РАСКАЗИ ОД СТАЛЕ ПОПОВ

 

КОЛИБАТА HA ДЕДО СТОЈКО

Наспроти на лакушката се црнее овчарска колиба покриена со слама. цел ден излегува од неа бел чад што сведочи дека во неа има човек што го вали огнот за да го ублажи студот, што од пред три четири дни стегна и не попушта. Стариот дедо Стојко Бириџијата од селото Галицко одамна ја има оваа колиба крај Црна и тука речиси остаре. Убава паша има за козито а лете сенки и води, та не му треба да ја тера стоката на друго место. A и лакушката му е доста големка, та вади по два триесет товари жито од неа, и доста му е за неговото семејство од седум осум души. Има два сина: Петко и Петре, две снаи, две ќерки, внуче и тој со бабата. Едниот син, со внучето, се занимава со стоката, другиот со жените, со орачлакот, а дедо Стојко ги грне околу себе сите и брка ситни работи по колибата — пригаѓа дрва, го одржува огнот, спрема вечеричка… Co еден збор, се грижи за сите и им прави на децата план за работа.

И денеска дедо Стојко беше на колибата, го валеше огнот за да се огреат децата кога ќе се приберат со стоката. Неколкупати излезе на врата и наслушна што ќе бидат тие пукотници отспротива. Неоти не знаеше стариот што пушки се, ами се тревожеше што ќе излезе од тие пукотници, зашто знаеше кој на кого пука.

Одредот речиси цел месец се вртка околу неговата колиба есеноска и дедо Стојко му даваше лебец и друго што имаше, ама откако дојде Борис, се истави откај него — поштукна негде. Дедо Стојко разбра дека ја нападнал општината во Т., го фатил бирникот во Ц.. Им советуваше да не буричкаат сега в зима ништо; да ја протутнат зимата, па напролет — де бакалум Ама не го послушаа. He го послушаа a тa, ене, ги згаштиле Ганчовци. Сево ова го знаеше дедо Стојко од искуство како стар јатак ка четите уште од турско, кога и тој зеде активно учество во Востанието и со пушка в рака напаѓаше на мудурлакот во В.

„Лошо сторија што не ме послушаа да мируваат зимава” — си мрмна сам за себе, седејќи крај огнот и сушејќи ги објалата на гламните, кога си влезе постариот син Петко и седна на столчето спроти татка си. Загрижен и тој си ги заплани рацете на пламенот и ја ничкоса главата. Двајцата мажи длабоко замислени молчеа и очигледно чекаа уште некој да се прибере во колибата. И не чекаа долго. На вратата влезе помалиот син Петре со кош на грбот полн со слама. Отспротива се уште вриеја пушки и картечници. Петре подзастана на сред колиба и им се обрна на татка си и брата си.

—           Уште каде ги печкаат, сиромаси!

Петко се заврте кон брата си и така загрижен му одговори:

—           Кој знае дали остана некој жив!

—           Им велев јас: вардете се, деца, ама, ете, лошо ги сардисаа. Од трите страни потери, од четвртата оваа пуста река! — се замеша и дедо Стојко.

Петре отиде долни крај, го остави кошот кај другиот, се врати назад, зеде столче и седна спроти татка си.

—           Цел ден вријат пушките и кртечниците.

—           И бомби доста истурија — го дополни Петко.

—           Ми се гледаа денеска спротива како на дланка. Убаво беа наместени, сиромаси, во спилата, ама многу џган им се насобра. Спилата оцрнела, — почна да му објаснува Петре кој денеска беше со козите и гледаше што станува наспоред преку река.

Дедо Стојко се издиши длабоко, стана, отиде кај кошевите, зеде слама и пак дојде кај огнот. Почна да се преобува, турајќи нова слама во опинците. Петко го наполни лулето, му подаде на татка си и како одговор на Петрета, рече:

—           Изгледа има и наши, не се само Ганчовци. Се парталеа селски кошули по стената.

—           Без кодоши кога било та и сега? Така и нас едно време не предадоа наши, та не испретепаа агите!

—           He ce ли гази онаа пустиња да прејде некое одоаде, белким ќе ја зачува главата? За големо чудо, сите ќе ги избијат! — почна Петко да се возбудува, обрнувајќи му се на татка си.

—           А бре, сега ова време — не се гази, ами се гази! Co ризик се гази кој е вешт на „Езерото”. Ама кој го знае од нив тој брод?

Петко рипна возбуден.

—           Татко! Наши деца ce! He слушаше како ни велеа кога беа кај нас? И за нас тие се борат; ама велеа дека и ние не треба да лежиме. И така си е… Јас го знам бродот и ќе одам, ќе ги свикам некако. Ако има некое останато живо, белким ќе го спасиме.

—           Мислиш не ќе те оплескаат тебе од наспоред — рече дедо Стојко и се замисли.

Во тој момент и Петре рипна од столчето:

—           И јас ќе одам, татко! Ќе им припукам од карпите на Ганчовци и ќе им го одземам вниманието од децата, а Петко нека ги прејде…

На дедо Стојка му навреа солзи во очите. Ги изгледа двата свои синови и си спомна за сето она што го преживеа тој на млади години. My удрија в ум сите оние зборови што ги слушаше од старите дејци за слободата на Македонија. My излегоа пред очите разните борби, маки и страданија уште кога беше тој млад и запален. Многу жалеше што тогаш пропадна Востанието, но дојдоа крстени луѓе, та иако правеа некои батакчилаци, дедо Стојко ги поднесуваше како од свои блиски и роднини и некако полесно му беше се додека тие батакчилаци се однесуваа до стоката. Ама овие батаклии, ене ги се нафрлија на животите на најмилите. Ова дедо Стојко го сфати полошо и од турско, та затоа почна уште есеноска да им помага на децата што дојдоа кај него да се засолнат од потерите. И им рече да се вардат. Ама ене ги не се довардиле и ќе настрадаат. Зар треба да дозволи да ги избијат до едно? Толку повеќе што сега не е сам како пред четириесет години што беше. Еве ги пред него двајцата негови ‘рслани — Петко и Петре, во чии жили тече неговата крв и тие сами предлагаат да го направат она што го правеше тој кога беше на нивните години. Затоа стана од столчето, им се приближи на синовите, ги поведе обајцата кон вратата, ги прегрна и им рече:

—           Ризик е, деца, ризик! Голем ризик. Но треба да им се помогне. Наши деца се, што рече Петко. А без ризик ништо не бидува! Одете и вардете се да не настрадате! — и ги испрати низ врата.

Пред самата врата Петре го праша Петка:

—           Каде е пушката?

—           Па нели ја знаеш; во сламата над колибата.

—           Оди, извади ја и право во карпата. Само фаќај убаво засолниште да не те закачат со некое зрно, оти сите на тебе ќе ги навртат, кога ќе им припукаш однаспоред.

—           He грижи се ти за мене, само ти добро варди се да не настрадаш. Причекај нека падне муграта па после прејдувајте, оти ќе бидете на голо преку лаката; ќе ве истепаат ако прејдите со видело.

Дедо Стојко пак си седна на столчето и почна да се грее крај огнот. Го волнуваше опасноста да не настрадаат синови му, а уште повеќе го волнуваше чувството на спасител на „своите” деца од одредот. Во моментот не правеше разлика меѓу Петка, Петрета и оние што беа во смртна опасност од потерата. „И тие се сега мои деца” — си мислеше. „Кога веќе едни ја започнаа борбата, сите треба да трчаме ако сакаме да ја извојуваме слободата” — си велеше дедо Стојко со стариот ум уште од Илинден. А тој тогаш и на дело покажа дека ја сака слободата и знае како се добива.

Така размислувајќи стана, отиде долни крај, зеде дрва, се врати кај огништето и почна да го вали огнот и да си зборува:

„Да го распалам огнов. Ако успее Петко да прејде некое, да има на што да се разгреат. Па пусто време да се запусти! Како секоја зима” — рече и погледна кон вратата. Надвор зафуче фуртуната.

„Ќе замрзнат со водени алишта дури да дојдат”, — пак си брбна и почна да го споткна огнот. Го наполни пак лулето и нервозно почна да трга од него.

Однадвор се слушаа пушките од стената, а потоа почна една да пука одоваде река. Дедо Стојко ја позна. Прво се понамршти кога ја чу оваа пушка, но веднаш потоа некако се разведри, дури како да се израдува.

„Аха! Им се кажа Петре од карпата и ги навртоа на него пците крастави! Ајде белким Петко ќе може некое во матилежот да преведе преку река” — си рече и почна да го буцка лулето, што му угасна дури се штуткаше околу огнот. My кладе жар, стана и нервозно зашета низ колибата. Пушките продолжија, па и дедо Стојко, слушајќи ги, продолжи да си зборува сам за себе:

„Немаат Крај овие пусти борби! Пред нас — старите ајдуци, во наше време — четите; сега пак овие!” — рече и застана…

Пушките стивнаа. Дедо Стојко стана и отиде да го симне старото рогузинче од еден кол и го посла крај огништето. Си ја зеде и сакмата, ја кладе место перница, се навали крај оган, не испуштајќи го лулето од уста. „Охохо! Да здивнам, та сака да излезам да го пречекам Мицето со овците! Ете го ги прибира”…

Однадвор затропаа ѕвонци и клопотарци.

„… Сака и сламичка да им се тури на говедцата. Мракот провлече веќе, не знам што направија Петре и Петко; нема веќе да пукаат…”, — рече и воздивна, лежејќи налактен и чурејќи на лулето, и пак мрморејќи:

„Пуста зима фати, не го вадиме имањето; со што ќе се плаќаме кога ќе не грабне бирникот на пролет…”

Кога дедо Стојко „заврши” со својот разговор, на вратата влезе Мицето, дете на околу 12 13 години, наметнато со сакмето, врз кое напаѓал приличен снег. Ги истресе нозете и сакмата на прагот од вратата и просто му викна на дедо Стојка:

—           Кај си, бре, дедо? He излегуваш да слушнеш; пушки, кртечници, бомби цел ден вријат по реката!..

Дедо Стојко се исправи, седна и му одговори на детето:

—           Слушам, Мице, слушам и однатре. Што направи ти? Ги втера в трло овците? He ти зеде некоја денеска Сучко?

Мицето пријде до огништето и си ги заплани рацете;

—           Ги втерав, ама изгледа, гладни ќе бидат ноќеска. Го забели денеска од некое време, та само рилкаа, ама слабо најдоа да скубнат! — рече и отиде кон колјето и го обеси сакмето. Се врати назад, си зеде столче и седна спроти деда си да се грее. Старецот го праша:

—           Е, што пушки беа денеска толку? He разбра од некој овчар по реката горе?

—           Што пушки! Се ставив со Колета Мокрин на Дедозиот Вир. Рече дека Бугарите ги сардисале оние што беа пред некој месец кај нас. Ги заборавив како се викаа…

—           Партизаните, „шумкарите”, како што ги викаат Ганчовци.

—           Партизаните ги сардисале потери од сите три страни, одавде Црна, и ете ги до мрак ги пукаа. Што стана, и тој не знаеше да ми каже. Ама мајчето им го расплакале Ганчовци овие два три дена на оние колибари преку река. Котек, ќотек, велеше Коле, дури мрдаат. И нему му ја окршиле левата рака; ја носеше врзана за вратот…

Како што раскажуваше — Мицето веднаш се тргна:

—           Кај се татко и стрико?

—           Отидоа да ги приберат говедата и коњите да не замркне некое.

Мице замолче, се собу и почна да си ги грее нозете.

По извесно време на вратата се појави Петре со пушката преку рамо, придржувајќи една девојка. По него влегоа брат му Петко и неколку партизани. Од сите течеше вода, a пo грбовите беа навеани со снег.

Дедо Стојко веднаш, штом ги виде, рипна и им се запати во пресрет. Ги сретна уште сред колибата, но Петре го врати:

—           Постели ја сакмата, тате!

—           Жива ли е? — го праша дедо Стојко и се најде до постелата.

—           Жива е, ама со мала душа! — му одговори Петре.

—           Донеси дрва, Мице, да се огреат луѓево!

Мицето отрча долни крај и донесе цел заграб дрва. Ги стави на огнот што се расплапоти. Во тоа време Петре веќе ја донесе ранетата до постелата и ја постави да лежи. Таа списка од болките.

— Ногата и ја окршиле сега пред мракот! — му брбна Петре на старецот.

—           Да не куртулат од него, да рече господ златен, пците крастави! — промрмори и дедо Стојко како Петрета, мислејќи на куршумот што и ја скршил ногата на девојката.

Во тоа време се приближија и партизаните со Петка до огништето и се поздравија со дедо Стојка како со стар познат.

—           Ногата и е скршена? Каде? — му се обрна старецот на другиот му син Петка.

—           Се мавта под колено.

Дедо Стојко се даде на работа. И се приближи на партизанката, ја фати за ранетата нога и почна да ја теши кога таа силно спиште:

—           Чекај, мило, чекај дедо да види! И Лачка моја ја окрши есеноска, ама дедо ја излекува. И тебе ќе ми те излекувам. Трај. Така е кога не ги слушате старите што ви велат. Запињав јас есеноска да мирувате преку зимава, ама вие, ете, си имате друг план… — па недоискажан му се обрна на Петка:

—           Донеси, Пецо, две штички и некој од тие, сиџимите, што се во камарата.

Петко веднаш истрча долни крај и му донесе на стариот што му побара.

Дури Петко отиде по штички и сиџими дедо Стојко ја „прегледа” ногата и виде каде е скршена. Ја извади својата тутунарка и ја наполни раната со тутун а потоа ја врза со својата шамија. Кога Петко му ги донесе штичките и сиџимите, старецот пак му рече:

—           Дај, Пецо, од волничката што е во торбата.

Петко му донесе и волна, та дедо Стојко ја навитка ногата и ги стави двете штички врз волната и цврсто ги стегна со сиџимот. Горица премре веќе од болки, а старецот само ја теши:

—           Трај, мило, трај, ќе ми ти помине. Такааа! Ке зарасне како на шилеже. Ти си млада. Лежи само мирно, не вражај ја да не се измести.

Така дедо Стојко и ја стегна скршената нога токму како на неговите шилежиња што им ги стегаше кога им беа скршени. Се истави од постелата и седна на едно од столчињата, па му се обрна на Петка, кој исто седна крај огнот на друго столче:

—           Ја прегазивте? Таму? На „Езерото”?

—           Таму, пуста да биде, ама на! — ( и му покажа со раката „до гуша”). — Се газела ли Црна во Сечко туку… ела зло — без тебе дабетер!

Партизаните веќе изнаседнаа околу огнот и се тресеа од студ. Од нивните парталави алишта уште се цедеше вода; се грееја на разгорениот оган.

—           Само вие петината бевте? — ги праша стариот.

—           Mope уште толку бевме вадева, туку…

—           му одговори Борис сневеселен.

—           Mope молчи, слепче! — со возбуден глас одговори дедо Стојко. — Половината паднаа?

—           Двајцата ги видовме, и двајцата…

—           Сигурно живи паднаа в раце? — праша дедото.

—           He ce даваме ние живи в раце, дедо, не! Сигурно се истутнаа некако низ обрачот,

—           се замеша Недан во разговорот.

Дедо Стојко се замисли, го наполни лулето и го праша пак Петка:

—           Е, како ги довика?

—           Им свирнав од врбјакот.

—           И тие те слушнаа и видоа?

—           Да.

—           He спасивте барем нас и овој ред како многупати досега, туку кажувај сега што да правиме. Каде сега ќе одиме по ова време! А да останеме овде, сега (ќе доклапаат Ганчовци и Арнаутиштана и живи ќе не испечат сите! — му се обрна еден од борците иа дедо Стојка.

—           Какво овде! Туку, позагрејте се малку, поодморете се, та ќе ве одведе Петре во Темната Пешчера. Има таму дрва. Однесов јас некни цел нарамник. Ќе запалите внатре оган; ништо не се гледа. Таму и во турско го криев Шаќира со четата кога чинеше згашти ги Рушидчауш со потерата преку река како сега вас. Само тие не одеа вака како вас зимно време. Оваа ваша работа не можам да ја разберам, душко! Комити — зима! Бидувало?…

—           Бидува — не бидува, се тргнало, дедо, нема назад. И за оние на фронтот е зима, ама се борат. Ним треба да им се поолесни положбата.

Дедо Стојко го ислуша Бориса, ја позаврте главата и мрмна под нос:

—           Може да е така!.. — Ајде, Петре! Земај торбата со лебот, дај им по некој залаг нека лапнат овде, а таму — колку што има!… — Гладни сте, сигурно? Којзнае од кога не сте јале?

—           Ги глоднавме вчера последните коринки, туку кому му беше до јадење! — му одговори некој.

Петре стана, симна од колот една торба, им скрши по едно парче леб и им го подаде. Партизаните лакомо почнаа да јадат. И подаде и на ранетата, но таа од едно пискање и превивање друго „како да не знаеше”. Ги чкрташе забите испружена на постелата и се превиваше од болките. Кога Петре и подаде леб, мавна со раката — одби. Партизаните веќе го дојадуваа лебот и ги вртеа плеќите да ги затоплат на пламенот кога дедо Стојко пак му се обрна на Петрета:

—           Земи ја со тебе пушката да не ја најдат Арнаутиштата. Тие итака ќе не јадат што ќе не јадат, туку кога немаат маана, белки со полесно ќе поминеме. И… не враќај се ноќеска. Нека има еден надвор да види утре што станало со нас ако прејдат.

—           Какво ти не прејдување, џанум! Слегоа долу на реката, но не верувам да се решат тука да ја газат, освен ако нема некој наш кодош што го знае бродот. А за на лесата долу, сигурно ќе отрчаат, и околу полноќ, — чекај си ги!

—           Тогаш, ајде, ставајте дури се здри уште по муграта и снегот, оти по темница ќе појдувате до неа преку грипите и смреките.

Настанаа сите и Петре пак ја крена в раце девојката. Таа припиште, но другите ја умируваа. Ногата со штичките висеше настрана.

Дедо Стојко ги испрати до вратата, и гледајќи ја ногата им довикна:

—           Ногата никакво одврзување! Јас ќе ја видам по некој ден и друг ако ме остават жив. Ајте со здравје. Вардете се!.. и се вратија со Петка пак крај огништето. Дедо Стојко се испружи пак на постелата, а Петко седна на столчето да се суши.

—           Да се позапаам дури да дојдат да не ме најдат накиснат и да замаваат.

Дедо Стојко како да се присети нешто и почна да разгледува низ колибата. И кога го забележа Мицето во еден кош (каде што тоа се стисна кога дојдоа луѓето, така што тие не го ни забележија) му викна:

—           Мице, бре? Кај вати ти, чедо? Оди, врли им на кучињата по малку лебец и затвори го трлото. Види дали си влегле говедата и коњите во говедарникот. Затвори ги и нив!…

Мицето отиде кон торбите, извади од една сомун пцоменик и скрши две парчиња па излезе надвор да им фрли на пците, а Петко се грее, се врти околу огнот да ги потсуши мокрите алишта.

—           Арно беше и ти да се иставеше ноќеска од колибата, — му проговори дедо Стојко на Петка.

—           Уште поарно и да не се враќам назад…

—           А бре, нели се замешавме во манџава, и тоа ќе си биде, туку да излеземе барем од зимава. He ce трга и таа без покрив над глава

;— под ведро небо!

—           И да ни ги искршат првин коските, па после…

—           До кога, бре татко, до кога вака? Дедот Стојко воздивна:

—           Ех, бре синко! До кога! Тие сакаат довек!

—           Е, ќе проштеваат, лебами! Ова што го прават тие, кој може да го трпи довек?

—           Та дека не се трпи мрзнат и капат децата по студот. Та да се трпи, кој би ги тргал овие маки? Ги виде? Мокри до кожа, гладни, голи, боси. Co искршени нозе, раце…

—           Ами зошто отидов да ги преведувам преку река…

—           Та дева знам и гледам та рипам и јас старски сосе вас во огнот, ако можеме да спасиме некое.

Во тоа време си влезе на вратата малото Мице растревожено. Однадвор се слушнаа кучешки лаежи:

—           Дедо! Тате! Снегот рпа под колибата и пците се назагнаа надолу, ама како на луѓе лаат; не е дивина! — рече и дојде до огништето затресено.

—           Ја имаат прегазено тука олку бргу што дојдоа! Рече ти: има шпиони: го знаат бродот… — Слушај, Мице, на деда! Да не испуштиш збор дека дојдоа луѓе на колибава, оти сите ќе не исколат. Што да ти прават: да те плашат, тепаат, да те кладат на огнов да те печат, ќе велиш: „не знам, никој не дојде, не видов”. Што да ти даваат: пари, пушка, пиштол, ништо да не земеш! Слушај добро, оти живи ќе не испечат во колибава ако кажеш. Ако почнат да те тепаат, ти само плачи, но ништо не зборувај. Слушна?

Мицето го ислуша деда си, се разгреа и намуртено му одговори:

—           He кажувам и ножот под гуша да ми го стават, да ме заколат…

—           Така! Оти и мене ќе ме заколат. Ќе останеш и без татко и без дедо! — го советуваше и Петко детето.

—           He кажувам, не плашете се. Зар само вие сте мажи? Гледајте вие да не кажете!

Во тоа време надвор пците навалија да лаат пред самата колиба. Веднаш се слушна пукот од пушка. Пес силно заквиче. Дедо Стојко и Петко веднаш станаа и се запатија кон вратата да ги пречекаат тие што идат. А знаат кој иде.

—           Грешивме што не се истави и ти вечерва, — му мрмна стариот на сина си.

—           Ќе се крка копанот вечерва, ама ако останам жив — мајче мајчино…

Дури дедо Стојко и Петко дојдоа до вратата, на неа се појави полициски старшија со шмајзерот „на готовс”. „Претпазливо со сета внимателност на потерџија” ја прострела сета колиба осветлена од огнот и кога ги виде луѓето близу до вратата бесно викна:

—           Горе рацете, мамката ваша. Сите, , сите! — И му го допре веќе шмајзерот на Петка во градите.

По него влезе еден Арнаутин, па еден селанец во кого дедо Стојко и Петко го познаа стариот нивни „пријател” Мрча. По овога влегоа петина полицајци сите со пушки во рацете. Се рашетаа по колибата, очигледно бараа некого и нешто.

Дедо Стојко и Петко ги кренаа рацете уште при првото викање на старшијата. А кога овој му го запна шмајзерот на Петка в гради, стариот се испречи пред Петка и почна да ги кани дојдените:

—           Повелете, господине, повелете, та рацете мои и горе и долу се здрвени веќе.

Старшијата го турна старецот повнатре, a со самото тоа се истави назад и Петко.

Каде ги сокривте шумкарите, бе комити? — Кажувај, бе, ти! Зашто се криеш зад стариов како млада невеста? — и го турна стариот настрана, та пак му го запна шмајзерот на Петка во градите.

—           Кажувај дури не сум оптеглил…

—           Што да кажам, господине? — одговори Петко со треперлив глас, држејќи ги рацете кренати.

—           Шумкарите каде ги сокривте? Тоа те прашувам; не си глув!

—           Какви шумкари барате од нас, бре, господине? Ние сме пастири луѓе; што знаеме та да ви кажеме! — одговори дедо Стојко место Петка.

Старшијата ги чкртна забите и му се внесе в лице на стариот:

—           He преправај се, стари, и не ме измачувај без нужда. Како не знаете? Пред малку тука влегоа петмина. Но, кажувајте каде ги сокривте.

—           Ако сакате да ве лажам, да ви речам оти сум видел. А вистина, ни сум видел, ни сум чул.

—           He си видел, не си чул? — избезумениот старшија му удри една тупаница пo нос и дедо Стојко се струполи наземи, а на полицајците им заповеда:

—           Момчиња, врзете го тоа дрто магаре! Тројцата полицајци го врзаа дедо Стојка,

удирајќи му секој по една клоца во ребрата и викајќи: „Кажувај, кажувај, кажувај! Ќе те одере господин старшијата!”

—           Кажувај ти, бе мискин, да не го апнеш куршумот! — викаше старшијата и на Петка со запнат шмајзер во неговите гради.

Петко ги стисна забите и гледа во селанецот; го познава и му сеобрнува нему, надевајќи се на некаква помош како од свој — познат човек:

—           Мрчо бре, објасни му на господинот што луѓе сме ние. Пастири, домаќини, луѓе бевме, бре брату. Барем ти не знаеш. Што е овој зулум од нив?

Мрчо му пријде на старшијата и небаре сака да му помогне на Петка:

—           Чекајте, господин старшија, чекајте. Ќе кажат луѓето што знаат. Се исплашија. Нека се соземат, ќе кажат…

—           Што да кажеме, бре брату? — дури му се врекна Петко на Мрча во кого виде еден од оние луѓе што беа во служба на окупаторите.

Мрчо го почувствува Петковиот гнев и остриот поглед со кој го погледна Петко, па му се обрна:

—           Петко! Соземи се и не играј си играчки со животот. Кажи дури е со време. Те познавам и ме познаваш многу арно. Кажи му на господин старшијата каде отидоа луѓето што ги прејде вечерва преку река и накривија капата настрана. Јас одговарам за тебе…

Петко зовре во себе:

—           Кои луѓе, бре Мрчо, кои?

Мрчо ги изви муцките и иронично му одговори:

—           А бре, маслосувај кого ќе маслосуваш, ами мене ли најде да ме маслосуваш? Тие петината. Поправо четворица машки и една жена што ги прејде на бродот на „Езерото”. Кажувај, не викај си ја белата со калезмо кога можеш без неа да поминеш. Те гледав со дулбијата од Андоновото кале, та дури и те познав, но не сакав да пукам на тебе. Сум јал еден залак леб на колибава по она време кога и нас вака не бркаа со Шаќира. Сакаш уште да ти кажам? He ја пренесе ти жената в раце? Ранета е во ногата. Туку кажувај каде се. Инаку… не можам ништо да ти помогнам и да сакам. Остави што не сакам, кога ми го валкате образов!

Петко и дедо Стојко ја менуваа бојата на лицата, слушајќи го Мрча, а дедо Стојко се исправи и се загледа во него, велејќи му:

—           Ако сакаш на душа да земаш — земај. Господ гледа…

Старшијата му се врекна на стариот: :— Ти да молчиш там, дрто магаре!… A ти ќе кажеш, или да ти го теглам куршумот?

—           Еднаш се умира, господине. Ништо не знам од оваа работа што ме прашаш. Ако сакаш да те лажам, тоа друг есап е! — отсечно му одговори Петко.

—           Каква лага, бе мискин, когато со моиве очи те видов како ги пренесе! — ревна разјарен и му удри една клоца меѓу нозете.

—           Оф, мајко мори, ме изеде за срце, пците главата да ти ја јадат! — писна Петко на сиот глас, превиткувајќи се.

Мицето скриено зад кошот со слама списка и се стрчна кон татка си, та им го обрна вниманието на сите.

Петко го искористи тоа, и како што беше наведен — свиткан од клоцата, се бувна во нозете на старшијата, го префрли преку својот грб и се стрчна кон вратата. Полицајците, Мрчо и Арнаутинот, веднаш ги свртоа пушките и шмајзерите во Петка и токму тој да истрча низ врата, тие припукаа сите. Петко нурна и падна на самои прагот од вратата половина внатре, со главата надвор. Полицајците се стрчаа, го фатија за нозете и го довлечкаа до сред колиба.

Старшијата се исправи и почна да го клоца дедо Стојка и да вика:

—           Еве го син ти што не знае ништо, мамата ваша мрсна!

Дедот Стојко пак писна, превивајќи се од болките, а старшијата им нареди на полицаите:

—           Врзете го и малиов! Тие сите се разбојници, ајдути, шумкари! Готов ли е овој?

—           Кој куртули досега, та и овој! — се јави иронично Мрчо, а кон дедо Стојка лицемерно, небаре сожалително потфрли:

—           Зошто, бре дедо Стојко, зошто си го удаде златен син, бре! Еех, будала луѓе…

Дедо Стојко ги стисна забите и ревна:

—           Правината, Мрчо, правината ќе ја видиме! Тепајте, колите, бесите, море изроди, не се истребува ова племе… Тешко на таа душа што си товара вакви гревови како твојата.

—           Ќе го истребиме тоа племе, стари, ќе го истребиме. Еден по еден, ќе ви ја видиме сметката уште годинава, како на сина ти тука. He тревожи се ти за тоа, но кажувај каде ги сокривте тие неранимајковци! — му се втури старшијата којшто ги слушаше дедо Стојковите зборови.

Дедо Стојко се избезуми штом го виде Петка мртов и на сиот глас викаше:

—           Ви се може, бре ѕверови, ви се може, силата ви е во раката. Удрите, ама знајте оти стапот има два краја и сето ова што го правите сега, ќе го блуете еден ден.

—           Далеку е, стари, далеку е тој твој ден, но кажувај сега што те прашувам.

—           Далеку близу, ќе дојде. И тогаш ќе се прашаме кој кум — кој старисват. Ceгa удрите!

Старшијата му се наднесе над лицето на стариот и му го запна шмајзерот во градите:

—           Ќе кажеш или да ти го теглам и на тебе куршумот?

Дури старшијата и Мрчо се занимаваа со дедо Стојка полицајците го врзаа Мицето и почнаа да го заплашуваат:

—           Кажи, малечок, кажи да не те отепаме и тебе како татка ти. Кажи каде ги скривте петмината што дојдоа тука?

Мицето стално плачеше и низ плач му одговори:

—He знам, господине, не знам. Никого јас не видов. Бев со овците; сега си дојдов на мракот.

Старшијата го слушна гласот од Мицето и му се обрна на полицаецот:

—           Василчо! Удри му го ножот, бе, ножот! Отсечи му ја главата и дај му ја тука, на стариов; да се зарадува како со главата од сина му!

Васил го извади ножот, го фати за коса Мицето и силно викна:

—           Кажи, бе хајдутин, или ја пресеков! — и му го кладе ножот на гркланот. Детето спиште:

—           Дедоооо! He давај ме, дедооо! Дедоооо! Дедо Стојко го слушна гласот од детето, ги управи очите во небото и простенка длабоко:

—           Еј, господи, бре! Гледаш ли што се прави со нас, бре слеп да прогледаш и ти бре! Кај си мори правино, јок и кусур да се сториш и ти…

Старшијата пак започна да го клоца и иронично да го праша:

—           И правината ќе дојде, и господ ќе те чуе, но кажувај, кажувај да не те дерам жив;..’

Дери, бре песји сину и магарски! Дери, сечи, печи, еднаш се умира! — и се истегна како клада наземи.

—           Ја дај, момче, една од суровиците, — му се обрна старшијата на третиот полицаец и му ги покажа со глава дрвата долни крај кошевите.

Полицаецот отиде и донесе две суровици. Едната му ја даде на старшијата, а едната ја задржа в раце.

—           Ајде сега — му се обрна старшијата и му го покажа детето со главата.

—           Јас ќе го суредам стариов, а ти малиов. Да почувствуваат царска песница, мамата нивна! — и започна да мава по дедо Стојковиот труп, псуејќи најгнасно и повторувајќи при секое удирање:

—           Кажи, бе дрти, кажи, не мачи ме! Ќе кажеш, но доцна ќе биде…

Дедо Стојко само се врти, се фаќа за удреното место, но веќе глас не пушташе. Тоа повеќе го лутеше старшијата и тој се’ посилно маваше и погнасно пцуеше.

И полицаецот со другата суровица отиде кај Мицето и почна да го праша, покажувајќи му ја суровицата:

—           Ќе кажеш или да те испердашам?

Мицето пак спиште:

—           He знам, чичко, не знам. Ништо не знам…

Полицаецот замава:

—           He знаеш, а? Мамата ваша комитска. Сите вие сте шумкари. Кажувај, кажувај, кажувај…

По третото удирање застана, а во тоа време му пристапи Мрчо:

—           Чекај, бре господине, чекај. Мене ќе ми каже Мицето. Бегај ти оттука! — и го турна полицаецот настрана, па се наведе над детето и почна со благ тон да му зборува:

—           Слушај, Мице! Зошто да јадеш ќотек? Кажи ми само мене кај фатија луѓето што ги доведе татко ти вечерва на колибата? Ајде, кажи, шепни ми на ушето само. И не што не ќе те тепаат полицајците, ами и дедо ти ќе го одврзат, a јас тебе ќе ти дадам илјада лева да си купиш гајда за Велигден. Нели знаеш да свириш со гајда?

Мицето плачеше, и слушаше па низ плач му одговори на Мрча:

—           He знам, чичко, не знам. Никого јас не најдов во колибата кога си дојдов со овците. Јас ништо не видов и не знам.

—           Никакво чудо не е и да не видело! Сигурно и тие од него се имаат засолнато како од дете! — му промрмори Мрчо на полицаецот што стоеше зад него со суровицата в раце. Тој се приближи до детето и почна да му се врека:

—           Како не видело, бе! — и пак го удри, но сега полесно.

—           Кажувај, кажувај, кажувај да не ти ги скршам ребрата, — му се развреска и почна да намавнува со суровицата.

Мицето пак списка од ќотекот и заплашувањата.

Старшијата веќе не го прашаше ништо дедо Стојко, но само маваше како жените со пиралките по платната. Дедо Стојко се омрцлави, одвај покажуваше живот со длабоко дишење и стенкање. Старшијата престана да мава, се потпре на суровицата, се издиши и им се обрна на другите.

—           Нека му е арно сега! — А ти го суреди ли ти твојот комита, Стојмен?

—           Да, господин старши, — викна Стојмен и пак му се овргали на Мицето.

За сето ова време другите полицајци и Арнаутинот со пушките и шмајзерите „на готовс” шетаа низ колибата, бараа, претресуваа по кошевите, мутлите и аглите, но ништо сомнително не можеа да најдат.

Кога се поиздиши и се „одмори” старшијата им се обрна:

—           Тогаш, момчиња, да одиме по другите трла. Сетики некаде се засолниле. He можат по ова време да седат под ведро небо и така мокри. А колибава ќе ја запалиме, — па викна колку гласот што му држи:

— Да изгорат машки овие бунтари и врагови на Бугарија! — Стојменчо! Една рака слама и…, и му го покажа со глава огнот и ‘ржаниот покрив на колибата.

—           Разбирам, господин старшија, — пак викна полицаецот и се стрчна кон кошот со сламата. Зеде една рака, се врати кај огништето, ја запали, ја однесе во горниот десен агол во мутлата и ја остави да се зафати ‘ржаницата од покривот. Дури ова тој го правеше сите излегоа, најпосле и тој се истрча по нив убеден дека колибата ја запалил.

Ho ‘ржаницата мокра од дождот и снегот не се запали, а запалената слама угасна.

Во колибата настана мртва тишина. Ни дедо Стојко веќе не стенкаше. Мицето се плашеше да не се вратат затоа и тоа не пушташе глас од себе. Огнот згасна и црна темница завладеа како во гроб. И беше вистинска гробница, бидејќи сред неа лежеше мртовец — отепаниот син.

Мицето долго време наслушуваше дали ќе се вратат. Ја поткрена главата, ги овргали очите во темницата, гледајќи кон вратата и се му се чинеше дека некој стои зад врата и чека да стане и да им се врати да ги дотепа со деда му.

Откако помина подоста време, а никој не се врати, ниту се слушна надвор некаква врева, детето се поокуражи. Стана, го расчешка огнот, и слушајќи го деда си длабоко да дише полека отиде кај него. Клекна над неговата глава и тешко, тивко почна да му вика:

— Дедо, дедо бре?

Почека малку и кога не доби одговор се присети нешто; се исправи и се стрчна кон колјето на ѕидот и го симна букарето со вода. Дојде кај старецот, го потури по главата и застана над него да се чуди.

Дедо Стојко се стресе од водата, почна да ја врти главата, се поосвести, но уште не знаеше оти се отидени полицајците, ами викна:

—           Удрите, бре пци, јадете човечко месо!… Мицето се наведна над него, почна да го гали по водената коса и да му шепоти:

—           Си отидоа, дедо, си отидоа! Опули се. Никого нема.

Дедо Стојко ги отвори очите, ја заврте главата кон детето:

—           Мице! Жив ли си на деда! Сакаше да се помрдне, но не можеше.

Само со десната рака посегна; му ја фати главата, ја наведе до неговата и почна да ја бакнува. Мицето се исправи и почна на глас да плаче а дедото почна да го умирува:

—           He плачи, не плачи, дедо ќе оздравее, ама татко! Аах, пците крастави го изедоааа! — офна тажно и пак папса од жалта.

Мицето дури сега се сети да погледа кон трупот од татка си. Кога го виде неподвижен се стрчна и му падна на градите и силно испиште:

—           Татеее! Татеее! Татеее!, а потоа гласно почна да плаче, додека најпосле и тоа не се умири и папсано заспа на градите од татка си.

Пак настана тишина. Пак огнот изгасна. Само фуртуната надвор пиштеше и вееше од вратата цели виулици од снег, така што ја наполни колибата до средето. А пците не престануваа да вијат над колибата.