Св. Атанасиј, с. Галиште

Booking.com

Југозападно од с. Галиште, подигната е црквата според искажувањата на селаните посветена на Св. Атанасие.

За времето на подигањето и живописувањето на црквата не постојат никакви историски податоци, соопштувања во литературата ниту натписи врз живописот на црквата.

Црквата се состои од два дела: првиот према исток е всушност старата црква, за која, судејќи по сочуваниот живопис, може да се смета дека е соградена кон крајот на XVII век.

Тоа е еднокорабна градба со скромни димензии, градена од кршен камен.

Денешната стара црква секако е подигната на постаро култно место, за што сведочат сочуваните фрагменти од живописот вѕидан заедно со градежниот материјал во новиот дел на црквата.

Во 1934 година е додаден нов дел со цел да се прошири и продолжи црквата при што е урнат западниот ѕид од првобитната црква.

Во црквата се наоѓа стар живопис пресликан во исто време (1934 година) кога е додаден и живописан новиот дел.

Од стариот живопис денес можат да се видат ликовите на свитетиле од Великиот вход, Богородица Ширшаја небеса, Деисизната композиција, визијата на Петар Александријски и светителите Св. Роман и Св. Стефан.

Судејќи по делумно откриените фрагменти од стариот живопис констатираме дека зографот спаѓа во групата на послабите живописци од овој период. Неговиот цртеж не се одликува со прецизност, колоритот се состои од неоплеменети бои сликани со широки четки.

 

 

Литература:

Споменици на културата во СР Македонија

Автори: Антоние Николовски, Димитар Ќорнаков, Д-р Коста Балабанов

Издавач: Мисла Скопје, 1971 г

Booking.com