Откријте го Мариово

 

5.
Извештаите од Арслана и Сефедина не го изненадија прилепскиот кајмакам и бимбашијата, бидејќи тие беа однапред известени за востанието и дури им се израдуваа на овие извештаи кога прочитаа како лесно бил одбиен нападот. Тие за секој случај го известија битолскиот валија и за овој напад во дивото Мариово, но тој тогаш си имаше поголеми главоболии со оние востаници што ја презедоа Баница, Невеска и Смилево, a особена грижа му задаваше Крушево, откаде Никола Карев со своите четници и востаници го напади јузбашијата Сулејмана со целиот негов гарнизон и сета турска власт и ја прогласи Крушевската република. Искинатите телефонски мрежи и железничкиот сообраќај меѓу Битола и Солун, запалените беговски чифлички кули и слами, оружаните напади во целиот битолски револуционен округ, поразите на аскерот скоро во сите операции, му задаваа сериозни грижи не само на валијата и пашата во Битола, туку го натераа сериозно да се замисли и Хилмипаша во Стамбол, а преку него и самиот султан Абдул Хамид.
Навикнат да слуша извештаи за побуни во целата своја огромна царевина, кои секогаш ги задушуваше во крв, султанот го повика својот одговорен службеник за Европејска Турција, Хилмипаша, и кратко му нареди:
— За дваесет и четири часа сакам мир во твојот реон. — А тоа значеше задушување на востанието во неговата прва фаза, во самиот почеток.
И Хилми си ја зеде грижата да ја исполни султановата наредба. Побара, како инспектор за овој дел на царевината, да му ги стави воениот министер на расположение сите гарнизони војска во Македонија и Одринско, а сам се пресели во Сулун, да може отпоблизу Да раководи со задушувањето на востанието. Кога му се видоа малку овие вооружени сили во Европа, Хилми побара зголемување и од преку Босфорот. Падишахот му го испрати Дургугпаша од Измир со неговите Анадолци и така со Алипаша солунски, Бахитијарпаша јанински, Џавидпаша елбасански и Мустафапаша битолски, го направи својот триста илјадит корпус регуларна војска, на која и се придружи целата фанатизирана турчулија од битолскиот вилает, предводена од назловените бегови и агалари, чии чифлизи гореа по леринско, воденско, кукушко, костурско и битолско поле.
Изгореа Баница, Невеска, Крушево и стотици села; проплакаа илјадници мајки, жени и деца, се наполнија затворите со илјадници невини граѓани.
По тој повод народниот пеач ја запеа оваа песна:
Ојти вие агалари,
Агалари пашалари,
Кажете му на султанот
Нека коли нека беси,
Македонија нек се треси!
А пак вие, Македонци,
Запрегнете машка сила
Македонија за да биде,
За да биде што е била
Самуилов црвен бајрак,
Нек се вие нек се носи,
Мечот негов паши, аги
Нека сече, нека коси!
И ги запрегаа Македонците своите машки сили, и се виеше Самуиловиот црвен бајрак, и сечеа нивните мечови, и косеа манлихерите на дружините од Питу Гули, Ордан Пиперката.
Притиснати од силите на Дургут, Али и Бахтијарпаша од југ, од оние од Џавидпаша од северозапад, сите востанички водачи се најдоа еден ден баш во ова Толево Мариово, каде тој во вистинска смисла на зборот пашуваше. По случката со аскерот во Мечи Дол, мудурот и јузбашијата не посмеаја да праќаат потери по него додека не добијат уште некој табур војска од Прилеп. Востаниците ја разбраа оваа положба и побрзаа да се склонат во оваа непристапна област, чии паша, Толе, не признаваше ни цара ни везира, ниту пак некакви горски штабови, началници и војводи.
Така бркани од силниот аскер членовите на востаничкиот штаб — Сарафов, Гарванов, Тале поп Христов, Лука Џеров (без Дамета), со стотина свои истоштени четници, — седеа еден ден под широките ели на Копанките, под самиот врв Кајмакчалан, длабоко замислени, не знаејќи какви мерки да преземат барем нивните глави да ги довардат.
—    Во тешка положба се наоѓаме, — рече, длабоко издишувајќи се, Гарванов и се налакти на десниот лакт. — Аскерот ни иде по трагата и бргу ќе не открие. За некаква сопротива, ми се чини, ни збор не може да стане. Момчињава толку се истошени, та ни оган не ќе отворат.
—    He џанум! Каква сопротива, какво сражение по сево ова. Туку да бараме некое чаре, да се поприбериме поблизу до границата, да видиме ќе има ли некоја надеж оттаму или да се прибираме внатре, — проговори како со туѓа уста Тренков.
—    А на кого ќе го оставиме народов? — со тага процеди преку заби Сугарев, на кого му се придружи Џеров.
—    На кого?… На тој што го имаше и досега, — на султанот, — потфрли и не сакајќи Сарафов, кој веќе беше решен да се прибере во своето гнездо во Софија, каде што го чекаше пријатен пречек на неговите работодатели и награди за успешно свршената работа.
Во тој момент еден овчар, од кого разбраа дека во овој крај уште нема потери, доведе еден Мегленец, селанец од Пожарско, кој штотуку си дошол од Воден, испратен со специјална порака до самиот востанички штаб. Пораката беше усна и гласеше:
Се слуша дека Хилмипаша веќава бераети за сите оние востаници што немаат крвни злочини. Да се вратат по своите домови во срок од десет дена; нема да бидат земани на одговорност ни прогонувани. По овој срок аскерот ќе ја продолжи својата работа и власта не ќе има никаква милост спрема сите оние што не ќе се теслимат.
Овие зборови им дојдоа како мевлем на рана на членовите на штабот. Борис подрипна од местото:
—    Во добар час дојде, момче, Седни, седни одмори се. Или, оди кај четниците, барај нешто за јадење ако си гладен! — му рече тој на момчето повеќе да го отстрани од нив, отколку што мислеше за неговиот умор и глад.
—    Слушнавте? — им се обрна Борис на другарите. — Одлична идеја ни даде момчево. Ќе ја пренесиме сега ние оваа новина до сите наши војводи и началници и ќе им соопштиме дека штабот е известен од самиот Хилмипаша оти дал веќе амнестија, та во срок од десет дена нека се предадат сите наши луѓе, а ние што побргу да ја фаќаме границата.
—    А колку е точна таа вест што ја донесе момчето? — направи забелешка Лука и страшно се намршти.
—    Верна неверна, тоа се стори, Луко. Ние не смееме да заборавиме дека нашите глави и понатаму ќе му требаат на овој народ и мораме некако да ги спасуваме.
—    Тешко му на народот со нас! — иронично потфрли Сугарев и ја удри главата в земи. Се позамисли малку, стана со манлихерата в раце и луто, сиот возбуден викна:
—    Јас, господа војводи, не се покорувам веќе на вашите наредби и од денеска не идам со вас да ја спасувам мојава глава. He ја напуштам родната земја дури главава стои на рамената. Па и откако ќе ја пресече душманот сакам таа да лежи во оваа земја што се напои овие дни со толку маченичка крв. Збогум за навек, народни предавници! — плукна пред Бориса и се оддели од нив, цврсто решен да не го остави народот во најтешките страдања.
Овчарот се изгуби, момчето што го донесе извештајот за амнестијата си ја нарами торбичката и си киниса, ветувајќи им на војводите дека нема да ги предаде на аскерот.
Предвечер стана една мала тревога во штабот. Борис со биноколот забележа како откон селото Будимерци се движи народ; препозна дека не се селани, ама не личеа ни на аскери. Пред овие луѓе јаваше човек на бел коњ, по него три четворица на маски, a остатокот од пет шест души наоружани, но измешани со селани мариовци со бели гаќи и широки кошули.
—    Што ќе бидат оние луѓе, аџаба? — му се испушти од грлото, а вилиците веќе му се затресоа. — Да се аскер, не се аскер. Сигурно некој башибозук од Џемаилбег од Агларци, — им проговори на другарите и сакаше да даде заповед на војводите да ги соберат четниците и да се истават повнатре во гората дури да фати мракот, па потоа да се влечкаат некако кон исток.
Но во тој момент се зададе пак овчарот со насмеан сурат. Се приближи, им ги покажа луѓето што идеа:
—    Го гледате Толе Паша на белиот коњ? На војводите им се олесни на душата.
—    Како Толе Паша? He се потери по нас? — го прашаа двајца од војводите овчарот.
—    He џанум! Какви потери! Јас лели ви реку дека кај нас ошче нема потери. Толе е ној на белиот коњ, токо ниа шо вјаваат по него не знам кои ќе бидат. Ошче сабајле јас прати едно од децата да му стори абер на Толета оти сте тука. Таква заповед од него има, шо ќе видиме во неговиот реон да му чиниме абер. Тешко на тој мариовец шо не ќе а слуша и најистната негова заповед. И ене го, иде да се ставе со вас, да виде кој сте и кај одите.
Додека овчарот расправаше за Толевите подвизи, додека војводите се советуваа како ќе се држат со Толета, додека го утврдија планот за амнестијата, Толе со дружината се зададе на чистината од преслопта. Овчарот зави како волк, а детето ги поведе луѓето кон елакот каде што седеа Борисовци. Толе го бодна, просто го разигра белиот коњ и дотрча прв. Го запре кошот пред нив и со еден сожалителен и презрив поглед ги измери сите војводи, па громко ги поздрави.
—    Добровечер, господа војводи! Добре дошле во куќата моја!
—    Добровечер, Толе, добровечер, домаќине, — го отпоздрави Апостол кој многу ги ценеше овие самородни и смели борци и војводи во чиј ред и тој спаѓаше.
—    Каде вака, бре браќа, без препита и изим влегувате во туѓи куќи? — почна Толе половина на шега, половина навистина.
—    Е, море, дојдовме, Толе, ете, без изим, туку ќе проштаваш. Па да видиме и што домаќин си, што паша си, — почнаа Гарванов и Сарафов на шега.
Дури Толе го водеше овој разговор пристигнаа и другите коњаници со пешаците. He малку се изненадија и едните и другите кога им се сретнаа погледите и си ги слушнаа гласовите.
—    Ооо! Добровечер, Борисе, Апостоле, Иване, Луко, Василе… добровечер, бре другари! Be донесе ли господ да се видиме живи здрави по победата? — иронично се провикнаа Пере Тошев и Петре Ацев, коишто заедно со Тренков, Коле Пешковчето, Шаќира, со целата своја чета се прибраа во Толевиот пашалук и се ставија со Толета, молејќи го да им осигура заклон и леб, бидејќи народот почна да ги отпадува од себе, а тие немаа морална сила да го повелаат како порано. Скоро сите организациони луѓе или беа тргнати со нив, или се криеја од нив за да не паднат в очи утре кога ќе нападне аскер. А обичните селани не сакаа да слушнат за некакви чети и војводи. Дури им претеа дека ќе чинат абер на аскерот во Витолиште и Битола, како и што го направија на многу места.
Толе на очи ги измаскари Перета, Тренков и Ацев, а особено неговиот бивш секретар Шаќира што побегнаа од Витолиште; ги потценува и понижува со разни епитети: кокошкари, мазникари, но си ја зеде грижата да не ги даде в раце на потерите и на смртта од глад, та така од една висока точка се постави како нивен заштитник. А кога му стори абер овчарчето во Будимерци дека нападнале и други чети во неговиот „пашалук” тој ги поткани прилепските војводи да го придружат, да видат кои се овие сега што нападнале во Мариово.
—    Сигурно некои коркари како вас, — не престануваше Толе да ги навредува.
—    Останавме, ете, живи, но желни да тргаме и понатака маки, — одговори Гарванов за сите.
—    Е камо ги бре другари, триста илјадите бајонети и пушки в грб на аскерот? — ја започна Пере кавгата.
—    „Камо ги”… Чекај, уште не е доцна, може и тоа да биде. He брзај, тебе многу ти се брза насекаде, — му одговори осорно Борис.
—    О, ох! Брза да ве однесе, што го зедовте народот на врат, да би аир во очите не виделе. Што стана. Ајде, кажувајте! Вие сте раководството, горскиот штаб; што ќе правиме сега, а? Ќе ја продолжиме борбата, да паднеме побргу да ги платиме гревовите или ќе се криеме во глувчева дупка?
—    Е, море, таа се стори што се стори, другари, — почна Борис сериозно. — Туку сега да ви одговориме ние, штабот, на вашето прашање:
Штабот, гледајќи ја безизлезната положба зеде решение четите да се расформираат, луѓето да се приберат, оружјето да се запази по складови, бидејќи само така конзулите обеќаваат амнестија за сите оние што немаат крвави престапленија. Таквите луѓе можат да се приберат по домовите без да бидат земени на одговорност само затоа што по некоја случајност учествувале во востанието. Тоа нешто, ете, и ние, штабот го прифативме и решивме да ги ослободиме од секаква обврска таквите наши луѓе, да си одат по дома и да си ја гледаат работата. А ние, се знае. Ќе мораме да се прибереме во внатрешноста да видиме што ќе стане.
—    Слепило, слепило во очите да ви застане, другари, слепило! Ама верувате ли вие во таа амнестија и во турската милост? — пак започна зајадливо Пере.
Од збор на збор се скачкаа уште тука Борис и Пере. На Борисова страна покрај Гарванаов се придружи и Тренков, Чакаларов а на Перева страна покрај Ацев, Шаќира, им се придружи Лука Церов, и други. Така се направија два противнички табора.
Четниците се насобраа и ги слушаа кавгите, та и тие се накострешија едни на други.
Борис испадна и пред четниците со решението на главниот штаб.
—    Другари, — се провикна тој. — Штабов наш денеска доби абер дека султанот дал башлама за сите оние востаници што немаат лично крвави злочини. Од наша страна, од страна на Организацијата, слободни сте да си одите по вашите домови без да бидете во опасност од уќуматот. Кој сака да иде со нас во Бугарија, нека остане да ги делиме маките додека ја префрлиме границата!
Многу од четниците и востаниците, што одеа и со едната група, и со другата, одвај го дочекаа ова соопштение. Дури не сакаа ни збогум да им речат на своите досегашни началници војводи. Си ги нарамија пушките и кинисаа да ги делат страданијата со своите блиски и роднини в село.
Други, попроѕирливи, ја разбраа работата дека војводите сакаат да се откачат од нив; длабоко се замислија и почнаа да јачат:
—    Е, е, се виде таа, џанум, оти не оставате на агите, туку ајте ми со здравје. Ако дојде редот пак да ни солите памет од преку граница, тогаш ќе се прашаме! — одговори еден од Борисовите четници и помина во другиот табор, инстинктивно чувствувајќи кој е со народот, а кој против него.
—    Другари, четници! — се провикна потем Пере. — Нашиов штаб, како што слушнавте, ќе се прибира во Бугарија, да ги спасува своите глави. Од овој момент тој за мене веќе не постои и ништо не ме обврзува спрема него, бидејќи тој ја изневери борбата на народот. Затоа јас останувам овде, во земјава наша, да го поделам злото со народот. Кој сака чесно да умре за тој излаган и намачен народ, нека повели со мене. Предавниците нека си одат кај нивните господари и нека се гордеат со своето предавство. Но затоа нека знаат дека народот ќе им плати на сите по нивните заслуги.
—    Многу се затрча, Пере. Немаш право никого да навредуваш кога и сам гледаш дека друг излез нема засега од ситуацијава, — почна да протестира Сарафов.
—    А кога Пере лачкаше во Смилево, што велевте вие сите тројца, бре другари? Камо ви го подготвениот народ да се бори? Камо ви го оружјето од братска Бугарија? Камо ви триста илјади бајонети и пушки? И да не навредувам? Mope, пиштолот за вас, крвници народни, што го фрливте народот сред оган и сега го оставате да се пече, бегајќи да не ве привлече и вас на жарот да изгорите. Ќе избегате сега, но народниот гнев ќе ве стигне па и во глувчева дупка да се скриете! — Се изнавика Пере и којзнае дали не ќе ја дотераа работата до оружје да не се испречи на среде Толевата огромна фигура. Co сила што чувствуваше дека е непобедлива, со гордост на слободен и независен од никого, со право кое никој овде не можеше да му го оспори, тој се замеша во разговорот. He се замеша, но просто заповеднички извика:
—    Доста од обете страни! Јас не ве стави да се карате и еден со друг да си и вадите очите, ами да ве зас’на од потерите и да ви дада по парче леб да не умрите од глад. Шо беше за правење — се направи. Направите од кука нога — од камен глава. Се виде таа, шо се виде, но ако сакате да протутните ошче некој ден и друг, кавги неќу да слушна. Инаку, кршете глава од мене! Барајте си меќан надвор од мојот реон, — и им се обрна на неговите арамии:
—    Чуте шо реку? Дури ќе бидат мирни, нека се врткаат вадева, ќе му се носи потроа леб. Почнаа ли да матат вода во аван, се знае. Ронка леб нема, а и оружјето долу. Тој е законот на Толе Паша во Мариово.
Ги слушнаа овие громки зборови и едните и другите и ја прекратија кавгата. Еден прост овчар селанецот Толе Кулиќев ги умири сите востанички водачи со два збора.
Дали Толе можеше да го изврши тоа што го рече? Никој во моментот не се сомневаше, бидејќи и едните и другите бараа уточиште од него, а тој ја имаше уште силата и авторитетот во народот за да го направи реченото. Тоа го почувствуваа сите и не се сомневаа дека Толе што зборува и прави. Тоа Толе стотици пати со дела го имаше потврдено. Затоа престанаа и се покорија на неговата заповед.
—    Добро, Толе, добро. Само уште некој ден ќе ти бидеме гости, не плаши се нема многу да ти додеваме, — му одговори Гарванов божем навреден од неговата остра постапка.
—    Ден, два,три — за мене е сеедно, но сакам да се слуша мојот збор во моата куќа, — беше последниот збор на Толета по тоа прашање.
—    А сега, ако су јас домаќин и ме почитувате за таков, повелете сете кај мене в село на госје, — ги покани Толе сите и си го јавна Белчето.
Тој напред, четите по него — ги одведе во Будимерци каде што навистина им приреди пријатен одмор. По два дена ги одведе во соседното село Градешница каде преседоа четири до пет дена и добро се одморија.
Но за подалечен пат не можеа да се решат. Сите извештаи што идеа, а тие идеа со помошта пак Толева, кажуваа дека аскерот систематски го претресува секое село, секоја куќа, та дури секоја смрека и грмушка по мегданот и прави неопишани зулуми над населението. Од некакви башлами и бераети нема ни трага. Вардар се пази од синџири — аскер, границата е преплетена со жив плет од башибозуци, та изглед за префрлање не можеше да се наѕре за скоро време. Затоа нашиов штаб не се решаваше да го напушти овој сигурен меќан во Толевиот „пашалук” — Мариово.
Од друга страна пак почнаа да пристигаат лоши гласови и за оваа оаза.
Дургутпаша ги очистил костурските и битолски планини, Џавидпаша кичевските, Бахтијарпаша свршил со Крушево и сите тројца се собрале во Прилеп и им ја нашле трагата на водачите од востанието.
—    Каде можат да бидат на друго место ако не во Мариово? — го изнесе своето мислење Џавид кој имаше долго искуство во бркањето на арнаутските качаци по Албанија.
—    Мариово, Мариово. Зар таму нема да ги најдеме? — проговори Дургут и му се испули на Бахтијара.
—    Ќе си ја земиш ли ти таа грижа со твоите Анадолци да ја свршиш уште таа работа? — го праша Дургут Бахтијара, што требаше во исто време да значи и заповед за акција, бидејќи Дургут беше главен заповедник на сите овие вооружани сили.
И си ја зеде Бахтијар грижата да го докусури востанието со фаќањето и ликвидирањето на самиот востанички штаб, кој по сите сведенија беше склонет во непристапните мариовски планини. А сведенијата беа, ете, точни. Токму тука се најдуваа сите раководни лица на востаничкото движење. И Бахтијар со четириесет илјади души аскер тргна да брка четири стотини души востаници.
Претпазливо, како секој искусен стратег, ги распореди своите единици од Скочивир до Беловодица и почна претрес по целата Селечка Планина и Смечот. Само тој со три илјади души кондиса во Маково, давајќи си ги своите наредби на потчинетите бимбашии, јузбашии, чауши, башчауши и други воени лица. Откако ги претресе селата по левиот брег на Црна, дојде редот и на Толевиот „пашалук” — старо Мариово, по десниот брег на Црна.
За овие дваесетина — триесет дена Толе организира известувачка служба од сите села, та уште кога Бахтијар излезе од Прилеп, тој ја разбра работата. Од Крушевица негова дотрча братучед му Петко и се му раскажа.
—    Значи, ќе ме газат и мене агите! — си промрмори тој и им ја пренесе новината на војводите во Градешница.
—    Ами чаре, Толе? — почнаа да се тапкаат Сарафовци и компанија.
—    Чарето тоа е. Да се ваќа орманот: Кравица, Добро Поле, Соколот; ако може мајката планина да не зас’не — им советува Толе и ги изведе еден ден на врвот на Соколот, на границата меѓу Мариово и Меглен, та ако дојде зорт, да можат да се преметнат некако во Пајак.
Фати врска со Саботско и Воден. Цела Караџова врие од аскер, а Мегленските Турци станале сосем кучиња по комитите. На исток Тиквешијата — бетер. Повеќе беља од башибозуците отколку од редовната војска. Тиквешките и Мегленските потурченици — помаци — ги надминаа азијатските Турци од битолско прилепското поле со своите зулуми над своите еднородни браќа само од верски фанатизам и материјална корист — пљачка.
Од северозапад Бахтијар го стега обрачот, југоисток го држат башибозуците со тиквешките и мегленски гарнизони, и така востаниците немаше каде да се издутнат без борба.
—    Овде, другари овде. Ако орманот не не спаси, отидоме кај свети Петрета, — им советува Толе на сите раководители на пропаднатото востание и им ја покажува цуцката „Соколот” со густата елова и букова гора.
    Е, море, тука тука. Било речено да ги оставиме коските по овие пустелии, нема што — тажно промрморија скоро сите Сарафови приврзеници кои до пред некој ден мислеа дека се веќе надвор од опасноста и скоро ќе се најдат „во слободната мајка Б’лгарија” да ги понесат венците за услугата што му ја направија на Кобурга. Но не излезе така лесно како што го предвидуваа тие. Бахтијаровите Анадолци во верига ги претресуваа не само селата, колибите и пештерите каде што можеше човек да се заклони, ами и сите смреки и грмушки, небарем зајаци бараа.
—    Вар комитлар, бре ќерата? — беше првиот збор што му го проговараа на секој човек, му удираа по неколку кундака и го собираа со нив да им ги каже комитите. Страшно се лутеа офицерите и чаушите ако некој од селаните речеше: „јок”, на таквите им удираа стопати повеќе бој отколку на тие што велеа „вар”. Тоа селаните го пренесоа едни на други и за да не јадат бој скоро сите одговараа дека има комити. А кога Турците прашаа: „нерде ди?” тие ја покажуваа со глава и раце пространата планина со еден единствен збор: „балкана”.
И навистина таму беа комитите, во „балкана”, ама во кој „балкана” Турците сакаа да знаат и да ги најдат. Затоа и ги собраа сите селани од деветнаесетте мариовски села да ги бараат заедно со нив.
Овие пак, по советот на Толета, ја фатија крајната точка од тој голем „балкана”. На врвот на „Соколот” ги фатија карпите и зачекаа да им дојдат потерите.
—    Така, господа војводи! Овде ќе се чукнеме со аскерот и ќе го скинеме обрачот. Тиа шо ќе останат живи со трчанка да a преминат Црна и да а ваќаат наа висока тумба преку река. А гледате ли? Највисока е од сете ридишча на Селечка, — им го правеше Толе планот и им ја покажуваше високата чука „Маргара” над селото Чаниште во мало Мариово.
—    Аскерот е сиот одоваде река, та ќе можеме да се поиздишиме и да поразмислиме за понатака.
Но потерите не брзаа. Расчистија прво со селата и почнаа систематски да ја претресуваат планината, така подробно и полека, што поминаа веќе две недели, а уште не стигнаа до комитите.
—    Што ал правиме за леб, бре Толе? — почнаа да се тапкаат војводите кога погладуваа два три дена, бидејќи се што носеа резерва на шесте маски се изеде.
—    Е, леб, вода, тоа е господа. Ако сакате да се откриеме побргу, да пратиме некого од четниците, но само побргу да се откриеме, a за донесување леб ни збор да не става. Селата се сардисани, луѓето изловени, кој ќе ти даде сега леб, та остави шо нема од каде да го дадат. Онолкава ордиа се нарануа ли со леб? Сигурно се имаат изедено агите — им одговараше Толе, но како да се присети нешто, па рече:
—    Има ошче еден начин да се нараниме некој ден и друг, само којзнае дали ќе кандисате.
—    Mope, само кажи, не гледаш оти умираме гладни,, та не ќе сме кандисале!
—    Се наоѓа ли ошче малку сол? — праша Толе.
—    Има уште петшест оки — одговори еден од четниците кој беше одговорен по снабдувањето.
—    Тогаш, другари, не чудете се. На ден по една маска, ќе протутниме ошче печес дена, — се провикна Толе и сам стана да ја заколе првата маска.
Ја сварија само на вејки и пламен и глоднаа по некој сто драма маскино месо, мрштејќи се скоро сите од мислата дека на маската и е татко магарето, чие месо само волците го бендисуваат.
—    А што сме ние ако не волци? — потфрлаше Толе на оваа забелешка. — Да сме домаќини ќе си седиме дома и ќе јадиме шо јадат домаќините, а планината лебами не paѓа леб. Затоа, шо ќе најдиме — тоа ќе јадиме.
И јадоа шест дена маскино месо. Борис и Пере пак се зајадоа.
—    Како ти се чинеше тебе?    Викаше Пере. — Ќе му се загниме на агата и во два дни ќе го претераме преку Босфорот, а ние ќе се распиштолиме во Македонија. Е, ех! Колку пусти гаќи ќе останат дури да се напади агата! Ама ете, ги изедовте триците во Смилево, та ќе ги плаќаме сега греовите сите, и криви и прави.
—    Ти, Пере, не можеш да дишеш ако не зајадуваш, — го опомена Гарванов, заштитувајќи го секогаш и секаде својот побратим Сарафова.
—    Оставете ги зајадувањата, ами да поразмислиме за главите, оти ене и агите, веќе наближуваат, — ги прекина пак Толе сред заострениот разговор. — Тие веќе знаат дека сме вадева, но точното место ошче не им е јасно. Сега ќе требе голема тишина од наша страна, да не не разберат оти сме на цуцката и да се соберат од сите страни, да го зголемат обрачот та да не можеме да го скинеме. Вака како шо одат, разредени, лесно ќе се издутниме. Според мене и мојот мариовски ум требе ние да слезиме малку под цуцката. Да истуриме една чета од стотина момчиња; некој од нас да излезат напред, со готови бумби за врлање. И кога обрачот ќе дојде до ниј да му и отпетлаат бомбите одеднаш. Тие ќе се стаписаат лево и десно, останатите триста пушки ќе припукаат одозгора и бумбашите ќе го претрчаат обрачот, ќе се распрснат во стрелци зад грбот на потерата и ќе дадат оган со своите пушки. Дури да се приберат крилата одлево и оддесно, ќе претрчаат и главните наши одреди и со бегање ќе му се издутниме. А зад обрачот нема голема сила што би не задржала. Така ноќеска ќе а ватиме Маргара, како шо ви реку, та ќе најдеме и некој комад лебец од Чанишча. Навистина, Маково е близу и Бахтијар има резерва војска, ама не ќе може така лесно да разбере дека сме му отишле на госје, — го заврши Толе својот план со извесен хумор на крајот.
— Добар ти е планот, брат Толе, добар. Ти си стар мајстор за синџири кинење, — му поласка Сарафов и ја даде наредбата да се постапи по него.
Манол Розов, Коле Пешковчето, и самиот Толе со неговите арамии доброволно се јавија да ги предводат бомбашите. И дури се спремија, ги расподелија бомбите, ги спремија багажите и навртеа под цуцката да го заземат положајот, денот веќе попрекрши, а и потерите веќе наближија. Четниците, засолнати зад карпите можеа веќе да ги забележат претстражите од потерата како се вовираат низ честарот, собрани во групички по три четворица, но држејќи врски меѓу себе. Главниот обрач идеше со пушките на готово по нив. Толе и тука даде наредба да го чекаат него за команда. Тој излезе десетина метра напред со своите осум души и коњот и фати здрава пусија, оставајќи го Ќосото со коњот на два метра зад себе.
Потерата наближи на домет. Четворицата војници и еден селанец како да наслутија нешто и позастанаа. Почнаа да се ѕверат низ честарот, погледнувајќи ги своите другари лево и десно, а селанецот го забележа Белчета во букашот, си ја поткаса долната муцка и подзина да викне, но во тој момент Толевци изрипаја од карпите со страшен натприроден вик и ги фрлија готовите бомби кон групите. He дочекаа ни да експлодираат сите бомби, се назагнаа кон збунетите војници, кои препалени од настанот летнаа еден преку друг надолу и се изгубија.
Се разнесе грмогласно „ураааа!” од четиристотини грла и залпови од пушки. Гората екна од грмежите на бомбите, а доловите го презедоа татнежот и секој за себе го повтори.
Јурнаа напред сите четиристотини востаници со еленска брзина, но во тој момент сета гора загрме. Потерниот обрач се запали. Секој војник почна да стрела во правецот откаде идеа гласовите и грмежот на бомбите. Обете крила се умножуваа, стрелаа бесцелно само да се јават, да не удрат на нив комитите, та за некое задржување никој не мислеше. А кога се собраа по стотина души на секое крило, разбраа дека обрачот е скинат и дека бегаат комитите низ тој процеп. Сите почнаа во тој правец да стрелаат и псујат.
Толе го јавна коњот на седлото, со Ќосето зад него, и му ги забоде мамузите во ребрата. За’ржа и тој, врисна како пастув по кобила, носејќи ги двајцата низ стрмните урвини. По него летаа бомбашите, по нив фрчеа куршумите од залегнатиот аскер, дури еден од стотиците куршуми не го погоди Манола и тој на место остана да ја цеди крвта што му штрекаше од двете слепоочници.
По бомбашите се извлекоа сите четници и војводи со исклучок на Лаќи од Магарево, Тодор од Арматуш, кои во последниот момент паднаа малку подолу од Розов.
По половина час, откако се поутишија пушките и викотниците низ планината, на врвот од Соколот засвире аскерската бурија. Бимбашијата го собра аскерот и до самиот мрак вршеше иследување и ги бараше виновниците за неуспехот. Тука и преноќуваа, варејќи манџа во комитските казани и чудејќи се на остатоците од маскините глави.
А патот на востаниците веќе се знае: Маргара над Чаниште.

Close Menu