Песни за Крале Марко – CE ПРОШЕТА ДЕЛИБАША ΜΑΡΚΟ – лирско епска песна

Booking.com

Ce прошета делибаша Марко,
ce прошета низ гора зелена,
време шета три дни и три ноќи
и со гора Марко си зборува:

-Дели имаш, горо, лоши луѓе,
лоши луѓе, горо, арамии?
-Ој ти Марко, Марко делибаша,
прошетај си, Марко, до кај сакаш,
јас си немам, Марко,лоши луѓе,
лоши луѓе, Марко, арамии.
И на Марко вода му се припи,
ми отиде на шарена чешма,
таму најде луѓе отепани,
се уплаши Марко и подлетна
и ми седна луто да ми колне:
-Еј горо, горо, горо зелена,
да би корен огон да ти изгоре,
да би вршки град да ти искрше,
оти ме лажеш право не кажваш
дека си имала лоши луѓе,
лоши луѓе горо арамии!
-Оди делибашо не плаши се
тие не се, Марко, лоши луѓе,
тие беа два брата родени.
Си идеа они од туѓина,
си носеа три товари азно,
а во азно сабја колаклија.
Ми седнаа азно да го делат,
заделија азно доделија,
ама сабја никак да поделат.
Еден веле: Јас ќе си ја земам!
Други веле:Јас ќе си ја земам!
Мана Павле, постарото брате,
си го закла помалото брате!
Проговори помалото брате:
-Ејди Павле,мој постари брате,
ќе те пречека мојата мајка:
-Каде ти е помалото брате?
Ајде мајка ќе ми ја излажеш,
ќе и речеш поназад си иде.
ќе испадне мојата невеста
и за мене ќе те опитува;
ајде и неа ќе ја излажеш,
ќе и речеш поназад си иде.
ќе испаднат мојте машки деца
и за мене ќе те опитајат:
-Ој ти стрико каде ни е татко?
Мојте деца како ќе ги лажеш?
Мавна Павле главата си зеде
и си легна другар до брата му!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: балада

Booking.com