Скарале ми се
снаа и золва,
скарале ми се
за убавина;
снаата вели:
-Јас сум пубава!
Золвата вели:
-Ќе се прашаме,
ќе се прашаме
кај пољачето!
Пољаче вели:
-Золва пубава!
золвата ми е
роса пролетна,
росата роси
кај ден Ѓурѓовден,
што ќе пороси
се ќе порасне;
снаата ми е
слана есенска,
што ќе послани
се ќе исуши!
.
Преземено од книгата: ЦУТ ЦУТИЛА ЧЕРЕШВИЦА
МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД МАРИОВО
Автор: БОЖО СТЕФАНОВСКИ
Издавач: БИГОСС – Скопје
СКОПЈЕ 1995
Лице од кое е забележана песната: Неда Здравевска, родена 1910 година во с. Будимирци, а омажена во с. Груниште; во 1953 година имаше 43 години.
Вид на песна: семејна