РАСКАЗИ ОД СТАЛЕ ПОПОВ

 

СЛОВЕНСКО ГОСТОЉУБИЕ

За секоја пофалба е што ние Словените сме гостољубиви. Секој наш човек, особено нашите селани, одвај чекаат да им дојде гостин во куќата; да им рече: добро утро, добро вечер, а потоа она вообичаеното: добро те најдовме, домаќине. „Тешко на таа куќа во која не се навраќа странец барем една вода да се напие”, велат селаните. А познавав еден старец од моето село којшто не можеше ни да руча, ни да вечера ако на софрата немаше туѓинец да му рече: „Добро те најдов, дедо”. Ако некој ден се случеше да нема странец в село да наврати кај дедо Петка (така го викаа старецот — Петко) тој го викаше полјакот, протуѓерот, кметот, некој од одборниците да му прават друштво на софрата, а кога веќе шчаше в село питачи, прематари, пиперкари, бостанџии, валавичари, ракиџии од Тиквешијата, па и Гупци со решета, сита, грнци, стомни, се знаеше; тие беа стални гости на дедо Петка. Тука растовараа, оттука товараа и за сето време на престојот во селото беа негови гости. И ги гоштеваше, да видите.

Поп ли дошол од друго село, прота од Прилеп, владиката од Битола, началник, полицаец, наредник, офицер или просјак и Ѓуптин, на дедот Петка му беше мил гостин што му го донесла света Петка (неја си ја почитуваше оти и беше на името) и кон сите еднакво се однесуваше.

—           Повелете, браќа, повелете, пријатели, добродошле во куќава, — ги честеше дедот Петко своите мили гости и им го лодаваше пагурчето полно со чиста природна сливовица, самородна од неговите сливи во ливадата. Потоа, се знаеше. Помалата снаа од сина му го носеше ваганчето со белосенско сирење.

—           Повелете, омезете се, наиите се, нека ни е на помош света Петка, утрешна света Неделичка, свети Илија, Горѓија, Божик, Велигден; зависеше од годишното време.

И гостите повелаа, се напиваа, се мезнуваа од сиренцето, пиперките или расолецот; пак зависеше што време е.

За тоа време постарата снаа веќе го триеше гравот, леќата, зелјето, ако беше пост, или пак топлеше во тавата биено сирење со кашичка, пржеше сланина или ја запржуваше манџата од некоја стара кокошка или коски од прасето. Што било да било, но софрата беше секогаш со нешто јадење, па макар некое зелниче мазниче, киснатко или турипечи под вршникот во тепцијата. Во крајна скромност невестата изнесуваше топла погача и ваганка пиперки туршија и дедот Петко со истите топли зборови ги канеше своите гости:

— Повелете, браќа, каснете си, леб и сол, што дал господ. Јас нема да ве прегостам; проштавајте, но каснете си.

И си каснуваа гостите како и што се напиваа, а ако беше навечер, бабата Петковица веќе ги беше распослала новите рогозини a врз нив ги нафрлала козинавите покровчиња со пo една перница за да си починат гостите преку ноќта. И тие си почиваа, се одморуваа, неколку ноќи, па и со недели ако имаа работа в село која за дендва не се свршуваше.

Така дедот Петко го тераше својот домаќинлак и така ги воспита и своите потомци од двата сина и трите ќерки.

Радувајќи им се на гостите уште од деца и тие ја насдедија таа добродетел и на стари години. А што се насади на младост, тешко да се искорени на старост.

Еден од внуците на дедот Петка изучи некакви школии и стана учен човек — даскал во некоја школија во главниот град. Навистина немаше своја куќа како дедот Петка в село, но во онаа што живееше со невестата и четирите дечиња, ги прибираше сите знаени и незнаени пријатели од својот роден крај. И не само што ги прибираше тие што му идеа сами, ами отиде уште подалеку од својот дедо Петка во гостољубието. Немаше ден да не се прошета до железничката станица и да ги дочека возовите што идеа откон неговиот крај, a со тоа ги дочекуваше и сите луѓе од тој крај и ги водеше дома на жена си.

— Вујко ти, мори утко, вујко ти Коле со вујнати ти Петрана. Гледаш? Дошле да те видат тебе. Твои роднини се, што се мрштиш — ја караше, гледајќи ја сиромашката да ги вие муцките и да ги крши прстите, не што та нејќеше својот вујко и вујна, ами што немаше каде да ги смести. Во стан од соба и кујна во којшто живеат шест души се чекаат ли гости? И тоа какви беа нивните гости? Се знае. Вујна Петрана беше болна од пред пет години и сега вујко Коле ја водеше на доктор. А од каква болест се боледува петдесет години јасно и беше на жената, та затоа ги кршеше прстите и се мислеше каде да ги истави дечињата, додека вујна Петрана ја однесат на болница? Та оти назад нема да се врати, тоа беше едно олеснение; да не се повраќа другпат да и додева.

Поседе вујко Коле десетина петнаесет дена и си отиде да бара нова вујна в село, но затоа по други десетина дена домаќинот доведе други „мили” гости.

— Брачеда ти Донка, мори утко, бацкови ти Митре, Веско. He гледаш? Се мили гости ти водам”. И навистина, од брат и братучеда што има поблиско и помило? Си ги сакаше цеца братчињата и брачеда си, но сета тешкотија беше во тоа што и тие како вујна Петрана идеа на доктор, а не на панагир кај цеца си.

Поседоа и тие како мили гости по десетина дена и како што дојдоа со половина дробови, така си отидоа со четвртина. Цеца доби телеграма дека Весо се простил со животот а Мице некако ја стиска душата и не сака да му ја предаде на свети Петрета. A брачеда и Донка прилежува двапати во годината по шест месеци. Инаку, другото време здрава е како тиква.

Душа не остана во домаќинката. Се налет нека беше и простено, да идеа здрави. Ќе се прицкаа некако колку да беше тесно; ќе одделуваа од нивните купончиња леб, ќе вареше качамак, каша, тиква; ќе ги дочекуваше и испраќаше некако, но болеста што ја носеа ја тревожеа и како да се пренесуваше и на неа, та и таа почна од ден н аден да вене и жолтее како нејзините гости.

—           Mope, јас нека се пустам, само децата да ми се здрави, — одговараше на забелешката од домаќинот кога и обрнуваше внимание да си го пази здравјето.

А луѓето од село веќе ја научија куќата од даскалот и кој како се враќаше од град се фалеше:

—           Убаво си поминавме кај Петка наш, да му се живи дечињата и домаќинката. Mope, наш човек пак наш. Селанец пак селанец. Да е некој граѓанец али би прибрал в куќи здрави, а не болни како што му одиме ние!

—           Ама и невестата се погоди токму со неговиот табиет, — потврдуваа други. — Да беше некоја од градските или некоја одозгора — туѓинка али прибираше ромаци да и се тресат со опинциштата по постелите? Ама, ете, било та се рекло, море: мило моемило свое! Колку да сме алчак, од крвта сме им, затоа не прибираат, сиромаси.

И така тераше и тера внукот на дедот Петка, даскалот Петко со години.

По вујко и и вујна и на Петковица, дојдоа стрико му и стрина му на Петка; по браќа и браќа му; по братучеда и — братучеди му. А сетне се заредија и подалечни роднини: дојдоа зетовците од први и втори братучеди по жената; дојдоа шуробаџанаци од Петка; дојдоа кумови со кумчињата по жената, дојдоа свети Јовани од Петка. А веќе по година две почнаа сите селани од двете нивни села редовно да се редат, дури најпосле не ја научија адресата и селаните од блиските нивни села, та куќата стана Мисирски ан.

— Ние сме од Бште кумови на вашиот кум Богдана, — со право влегуваа две жени и двајца мажи со по едно дете в раце само што не испуштиле душа.

—           Повелете, повелете, добре дошле, — ги канеа домаќините и ги водеа утредента по доктори и болници за да избегнат од најлошото — да не им умрат болните кај нив дома.

—           Јас сум на зета ти Стојка зет за сестра. Me знаете Митре Калешко. Me фати такциратот, си го истерав окото со пусат, — се, претставуваше слепиот Митре и влегуваше кај гостољубивите домаќини и ги молеше за помош да прогледа, иако десното око му беше полно со сачми.

Тука кај даскалот го бараа здравјето сите вилаетлии.

—           Ако Петко не ви најде доктор и лекови, никој друг, — повторуваа сите што излегуваа од болница и си одеа некако пооправени со здравјето.

А Петко и Петковица си правеа себап на душите. He само што ги водеа по доктори и болници ами секој вторник и недела одеа и во посета. Знаете како е; болни луѓе оддалеку, греота е да нема кој да ги посети, окуражи и да им рече дека добро изгледаат и бргу ќе оздрават. И ако рече Петко оти ќе оздрават „сигурно” ќе оздрават, нема сомнение. И оздравуваа, да видите! Освен тие што умираа, другите сите оздравуваа. Оздраве и Митре Калешко, ама со едно око; оздраве и Веско Бојков, ама со една нога, оти едната беше ја искастрил со секирата до глезен, та лекувајќи ја дома со басни и билки и гаој од буништето, беше оцрнела до колено, та им даде зорт на лекарите дури да ја пресечат над колено за да не отиде и главата.

Гледајќи го гостољубието на даскалови и помошта на болните, во последно време почнаа и здрави да се навраќаат.

—           На пат сме за Винковци да ги видиме децата; таму служат војници, та се навративме да ве видиме, — се претставија една вечер еден шура и еден баџанак на Петка.

—           Добро дошле, добро дошле, — со полна уста ги пречека Петковица и задоволна се насмевна, гледајќи ги сватовштините здрави. „Барем децата нема да ги праќам по соседи вечерва”, се успокои таа и се растрча да пригаѓа вечера. Ги нагости без грижа дека утре ќе треба да ги попарува покровите во коишто ноќеска ќе спијат.

По некое време, пред учебната година, Петко доби едно љубезно писмо од својот другар од детинство Ристета. И тоа нарака од сина му на овега. Ристе топло го поздравувахче Петка и го потсетуваше на разни слатки спомени од нивното детство кога играа бишка по чаирот, ловеа риби по реката и ги бркаа девојчињата по леските, а на крајот беше поставена молбата.

—           Ќе гледаш другар Петко, детево да го сместиш некако кај тебе на спиење и храна, а за другото ќе се грижам јас. Сакам да извадам и јас еден учен човек како тебе, та реков да го пратам кај тебе да му се најдеш во науката. За плаќање — лесна работа! Кога ќе си дојдеш налето в село, ќе се кусуриме!

И работата се стори. Петко го прибра младиот студент кај себе на спиење, јадење, а за другото ќе се грижи татко му од село. Зошто да не го прибере? И може ли да не го прибере синот на најдобриот негов другар? A каде ќе спие и јаде? Се знае! Каде неговите четири, нека биде и ова петто.

Ваквата положба предизвика и вакви разговори од Петковите гости:

—           Кај ќе одиме вечер на ан, на хотел во С?

—           Се знае, во хотел Петко, на ан кај Петка, — почнаа да тераат и шеги Петковите браќа братучеди, шуробаџанаци и вилаетлии.

А за да се прошири Петковиот хотел и ан и во родилен дом дојде и следнава случка:

Едно лето се отвори во С. некаков семинар, курс што ли, за сите оние учители што го немале оформено своето образование. Во таквите се наоѓал и зетот на зета му на Петка од вторатрета братучеда, оти Петко немаше сестри, та еден ден еве ти го тој „близок” роднина кај Петка заедно со младата Петкова внука од седмо колено.

Јас сум зетот на зета ти Стевана и дојдовме со внука ти Зорица да го посетуваме семинарот — се претстави новото зетче од О. за коешто Петко дотогаш не беше ни слушнал.

—           Добро дошле, добро дошле, — ги отпоздрави Петко и се загледа во внука си некако испитателно, па запраша:

—           Ама Зорица кога стана учителка? Колку што знам јас, таа немаше ни основно школо завршено, — но веднаш почна да се праша сам по таа работа: „Па што знам јас дали нема? Денеска се тргнало со такво темпо, та луѓето за две три години и до доктори дотеруваат, а веќе оти окружни судии има со четврти клас, тоа никакво чудо не е. Та и Зорица, можеби е поминала преку некои курсеви, семинари и станала даскалица, та сега со овој последниов ќе си го дооформи образованието и ќе си земе црно на бело — тапија на занаетот, што се вели зборот, и ќе си се нареди во луѓето со средно образование”.

Но работата не беше била таму.

—           He е, вујко, Зорица даскалица, не е, ТУКУ ја зедов со мене да ми се најде при рака во мојата работа на семинарот, — се изјасни зетчето и му објасни на вујка си во што ќе се состои Зоричината помош во неговата работа на семинарот.

—           На прво место, — рече — ќе бидам јас за неа сигурен а таа за мене. После, ја гледаш каква е? (Тука покажа на Зорица, чиишто мев беше дошол до гуша). Без мене таа што ќе направи на овој ред. Сакам да ми ја гледаат очите и во најкритичниот час.

„Така си е, машко, така. Ќе и помогнеш и ти нејзе во таа нејзина работа колку таа тебе во семинарот, туку ајде да видиме понатаму што ќе излезе,” си помисли Петко и ги кани да се расположат како во своја куќа. А на Петковица со ишарет и стави до знаење да поприготви некое и друго пеленче и повојче ако останало од нејзините дечиња. А веќе оти ќе ги сучи ракавите да ја бабува Зорица, тоа таа и сама го гледаше.

Се расположија зетчето и Зорица како што им рече вујко им; госчаваа пет шест десет дена и ниет за одење немаат. И како ќе си одат со несвршена работа? Ниту зетчето го заврши семинарот, ниту Зорица нејзината!

На десеттиот или петнаесеттиот ден му јави брат му дека на таа и таа дата ќе пристигне со снаа му на пат за Врањска Бања, ако сака нека го дочека на станицата да се видат како браќа. „Брат брата не рани, тешко кој го нема”, вели народната пословица. Излезе братот до станицата, го дочека брата си со невестата, и, „како што му е редот” го покани кај вујка си Петка:

— Елате, елате, слободно кај нас со Зорица. Многу добар човек е вујко Петко; ќе си прележете некоја и друга ноќ да не одите по хотелите да плаќате и да ве јадат тавтабитите, — со „право” ги канеше зетчето брата си и снаа си. И тие ја прифатија поканата и си поминаа царски кај вујкото на Зорица. Место една ноќ, прележаа две три и на одење топло му заблагодарија на Петка за срдечното гостопримство. А Петко, како на сите, и ним им рече пак да повелат на враќање, оти може и него да го однесе редот кај нив во О. па да му биде нивната куќа отворена.

Помина месец, шест недели и, како што се очекуваше, една ноќ ја свиткаа половината и крстот Зорица и до зора се сврши и таа работа. Издутна Зорица машко дете и од благодарност кон куќата, Петковица стана кума на новороденото. А кога е кума веќе се знае: сета грижа околу кумчето паѓа на неа. И така вујна кума Петковица си ја зеде грижата околу кумчето и Зорица, а зетчето си продолжи со науката на семинарот.

На Петка за првпат му префрли од гостопримството. Каде се стиска во тесниот стан, ги собира децата во една постела; ги храни и дувани зетот и внука му, ете дојде и превнук му да му го крши сонот по неколкупати на ноќ. Но реши да го прави себапот до крај, ама, ако се може нешто и да надомести од сета оваа мака; поправо да се ослободи од неа на некој начин. Затоа реши да ја одведе внука си со превнука си во О. кај свекра и и свекрва и; да ги израдува со машка принова и да им кондиса пак тој со Петковица, ако не два три месеци како тие нему, оно, барем дветри недели. Навистина нерентабилна сметка — за седум едно, но и тоа доста ќе биде од кого е.

—           Ако, вујко Петко, ако, што е тоа муабет. Зар ние седовме, еве, два месеци, а вие да не поседите кај старите една две недели. Туку…! — почна да се снебива зетчето и ја наведе главата некако сневеселено.

—           Е, што туку…? — праша Петко. Да не имате некои незгоди со старите дома? — како да беше знал Петко.

—           He, џанум! Какви незгоди; добри сме. Ќе ве пречекаат со раширени раце. Уште кога ќе им го однесете внучето, каква радост ќе им направите. Туку… право да си кажеме… пари за пат немаме.

Петко го плати и патот за Зорица до Б. а оттаму ќе го плати татко и до О. И така, Петко ќе тера гости во О. претставувајќи си како слатко ќе јаде оски риби, јагули и пие оско црно вино.

Мисли Петко така, ама мислат Зорица и зетчето вака:

„Со старите дома не сме добри, та поарно ќе биде да не одат вујко и вујна кај нив да ни го видат ѓупштилакот. Затоа јас ќе пратам веднаш телеграма кај твоите во Б. и ти веднаш врати се во С. Итака вујко и вујна ќе се вратат во П. и ќе се задржат два три дена, та кога ќе дојдат во Б. за да продолжите за О. тебе нема да те најдат кај татка ти. А дури тие да се вратат, ние со децата нивни ќе протутнеме уште некоја недела и друга; повеќе и не ни треба.

И така направија. Дури Петковци се задржаа кај блиски и далечни роднини во П. барем малку да повратат од гоштавањата, Зорица се врати назад во С. и си отиде кај децата од вујка си Петка.

Но затоа Петка го издаде секое гостољубие кога во Б. го разбра безобразлукот и со телеграма и тој им нареди на децата веднаш да ги истераат од дома овие „мили гости” и со тоа ја прекрши старата традиција за гостољубие наследена од деда си Петка. Се вратија со Петковица во С. но не излегуваа веќе на станица да ги чекаат своите зетовци, шуробаџанаци и пријатели.

 

 

 

Стале Попов

Собрани дела

 

РАСКАЗИ II

 

Лектор: Трна Кондарко

Издавач

ООЗТ Книгонздагелство „НАША КНИГА” — Скопје

Печатено во печатница ООЗТ „13 Ноември” при НИК ..Наша книга” — Скопје во тираж 5.000 прнмероци.

Печатењето е завршено во месец септември 1976 г.

Изданието е помогнато од Републичката заедница за култура на СРМ