Освен на верските празници кога луѓето го изразувале целокупното духовно и социјално богатство, на свадбите доаѓало до израз колективното живеење и почитување на одредени традиционални норми и обичаи кои во секоја средина имаат одредени карактеристики.
Општа карактеристика на свадбите во Витолиште е масовноста и веселбата скоро на целото село со тоа што канетите свадбари влегуваат во куќата и ручаат или вечераат, а другите во дворот, по чардаците пеат играат и добиваат ракија а може и по некоја рака царевка. Карактеристично е и тоа што на свадбата кога младоженците се венчаваат и претходат одредени обредни и завршни фази пр. “Нарачниците”. Свадбите (стапувањето во брак) било обавезно со стројници, а исклучок било потерувањето и бегањето, па така и се велело дека невестата е земена со сводник, потерана или избегана (бегалка).
Целокупната процедура почнува со сводникот, со давање на думата и откако ќе се сложат родителите на невестата ќе испратат здравоживо (јаболко и киска) до идните сватовштини и во исто време се договараат кога ќе го земат раунот, кој се состои од 5 шеови – цел такам најубава кошула, во неа шамија, чорапи, калци. Тоа се свршува за 2-3 дена само да не биде спроти среда и сабота. Ретко се таксуваат на вис-година, a свадба во постите не се прави.
Од земањето на раунот до свадбата невестата не шета никаде да не и направат некоја маѓија или да не и расипат, а најважно е што ја довршува рубата, па ако треба помагаат и роднините. При давањето на думите се кажува што мора од страна на зетот да се купат дарови и колку да се даде прит (готови пари). Раунот го носи сводникот, а тој е и сведок за дадените думи и за даровите да не завртат после.
Свадбените церемонии почнуваат со месење “тесто” (погачи за канење на најблиските), во петокот пред неделата во која се прави свадбата Тесто се меси и кај машкото и кај женското, а го меси братучеда иста или помала по возраст од младоженците. На тесто одат само жени и деца, a се дава мезе цревка и дебел грав за макање (лажици не се давале за да не лаже невестата или зетот).
Во саботата калесникот или двајца (најближна рода) канат со карта со вино и киска на која се врзуваат пари од секоја поканета куќа. Таа иста киска на свадбата ќе биде врзана со крпче каде се ставени пари од свекорот и свекрвата, ќе помине низ рацете на сите свадбари што седат на трпезата и потоа ќе и се даде на невестата.
Во неделата свадбата почнува со тоа што калесниците со гајдарџијата одат по поканетите свадбари и ги собираат според важноста: прво нункото, старосватот и т.н. Кога ќе се соберат ручаат и одат по невестата. Кога ќе тргнат по невестата сватовите ги грабињаат коњите по улиците се до портата на невестата, но таму не ги пуштаат се додека не дојде свекорот. При тоа и едните и другите пеат свадбарски песни, а гајдарџиите свират карактеристична мелодија, а свадбарите извикуваат карактеристични извици. Пред тргнувањето на сватовите по невестата зетот се забричува (го забричуваат нункото и деверите), a жените пеат карактеристични песни. Свекорот и другите сватови ќе влезат дома ја кршат благата погача, се креваат сватовчините (свекорот и дедот) се благословат, киската врви по трпезата, таткото на невестата ја видува киската и и ја даваат на невестата во земникот, кога и ги даваат и нарочно купените чевли (и ги дава свекорот и десниот девер). Таа ги поттурнува во знак на одоивање, а во меѓувреме жените пеат пригодни песни за таа церемонија. Откако ќе ги обуе чевлите ја земаат и ја качуваат на коњот, а пред тоа зетот и невестата бакнуваат рака пред и по ручекот. Откако ќе се качи на коњот идат блиските роднини ја даруваат и таа нив ги дарува. Рубата веќе е товарена на друг коњ и ако рубата е тешка вреќите се потпираат со ластегарки. Додека трае дарувањето на роднините на невестата се пеат свадбарски песни се извикува и се свират свадбарските мелодии. Оттука се оди во црквата на венчавање, па од црквата се оди во куќата на зетот. Во средината на дворот стојат младоженците едно до друго двајцата качени на коњите. Свекорот со погача на главата и чаша вино врте околу младоженците крстејќи се и благословувајќи ги младоженците, се завртува три пати околу нив, ја симнува погачата од главата и им дава парче од погачата да каснат и од виното да се напијат (прво на зетот а потоа на невестата). После се води невестата до вратата пак застануваат едно до”друго со благословување од страна на свекорот, нункото и деверите во однос на идните рожби (три машки и две девојчиња). Потоа, свекрвата ја води на ковчегот да и покаже каде е и ќе ја заране и ја благословува Co тоа завршува дневниот дел од свадбата, а вечерта со поканата доаѓаат свадбарите се игра и пее до два часот по полноќ.
Младоженците си легнуваат во земникот, а продолжуваат да седат свекорот, нункото и деверите, кои не легнуваат, а нунката го чека резултатот за “чесноста” на невестата. Ако е се како “требе” се топли и пие блага ракија зетот пука со пушката, да не се глуви децата, а потоа стројникот со блага ракија оди кај таткото и мајката на невестата. Потоа, следува “прегосот” пак се збираат со гајда свадбарите и се води невестата на вода. При тоа невестата гувее на свекорот, нункото, старосватот -тоа порано го правел и зетот. Си доаѓаат дома пеејќи и играјќи по патот. Водата што ја залеале во бачето е за невестата дома да му потури на рацете на зетот да се измие. При тоа некои од жените на рацете тура пепел, а зетот покушава да се брише од невестата па таа се трга. Потоа влегуваат дома се подигаат со свекрвата, па невестата на свекрвата и завиткува чалма. Co тоа завршуваат церемониите и се испраќаат главните на свадбата (нункото, старосватот и деверите).
Во вторникот се чекаат сваќите, од неколку жени (најмногу до девет), на сваќите му се даваат најубавите мезина, па можда одтаму останало во Витолиште поговорката: “Мазник и млеко – жјовските сваќи”.
По две недели следува завршната “фаза” – првичето. Прво од кај зетот одат кај таткото на невестата од вечерта па до утрото. Ако некој им се “меша” – на ручек ќе бидат кај тој што им се мешал па се враќаат дома по дваесет и четири часа. При тоа се пие, јаде, се пее се игра… На првичето се собираат најближните роднини, најмногу 15 – 20 првичари. По една недела првичето се повторува обратно – кај зетот и невестата доаѓа дедот и бабата со своите најблиски роднини и истото се прави.
Во текот на годината, велики пости (среде пости), невестата оди на поседок кај мајкаси на една недела (ја одведува и си ја враќа свекрвата). Свекрвата е најдобро накитена, и со овој чин престануваат сваќите да си одат на гости.
Автори:
Стојан Ѓуровски, Прилеп
Стојан Даркоски, Скопје
„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г
Booking.com