Повеќето обичаи и обреди се поврзани со верските празници. Скоро секое село има селска слава.
Така на пр. на Витолиште селска слава му е Свеќитанас, на Полчиште Спасовден, на Бешиште Петковден, на с. Манастир Митровден, на Градешница Илинден, на Старавина – Богородица, Дуње – Митровден, Рожден – Спасовден, Книно – Арангела, Гуѓаково – Митровден, Врпско . Арангела, Жиово – поделено Петковден и Митровден, Галиште -Свеќитанас, Вепрчани – Спасовден, Чаниште Петковден, Кален -Спасовден, Кокре Дуовден и т.н.
Освен селските слави скоро за сите села значаен празник со обреди е Божик, Свети Јован и Велигден. На Илинден се собираат на Св. Илија во Мелница од сите околни села, а во Витолиште вечерта или според денот (во зависност дали на тој ден се мрси или се пости) се коле вол за сите и се јаде на Црквата Св. Илија кај гробиштата која датира од постаро време. Обредите скоро се исти и во другите села веројатно поштувајќи ги црковните догми. Наспроти Божик, на Бадник се организира посебна вечера во секое семејство (таа вечер не се оди во други куќи). Се меси погача во која се става пара, која со кршење се дели на сите членови на семејството и поважни објекти за семејството. Се вари грав и оризник, а во некои семејства се толчи и лук со ореви. Се дели овошје за членовите на семејството: јаболка, круши, костени, ореви, може и по некоја смоква, ако дозволило времето да биде купена Пред вечерата домаќинот му прави метание на воловите (ѕевгарот), a потоа пали свеќи и им ги клава на десниот рог од воловите и чека да догорат за да не се запали сламата.
На Бадник обавезно се вари певтија Утрото на Божик се оди на трлата пред осамнување т.е. таму да ги осамне и жена да фрли слама во огнот, исто така се посакува во секоја куќа прво да влезе женско лице без викање и да кладе слама во огнот и да благослови: Како што се сили огнот така да се силат луѓето, да се раѓаат женски јагниња и јариња, машки дечиња и телиња. Потоа се кани на појадок. Прво се каснува сирење. Што ќе ја понудат несмее да одбие, оти овците не ќе си ги сакаат јагнињата.
Утрото рано се оди в црква, за порано да се пушти црквата оти бил стрвен Божик. Околу ручек жените одат во црквата за да раздаваат за душа.
Свети Јован бил највесел и секој сака на овој празник да е дома, па сточарите се заменуваат за да можат да присуствуваат на обредите. Првиот ден се оди рано во црквата, се симнуваат Светците, се вртат трипати околу црква, се носат на реката и се фрла крстот во вода. Потоа луѓето си земаат крстена вода, некои натопуваат ржање за пчелите и си одат дома, а оние што ги носат светците минуваат низ сокаците во селото, и се почастуваат со блага и топла ракија и мезиња по портите. Се враќаат во црквата се наместуваат Иконите и си одаат дома. Околу 12. часот и мажите и жените одат наручек во црквата. Тогаш се бира и кумот со делба на погачата од претходниот кум во кое парче ќе се најде крвчето. Кумот се носи во реката и се пушта во вода, па го креваат во висина и од него бараат пари. Така се прави и со други постари луѓе, a потоа се оди кај стариот, па кај новиот кум. По ова се оди на средсело и се прави договорот кои од машките ќе одат “шкуртари” со кумовите, a некои прават и самостојна група Повеќето млади и стари кои не одат шкуртари, почнуваат да шетаат по селото како коледари, собираат се за јадење и касно во ноќта во некоја куќа јадат заедно. Коледарите обавезно имаат гајдарџија, “ѓупка” за собирање на намирниците и благајник за парите. Шкуртарите си одат по ред во своите куќи, а во една се вечера. Вториот ден на средселото има оро.
Велигден е познат празник и како “плачко” бидејќи на тој ден секој сака да биде убаво облечен, да има нови чевли, капа, а секој не е во состојба се да задоволи, па може некое дете и мама да се расплачат. На Велигден се носат најубавите облеки, на Велигден има најмногу оро, затоа што е пролет, додека за Божик, Св. Јован и на Свеќитанас времето е студено, врне снег, има кал (карашмул), меѓутоа пак весело се игра иако облеката прилично ќе се извалка.
Ѓурѓовден е значаен по лулките.
Автори:
Стојан Ѓуровски, Прилеп
Стојан Даркоски, Скопје
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com