Се прошета мало моме
од сарајот до бавчата,
си загуби чив кондури
од своите бели нозе,
ми се врати опет назат
да ги бара чив кондури;
на пат срете лоша среќа,
лоша среќа калуѓерче:
– Калуѓерче посна душо,
ќе те питам да ми кажеш:
да не најде чив кондури
од моиве бели нозе?
-Да ти кажвам не веруваш,
да се колнам ќе се смееш;
аку најду чив кондури
да се сторам како ними,
да ме носиш на твоите ,
на твоите бели нозе!
Се прошета мало моме
од сарајот до бунарот,
си загуби коланчето
од танката половина;
ми се врати опет назат
да го бара коланчето.
На пат срете лоша среќа,
пак ми срете калуѓерче:
-Калуѓерче посна душо,
си загубив коланчето
од мојава половина,
да не најде коланчето?
-Да ти кажвам не веруваш,
да се колнам ќе се смееш;
Аку најду коланчето
да се сторам како него,
да ме носиш на твојата,
на танката половина!
Се прошета мало моме
од сарајот до дворови,
си загуби ѓерданчето
од своето бело грло.
Ми се врати опет назат
да го бара ѓерданчето;
па го срете калуѓерче:
-Калуѓерче посна душо
си загубив ѓерданчето
од своето бело грло,
дан го најде ѓерданчето?
– Да ти кажвам не веруваш,
да се колнам ќе се смееш;
аку најду ѓерданчето,
да се сторам како него,
да ме носиш на твоето,
на твоето бело грло.
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Ристе Ристевски, роден 1903 година во с. Старавина. Беше оженет и живееше во с. Груниште; тогаш (1953) имаше 50 години.
Вид на песна: љубовна