рамо и „алатите” во неа за да го замеша и самиот свети Јована во оваа солена попара.
Во убавата одаја кај Јордана се најде една неделина нашата четворка празнично променета. Севда како домаќинка насмеана го дочека „браче” си Младена, Јордан како домаќин уште посрдечно ја дочека невестата Ѕвезда, и ги кладоа на посланиот кревет да седат едно до друго, а тие се растрчаа да бркаат работи за денешниот нивни сведен.
Дури Севда влегуваше и излегуваше, носејќи пијачка и мезиња за гостите, Јордан отиде и го доведе поп Бајрам да ја изврши намислената работа — да ги фати свети Јован Младена, Севда и Ѕвезда а тој — Јордан — ќе биде сведок дека луѓето што стапуваат во евангелијата — во ново сродство навистина ќе живеат братски живот; ќе се сакаат и почитуваат како вистински браќа и сестри. Јордан и тука излезе наивен и суеверен. За да не го фати „вангелијата”, тој не сакаше да се фаќа свети Јован, ами просто ќе биде сведок. Навистина и таа мешаница го правеше некаков роднина, ама малку подалеку од тие што ќе влезат во евангелијата. Во таков однос ќе може без пречки од новото сродство да се разонодува со Ѕвезда, и тоа сосема слободен од Севда.
Отиде и го доведе попот. Младен и Ѕвезда станаа и му бакнаа рака а откако седнаа сите тројца, Јордан му се обрна стоејќи гологлав:
— Ете, дедо попе, ние двајцата со Младена овде си живееме како вистински браќа, а невестата Ѕвезда (покажа со рака ка Ѕвезда) со Севда моја како вистински сестри. И решивме сите четворица тоа братство да го озакониме со божиот закон. Сакаме да станеме светијони; да си го зацврстиме братството, што се вели. Знаеш како ти е. Млади луѓе сме, а ѓаволот ни ора, ни копа; гледа да им напакости на луѓето. Еден ден може да си слушнеме зборови од зависливи луѓе (а во себе си помисли: „може да ни извадат ифтирија на сторена работа”). Вака, секоj нека знае дека сме браќа и сестри. Затоа се собравме, еве, сите четворица и те викнавме да не благословиш.
Попот внимателно го ислуша Јордана. Ја знаеше причината за нивното „братство”, не му беше првина да фаќа вакви светијони, но не му беше во интерес да го одвраќа, зашто имаше од тоа материјална корист. Затоа му одговори:
— Многу убаво сте намислиле. Арно, арно е тоа. Оно, старите не биле будали што се збратимувале на разни начини. Некои од милост ставале кумови, други — девери, трети
— старосвати итн. Добри се тие адети. Господ се радува кога луѓето си живеат — ја пофали попот желбата и тргна од пагурчето што му го подаде Јордан за добре дошол
Во тој момент влезе и Севда, празнично облечена и Јордан и се обрна:
— Ајде, мори жено, што туку се шуткаш горедолу; дедот поп има работа.
— Ајде, невесто, ајде, оти ме викаа на гробишта да препеам некое детенце од Мегленци. Туку јас сакам прво вашава весела
— среќна работа да ја видам, та сетне ќе се расправам со умрените.
Севда задоволна се насмевна:
— Е, море ајде. Ајде де? Шетканици се отвориле. Туку, нели велите ајде, ајде нека биде. Јас сум готова. Еве, да ги земам свеќите и идам — излезе низ врата за да се врати по минута две со две големи свеќи.
Попот стана и ги покани сите да станат.
— Ајде ставајте кој ќе влегува во вангелијата. Тројца ќе бидат внатре, а четвртиот ќе биде мартир како нункото на крштење или свадба.
Севда почна да му објаснува:
— Ами како сака Орде. Ние сме со ниет јас и невестата Ѕвездана, браче Младен да биде меѓу нас. Па ако сака Орде место мене, ете го, нека биде тој.
Но Јордановиот план го знаеме; затоа тој категорички одби:
— He, не. Вие ќе си бидете како што се договоривме. Јас, ете, ќе бидам нункото, како што рече дедот поп.
Попот ја разбра веќе работата и им нареди на тие што ќе влегуваат во вангелијата.
— Наредете се овде спроти сонце — и ги нареди двете невести по краиштата а Младена на среде. — Така. Фатете се за малите прстиња. Така — а кон Јордана:
— А ти, Орде, земи ги свеќите, запали ги и ќе ги држиш на рамената на невестите.
Јордан ги зеде свеќите од Севда, ги запали и се заврте зад нив. Ги стави како што му нареди попот.
Попот си ги извади „алатите” од шарената торба, го навре епитрафилот на вратот со зборовите: „Благословен бог наш всегда, нинје и присно и во вјеки вјеков…”, потоа ја рече молитвата: „Јако миро на главје сходјашчу на браду, браду Арона” и си започна пак со „Благословен бог наш…”, па и викна на бабата Стаќа да донесе троа жар на кацијата.
Стаќа влезе со жарот, попот тури темјан и ги покади сите четворица. Овие се поискиваа од чадот, оти поп Бајрам место темјан тураше елова смола за да не го купува скапиот темјан што идеше дури од Измир.
Стаќа си ја зеде кацијата и си излезе.
Попот пробрбори од секоја молитва по дватри збора, ја преврте набрзина книгата, дојде до евангелијата и апостолот кои до крај ги прочита и им ја подаде да ја бакнат сите. Потоа им го даде крстот; го бакнаа и него и си го рече отпустот: „Христос истини бог наш всегда, и нинје и присно и во вјеки вјеков амин. Амин, амин, амин”. —Ајде нека сте живи; братството нека ви е за век; да не ве посрами господ. Ајде избакнете се сега.
Дури попот благошаваше сите викаа: Амин, амин, амин. А кога им предложи да се избакнат, трпки им полазија по снагите. Се радуваа сите дека можат слободно да се избакнат, ама некако и се поисплашија од вангелијата, та бакнежите беа скромни, не како оние во гората, без многу цмокање, ами родбински, со мукает.
Попот си го симна епитрафилот, си ги прибра „алатите” во торбата и им одржа една куса придика за значењето на овој денешен настан.
— Е, сега, ти, Младене, и вие, Севдо и Ѕвездо, од денеска сте вистински браќа и сестри. Гледајте да не ја погазите вангелијата; да си живеете како браќа и сестри; да не се карате, тепате, господ да чува, оти голем грев ќе си кладите на душите — заврши попот без да им напомене за најголемата грешка којашто и беше причина да го замешаат дури и свети Јована и вангелијата за да можат слободно да грешат.
По советите на тројцата светијони, му се обрна на Ордета, којшто стварно не влезе во вангелијата:
— А ти Орде? И ти ете се замеша во неа. Гледај и ти да не се огрешиш со брата ти Младена и сестра ти Ѕвезда.
При овие попови зборови двајцата ги наведоа очите, а Јордан го извади кесето и му го плати заметот на попот, којшто си ја зеде торбата и тргна да си оди.
Јордан го покани да остане на ручек, но тој се извини дека има и други работи и си излезе.
Јордан им го честита светијонството на сите тројца и јавно се избакна со невестата Ѕвезда и со Младена. По него и другите се избакнаа за своја сметка, задржувајќи се Севда малку подолго со Младена на Јорданови очи, но Јордан тоа го прими како обично — од братска и сестринска милост.
Во тоа време влезе и бабата Стаќа, се избакна и таа со тројцата, им честита и ја викна Севда да ја носи пијачката и ручекот.
Тука требаше да се нагостат новите светијони и оттука ќе се разделат како браќа.
Изнаседнаа Ѕвезда, Младен и Јордан. Севда и бабата Стаќа ја наредија трпезата, се напија по еднаш двапати од Севдиното пагурче, та станаа Младен и Ѕвезда и извадија од торбите по една погача, бело сирење, по една пржена кокошка и пагури со ракија. Се изредија и од нив по еднаш, двапати и ги накршија погачите. Но ручекот не започнува пред да се сврши друга една работа.
Најпосле влезе Севда со едно решето полно со разни подароци, и почна прво од Ѕвезда. Оваа стана, пак се избакнаа двете и Севда и фрли на рамото еден тулбен и и закачи еден сребрен скопец на појасот. Потоа му се приближи и на Младена. Co истиот церемонијал му фрли на десното рамо убава свилена кошула и пак се избакнаа.
Потоа дојде на ред Ѕвезда да дарува. И таа извади од торбата еден прегач, сребрен синџир со гровчиња и почна бакнувањето прво со Севда, на којашто и го закачи синџирот и и го фрли прегачот. На Младена му ја фрли фанелата, а на Јордана — кошулата и кемерот.
Најпосле и Младен извади од својата торба две рала кадифени калци и ги дарува двете светијонки.
Обичај е да се даруваат новите роднини и овие, ете, денеска и тој обичај го направија. Сега веќе се вистински браќа и сестри — пред луѓето…
Co кикотење, стискање, прегрнување, удирање по грб, се сврши и таа церемонија и наседнаа на трпезата да поручаат на една софра. И тука редот на седењето беше како што треба: Ѕвезда до Јордана, Севда до Младена, а бабата Стаќа отстрана се насладуваше на среќата од ќерка и Севда. Сета среќна што и се исполни планот, почна да им зборува:
— Ете така, деца! Од денеска сте вистински браќа и сите мои деца. Одите кај ќе одите, сакам секој ден да се враќате кај мене да ве видувам. А кон Младена: (Тука ја боли забот). — А ти, Маце, да ми си идеш. Дење ноќе како кај мајка, што се вели зборот — рече и погледна кон Севда со лесна насмевка на устата.
— И ти Ѕвездо да ми идеш. Мила, мила! Ете ми мене уште една ќерка — и се обрна и на Ѕвезда да не се забележи дека само Младена го кани. А во себе вриеше од возбуда и задоволство што успеа на ваков начин да го насамари зета си Јордана, па испушти и една воздишка како одѕив на нејзината внатрешна душевна состојба.
— Колку сум среќна, деца!
Јордан сиот воодушевен од постигнатиот успех се покажа токму домаќин. Ги нудеше гостите да каснат, да се напијат и расположат и најпосле сам викна да пее.
Co песни, јадење и пиење се заврши светијованството кај бабата Стаќа, Јордана и Севда.
По овој настан нашата четворка си заживеа убав, слободен „родбински” живот.
Во летните дни не еднаш Јордан остана со невестата Ѕвезда сам на гумното, да го варди гравот, да го вее со неа ноќеска купот пченица или ‘рж, но затоа пак Севда си одеше дома со „бацка” си Младена да меси леб, да ги закрпи вреќите, Младен врзмите итн., бидејќи како „ас роднини” не се разделуваа ни во работите. Заедно жниеја, заедно вршеа што имаа по некој сноп и друг, заедно ораа машките, та дури и на казанот Јордан и Ѕвезда ја вареа комината, а Младен и Севда носеа со пералникот на рамо. A ce знае: комина се вари ноќе да не се денгуби дење, та да не седи Јордан сам во казарницата, Ѕвезда му правеше друштво. А да не ја носи Севда комината сама, Младен и помагаше, та остануваше да си прележи кај „мајка си” Стаќа, за да ја дочека зората во Севдиниот кревет, па заедно со неа да појдат до казарницата, да однесат друг казан комина и да видат каква ја извадиле ноќеска Јордан и Севда.
И додека, и Ѕвезда, и Севда, и Младен, а најмногу бабата Стаќа ги знаеја токму како одат работите, Јордан си беше убеден дека само тој си ја нареди својата работа со Ѕвезда, а другите ги направи, ете, на очиглед, будали. Понекогаш се замислуваше: „Зар толку можат да бидат слепи сите околу мене?” Но неговото слепило не му даваше да прогледа и да види што прават тие „слепи” луѓе околу него. И тој беше предоволен од постигнатата цел.
Но, сето ова не му беше доста. Мислата дека еден ден мора да излезе на видело оваа негова бркотија почна да го вознемирува. Друго, задолжен беше уште кон Севда како кон законита жена да и го прави „киселиот”; да се преправа дека ја сака, а тоа требаше и на дело да го покажува, та често и да ноќева со неа, што никако не му се бендисуваше. Но, немаше излез. За да ја има Ѕвезда, требаше да ја гали Севда. Ако се закара со неа, може лесно да ја изгуби и Ѕвезда.
Па сепак не можеше да остане така работата. Затоа почна пак да крои некакви планови: „Ѕвезда да биде само моја, a јас само нејзин”. Така тој ја заклучи најодзади.
И ене го во еден мрак — вечерната мугра — каде се стиска со Ѕвезда до нејзиното кале, држејќи ја за рака и шепотејќи и тивке:
— Е, што велиш, Ѕвезде? До кога ќе ја бркаме ние оваа наша работа вака скришум?
Ѕвезда издивна длабоко и плашливо му одговори:
— А бре, што да ти речам, Орде. И мене нервите веќе ми попуштија. Навистина, тетка Бојана не прибира кај неа; со светијонството некако сме послободни од порано, ама краденото си е крадено. Нели не можеме да си се расположиме како свои, ништо марифет. А ете и ти си врзан со Севда, и јас со братучед ти Трајка. Што можеме да правиме. Ајде, кажувај! Јас од Трајка мој лесно ќе се куртулам. Нели немам опашка од него, ќе му турам во бардето едно апче кога ќе си дојде и ќе си отиде кај татка му на оној свет. Ама ти што ќе и правиш на Сезда; те врза со детето.
Јордан ја ислуша, издивна и тој уште подлабоко од неа и и одговори:
— Кој знае дали е така лесна таа работа што му ја кроиш! Ами ако не се напие! Или да се напие па да не умре? Кај ќе одиш после ти? — па како да се сети нешто попаметно и пријатно, продолжи: — Знаеш што ми удри в ум, ете, баш сега? Ќе му речиш ти на Трајчето твое, итака тој си е будаличка, дека ти се сонувале пари долу кај Црниот Мел и ќе го задржиш една ноќ да одите да ги извадите. Ама ќе му речеш дека светецот што ти ги кажал ти рекол заедно со мене да ги извадите. Ако одите без мене, ќе се сторат парите јаглење. Та ќе поминеме сите тројца околу полноќ кај мелот; него ќе го ставиме оддесно и таман од високото, ќе му ја поткладам ногата пред неговите и ќе го поттурнам; коска здрава не ќе остане од него во реката на камењето.
Ѕвезда го ислуша внимателно, се насмевна и му рече:
— Убаво си ја скроил. Ако случајно не се отепа и ја изнесе работата намегдан, ќе речеме дека сам се потсопна и падна. Неоти нему повеќе ќе му веруваат отколку нам на двајцата! Добро! Јас ќе ја наредам таа работа — се замисли малку и пак продолжи:
— Ами после на Севда твоја како ќе и го бараш чарето?
И Јордан се замисли:
— Ајде да му го најдеме чарето на Трајчето твое, па после ќе и мислиме на Севда моја — и се разделија.
По десетина дена од разговорот си дојде Трајчето Ѕвездино една сабота на промена. Ѕвезда го промени во најискинатите алишта, го навечера убаво и, кога дојде време за легнување, почна да му ја раскажува смислената лага за парите. Немаше што да го кандисува сака или нејќе, ами просто му’ нареди да ја чека дури да појде да го викне братучед му Јордан. Излезе и ни десет минути не се задржа, се врати со овега. Поседоа уште некој и друг саат. Јордан се полафи со Тројка, Ѕвезда им свари и по едно кафе и веќе ноќта прекрши. Каде да е, полноќ е близу. А тие работи тогаш се бркаат; на глува доба, уште петлите не пеани. А таа ноќ како нарачана беше за таква работа. Јасна како момина солза. Месечината на половина изедена, што туку се појави над Српјановец и со својата бледа светлост им правеше две услуги: Од една страна зареше и ја разбиваше темницата да можат да одат патема, а од друга страна ги криеше од секаков човечки поглед. Месечина за: „коњи крадење и моми грабање”, што би рекол Манго Ѓуптинот.
И по таква месечина излегоа тројцата низ пустото село во кое од никаде не се јавуваше жива душа. Само неколку кучиња ги испратија до под селото, но никое од нив не можеше да погоди кои се овие луѓе и утре да каже каде одеа ноќеска.
Трајко беше овчариште, завалкан, на некои дваесет и пет до дваесет и осум години. Облечен, речиси, во партали, со козинавата сакма на рамо и овчарскиот стап в раце, одеше некако поназад, а Јордан и Ѕвезда ѕевгарички — пред него. Кога дојдоа на стотина метра до мелот, го дочекаа и Јордан го зеде оддесно со себе и почна да го распрашува нешто, колку да се најде во разговор. И веќе се приближија до самиот мел. Одејќи така рамо до рамо Јордан ја испречи неговата десна нога пред Трајковите; овој изгуби рамнотежа, се заниша, а Јордан само малку го поттурна и тој се најде на работ на пропаста. Оттаму се завалка и падна долу во реката.
Но, за таксиратот на двајцата, а за среќата на Трајчето, на сред мел ти имало една испупчена грпка та Трајко удри првен на неа; оттаму — во длабокиот вир, и така, не само што му останаа сите коски здрави, ами ништо не му се повреди. Се поисплаши дури да падне; во водата се поиспласка, се освести каде е и застана сред вир, викајќи силно:
— А бреми, зошто ме турнавте, аир да не сторите во очите, да даде господ златен? — си излезе од водата, та почна да си ги тресе опинците и сакмата.
Ѕвезда и Јордан го слушнаа дека остана жив и се вомјазија.
— He излезе работата како што мислевме! Ами сега? Како ќе го маслосуваме да не кажува? — почна Јордан да се жали и тапка како кривец. Ѕвезда почна да го теши Јордана и да му вика на Трајка:
— Што направи, бре, од дрво нозе да направиш? Ајде излегувај, да не излезеш, да рече господ златен и богородица. Co тебе човек не може ни на прошетка да излезе, не пак пари ќе нашол!
Трајко ја слуша, се позатресе уште некој и друг пат и тргна та накачи кај нив над мелот и уште од далеку почна да вика:
— Ами оти ме турнавте, в дупка да ве турнат. Што маки имавте од мене — и се приближи до нив.
— Кој те турна, бре алабаку ниеден? Што е тој збор што го велиш? Молчи, слепче, да не се чуе в село да не влечкаат жандармите по градиштата и судиштата. Да не се испуштиш да си ја земеш и ти бељата, та нам што ќе ни прават кога не сме го сториле — го искара Ѕвезда.
— А, не ми ја подаде Јордан ногата и ме бутна, туку… кршите глава. Ќе видиш дали ќе си дојдам јас уште еднаш од овците — си го кажа Трајко своето и си тргна да си оди направо кај овците.
Си тргнаа со него Јордан и Ѕвезда и овој почна да го моли:
— Немој, Трајче, немој братучед. He земај ме на душа, братко. Зошто јас да сум те туркал; зар ќе ми ја оставиш сермијата. Туку ете така ce случи. Помина ти блиску до мелот, ти се слизнаа нозете, падна. Нели не се напакости, се ќе помине. Немој да ме земаш на душа, море, не е убаво да се влечкаме по судиштата.
Трајко го слушаше и пак со будалската:
— Mope, кој ќе ве тепа по судиштата, јас ли, туку мене ми се стори оти ти ме турна. Оно… и ме поттурна троа заправо, туку ајде ќе ти простам сега, наши луѓе сме, роднини. He кажувам, бидете слободни.
Ѕвезда го прегрна и му залепи еден благодарствен бакнеж:
— Така си е, ами! Зошто да те турка браче Јордан, зар си му ја истурил кашата… — и го фати под мишка та го поведе назад в село.
— Ајде, ајде. Ајде да си одиме, да би опустеле парите. Me лаже тој натемаго и мене, та ќе си го кремнисам и мажлето, — а кон Јордана: — Ајде, браче Орде, ајде да си одиме да не не дошика некој, да ни се смеат утре в село — и си тргнаа сите тројца ама Трајчето сега се заврте од другата страна на мелот. Крај мел го остави Јордана да оди и си помисли сега тој да му ја наддаде ногата пред неговите, но Ѕвезда го држеше за десната рака и нешто го заговори та си отидоа уште рано рано дома.
Уште на втората вечер по горниот настан Јордан и Ѕвезда пак се најдоа до нејзиното кале во ќошот. Ѕвезда го поддена разговорот.
— Е, виде, Орде, дека домашната сметка на пазар не излегува? Ни на будалото Трајче мое не може да му го најдеме чарето, камо ли на Севда твоја што има очи и на тилот. Оваа не ја бидува што не ја бидува вака, ами јас би ти рекла тебе нешто друго. Мене веќе в куќи не ми се влегува без тебе. Да правиме некои други будалштилаци, верувам, и тие нема да излезат, а можеби и ќе не изнесат на видело, та ќе си ја земеме бељата; ќе се скапиме лежејќи по апсаните. Ами јас би рекла … — Тука застана Ѕвезда и почна да се мисли, но не за долго. — Јас би рекла да се маанеме некаде, каде ни не знаат, ни не познаваат. Ене ја, не! — рече и покажа со раката на југ. — Ене ја границата ни е под носот. Да си префрлиме некоја ноќ долу Мегленијата, да не види господ; живот на полна слобода!
Јордан и самиот ја тепаше главата како да излезе од оваа попара; и нему му удри в ум да избега некаде со Ѕвезда, ама не смееше нејзе да и предложи тоа, плашејќи се да не му откаже. Сега, кога таа самата му го рече, тој не се ни помисли:
— Абре, дали ќе идеш ти, бре Ѕвезде, та јас еве сега ако сакаш кинисувам. Мене ми беше страв да не ми откажеш ти. Та нели ти сама го изусти тоа, од него поарно здравје. Ни Трајка да го труеме, ни Севда да ја колеме и тепаме. Нека си живеат луѓето како ние што сакаме да си живееме — и од задоволство ја прегрна и ја бакна.
Ѕвезда сета се растрепери и му се обеси на вратот:
— Co тебе, Орде, во синото море ќе одам; во пеколот ако сакаш води ме, не во Меглен…
Е, е, е, таа се стори, значи! Спремај се што имаш да се спремаш. Па, што ќе спремаш? Гледај некоја паричка ако ти се наоѓа, направи ги жолти. Ќе ги смениш со некоја жена поштозашто. Ако не врват овде, таму врват. Понеси го тоа сребренцето што го имаш; ќе ни се најде во зорзаман. Значи, во недела вечер овдека! — го донесоа најпосле правилното решение да избегаат во Грција без да прават некакви други обиди со Трајка и Севда; да ги трујат или да ги туркаат во мелиштата за да се ослободат од нив.
Така се разделија да ја чекаат неделата за да можат еднаш за секогаш да бидат свои и само свои, далеку од овој свет што ги знае и познава.
Како ќе ја префрлат границата, каде ќе одат потаму, што ќе работат и што ќе јадат, одошто ќе живеат, тоа сето беше ситна грижа. Љубовта, како што се знае, не знае за никакви пречки, стига да е врела и искрена.
Дојде најпосле и чеканата недела. Јордан и Ѕвезда исчезнаа без трага од селото. Севда пријави на власта, но никој не се заинтересира многу многу. Кој каде сака, нека крши глава, си рече претседателот Петко кога Севда му кажа дека Ордета го нема неколку дена.
До идната недела умре и Менка од Младена та Младен просто се пресели кај „мајка си” Стаќа.
Седејќи едно поручек кај Севда сите тројца, бабата Стаќа издивна длабоко и му се обрна на Младена:
— Е, бог да ја прости Менка твоја, Маце; си отиде уште млада.
Младен, божем се натажи, па и одговори:
— Mope Менка си отиде што си отиде, туку јас сега кај ќе одам сам, што ќе правам сам без жена. А ете и мајка сака да се пригледа. И таа е готова за одење кај Менка, ама ќе ме помачи уште некоја месечина и друга.
Севда и бабата Стаќа прснаа да се смеат, гледајќи го Младена да се прави на ужален маж. А бабата му рече:
— Кај ќе одиш ти, сираку! Оти кај ќе одиш? Сакаш, можеби, поарно од колку кај нас? Ете го побратимот Орде ми ти ја остави Севданка. Ела ми си кај мајка ти Стаќа, поминете си ја младоста. И мене ќе ми се симне гревот од душата што не се зедовте навреме. Еве ви прилика, макар и подоцна. Што сакаш поарно од тоа? За мајка ти, лесна работа. И неа ќе ја прибереме.
Севда стана од столчето и почна да се кикоти:
— Ами вангелијата, мори стара вампирко?
И бабата се раскикоте, па и вели:
— Вангелијата, вангелијата, вангелијага! He видовте оти попот си ја кладе во торбата. Ви пречеше вангелијата овие две три години да си се милувате? Уште ви помогна да не се дошика Орде. Ајде, ајде. Ајде избакнете се сега слободно пред мене да ми се наполни срцево и да ми се простат старите греови што ви попречив да си се ставите уште кога требаше — и сама стана, го фати Младена за рака и просто го одведе кај Севда и ги натера да се избакнат.
Дури тие се бакнуваа, бабата почна да се оближува, да се врти околу нив и да се крсти, мрморејќи си под нос:
— Ех, сега душата ќе ми излезе со раат.
Севда и Младен се пуштија од прегратките а бабата Стаќа се издиши длабоко и им рече:
— Колку сум пак сега среќна, деца! Да сте ми благословени и да се ќердосате. Та … од вангелијата не плашете се. Јас ќе го носам тој грев. Гледајте да не ве репне некој со некоја ластегарка; да не ви ги искрши коските та вангелиите нека си ги за будалите што сакаат да одат во рајот.
И Младен навистина си остана кај бабата Стаќа да живее со Севда како маж и жена, но вангелијата навистина им идеше на рака. Селаните и селанките не се сомневаа во нивното светијованство.
По кратко време умре и мајка му на Младена та веќе немаше нужда ни да се враќа во неговата куќа.
Едно поручек, кога Младен си дојде од работа, седна со Севда во нивната одаја и оваа почна да го заговара нешто за Ѕвезда и Јордана. Но, наеднаш помина на тоа што сакаше да му го каже. Го фати за раце и почна:
— Знаеш што, Маце? Од Ордета и од Ѕвезда дојде писмо. И пишале на мајка ти, па поштарот мене ми го даде — и го извади писмото од пазувата. — Земи, прочитај го. Има многу поздрави до тебе. Зошто сме светијовани и другари, вели, да не се заборавиме.
Младен го извади писмото и почна да го чита:
„Драга тетко, Бојано, и ти братучед Младене!
Еве толку време помина откако го направивме ние овој аџамилак. Вие знаете дека не можевме да живееме еден без друг та, место да се измачуваме таму и да ни се смеат векот, тргнавме и се иставивме од вашите очи. Овдека сме добри. Орде влезе во работа. Носи сандаци на пристаништево a јас перам по куќите. Убаво си живееме. Многу ми е жал за другачка ми Севда оти и го откинав Ордета, но гледај ти, братучед, не оставај ја да се сакалдисува…”
Младен ја погледна Севда и и ги покажа точките:
— Види, види, ороспијата една; уште му нема кажано за нашите односи. Mope, жена
— јуда, што викаат старите. Преку три мориња ќе го преведе човека и не му дава вода да се напие. Чекај што пишува натаму, лебати? — Чита.
„Сакам да ми пишеш, Младене, како живее сега Севда; го жала ли многу Ордета. Речи и да не го жала. Јас убаво го гледам и го бакнувам поарно од неа”.
Младен пак погледна во Севда и се чуди на Ѕвездините зборови:
— Види, види безобразно живинче, види!
— и го заврте писмото од другата страна.
— Аха! — си мрмна. — Еве овдека пак тој лапнисомун пишува. Чита:
„Драги Младене!
Еве и јас да ти се јавам заедно со брачетка ти. Арен сум. Работиме, се храниме и за назад не мислиме. Ми е жал за тебе, за себе и за вилаетот наш. А колку за Севда ја бришав од китапот. Ако сакаш, и ако ти стига рака, пригледни го тоа кучето мое, та Севда ќе си го најде чарето као јас што си го најдов со Ѕвезда. Пиши некој збор ако сакаш и поздрави ги сите роднини и пријатели.
Co поздрав твојот другар Орде”. Севда му го зеде писмото и му рече:
— Е, што велиш? Ќе им пишеме? Младен се позамисли, но одлучи:
— Mope, ами да им пишеме кога тие пишале. Нема смисла — и се насмевна. Ем ќе им пишеме и ќе му кажеме на Ордета за се. Доста му беше влечење за нос. Леле, кога ќе разберееее!
Севда седна и почна да пишуза сета возбудена:
„Драги браче, Ордане, и ти невесто Ѕвездо! Писмото ваше го добивме со Младена и се радуваме дека сте добри и среќно си живеете. И за нас со Младена не берете гајле… Невестата Менка ја прости господ уште пред петшест месеци и батко Младен се прибра кај нас со мајка, та кажи му, другарке Ѕвездо, на Ордета будалата, дека и ние со Младена си живееме исто така убаво како вие со Ордета. Нека не мисли тој расипанко дека Севда е будала, само тој итар.
А за тоа кучето што го вика тој, за детето мое, нека не се грижи, оти итака не е негово. Токму сега татко му си ја најде мајка му и тие ќе си го гледаат. А тебе не ти се лутам. Таман се стори себап; ме спаси од него. А колку за бакнувањето, знам дека поарно од мене го бакнуваш, ама затоа пак јас на братучед ти ќе му го врајќам.
Поздрави го Ордета и речи му дека му благодарам што ме остави на Младена, чија бев уште пред да се поцрнам за него. А ако се теши со вангелијата, како што се тешеше досега, речи му дека мајка вели: „Си ја зел попот во торбата кога си киниса од кај нас по свршената работа со светијованството”.
Твојата другачка Севда”.
Потем му го подаде моливот на Младена:
— На! Пиши му и со твоја рака да не мисли Орде дека сакам да го мачам. Младен почна и напиша: „Драги Ордане!
Образите ми горат и црвенат ама вистината си е вистина. Севда ти ја откри тајната од пред тричетири години и јас нема зошто да ти кријам и да ти се правдам. Така си е сето што го пиша Севда и . .. проштавај; сам си го направи …
Многу поздрав од роднини и пријатели
Младен”.
Го залепија писмото и го испратија да му однесе на Јордана пријатни новини од родниот крај.
***
И уште на четвртиот, петтиот ден ги нај де писмото Јордана и Ѕвезда во нивната сиромашна собичка на периферијата од градот пристаниште Пиреја, во која собичка немаше ништо, освен една масичка, две столчиња и едно дрвено креветче. Но, тука беше нивната врела и искрена лубов и тие живееја среќни и задоволни макар без ништо. Ѕвезда веќе беше ја менила мариовската носија и облекла градско фустанче. Се разбира, од најевтина материја, а Јордан беше спечалил работнички комбинезон и штотуку си влезе во одајчето, Ѕвезда го пречека на вратата, и како секогаш, го бакна:
— Си дојде, Орде? Како помина денеска? Имаше работа? — го засипа со прашања и некако возбудена.
Јордан седна на едното столче уморен, a Ѕвезда на другото.
— Денес имам радосна новина — му са обрна Ѕвезда.
— Јордан и се заѕвери во очите:
— Што? Најде некаде стална работа?
— Mope работа; имаш ли плешки, та за работи колку ми сакаш. Туку… еве! — и го извади писмото од џебот на унечката, та му го подаде.
Јордан ги ококори очите:
— Од Младена?
— И од Севда.
— Е, другар е тој Младен, нема што — промрмори Јордан, а Ѕвезда писна во смев.
— Што се смееш, будала — се намурти Јордан и ја искара.
— Ќе разбереш, читај — му рече Ѕвезда, не престанувајќи да се смее.
Јордан го извади писмото од пликот и почна да го чита во себе. На првите редови се поднасмевна, но колку читаше понатаму, се повеќе се мрштеше и лутеше. Кога го дочита се заѕвери во Ѕвезда и испушти едно долго бучење.
— Mope мајкатааа! Го веруваш ти ова, Ѕвезданке? — Стана и почна да шета низ одајчето, не престанувајќи да се чуди и цука:
Бре, бре, бреее! Ама расипани луѓе, брееееј!
Ѕвезда не го испушташе од око, гледајќи го да се чуди. Нејзе и беше смешен во таа положба та не можеше да го задржи смевот.
— Mope, јас го верувам оти го гледав уште тогаш, туку ти дали го веруваш.
Што велеше: „Да видам — не верувам; A сега? Ете, те? И Севданка твоја не била будала. И таа си го терала ќевчето.
Јордан продолжи да цука:
— Цк, цк, цк… ! А и детето не било мое, видиш? Таа ороспија од крајчас си ги вадила ѕрцките. A јас сиромав, толкава верба во него ! ! ! Е, нека му е среќно. Барем ни за тоа, кучето, да не мислам веќе кога е така работата.
— Тиии, море Орде, море будала! Виде? Навистина кај ти што си шиел, векот се провирале…
Ѕвезда стана и го прегрна одзади преку рамо:
— He тепкај се, не туфкај. Што си велеше ти, а? Две женички ќе си имам. И кога ќе ми се присака бела бела а кога ќе ми се внуши црна црна. Е, на — му рече и му подаде шипинка. — Ете векот како умееле да садат рогови. И не сакалдисувај се ами гледај си ја оваа, русата, да не си ја испуштиш и неа та да рипаш во трњето — го прегрна и пак страсно се избакнаа во сиромаштијата ама на слобода од сите страни.
Booking.com