СЕ СОБРАЛЕ ЛЕНО КОМИТИТЕ – епска песна

Booking.com

Се собрале, Лено, комитите,
комитите, Лено, ајдутите,
на планина, Лено, Шар-планина,

на та чешма, Лено, ем шарена.
Ми распнале, Лено, ќемерите,
истуриле, Лено, дробно азно,
дробно азно, Лено, сиромашко,
сиромашко, Лено, чорбаџиско.
Ќе ми делат, Лено, дробно азно,
кому двеста, Лено, кому триста,
а на Пена, Лено, петстотини.
Едно Грче, Лено, црно Влаше,
само шета, Лено, горе долу,
црни очи, Лено, разврќава,
остра сабја, Лено, подмакнува
и во Пена, Лено, погледнува:
– Дал ќе дојде, Пено, бела пролет,
да развие, Пено, ластар шума,
 да излезам, Пено, арамија,
да соберам, Пено, дружината,
да попленам, Пено, твојте браќа,
твојте браќа, Пено, два близнака,
ти ќе дојдеш, Пено, да ме молиш,
ќе се кревам, Пено, на големо,
ќе ми седиш, Пено, на колено!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач:  БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Митре Петковски – Жиовецот, роден 1878 година во с. Жиово; работел, се оженил и живеел во с. Старавина, а покасно се преженил и живеел во с. Груниште. Во 1953 тој имаше 75 години.
Вид на песна: јуначка

Booking.com