Во центарот на село Градешница се наоѓа црквата Св. Никола, која е најголема од седумте цркви кои се наоѓаат во ова село.
Село Градешница е познато како село со богата Христијанска традиција и во деветнаесетиот век, особено во втората половина, кога се изградија и обновија многу цркви во Република Македонија, започнаа работите и за реконструкција на црквата Св. Никола.
Над влезот во црквата стои дека истата е обновена во 1863 г, но од кога истата постои и дали на тоа место постоела друга помала црква, сеуште не е познато.
За време на Првата светска војна, црквата ја претрпела судбината како и на сите останати куќи во селото, кога истата во голема мера била оштетена.
Црквата била поправена во 1923 година и фреските биле обновени во 1927 година од страна на Коста Николиќ со неговите синови Јаким и Теодосија, по потекло од Лазарополе. Црквата била осветена истата година од Јосиф – Митрополит од Битола.
Неодамна, покривот и тремот на црквата се обновени од страна на месното население.