РАСКАЗИ ОД СТАЛЕ ПОПОВ

 

МУРТО И КУРТО

(Според народен мотив)

Мурто и Курто се братучеди, роднини, свои луѓе што се вели лафот, така што беа од две жени деца. Толку блиска роднина. И како такви многу убаво и сложно си живееја. Заедно одеа, заедно просеа, сита носеа, вретена продаваа, лажеа, матеа, негде другарки им и поткраднуваа, но општо земено поминуваа од денеска до утре барем најадени ако не и облечени.

—           Ах, бре брат Мурто, што убаво си живееме, уште да можиме едно магаре да си купиме, многу ќе ни се олесни животот. Нема да ги молкниме ситава и пљачкиве на грб, — му рече еден ден Курто на Мурто.

А од магаре што му е помило и подраго на Ѓуптин? Ама не дава господ на секој Ѓуптин магаре, таа е маката.

Па сепак Мурта го засрбеа овие два збора и почна да се мисли:

—           А бре, да купиме, брат Курто, туку кој ќе собере толку пари? He гледаш? Добро магаре не се ни продава денеска во тутун брање. Па иако излезе некое на пазар, од педесет банки подолу не можеш да му се опулиш, почна да се јадосува Мурто што не може да се исполни убавиот сон на Курта.

—           Mope ќе купиме, брат Мурто, па макаp трпеле за леб сите сосем деца, — решително изјави Курто. — Еве, на! Ти ја давам ракава и ѓупска клетва клавам во образ и чест, дека два месеца ќе клавам во задниов џеб од шалварите по пет динари и ќе соберам триесет банки за мојот дел. Де да те видам дали си маж и ти тоа да го направиш. Двајцата по триесет еве ми ти шеесет! А за шеесет банки, лебами, маска ако сакаш ќе купиме, а не магаре!

—           He маска, не! Сак’н ослепеле да ослепејте, да рече свети Василија златен. Волк в куќи не сакаме, — писнаа четирите другарки, две Куртовици и две Муртовици, кога го слушнаа името маска. Децата спиштеа одоколу и почнаа да се грнат околу мајки им да не се расклоца маската, та да им ги истури цревцата.

—           Де, де, де! He плашете се толку! Јас дека реков — не пресеков? Маска! Нека им ги јадат волците маските на селаните. Кој Ѓуптин терал и јавал маска та и ние со Мурта? Туку, така се вели лафот. Пари ќе собереме дури повеќе отколку што чини едно магаре. Затоа јас ја намнисав маската, — ја утеши Курто челадијата и си ја продолжи работата — да го крпи танкото сито од чорбаџивката Блажевица, која му вети: „Ако го закрпиш убаво, првиот отсевок кора ќе ти го осучам, мајстор Курто”.

И Курто сега со сето ѓупско внимание го крпи ова необично сито.

—           Па добро, брат Курто, добро. Нели велиш ти така, де бакалум! Ајде, клавај ти по пет динари, ќе клавам и јас, ама да си го знаеме напред зборот. Немој утре да си имаме пречканици околу магарето. Гледаш? Без магаре братски си живејме во слога и љубов што се вели, немој утре да не закара тоа пустињо. Јас велам уште сега да ги утврдиме сите условија: кој ќе го товара, кој ќе го јава, на колку саати ќе слегува едниот да се качи другиот итн.

—           Добро, брат Мурто, добро. Ете, на пример, ќе го купиме двајцата. Уште некупено ќе го јавнам прво јас на Атпазар, ќе го растрчкам по пазариштето два пати открај в крај, па ќе слезам да го извјаваш толку и ти.

—           Е, оти прво ти да го јавниш, а не прво јас? — праша Мурто чувствувајќи се некако позаден во работава.

—           Е, оти прво јас! Просто напросто. Мене ми дојде идејата што викаат учените, да го купиме. Најпосле и ти толку ќе го јаваш, само малку подоцна. Ќe изгубиш ли нешто од тоа? — го брани Курто своето право на првенство.

—           Така е, брат Курто. Имаш право, — се успокои Мурто и дупи во тагарот на чорбаџивката Ведјаница, која му вети: „Ако го закрпиш убаво, ќе ти го наполнам чисто брашненце и еден комад сиренце да си месите една погачка и да си поручате со дечињата”.

—           Ами кога ќе го купиме, што ќе правиме со него? — пак Мурто се интересува.

—           Ти, брееее! Ама си абдал, бре брат Мурто! Да беше некој селанец, Мариовец, не се чудев. Ама Ѓуптин, шетан, извештен што се вели, та толку абдал, да не речам и глуп. Што ќе правиме? Што се прави со магаре — се јава. He ќе го правиме владика или нунко да го клаваме начело на софрата? Ќе го јаваме со ред ние со тебе. Жените и децата се млади ќе одат, а ние со тебе пред нив — на магаре.

—           Охо, хо!, — се насладува Мурто и веќе се гледа јаваница на убаво петгодишно сиво магаре кое се расклоцало од мувите на горештината и побегнало напред пред тајфата на сто двесте метра, та прв тој стигнал под сенките, на Мемедова Чешма и, дури децата да дојдат, тој слегол, се измил и оладил и го напоил вода магарето. Тука се сети нешто и пак го праша Курта:

—           Ами, ќе можеме ли и некое дете да поткачиме одзади на магарето?

Додека Курто одговори Ѓупчињата почнаа да се тискаат кон Мурта:

—           Мене, мене, мене, чичко, мене баба, мене, мене, мене, — се слушнаа од сите страни небарем локум требаше да им се дели.

—           А бре, ќе поткачиме по некое, што да не, ако може да носе. Тоа итака е магаре, итака. Уста нема да проговори, но ние ќе гледаме колку ќе може да носи — толку ќе го товараме, — објасни Курто каква ќе биде положбата на магарето. А кој ќе го храни, кове, самар кој ќе му прави? Тука нема што да се расправа — НИКОЈ.

И така нашите пријатели Курто и Мурто почнаа да клаваат во задните џепови од шалварите секој ден по пет динари. И така тврда беса одржаа та дури и без тутун седеа по два три дена, ама не посегнаа да извадат од тие свештени пари, оти знаеја за каква возвишена цел се штедеа.

Најпосле поминаа два месеци како два дена, ама на Мурта и Курта му се сторија две години.

На шеесетиот ден уште рано в зори двајцата побратими ги истресоа задните џепови од бечвите и навистина испаднаа од секој по сто два динарки и по сто динари. Пријателите ги изброија со особено внимание и констатираа дека преземената обврска секој ја исполнил.

— Ете, брат Мурто, кога ти велев оти ништо не откинува од човек, ти што велеше: дали ќе ги собериме. Кураж, кураж и тврда беса кога ќе кладе чоек, се ќе направи. Ете и ние сега: решивме — направивме. Сега дај ваму парите, или земи ги, како сакаш, врзи ги во шамијата и в петок, со господ напред, да слезиме до Прилеп, да си го купиме магаренцето, та да не види госпо!

Мурто се стресе кога му рече Курто „дај ваму парите” и му блесна едно сомнение во душата: дали Курто не ќе го излаже да му ги пропие тристата динари? Но бидејќи Курто предложи и тој — Мурто — да ги земе и неговите триста и да ги врзе во шамијата, се засрами пред себе и веднаш му ги предаде своите.

—           На, држи, брат Курто, земи ги ти и чувај ги дури да свршиме работа. Итака ти ја започна — ќе ја тераш до крај, — и му ги изброја еден поеден во грстот.

Курто ги прибра и ги замеша со неговите, та ги врза во една црвена шамија.

—           Само да гледаш, брат Курто, да не не излажат тие пезевенци џамбазите, оти јас ич не се разбирам од магаре страна. Имав едно време едно, ама ете така, со будалштилаков мој, ми го натрапија едно старо, сакато, криво, без опашка и уште истата зима пцоиса. Ем паричките си ги дадов, ем аир не видов.

— He бери гајле, брат Мурто. Јас ќе се расправам со џамбазите. Та нели знаеш, и тие се од нашите. Колку да е, крвта не е вода, ќе навалат на наша страна. А колку за здраво, за младо — еве мајстор! — И тука Курто се удри во гради да потврди пред Мурта дека се разбира од магаре страна.

Е! Дојде и петок, денот пред сабота. A во   сабота   во   Прилеп   е   пазарен   ден.

Курто и Мурто ја собраа челадијата, нешто од плачките оставија кај чорбаџи Велјаница, нешто зедоа, и сите уште зарана стигнаа до лозјата прилепски заедно со мариовските пазарџии. На некои уште тука им продадоа по некое сито; на некои мајсториците им гледаа и така добија по некој комад, та дури и едно мало сирче биено сирење што му погоди Муртовица на Стевана од Гудјаково дека ќе му добегне на есен невеста за сина му.

Утрото рано се најдоа в град. Ја оставија челадијата кај своите роднини, браќа, братучеди, шуреви, баџанаци во Тризла и едвај се скрија од децата, та отидоа право на пазариштето што се вика Атпазар. Ги кладоа рацете одѕади и почнаа гордо да се шеткаат горедолу како Ванѓел Куцара, трговецот од Солун кога идеше да купува некој и друг вагон говеда и овци за Солун.

Се шеткаат, гледаат по пазариштето. Има многу магариња, ама никако не им ги фаќа окото. Кое слабо, мршаво, кое криво, слепо, исплаштено, сакато. Асолно добитче, за душа што се вели, не можат да видат. Фаќаат едно, фаќаат друго; им ги гледаат забите, ги тргаат за опашки. He џанум! He им се прави ќефот. Прашаа за цена. Од дваесет до педесет банки.

—           Арно, џанум! Цените се јадат, ама добициве не ме бендисуваат, — се јадосува Курто кој води збор.

—           Гледај, брат Курто, гледај! Госпо очи ти дал барем тебе, да не изгориме обајцата на правина. Ти знаеш со каква пот и мака ги спечаливме тие пусти пари. Гледај да не му ги дадиме на кумановските џамбази да ги јадат и пијат за бадијала и да ни се смеат на очи.

—           He бери гајле, јас те земам на душа. Ете на, не земаме добиче од џамбаз. Ќе гледаме од некој селанец, на знаено и со каул. Чини добитчето — нека земи парите, не чини — тој жив ние здрави, ќе бараме друго.

И таман го донесоа и тоа решение, ене ти го стариот мариовски чорбаџија Димо Мизгов од Бешишта влегува во пазариштето со дветри говеда и едно магаре! Бидејќи многупати беа јале леб од ноќвите негови, го пречекаа и поздравија срдечно.

—           Добро утро, чорбаџи Димо, аирлија пазар! Каде вака со јунциве, машала! За продавање, а? — праша Курто и го држи за рака чорбаџијата небарем сега ќе сечат пазар за говедата.

—           А бре, на пазар, мајстор Курто, токо ете позадоцнеме та којзнае дали ќе и продадиме телчињата и магарчето.

Кога Димко го спомена за продавање и. магарчето, Курто ги ококори очите, а Мурто ; подрипна, ама Курто го нагази цврсто да не ги сети Димо на што ниет се.  “

—           А бре, што е касмет — твое е, чорбаџи Димо! Нека е аирлија саатот, та ниту ти ќе им ги земеш сите пари на трговците, ниту тие сите говеда, коњи и магариња тебе бадијала. Туку, ете, ти ќе продадиш, друг ќе купи, да се живее полека, полека дури да ги затвориме очите.

—           Ами каде вака вие со мајстор Мурта? — праша Димо и ги врзува говедата за дрвото.

—           Ами, и ние по касмет, чорбаџи Димо. Да си јa кажиме правината, море! Ќе побараме некое добиче, магарче, се разбира. Ни боктиса душата со носење пљачката по горештината, та ако е касмет да удриме на некoja добра стокичка ќе се грбиме со брат Мурта. Од душа од гуша, што велат старите, ќе се кине од едно да се крпи друго.

—           Ами, ајде де, ајде да ви го дадам Мурџета мој. Еве го ве, не се држи. Таман е за вас и за вашите пљачки. Млад, здрав, јак е носи сто оки да го товариш. Ем со каул ќе ви го дада. Ако не чини, по недела, по две, месец, дотерајте ми го, земете си и парите. Токо пак ми е жал дали ќе го гледате, дали не ќе го товарат ногу, та да ми а к’не душата.

—           А бре, какво товарање, Димо, какво претоварање? Ете, нашите пљачки се: сита, решета, грнци понекогаш. И да сакаш да товариш многу, нема каде да кладиш. Од таа страна биди раат. Ем често ќе се гледате ако е касмет да погодиме. Токо, којзнае дали е млад, здрав, зошто ти го продаваш; да не ни чукаш некоја чивија на пријателкана а?

—           Е! баму бељата, бре мајстор Курто! Чивија! Ако е за чивија, ќе чукаме на некој ни знаен ни познаен, ами ние ли на својштина и пријателштина, што се вели, ќе си чукаме чивии? Пораснавме заедно, ете децата наши каде растат заедно. Вие со нас, ние со вас, неоти не се познаваме та ќе се лажиме? И за лага ли сме ние домаќини луѓе? Токо… ако најстина сте со ниет, земете го оти ми требе некоа пара сега за жетва вршеље, a јас ете си вати ошче една маска, та не го сајдисуваат маските дома, ќе го отепаат. И задева. Знајш како ти е. Машко магаре во три женцки, не се држи, затоа јаде секое ноќе по триста клоци. Ми е стра, некоа ноќ ќе му и истурат цревата, ја ќе му а расцепат главата, та ќе појде за бадиала. Вака, ќе плата некој и друг аргатин со него. Ете, затоа то продавам. А колку за мана, нема никаква мана. He слушаш? Co каул ви го давам. Ако сте со ниет, дај раката, колку ќе дадиш?

—           Колку сакаш, бре чорбаџи Димо? Сум јал леб од твојте ноќви, сме поглинале и со вас и ти со нас и сега сакам да се благодарам од раката твоја. Верувам дека не ме лажиш. Добитчето сигурно е добро, само да те чујам за цената. Кажи еснавски колку е мунасип, оти и ние знајш како ги вадиме тие пусти пари, со зорт со мака. Речи, речи! Ајде аирлија да е саатот што не собра овдека!

—           А бре, што да ти реча, мајсторе, гледаш и сам цените. Добро добитче не се ни продава, токо лели удриме на муабетот, еве ќе го платите шејсет банки, видите му го аирот. И со едно условие: добро да го гледате; да не ми го јавате пред очи гладно, босо, без самар како шо си имате адет вие мајсторите. Веднаш ќe ви и врла парите и ќе си го зема, разбрате ли?

—           Така нека биди, бре чорбаџи Димо за тоа, ама цената — некако високо рече. Од каде ќе собереме ние шејсет банки? — почна Курто да тврди пазар.

—           Еве на, ќе ти дадиме педесет. Пушти го срцето, рече аир да видиме во стоката и ти аир да видиш во парите. Речи аирлија, сосем срце да ни го правиш алав, да се благодариме. Ти дал господ тебе, нека ти се живи, маски ангели имаш, да се радуваме пак ние со едно магаре! Себап ќе правиш, жими вера! Децата ќе те благошаваат на секој чекор кога ќе товараат пљачките на него!

Така Курто го кандиса чорбаџи Дима за педесет и пет банки и тој да го плати интизапат дваесет и два динари, бидејќи кажаа дека го купија магарето дваесет и две банки. Така правеа тогаш сите па и најголемите трговци, оти за пренос (интизап) се плаќаше 10% од продажната вредност.

И така Курто и Мурто дојдоа до убаво сиво, младо, јако магаре без да го јаваат и да го трчкаат низ пазариштето, на знаено, на сигурно, со каул ако има некоја мана да му го вратат на чорбаџи Дима, а тој ним педесет и петте банки. Значи, и го платија магарето и преносот и им останаа дваесет и осум динари да пијат крчма по случајов. Си го поведоа, еден води друг терај, та дури кај челадијата во Тризла за да го натоварат утредента и да тргнат и тие „како госпо што рекол”, со товар сермија и со свое добиче.

*

Како што се погодија кога решија да купат магаре, си достојаа на зборот. Утредента — во неделата значи — собраа багажот и челадијата и тргнаа за Мариово.

—           Ајде, брат Курто, качи му се на Мурџета да видиме што сме купиле го покани Мурто Курта кога излегоа во лозјата прилепски за кон Штавица.

Курто не дочека двапати да му се рече. Го наведе Мурџета на меѓата од лозјето на Бабовци и го пречекори.

Уште не наместен убаво, а друго, одамна не беше јавал добиток, едвај се задржа кога Мурџо летна кон своето родно место.

Mope тегни Курто огламникот, море запира, одвај го умири добичето за да ја дочека челадијата со пљачките и децата.

—Како, брат Мурто, те бендисува магарчево? — праша Курто и здраво се држи со рацете за предниот облак, a со нозете стега ли стега да не изврати.

—           Арен, машала, добар нека е жив, убаво оди како ат. Ете тоа се вели стока — Maгape рани, ат јавај. Да му се алав парите на чорбаџи Дима, — се радува Мурто и го фали Мурџа, а во умот си мисли „кога ќе слезе Курто, да се поткачам јас?”

—           Е, добро, добро. Ете за севте ќе го извјавам јас еден саат место, после ти еден саат. Токму до Штавица има два саата, а на угорништето до Слива ќе поткачиме некое од децата.

И така направија. До плочата е токму еден саат. Курто тука слезе и од истиот камен му се качи на Мурџа Мурто. Го поддупна со прачката во вратот. Мурџо се позатрча и настави темпо да си трга кон дома.

— Охо, хоооо! — се провикна Мурто десетина метра пред тајфата. — Што било лезет да јаваш по горештинава!!!! — и запали цигара на рает.

Ги изјава и Мурто еден саат и токму в село — Штавица — го подзапре, и така седејќи на него ја дочека челадијата. Штом дојдоа до него децата се собраа околу магарето и со мерак чекаа да слезе Мурто. Овој рипна од Мурџа и се протегна да му се пуштат жилите.

Мурџо не се мрдна од местото, ами дочека мирно да ги качат Курто и Мурто своите четири наследници. И така, сега место еден јавач од педесетшеесет оки, на Мурџа му се качија четворица по дваесет — осумдесет „да се одмори добитчето на угорништето до Слива” со дваесет оки повеќе!!!

Кога слегоа долу Каленските ливади и кога Курто по вторпат му се качи на Мурџа, тој веќе зеде пред себе една вреќа со пљачки, а на ѕадникот остана едно од Ѓупчињата да се нарадува и да се одмори, оти како слабо беше, та горештината му пречеше на здравјето.

И така се редеа Курто и Мурто на Мурџа секој ден слези друг качи се. За сено, слама, зоб, потков и самар не мислеше никој, само строго се водеше сметка кој е на ред за јавање!

А Мурџо го носеше својот товар: негде Курта, негде Мурта, негде децата и пљачките, ама самарот никој не му го симна да му го види садното по грбот. Садноса, обосе, изгладне, но некако ја протутна зимата, ама по народната приказна: „Сечко сечи, марта влечи, април кажи продава” и тој на последното враќање од Мариово, токму пред Велигден, застана на Мејмедова Чешма, ги испружи сите четири нозе и тажно зарика, а Мурто и Курто, откако му се најаваа, си ги зедоа пљачките пак на грб, децата и жените по нив и си отидоа во Тризла, оставајќи му го Мурџа на волкот.

Арно ама, не беше било речено да загине „една права душичка”, бидејќи неговиот стар чорбаџија Димо помина на пазар во Прилеп за Велигден и го виде Мурџета свој истегнат крај чешмата. Го поисправи до меѓата, му тури зопца што ја носеше за маските, му остави и сенце, та кога се врати назад Мурџо беше се исправил на нозе и скубеше од сочните трње по прелогот и фаќаше нова крв. Фати и крв. Mope го направи и садникот, почна веќе и да рика, ама и нему му дојде умот, та непара докондисува на маските, оти знае како помина кај Мурта и Курта. Коските му се тресат од мислата дека може Димо пак да го продаде ако не си го бере умот. He е секогаш Велигден!!!!