
За време на Првата светска војна село Скочивир се нашло на самата фронтова линија во есента 1916 година, а подоцна борбите се преместиле на само неколку километри, па истото станало важна комуникациона точка за силите на Антантата.
Во близина на селото и денес е познат т.н „Француски пат“ кој ги поврзувал селата Скочивир и Чегел (денес напуштено), а исто така постоела и жичарница помеѓу овие две села која служела за доставување на воен материјал.
Во 1916 година во Солун била формирана болницата на руската принцеза Александра Наришкина, од која покасно бил формиран и оддел во село Скочивир, а во 1917 година во близина на селото била стационирана и полска болница на Шкотските жени.
Ова на некој начин ги објаснува и големиот број на гробови од Првата светска војна кои можат да се видат на две обележани гробни локации во близина на селото.
Прва локација е црквата Св. Петка, која се наоѓа во горниот дел на село Скочивир, каде воедно се и селските гробишта, а втора локација се гробиштата кои се наоѓаат на околу 1.5 километри од селото, на патот кој води до Кајмакчалан, а поминува низ излетничкото место Коњарка.
И на двете локации, гробовите се од војници кои се бореле во Српската војска.