За Свети Јован и Водици

Booking.com

Уште сабајлето се одело в црква, се ваделе сите икони кои можеле да се носат надвор од црквата, и прво три пати иконите се вртеле околу црквата а потоа и околу селото.

Кога ќе завршеле со шетањето на иконите пак ги враќале на истото место во црквата. Ова го правеле со цел да има дар по житата стоката и здравје на луѓето, на чешмата ги носеле иконите кога ги шетале околу селото каде се одмарале и каде биле честени од селаните со ракија, сирење и месо.

Откако ќе ги оставеле иконите во црквата сите си оделе дома земале мазници, булина погачи, месо, топла ракија носеле во крондите, и оделе в црква со фамилијата, кога ќе се собереле в црква оделе да го викнат кумот, кумот носел погача со крвче внатре во погачата, погачата се делела така да на секоја фамилија има по едно парче и на кому ќе му паднело крвчето тој наредната година ќе бидел кум за Свети Јована Потоа стариот и новиот кум младинците ги носеле на реце на кладенецот или на чешмата зависи што имало во селото, таму го прскале со вода во знак на благослов да расте се, и пак ги кревале в раце и ги враќале назад во црквата пред светецот пред Свети Петка, Свети Јован зависи како се викала црквата.

Кумовите тука рипале во висина и благословеле да растат ‘ржите низ баџите, пчениците до гредите, јачмените до стреите. Потоа кумовите ги ставале начело на трпезата, и сите му носеле буле, ракија, јаболка, костење прво нив а потоа и на другите, потоа ручале заеднички ручек a пo една лајца манца му се турало секому од манцата што ќе ја донесел кумот.

Откако ќе се наручале си заминувале дома жените, а мажите оделе на средсело со свирки гајди и кавали, и се играло оро, по извесно време му се придружувале и жените сите играле заедно до после пладне потоа жените си заминувале дома за да спремаат а мажите шетале по куќи. Избирале тројца мажи кој ги викале ѓупки и тие си земале торби и шетале по куќи збирале се за јадење и пиење ракија, погачи, месо и кога ќе го прошетале целото село трите ѓупки сето зајре го носеле кај стариот кум, се готвело јадење тоа што ќе останело се продавало a парите се давале на црквата, а останатите луѓе со свирки шетале од куќа во куќа така да ги поминат сите куќи во селото. Во секоја куќа каде ќе влезеле го кравале домаќинот в раце и му барале пари кој колку имал давал, кога ќе ги дошетале сите куќи сите оделе кај стариот кум се играло и пеело цела ноќ се до сабајлето, се вечерало од храната што ја собирале ѓупките. По обичајот на мажите другиот ден наставувале жените на водици и тие шетале по куќи во секоја куќа оделе и пееле песни и тоа колку луѓе има во фамилијата толку песни пееле.

Прво се почнувало од домаќинот и со ред и на секоја песна се благословело, вечерта се збирале заедно мажи женн во една куќа јаделе пиеле и пееле.

Кога ќе влезеле во куќа ја пееле песната за домаќинот:

Скрстум кралот седеше

Скрстум риба јадеше

Скрстум вино пиеше и.т.н.

На домаќинката;

Седнала Петра клалица

на постели бубаќерни

долетало лепо пиленце

и на Петра и говори

сум пратено дури од царот

ти имаш мила ќерка

царот има мила сина

ајде да се сосватиме

ајде да се породиме.

 

„НАРОДНИ ОБИЧАИ И ПРЕДАНИЈА ОД МАРИОВСКИОТ КРАЈ“

Автор: Киро Крстески, Прилеп

„Фолклорот и етнологијата во Мариово и Меглен“ – Зборник на трудови издаден 1994г

Booking.com