Толе Паша II том – Стале Попов

4.
За сето останато мудурот уште на вториот ден испрати по еден од заптиите, преслечен во селски алишта, извештај до кајмакамот во Прилеп, но петте стотини жолтици го ублажија неговиот гнев, та сета оваа кривица ја префрли главно на стариот свој душман Толе Паша и на комитите од Организацијата, за која тој имаше точни податоци.
Си достоја на клетвата и бесата, та во писмото, не само што не ги нападна селаните, ами навистина ги бранеше.
„Рајата од мојот мудурлук со ништо во овој маскарлак не се провини. Иако понекој имаше да им го каже патот, тие со сила беа земени од тој ајдутин Толета и без оружје одеа, та при првите пушки од аскерот се разбегаа и никаков кедер не направија” стоеше во долгиот мудуров и јузбашиев извештај.
Јузбашијата дури и не бараше зајакнување.
„Доста се двестете мои мамзери за илјада нивни малихери” со гордост му пишуваше Сефедин на својот бимбашија во Прилеп.
Но не излезе така работата. Дури Тренков и другите организациони дејци, по страшните порази, се откажаа од борбата и од нападнувачка поминаа кон одбранбена борба, Толе си остана верен на својата клетва, дадена уште при напуштањето на кошарката од татка му Трајка во Крушевица, дека ќе се бори и ќе коле, тепа Турци изедници, а и нивни помагачи од која било вера.
И навистина, ете и сега, по големиот пораз, Толе пак зашета по Мариово како што шеташе и порано — слободен во своите густи борови гори, па и по своите мариовски села. Се раскара со Бешот и другите организациони луѓе, го протепа во Градешница и самиот селски војвода Гулета, ги тевтиши Старавинци, Вешивци, Грунивци што избегаа од Витолиште и ја почна пак арамиската.
—    Само ако слушна оти сте им дале еден залак леб на ниа коркаровци, сете ќе ве избеса на сретсело! — викаше еден ден Толе во Градешница, покажувајќи и на дело дека ќе биде немилосрден спрема секого како што е сега немилосрден спрема самиот селски војвода Митре Гулета, на кого пред сите селани му удри дваесет и пет стапови по дебелото месо.
—    Ај, орман да вати па сега вој! Малку Турците не глодаа и ќе не глодаат, сега па и од него беља, — се жалеа селаните по селата каде зашета Толе слободно, бидејќи аскерот и заптиите од Витолиште не се решаваа да излезат веднаш по нападот.
Вака, слободен од аскерот, слободен и од Организацијата, со право се наречуваше паша на Мариово.
—    Јас су ви паша, јас су ви валија, јас су ви султан. Од мене друг нема да признавате од денеска натаму — ги повторуваше Толе во секое село овие зборови и бараше да го почитуваат и се однесуваат спрема него како спрема вистински владетел. И со големи почести го пречекуваа, а уште со поголеми го испраќаа сиромаси селаните. Кокошки, јагниња, прасиња, алви за ручек и вечера, зоб за коњот, се се носеше по конаците каде Толе кондисуваше в село, секогаш: тој, Мише Ќосото и белиот коњ во една куќа, а другите седум другари во друга.
Распрашуваше во секое село каде фатија војводите и го следеше нивното движење, a исто така секој ден праќаше по еден селанец во Витолиште да разбере што прават, што мислат Арслан и јузбашијата, нема ли да кренат потери по него. Разбра се што стана во дните по нападот, но не го сожали Мисирлијата, попот, даскалот и другите.
— Арно му направиле кога се баби! Да ми се живи! Mope, кога не и оставиле да висат на јаб’кницата арам да му е верата турцка! — дури им се изнарадува Толе на постраданите витоливци.
Но и Арслан со Сефедина не седеше баш така без работа. Од истите оние селани што ги праќаше Толе да разберат што прави тој, тој разбираше што прави Толе во другите осумнаесет села од неговиот мудурлук. Се разбира, и на едниот и на другиот им служеше нашиот коџабашија Трајко за да ја додржи и тој клетвата дека ќе го помага Арслана, не откажувајќи се да го помага и Толета. И еден ден кога веќе Толе толку се осмели, та дури и му порачаа на Арслана да му го остави и Витолиште како што му ги остави сите други села, Арслан се навреди и реши да испрати една потера со Расимчауш на чело, барем да го подзбрка Толета ако веќе куршум не го фаќа да го отепа.
Од друга страна го заскокоткаа Арслана и Сефедина оние петстотини лири што ги зедоа од витоливци, та добро им дојде Толе да можат да ги уценат и другите села како Витолиште.
Тргна Расимчауш право за најблиското селце Мелница. Стигна по мракот и го блокира селцето, та ноќта ги претепа селаните сите со ред што дигнале рака на царот и ги прибра и тој, како Арслана и Сефедина, оние десетина петнаесет лири црквени пари што ги чуваше чорбаџијата Малче. Се знае, мало селце од петнаесет куќи толку може да плати. Па и грабачот Расим не беше ни мудур, ни јузбашија. На чаушот на педесет војници, доста му се петнаесет лири.
Толе таа ноќ спиеше со Ќосото баш кај тетка му на овега во Полчишта и нареди никој да не го беспокои ноќеска, па макар јузбашијата со сиот аскер да го сардиса:
—    Утре на видело ќе се расправам, кој сака нека иде! — беше последната негова наредба пред спиење.
И навистина така стана. Уште по полноќ дотрча еден од мелничани и стори абер дека аскерот излегол и се наоѓа во нивното селце, но никој не смееше да го разбуди Толета дури не пукна зората.
Толе стана пред зора и го побара Бешот и другарите, а овој на брзина му ја кажа новината и му го доведе мелничанецот да слушне лично од него.
—    He истепаа ноќеска Турците, господин војводо, — му се поплака момчето и му ги покажа сињилата по образите и вратот од Расимовиот камшик.
—    Ќe ве истепаат, зар ќе ви постелат! — му се овргали Толе и на овега, гледајќи во секој селанец плашливец и роб.
—    Каде ќе оди аскерот од Мелница? — праша Толе.
—    Ами, којзнае! Ама, речиси, наваки треба да се ружа.
—    Аха, — си пробрбори Толе и го прати Ќосото да ги собере другарите од конаците, што беа по двајца распоредени.
—    Дури тие нас да не бараат, дајте ние ниј да и пречекаме по Мечи Дол, — им заповеда Толе и го јавна својот бел коњ, та бодна долу низ село.
Уште сонцето не искочи од ридот, Толе со дружината ги фати карпите во Мечи Дол и го опседна тесното патче. Фатија метеризи зад карпите, а Ќосото, како секогаш и секаде, застана зад Толета да го држи коњот. Во случај на неуспех и опасност Толе го клаваше Ќосото зад себе на коњот и така успеваше да излезе од обрачот на потерите.
—    Прво моата ќе пука, после вашите, — им рече како секогаш и се заплати зад карпата.
Нервозно го преседоа Толевци тоа претпладне во жешките карпи, но дојде и чеканиот час.
Расимчауш се напоруча, и сега како сношти, пржени кокошки, мазници, алви и тргна со аскерот за Полчишта. Тргна и запеа:
 He седи, Џемо, слободен, ајде,
Под таа круша горница, Џемо,
Крај таа река Ситница,
На таа нива орница.
Каури глава креноле, Џемко,
Сете мартинки купиле.
—    Ха ха ха! — се насмеа високо Расим кога го испеа стихот: „сете мартинки купиле”, па како за себе гласно проговорид го слушнат и тројцата онбашии што одеа по него.
—    Помина модата на мартинките, море ѓаури, помина. Аламанија наоружа нас со манѕерки, плукам јас на тие ваши мартинки. Само елате пред манѕерките, та ќе видиме кој појунак. — и го продолжи следниот стих.
—    Дегиди, мајке Дебранке, ајде, Каурска пушка не пукат, мајке, Каурска пушка не дупит, Каурска сабја не сечит.
Во тој момент Толе рикна од карпата:
—    Слушај, аго, дали пука и варди дали дупи — и тргна за ногата од манлихерата. Оваа пукна и Расим падна наместо погоден баш во средината на голиот градник.
По него отворија залп и другите Толеви четници, та дури и Ќосото не можеше да се воздржи. И тоа ја отпетла манлихерата и почна да стрела, држејќи ги уздите од коњот наврени на левиот лакт.
Турците спиштеа. Паднаа наместо уште двајца онбашии и двајца војници, а двајца лесно ранети, крвави, побегнаа назад кон Мелница. По нив се назагнаа Толевци со бесно викање и стрелање, та не им дадоа да се вратат во сношното селце, ами со залпови ги избркаа, како овчар волците да не му грабнат некоја овца.
Живите онбашии им раскажаа на јузбашијата и мудурот како ти нападна Толе. По белиот коњ, што јасно го видоа како трча по нив, тие знаеја дека е тој.
—    Тој е, тој Толе, господ да заколе; другите кршија глава, ама тој пезевенк ќе го расипит раетот наш — се изјадува Арслан и почна да се мисли. — „А, ха! Оваа работа не води кон мир во мојот мудурлук”, — си рече сам за себе и го викна јузбашијата кај него.
—    Е, Сефедин ја виде ѓаурската клетва и беса? Ја сега што правиме?
—    А бе, јас знаев оти вака ќе излезе, ама ете, се излагавме двајцата. Да правиме абер и да бараме помош уште некој табур аскер. Навистина срамота од еден батакчија да се плашиме, ама ете, големи планини. Риба во море можеш да фатиш, та и него во оние пустињи?
И правија абери обајцата, секој на својот старешина.
Го собраа целиот аскер и отидоа на местото каде што лежеше убиен Расимчауш со онбашиите и војниците. Бидејќи патот ги водеше преку малото селце Мелница, се вратија во него, но тука веќе жива душа не најдоа. Селаните по сражението избегаа со семејствата и нешто пљачкуринки што можеа да понесат, во пештерите и гората и однаспоред гледаа кога Турците прво ги опљачкаа нивните домови, а потоа се дигна густ дим за да премине во пламен. Мелница го запалија и изгоре до темели.
Првиот „ќеш” го направија Арслан и Сефедин, но оставија голема стража да ги варди труповите на паднатите аскери дури да дојде комисија од Прилеп, а тие со остатокот војска влегоа во Полчишта да ги бараат од голораките селани виновниците за пролеаната крв
—    Тој бре ефенди, тој. Тој беше сношчи овде и од него е ваа работа, името да му се запусте, да рече господ златен! — им објаснуваше полчишкиот коџабашија Илко Рошко, дочекувајќи ги едновремено и двата грбачи — од Арслана и Сефедина.
—    Тој, бе, Рилко, тој, Толе. Ама кој ранит, кој вардит тој Толе, бе ќерата? Зошто давате леб, месо, зошто криете од потерите? Ете што криви вие. Да кажите на аскерот каде кријат тој едепц’з; па да фатите некој ноќ сами да заколите, бре! Да донесите главата мене на конакот, жими вера, потаму не велам вам. Ем ќе дадам десет лири за пиење. А вие раните, вардите него, а тој тепат ли тепат. Е, сега вие ќе оддевате за него. Ќе оддевате. Царот барат лошите луѓе и ќе најдит. Ќе врзам ете тебе, азите, цело село, ќе праќам во Анадол. И ете така ќе сечам жилите и на тој Толе Паша ваш.
Се изнамаваа Турците и на овој коџабашија, аази и повидни селани, ги затворија скоро половината од селаните, зедоа и тука двесте лири, и пак ги пратија сите во Прилеп да ги плаќаат Толевите греови.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *