Толе Паша II том – Стале Попов

Booking.com

ТОЛЕ-ПАША – ВТОР TOM – СТАЛЕ ПОПОВ

Уредник ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ
НИК „НАША КНИГА”
СКОПЈЕ 1976.

ТОЛЕ ВОЈВОДА
Преку Вепрчани и Гудјаково Толе прејде преку Црна уште истата вечер, и веќе се советуваше со Риза Ушков во Врпско на кој начин да се набави што повеќе оружје.

—    Така, браќа, така. Ќе и мешаме капите со агите, шо’ ќе и мешаме, ами гледајте прибирајте понекое пусатче да ви се најде, — им зборуваше Толе па Врпчанци, Жиовци, Витоливци, Полчивци и другите селани од неговиот реон, покажувајќи им ја својата куса малихера, накована со жолти черечиња и половини лири.
И навистина, уште истото лето од секое село беа одредени по два тројца луѓе и отидоа в поле, на жетва, со аргатите по разни турски чифлизи. Тие фатија „трговија” со полјаците, ќаите, та дури и по понекој чифлигар и сите се вратија со по една две пушки, а потоа продолжија со „трговијата”.
—    Та за што ти се, Митре, тебе две три мартинки? Да не мислиш да бркаш валијата од Битола? — некако се приближи до вистината Раиф Ефендија од Дедебалци кога Митре Гулев му се довери и побара да му најде некоја и друга мартинка за „добри пари”.
—    А бре, Раиф Ефенди, јас ни су го бркал, ни ќе го бркам валиата, ни кадиата, току најду будала луѓе од нашите; даваат по некоа и друга лира за тие ‘рѓосаните железа, та науми и така слегу овдеа, да се прицна до тебе, ако сакаш да ми помогнеш, не правиш лошо. Да зема и јас некоа лиричка со лесно. He гледаш, со работа тешко се вадат тие пустињи, та затоа и те прашам и моља ако имаш некој приател, земи и ти на твое име, прибери и, та ќе се врата по некој пазар и друг, ќе и прибера и ќе ти и броа паричките. Земи и ти некоа за заметот, та валиата и кадиата нека не се плашат. Сигурно на ниј нема да пукнат. Знајш какви се нашите кршоборци. Се скарале, се сќорлиле околу жените и ајде — за пишчоли. Ете зашчо му требаат, да се петелат еден на друг. Токо, тие нека си и вадат очите, па ако сакаат и нека се истепаат, ами ние да си земиме по некоа паричка кога има будали — го кандисува Гуле Раифа и одвај чека да го слушне понатака.
—    А велиш, по две лири за мартинка и по лира за кокинка ќе дадат? — поомекна Раиф и веќе си замисли педесетина лирички во ќесето за продадените педесетина мартинки, што ќе ги купи од Остречани по лира, а Митре ќе му ги плати по две, та дури и во таа „трговија” ја виде и помошта на валијата и падишахот, оти христијаните сами меѓу себе ќе си ги вадат очите и ќе се тепаат.
— А бре, ако сакаат да имаат добри пушки, ќе дадат. Ако не дадат, нема да се кокорат кај мариовките, — го убедува Митре Раифа и уште на кинисување завитка две мартинки во сакмата и му ги товари на куцото магаре, та ги однесе во Градешница. Едната ја задржа лично за себе, а другата му ја теслими на Гуцето — селска да остане.
Во вршидба време отиде во Битола со десетина селани и на излегувањето сите изнесоа по две три.
Раиф ефендија си достоја на зборот. Рифат од Острец над Битола се соортачи со Расима и ги прати неговите качаци некаде по Арнаутлакот и тие за неколку дена донесоа секој по две три пушки, купени по половина лира или опљачкани од колибарите; Рифат му ги продаде на Раифа по лира, a овој на Митрета по две.
Тргуваа луѓето со што можеа; Раифа не го гризеше совеста што продава пушки на христијанин. Тој тргуваше со нив како Јаков Евреинот со јагнешките кожи.
Трајко Бешот пак, потера две крави и еден вол за Воден и ги понесе стоте Толеви лири да побара оттаму некоја грчка берданка. На патот за Сабоцко преноќева кај Горѓи Ѕерѕев во Пожарско и го ополномошти да побара од Мегленијата десетина — дваесет, та кога ќе се врати да ги преметне преку Кравица.
Ѓорѓи беше „купил” дваесет берданки таканаречени „гра” и цел сандак фишеци, му ги теслими така заковани во долги сандаци, уверувајќи го Трајка дека се нови од фабрика и Трајко му ги даде стоте лирички — шеесет за берданките, четириесетте за фишеците. Шака не е. Нови берданки за по три лири кој ти дава?
Арно ама, кога ги раскова дома сандаците имаше што да види. Место берданки, Трајко најде суровици, измешани со стари палечници — да тежат, а место фишеци — сандакот беше полн со песок.
—    Бога, душа, пушки ми покажа тој пес Етим од Сабоцко, — се правдаше сиромав Ѕерѕе пред Толета кога овој на пладнина му отиде в село да си ја види сметката.
—    Затоа ли јас и собира тиа лири, да ми продаваш мене суровици и песок? — грмеше Толе на сретсело и тука пред сите селани му тргна на Ѕерѕета еден куршум од својата манлихерка, та слезе со другарите дури во Сабоцко да си ја види сметката и со Етима што му ги продал пушките на Ѕерѕета.
Етим беше си ја имал мувата на капата и беше се засолнил дури во Солун, та Саботчани имаа задоволство да се огреат вечерта на неговата кула, а чифчиите таа ноќ имаа гости на неговиот чифлик во Биџова маала. Толе ја запали и оваа Етимова кула и собра што можеше да се тера нагоре. Преметнаа сега наваму од Кравица стотина — двесте овци, десетина говеда, коњи, магариња, а Бешот ги отера со пет шестина селани во Прилеп и ги натокми стоте лири што му ги зеде Етим со измама.
—    Co зорт и мака се печалени и ќе одат тамо каде му е местото, — зборуваше Толе кога Бешот ги донесе парите од продадената Етимова стока.
—    Ќе и пратиме во Софија да се купат манлихери, како ваа моата, — предложи Толе и така направи Трајко.
Толевите двесте и педесет, и уште толку собрани од цело Мариово, му ги теслимија една вечер на секретарот на Толета — Шаќира и овој се преоблече во мариовски алишта и, со пушката под сакма, со пазарџиите отиде во Прилеп.
—    Овие пари, петстотини лири, ми ги дадоа Трајко и Толе да ви ги предадам за пушки — им рече Крсте на Грабула, Бајракот и брата му Алекса и им го подаде црното шамивче во кое беа врзани.
—    Бравос, бре мариовци, — извикаа сите тројца и ги прибраа парите, а Крстета го одведе Бајракот кај Алимасковци да преденува, па вечер да го испратат назад во четата.
По излегувањето од Алимасковци, Бајракот се наврати кај Бабовчето и овој го внесе во визбата да му соопшти некаква новина од Мариово. Се зачуди Алекса кога во визбата го виде Јована Ѓуров, кој таа пролет се врати од Бугарија и се придружи кон Толевата чета.
—    Каде е Шаќир, чичко Алекса? — го праша Јован Бајракот.
—    Зошто ти е Шаќир? Од каде идеш ти, Јоше? — се чуди Бајракот.
—    Имам нешто важно да му пренесам од војводата, — му одговори Јован и почна да го моли да го стави со Шаќира.
Колку да му беше сомнителен во прво време, сепак се реши да го одведе, да му ја пренесе наредбата од војводата, за која Јован рече дека му е речено лично на Крстета да му ја пренесе.
—    Добро, — одговори Алекса, — иди по мене назорум, ќе те одведам — и тргнаа: Бајракот напред, Јован по него на десетина петнаесет чекори, убедени дека никој не ги виде.
Кога Алекса влезе во бакалницата од Алекса Бабовчето виде полно селани — Мариовци. Се поздрави скоро со сите, пријателски, како со свои луѓе и не забележи дека еден средовечен човек во нови алишта необично го погледна. И кога Бабовчето стана од пангото и го воведе Бајракот во визбата, овој ја заврте главата и потскришум се насмевна, мислејќи си во себе:
„Аха! Вистина ќе биде шо ми велеше мудурот. Требе тука да му е врталишчето на виа грацките кумити шо сакаат да не запустат” — и почна да му реди на Пецето Бабовско разен бакалак: две оки шеќер, полока кафе, стодрам црвен пипер, една вреќа сол, тенеќија газија итн. дури Алекса, Бајракот и Ѓуро не излегоа од визбата. Кога Петко (така се викаше селанецот во новите алишта) го виде самиот Ѓуро јасно му стана дека го’ погодил местото каде да ги бара „дивите” в град. Набрзина ги нафрла работите во торбата и ја остави до вреќата со солта и тенеќијата со газијата и му рече на Бабовчето да постојат тука додека да го продаде сирењето, да земе пари, да му ги плати.
Алекса не се изненади, а Петко излезе веднаш по Бајракот и Ѓура та и тој назорум тргна по последниов на пет шеесет чекори. И сега Бајракот напред, по него Јован, a пo Јована Петко.
За да не предизвикаат некакво сомнение, ниту Бајракот, ниту Ѓро се обѕрна назад. Дури кога дојдоа на ширината пред Вандевци, каде што се продаваа воденички камења, Бајракот се заврте и му стори ишарет на Јована да побрза. Во тоа време околу камењето се врткаше мариовец и ги разгледуваше двата камења, еден горни, еден долни и потскришум ги гледаше двајцата како си даваа ишарет; но не му дадоа никакво значение.
„Воденичарот” ги остави камењето што ги гледаше и дојде на горниот крај од ширината, откаде се гледаше уличето по кое одеа Јован и Алекса и почна да се вртка околу друга група камења, но не ги пушти од око двајцата.

Ha портата од Алимасковци се слушнаа три одмерени удари… а преку дворот женски налани. Се доближи стара жена до левата пола од старата искршена порта и погледна низ пукнатината. Го позна Алекса, та без да испушти ни збор, ја отвори едната пола и овие влегоа, a пo нив портата се затвори.
—    Ти водам уште еден, бабо Цвето, — промрмори Бајракот и веќе ја отвараше вратата на малото куќарче од Јордан Алимаска, кое одвај се држеше плитар на плитар.
—    Добредошол, добредошол, само дали не ве изварди некој — одговори бабата, влевајќи по Ѓура и потскришум кршејќи ги зглобовите на сувите прсти.
—    Белким не — ја утеши Бајракот и седна на миндерлакот во „убавата” Јорданова одаја, па и се обрна на старата:
—    Викни го нека излезе побратимот, го бара еден од неговите.
Бабата влезе во тесниот дреалник, a пo минута две излезе со Крстета заедно.
—    Сабаларолсун, Шаќирефенди! — го поздрави Алекса Крстета по турски и му го покажа Ѓуровчето со глава:
—    Те бара побратимов Ѓуро.
И Шаќир како Бајракот не малку се изненади кога го виде Ѓура в град, но овој веднаш им ја објасни работата на обајцата:
—    Me пратиа војводата и Бешот да и донеса и виа пари; — и бркна во пазамарката од мариовската кошула, та извади и тој црно шамивче и му го подаде на Шаќира.
—    Одврзи и брои. Ми рекоа оти токму сто се. Да и пратите и ниј во Софија за пушки. И донесле откако тргна ти; да не ставаат две праќања ми и дадоа да и донеса.
Шаќир ги одврза, ги преброија двајцата со Бајракот и Шаќир му ги теслими и нив на овега, кој стана и си излезе, ветувајќи им на Толевите четници дека вечер ќе им испрати човек да ги изведе од градот.
Шаќир и Ѓуро удрија на шаки и смев, спомнувајќи си некои приклученија од комитскиот живот, а особено за Толевите односи кон жените.
—    Се поправи, море, откако го втеравме во Организацијата, — констатира Шаќир како на фалба, бидејќи тој го кандиса Толета да го напушти арамилакот и да се придружи со нив.
— Mope, в’кот домаќин и Толе поправен, токо нема каде. Ќе го видите ако бидете живи — сомнително одговори Ѓуро, познавајќи ја слабата страна на Толета. — Гледаш? токо напиња да а земеме Миша со нас. He му се седи без женичка и во планината. А и таа ороспија! „Ќе ида, вели, кај ќе умре он — нека умра и јас”. Ама мерак, мајкатааа! Нишчо живо не сакаше да остане со Неда моа во Софија. Mope шо и сториме и јас, и Неда. He, бре брате! „Без него не седа, — вели, — па цела Софија и цела Бугарија да ми а аризате”. И… виду — не виду, а испрати и, ете а, како на трн седи кај браќа и во Витолишча.
 И пушка мора да и купа и и купи исто како неговата — куса.
—    И ја пренесе преку граница?
—    А пренесла, бре, болка да а отепа, кој знае како не а ватиа?
—    Mope, жена јуда, што викаат старите. Ги заслепила агите, потиснала некој онбашија, му намигнала на некој чауш, и тие сиромаси заслепеле, та и топови да носела ни ги видувале; — го заврши Шаќир разговорот за Митра и пак почна со други шеги.
„Воденичарот” ги разгледа камењето, ама виде и луѓето каде влегоа и, веднаш по нив и тој помина гope по уличето, убаво запомнувајќи ја искршената порта од Алимасковци.
„Аха! Сега ќе ве сошиа јас вас со самарната игла, токо чекајте! Ќе видете вие како се јадат Петкови брави и јаловици, срце ќе ве изеде!” — си пробрбори Петко за себе и забрза да излезе на Битолско џаде.
Како нарачан се испречи пред него еден заптија и Петко го запре на сред улица:
—    Ефенди, ондеа во една порта сега влезе еден кумита.
—    Кумита? — подрипна заптијата и се фати за пиштол.
—    Кумита, кумита, токо бргу сардисајте а куќата да не се премести некаде да ни откине. Бргу, јас ќе постоа и ќе поварда.
Заптијата летна по улица нагоре и за неполни десет минути се врати со десетина другари и Чами чауш, оној истиот што го бркаше Толета со Митра.
Петко ги поведе назад по уличето им ја покажа портата од Алимасковци и пак отиде да се шутка кај воденичките камења.
Чаушот нареди да се сардиса куќата од сите страни, а еден од заптиите прати да го известат муљазимот и кајмакамот.
И токму кога Шаќир му направи на Ѓура една таква смешка, од која овој се закикоти, железото на портата почна силно да тропа, а на ниското каленце се навртоа пет шест манѕери кон малото куќарче.
Бабата Цвета како без душа дотрча и се појави на вратата, но кога ги фрли очите во портата и каленцето, имаше што да види: — навртени цевки од пушки.
—    Теслим, бре ќерата, — извикна Чамичауш, слушајќи ја вратата што се отвори.
Бабата се заврте назад и сакаше да влезе во одајата, каде што се смееја Шаќир и Ѓуро, но тие веќе беа нарипале од тропањето на портата, а гласот од чаушот ги запрепасти.
—    Сардисани сме? — испушти Шаќир прашање кон бабата.
—    Така ми се чини — одговори затресена таа и почна да шетка низ малото ходниче.
—    Ами чаре? — изусти и Ѓуро.
—    Чаре, низ малото вратниче ако можете да излезите — ги опомена Цвета и летна пред нив да провери дали е слободна таа страна.
Но штом го одгрна вратничето и оттаму се слушна оној ист глас како од чаушот:
 —    Теслим, бре ќерата! — и бабата се тргна назад, плашејќи се да не ја фати куршумот ако запукаат заптиите.
Јован и Шаќир застанаа на сред ходничето замајани.
—    Ами сега? — почнаа да се прашаат еден со друг.
—    He предадоа виа пци за парите, — промрмори Јован, сомневајќи се на Бајракот и другите, од прилепското раководство.
—    He ќе бидат они, Ѓуро. Мене не ме фаќа умот тие тоа да го сторија. Толку повеќе што и брат ми Алекса е во нив. Ова ќе биде селска работа, — се приближи Крсте до вистината.
—    Кој да е, откаде да е, ама ние сме, ете, в стапица! Думај шо да правиме. Ќе се теслимиме или ќе се браниме? Кажувај побргу! — почна Ѓуро да бара совети од Шаќира, кој како секретар на четата требаше да измисли нешто.
Во тоа време портата уште посилно затропа и дебелиот глас од Чамичауш пак се слушна:
—    Излевај, бре ќерата, дури не сум дошол да ти сокршам коските!
Но место одговор, од малото пенџерче на Алимасковото куќарче грмна манлихера и куршумот ја продупчи старата дабова штица на портата и се сплеска во дебелиот клинец и неговата широка глава; падна пред Чамила. Среќа негова. Да беше на сантиметар лево или десно, со првиот куршум ќе настрадаше.
—    А, така ли е работата? — се провикна искусниот чауш и го фати каленцето крај неговите заптии и издаде заповед.
—    Атеш чуџуклер;” ) — и сам ја наврте манѕерата кон прозорецот откаде пукна Крстевата манлихера.
Заптиите истурија еден залп. Куршумите просвиреа над главите на Шаќира и Јована и удрија во ѕидот во одајата, а тие што не погодија во прозорецот удрија во болмето под него и околу него, и од секој куршум се отвори по една дупка колку човешка глава да се протне.
—    Ами сега? Оваа пустиња не ги држи куршумите. Ќе ја издупчат агите и ќе не видат, — се притапка Јован и ја кладе и тој својата манлихера на една од дупките.
—    Сега? Што сега! му се врекна Шаќир. — Гледај да ги продадеме кожите поскапо. Тоа е сега. Да оплескаме барем тројца аги, да не бидеме на зијан — му одговори Шаќир и почна да стрела.
Се заврза сражение.
На првите истрели се збуни целата полиција, а и заптијата веќе беше ги известил муљазимот и кајмакамот и овие трчаа со сите заптии и оружани слуги што ги имаше по Прилеп. За час опсадата зеде големи размери. Стотина заптии ја обиколија целата маала, а веќе кај Алимасковци затреште и првата бомба што ја фрли Шаќир.
—    Слушај, Ѓуро — му вели Крсте на Јована. — Ова, ќе се умира што ќе се умира, ами гледај лежи право со главата кон куршумите да не не погодат некаде на друго место, та живи да не печат. Вака, в глава, на место, ќе си останеме, да не тргаме маки и јадови.
И продолжија да стрелаат обајцата насменка.
Куќарчето веќе го изрешетаа заптиите на кои им се придружија и сите Турци што имаа оружје; слободно можеа да ги видат дека се само двајца. Се обидоа двајца заптии да го прескочат ѕитчето и да им се доближат до прозорчето, но паднаа смртно погодени од двете манлихерки.
Значи, овие не се шакуваат, — се замислија кајмакамот и муљазимот и наредија да не се прескака.
—    Ќе ги држиме сардисани дури да ги изгорат фишеците, па око не се теслимат, тогаш ќе им влеземе и живи ќе ги фатиме, или најпосле, ќе запалиме куќава и бити вајде — донесоа решение заповедниците, а веќе и самиот бимбашија од кашлата пристигна со целиот табур војска од пет шестотини души.
Се пристапи кон преговори:
—    Теслим, бре пезевенци, што кршите жегли уште, кога гледате оти сте во стапица! — викна самиот кајмакам и им се кажа кој е.
—    Ако теслимите, ете јас кајмакамот прилепски, ви ветувам дека нема да бидете расипани. Ќе одведам Битола, лично јас, жими вера, и ќе предадам на валијата. Таму правдајте се пред него како знаете.
—    Да се предадеме, Крсте, белким ќе ги спасиме, главите, — почна да настојува Ѓуро, гледајќи ја здравата опсада.
— А бре, да се предадеме. Лесно е за предавање, но срамно ќе умреме — почна и Шаќир да се колеба.
—    Јас вела да се предадеме, лели запиња толку и се к’ни кајмакамот оти тука не не дава да не расипат. А тамо, во Битола, пред валиата и кадиата белки ќе измајсториме нешчо. Ќе се растрчаат нашите луѓе, со пари, со молби, ветувања, не е чудо да не осудат на затвор. А ти а знајш наа народната: „Од роб се излегуа, ама од гроб никогаш”.
—    Кој знае! — се чуди Крсте и ја врти главата, ама и него го поколеба народната поговорка. Па како да се присети нешто се обрна веднаш кон Ѓура:
—    Најпосле, нека биде на твоето. Еве да се предадеме, но ќе треба уште овде да се договориме како ќе се браниме на судот; барем едниот да излезе надвор и да им објасни на војводата и раководителите дека не сме криви и како попаднавме во оваа клопка. Ајде да се фатиме кусо долго кој треба да биде прав, а кој крив пред судот, — предложи Шаќир и веќе скина од метлата две сламки — една подолга — една покуса и ги стисна во раката:
—    Ајде, тегни, подолгата е живот — покусата смрт.
—    Значи, кој ќе ја извлече подолгата, подолг му бил животот, а кој ќе ја извлече покусата — покус, а?
— Така, тргај сега, па после ќе го кроиме планот за одбрана, — рече Шаќир и му ги подаде стиснатите сламки.
Јован се затресе целиот. Раката се подаде и двата прста ги фатија обете сламки, но тој не оптегна веднаш да ја извлече едната. Се возбуди силно и во себе си помисли: „ситна работа — сламка, од која зависи еден живот”. Долго се мисли. „Ама ако ја извлечам покусата? Страшно го штрекна главата, а нозете почнаа да му се тресат.
—    Тегни де, што си се затресол? — го прекори Шаќир. — Неоти ако не тегниш ќе ја остават агите главата? Вака може и да ја спасиме барем твојата та мојата иако отиде.
Јован замижа и оптегна. И кога ја погледна сламката, длабоко воздивна, како тежок товар да му се симна од грбот.
—    Е, твој бил такциратот, — рече Ѓуро со леснина на душата, ама и срам во очите пред верниот другар.
—    Мој бил, мој. И не срами се. Ништо ти не си крив тука. Може гледа господ? Ете, ти досега немаш расипано човек, лели?
—    Немам, одговори Јован — и не мисла да расипуам дури можа со друго средство да се служа.
—    Добро, добро. Ете, крвта од оние јас што ги имам расипано може да ја бара и мојата крв. Правдата нека се задоволи и по овој пат, — рече Шаќир и се помири со судбината што му ја реши една сламка од метлата на бабата Цвета.
—    Ceгa крој го планот ти како да излезиш пред судот прав, a јас крив. Мисли, бидејќи јас сега нема што да мислам, осем ка смртта.
Јован се поразведри и почна да мисли како да се претстави оваа нивна ортачка работа. Почна да си шепоти сам за себе разни неврзани зборови:
Најпосле го праша Крстета.
—    Ќе ги земиш ли ти сите кривици на тебе?
—    Што, да не ми тежат ако измисли многу? — место одговор му постави Шаќир прашање.
— He. Туку да не речеш „јас тоа не го направив, а Јован сака да ми го товари на правда бога”.
—    Остави ги тие марифети сега, ами мисли како ќе излезе за тебе најзгодно.
—    Тогаш вака ќе направиме: Јас ќе ја претставам работата дека слегов в град да и се пријавам на власта оти си дојдов од Бугарија. И така бргу сум дојден, та ќе ги убедувам агите оти не сум ни бил в планина.
И ќе речам дека навратив кај побратимов Јордана да се одморам, а ти дојде да ме бараш и да ме заколиш како шпиун. Мислам дека ќе фати оваа боја, а?
—    Убаво си ја скроил. А кога ќе те прашаат за четата, Организацијата?
—    Се знае — ѓормедум. Јас ништо од тие работи не знам. Бев во Бугарија полјак во Бурилово, крај Софија, ама и таму ме запашкаа овие Шакировци, та побегнав да се запазам во својот роден крај.
—    Мошне убаво. Чок ѓузел, што велат аште. Така нека биде. Ете јас ќе речам дека дојдов да те колам. А за другото понатака лесна работа. Ти ќе кажуваш дека ништо не знаеш, а јас ќе тврдам дека ти си осуден од комитетот на смрт како шпиун и мене ми падна лотата да те убијам.
—    Се убаво, ама оваа пустиња? — се обрна Ѓуро кон Шаќира и му ја покажа пушката.
И нејзе ќе и го најдеме чарето. Бабата Цвета ќе ја суреди. Итака пукавме на смена, и ќе речам дека само мојата пукаше, — го ‘ослободи Шаќир Ѓура и ја викна бабата Цвета, та и ја предаде Јовановата манлихера, а оваа ја смести во сурмето на малото вратниче, каде уште во ѕидањето имаше резерва место за една пушка зад сурме.
Кајмакамот пак почна да вика за предавање. My се придружија муљазимот и бимбашијата; Шаќир врза на пушката едно бело шамивче и го подаде низ прозорчето.
—    Браво, браво, а така де! — повикаа во еден глас сите тројца заповедници кога го видоа белото шамивче и зачекаа да се појават комитите на вратата и да се предадат.
Но во тој момент се истури залп од десетина пушки од аскерот. Шаќир се тргна од прозорецот со продупчен ракав над лактот од еден куршум и почна да вика и псуе:
—    Таков е значи вашиот збор кучиња низедни, со измама сакате да не отепате? — и место предавање почна и тој да стрела.
—    Јалнаш, бре комито, бре, јалнаш од аскерите, бре, синко, бре. Чекајте, не пукајте да се разбереме, — почна да вика пак кајмакамот од зад кале. — Погрешија тие пезевенци, не разбраа работава, — просто почна да се правда.
—    Јалнаш, не јалнаш, ние вам не ви се предаваме живи. Во вас навистина немало вера. Удрите дури можете, ќе удриме дури можеме — им одговори Шаќир и зачеха тие да пукаат, та и тој да им одговара.
Јован се затресе во ќошот од одајата. Таман се поослободи дека ќе ја спаси и сега главата, ете — работата се испрпли! И како што се стискаше на задниот ќош, се довлечка лазејќи до Шаќира и му прошепна:
—    Речи им бре, речи им. Ако дојде рускиот консул од Битола ќе му се предадиме нему, а вам никако.
—    Речи им ти, зошто јас? А знаеш убаво дека агите не го мирисаат Московот, та и на тоа не ќе кандисаат — му одговори Шаќир, малку заинтересуван за својот живот, бидејќи и да се предаде тој има да биде погубен. Дали обесен на ат пазар или застрелан овде во ниското одајче, сега нему му беше сеедно.
Јован почна да вика:
—    Кајмакам, ефевди! Само на рускиот конзул од Битола ќе се предадеме, кога веќе вие не си го држите зборот.
—    He олур, не олур? — праша бимбашијата кој не знаеше македонски да зборува.
Кајмакамот му ги преведе Јовановите зборови и овој се намршти.
Е, баш да не му се предадат на тој пезевенк Московот, анани… ана, — испсува бимбашијата и силно извикна кон аскерот како Чамичауш кон заптиите пред неколку саати.
—    Атеш чуџуклер. Живи да се фатат овие пезевенци.
He требаше повеќе. Од сите страни загрмеа манѕерите, а една група од пет шест заптии и војници нарипаа од ѕитчето за да ги фатат живи комитите. Но и овие веќе беа спремни на секаква изненада, та Јован ја фрли и својата бомба низ прозорчето. На три чекори пред заптиите и аскерот таа грмна и ги покри со густ дим, од кој се слушнаа пискотница и псовки. Кога се дигна димот, во даорот лежеше еден од заптиите, а двајца се влечкаа кон ѕитчето за да се префрлат кај здравите пак на своите места и да го фатат метеризот.
Се замислија кајмакамот и бимбашијата, а веќе и мракот провлече.
—    Ќе гориме вас живи, жими вера, ако не теслимите, — пак се провикна кајмакамот и му ги преведе на турски своите зборови на бимбашијата.
—    Токму така, живи ќе ги изгориме овие пезевенци — ги потврди и овој кајмаковите зборови и веднаш се распореди да се донесе газија и шмркови да се запали куќата.
—    Гореле, печеле, вареле, ние вам живи не ви се предаваме. Нека дојде најпосле кој бил од битолските конзули, ќе видеме, — му одговори пак Јован и си ја приготви и другата бомба.
Престанаа со пукањето и едните и другите, но Турците, таман се затемни убаво, ја запалија племната од комшијата Стевана и целото куќарче го осветлија, та Шаќир и Јован не можеа да го направат предвидениот препад зад куќата и да го скинат опсадниот обрач.
Така ги фати полноќ кога пристигна газијата и шмрковите.
Пак кајмакамот ги повика да се предадат, а овие пак одбија со истиот услов — само на конзул ќе се предадат.
Се чудеа, се умеа кајмакамот и бимбашијата. Црна срамота ги изеде. Илјада души аскер и заптии, не можат двајца луѓе да налегнат, та се принудени да ги горат живи. Што ќе рече валијата во Битола, што ќе рече пашата? Толку ли чурук се кајмакамот и бимбашијата?
Во тоа думање и чудење, веќе и петлите почнаа да пеат. Ноќта ќе прекрши, та не е чудо да довтаса навистина некој од битолските конзули, та да излезе работата по нивното Јовановото и Шаќировото — да му се предадат нему, а тие — кајмакамот и бимбашијата да останат посрамени пред своите началници. И решија да свршат работа со време — дури не е разденето. И и го дадоа огнот на куќата.
Зората забеле откон Будимеш, куќарчето од Јордана Алимаска беше обвиено со црнозелени димови.
Бабата Цвета писна да таже и со една бовчичка в раце истрча преку дворот и падна до самата порта, молејќи за милост. Кога виде дека не стрелаа на неа, се поткрена, ја отсурми и ја отвори едната пола та излезе на уличето. Уште со појавувањето, ја грабнаа кајмакамот и бимбашијата и набрзина ја распрашаа колку пушки имаат, колку бомби и фишеци, но таа кажа само колкумина се, a за другото ги стегаше раменците.
Гредите од куќата почнаа да пукаат, ќерамидите да паѓаат на таванот, но овој не се потпали наеднаш, бидејќи Јордан беше го засипал со земја за да му држи топло зиме. По таа причина огнот во одајчето не можеше веднаш да се појави.
—    He испекоа живи агите, промрмори Јован, тресејќи се во својот ќош, колку нешто да проговори.
—    Ќе не испечат, ако не не испекоа. Слатки ти беа печените брави од Петка во Бзовиќ? — удри на шега Шаќир. — Така кој пече и ќе го печат, кој коле и ќе го колат, ја! Што ти се чинеше тебе? „Јас куртулив и овдека, а? — му потфрли зајадливо Шаќир на Јована, стискајќи ја манлихерката цврсто во двете раце.
Во тоа исчекување да се испечат, веќе и денот фати. Се развиде убаво и кајмакамот се ослободи оти нема веќе да му куртулат комитите. Готови се, печени во вистинската смисла на зборот.
Но дури така Јован и Крсте си ја гледаа страшната смрт во тесното одајче, а кајмакамот и бимбашијата ги трлкаа задоволни рацете, оти за неколку минути или најмногу саат ќе ја свршат и оваа царска работа, по уличето откон битолско џаде се слушнаа прапорци од пајтон, а на местото од пајтонџијата не човек со црвен фес, ами европејска паларија, а до него исто таков друг, со шарен бајрак во раката. Грабињаат двата сиви коњи како да се натрчуваа со самовилите, а двајцата луѓе викаат со страшни гласови:
—    Варда, варда конзул ефенди ѓелди, — и за миг се створија пред портата на Алимасковци. Пајтонџијата ги стегна уздите и коњите се исправија на задните нозе; почнаа вознемирени да тропкаат на едно место, баш пред кајмакамот и бимбашијата.
Уште коњите не смирени, од пајтонот изрипи средовечен господин, спортски облечен, со сива шапка на главата и црн бастун во рацете.
—    He бу, бре ефендлиер? Бен’м Италијан конзули, — се провикна господинот европеец на турски јазик и застана да гледа како огнот ја голта малата сиромашка куќичка.
—    О, ош ѓелдум, конзул, ефенди, ош ѓелдум — Му одговори намрштен кајмакамот на турски, па заврте на македонски. — Добро донесе Ала да свршиме еден голема работа, — и во кратко му ја опиша целата работа со комитите што се во куќава, а не чекајќи го конзулот да проговори, нададе да вика:
—    Еве и ефенди конзулот ваш, бре пезевенци! Ајде излегујте да не печите таму како риби на жар.
Јован и Шаќир веќе се спремаа да му одат на свети Петрета, но кога го слушнаа и гласот на конзулот, просто се здрвија на место.
И веќе конзулот тргна преку дворот со бимбашијата и кајмакамот. Таќир и Јован го видоа и истрчаа низ врата, та се исправија пред нив во дворот.
Конзулот им даде знак да го фатат под мишка и овие се зачипчија за него.
Без ниеден збор, набрзина влегоа сите тројца во пајтонот и пајтонџијата ги сврсна бујните коњи, а овие полетаа преку начичканото уличе со аскер и разен башибозлук што се насобра да види што ќе стане и како ќе изгорат комитите. Истурка неколку души и се изгуби по битолското џаде, а кајмакамот и бимбашијата останаа да се ѕверат по него.
—    He бу, бре кајмакам ефенди! )
—    He бу, бре бимбаши ефенди! ) — ама пајтонот одлета долу Могевите воденици и го фати за неполни три саати Битола.
—    Ах анани!… ах аврадини…!, се изнапсуваа сите Турци оти не ги видоа печени комитите и си отидоа сите по своите места.
Кајмакамот, муљазимот и бимбашијата долго го коментираа случајот со конзулот и се чудеа откаде никна тој човек уште в зори, кој можеше да го извести и најпосле се загрижија од мислата: „аџаба навистина италијанскиот конзул беше тој господин? Неговата светкавична работа така ги замаја, та не се сетија да му побараат некакви докази дека навистина е италијанскиот конзул.
Кајмакамот се присети на случката во битолскиот затвор кога Гоце го насамари мудурот, претставувајќи му се како господин Модијану од Солун, и страшно се возбуди, плашејќи се да не го насамарија сега и него како мудурот во Битола.
Ho овој ред од таа страна беше поштеден, бидејќи кога стигна во конакот затече суварија штотуку беше слегол од црниот ат и му подаде писмо од самиот валија со кое го известуваше дека навистина тргнал италијанскиот конзул на кого ќе треба да му ги предадат комитите, доколку немаат свршено работа со нив.
Издивнаа сите тројца утешно, и по истиот суварија испратија секој на својот началник опширни извештаи за настанот.
Кога пукна Шаќировата прва пушка, a пo неа залпот од Чамичаушовите заптии, Бајракот, Грабула и Гермовчето ги пребројуваа лирите што ги донесоа Јован и Шакир, во темното и тесно одајче кај Грабула. Темниот татнеж ги возбуди и тие нарипаа од местата.
—    Предавство? — извикаа сите тројца одеднаш и летнаа секој на своја страна со една цел — да проверат каде пукнаа тие пушки.
И не им требаше многу да слушаат за да разберат дека грмежите идат баш откај воденичките камења. Сите тројца се створија кај камењето и ја разбраа работата!
—    Предавство — пак повторија и се загледаа в очи.
—    Да се извести рускиот конзул, — изусти Грабула.
—    Ништо друго, — одговорија во еден глас Алексовци.
По половина саат излезе по битолско џаде пајтон само со еден патник и штом го напушти градот коњите летаа долу Алинци, a патникот викаше од пајтонот:
—    Брзо, брзо, Андоне. Нека пукнат со отпрегањето во Битола, ќе купиме други, само да стигнеме навреме.
По се изгледаше дека и пајтонџијата сакаше да стигне навреме макар и цркнале коњите уште неиспрегнати, та не го заставаше камшикот ни минута.
Co грабаница ја претрчаа света Недела и застанаа пред анот на Мита Црнамара отунати во бела пења, а пајтонџијата сиот гола вода од пот.
Изрипа патникот, влезе во анот и за минута две излезе заедно со самиот анџија Мита и со брзи чекори двајцата тргнаа кон саатот; за час се најдоа пред двата конака на свети Димитрија — грчко маало, каде на едниот пишуваше: „Рускии конзулат” а на другиот: „Consulato de L’ltalia”.
—    Кај рускиот велиш? — му се обрна патникот на Мита.
—    Кај него, каде на друго место, — му одговори црниот Мито.
Гавазот на портата ги задржа, но Мито му тутна во раката една бела меџудија и овој, како стар и чест посетител, ги пушти, та веднаш се најдоа пред вратата на конзулот Ростовски. Овој не се изненади кога го виде Мита, бидејќи Мито често идеше кај него за интервенции.
—    Пак некоја каурка грабнале агите? — го пречека Ростовски Мита со прашањето и ги развлече дебелите црвени муцки, бидејќи во тоа време беа зачестиле грабежите на каурки од разни бегови и паши, та Ростовски со владиката интервенираа и протестираа против тие насилија.
—    Големо нешто, господин конзуле, големо. Нека кршат глава каурките, туку сега помагај, — му одговори Мито и во кратко му ја опиша положбата на Шаќира и Ѓура во Прилеп.
—    Аха! — се замисли силниот Ростовски, и стана од столот да се прошета низ широката одаја за да донесе решение по оваа сериозна работа.
—    Ќе појдите, чорбаџи Мито, по оваа работа кај колегата мој — италијанскиот конзул, — промрмори конзулот и седна на масата, та напиша два три збора на француски и му го подаде на Мита книжулчето.
—    Побрзајте, — му рече, — јас денеска заминувам за Стамбол, та не ќе можам лично да ви ја свршам оваа работа.
Мито го зеде книжулчето и длабоко воздивна, правејќи го тажно лицето како да е брат му на умирање.
Конзулот го забележа тоа и го утеши:
—    He жалости се, Мито, и не губи го времето. Ние сме се разбрале со колегите — конзули. Биди ѓенеш, ќе се сврши, море, и оваа работа како што се свршиле толку пред неа!…
И навистина се сврши. Самиот италијански конзул набрзина презеде мерки. Ги извести сите свои колеги, а овие направија заедничка постапка пред валијата и му ставија до знаење дека сите го делегираат италијанскиот свој колега да отиде на самото место и ја извиди работата. Ако ги затече живи „бунтовниците”, тој лично ќе му ги предаде нему — на валијата, да им суди судот, ако имаат кабает.
Но оваа церемонија зазеде доста време, та конзулот тргна дури по полноќ, но сепак токму навреме стигна.

Booking.com