Откријте го Мариово

 

6.
—    Што стана, бре Иге, попе, Милане, Тоше? Што направивте овие дни овде? Имате ли некои врски со Перета, Петрета? Кај фатија тие мажи? Ја ослободивте ли пуста Македонија? — ги засипа со прашања Ѓорче Петров во еден од првите септемвриски дни беловодичките раководители Игета, поп Пана, Милана и Тошета, кој со сто и триесет момчиња и осум маски џебане се проби низ Кратовско Кумановскиот реон, го прејде Вардар над самиот Велес и преку Азот ја фати Бабуна, да може некако да помогне, ако е за помогнување.
—    Што направивме, Ѓорче брату, што направивме се виде! Од кука нога — од камен глава, ете што направивме! Направивме тоа да не можеме, ете, цел месец да се прибериме дома, им го дадовме оганот на нашите села; ги оставивме жените, децата и старците да се тресат на пепелиштата, а луѓето ги фрливме по темниците да скапуваат. Ете што направивме! Земи каменот — столчи ни та главите прво нам овде, па после оди расправај се со Борисовци, Перевци, Петревци и Тренковци твои — му одговорија Иге и поп Пано во еден глас и ги нурнаа главите ничкум, небарем тие беа главните виновници за несреќата што ја постигна нивната Беловодица и сите други села во Македонија.
—    Пропадна, значи, секаде работата?
—    Пропадна! Пропадна ами не! Co гола рака се фаќала, аџаба, змија? Го фрлија народот во нерамна борба, сега ќе ги плаќа нивните грешки, ќе страда до страдање.
—    А кај се сега нашите војводи, имате некоја врска или ве распердушија агите?
—    Кај се! Кој ги знае кај се! И ние ги бараме, ете! Се поврткаа некоја недела онаму по Мариово и овдека по Ливада наша и кога им се поткажа Бахтијарпаша, рекоа дека ќе ја фаќаат Бабуна на велешко, ако можат да се извлечкаат некако, може ќе ја фаќаат Бугарија. Така им предлагаше Јордан, ама Пере и Петре не му дадоа збор, та кој ги знае, таму ли преметнаа или пак ја прејдоа Црна, да го фаќаат Кожув и Пајак.
—    Е, ех! Што трици изедоа тие Тренковци, Сарафовци, Гарвановци никогаш народот нема да им прости — длабоко се издиши Ѓорче и се замисли.
—    Значи, немате никакви врски со нив? — пак запраша.
—    Од еден абер дека се врткаат вадева Бабуна или старо Мариово друго не знаеме, но ќе разбереме.
Бахтијар го претресе мало Мариово одоваде река и не се слушна да удрил на нив. Значи, тука се на двете места, ако не се извлечкаа преку Кожув или Паек, ама не верувам. Па кој ќе ни каже и нам? И ние како волци се криеме по овие наши ридишта. He бараа потукум и нас, но не се прибравме, a не тргнавме тогаш ние со нив макар Јордан да не канеше да одиме во Бугарија, да сме се одмориле. Каква срамота за нас, Ѓорче, каква! Ја свршивме овде големата работа, та да одиме Бугарија да сме се одмореле! Туку, ете, се стори грешката, нема што! Жив в земи не се влева! — се искажа селскиот работник Тоше и тој отепан од судбината што го постигна после пропаѓањето на бунтот.
—    Сакам да се ставам со нив, другари, и ќе ве молам да ми помогнете колку што можете — ја упати Ѓорче својата молба кон овие свои стари познаници и организациони луѓе.
—    Помошта наша мала ќе биде, но кога веќе си дошол, ќе ги бараме заедно.
Во тој момент Црна почна подмолно да јачи. По неа екот го прифатија и долиштата.
Слушајте,   слушајте!   —  му се испушти радосен извик на Ѓорчета.
—    Уште вријат бомбите. Значи не се налегнати сите наши борци!
—    Сигурно ги нагази негде Бахтијар по Ниџе, Крвавица и Добро Поле — се приближи поп Пано до вистината.
И кога ги начулија сите ушите, навистина татнежите идеа откон  Добро Поле, во чија близина се наоѓа Соколот, каде што нашите востаници навистина беа откриени од потерите и уште даваа сопротиви, та дури и се извлечкаа од обрачот со незнатни жртви.
—    Ќе ги најдеме и ние нели ги најде Бахтијар, — му проговори Иге на Ѓорчета:
—    Тие што ќе останат живи знаат дека овдека поминаа потерите и ќе ја прејдат Црна ноќеска, ќе не побараат нас. Кај ќе одат на друго место. Отсекаде врие аскер.
Ѓорче се замисли и долго ги слуша грмежите од бомбите. My се стори дури дека го гледа и чадот од нив во гората под Добро Поле. Најпосле, се тргна од мислите и, како да се присети нешто, им се обрна на беловодичани:
—    Знаете што, луѓе! Дури да ве бараат вам тие овде, јас велам ајде ние ноќеска да ги побараме нив. Сигурно ќе прејдат ноќеска на Скаклевите воденици и ќе ја фаќаат „Висока” ја „Смечот”. Но ако знаат, а сигурно знаат дека е олабавена Селечка, сигурно ќе гледаат да ја фатат неа, а оттука да се влечат кон исток.
—    Право ти е предвидувањето, брат Ѓорче! Ако немаш шубе да навлегуваш во Бахтијаровата ордија, нека биде и така. Ние ќе те одведеме до Писокал, Висока, па ако сакаш да ги видиш шаторите на Бахтијарпаша, можеме да те приближиме и до нив, да ја фатиме Маргара и ќе ти дојде Бахтијар како на тепсија под тебе. Само да не е ризично, оти сигурно тој не е останат сам. Секако држи околу себе барем три четири илјади души аскер.
—    Ризикот е ризик, попче. Ние сме тргнале на ризик. Но главно е да се сретнам јас со нив.
И навистина се сретна.
Уште истата вечер Ѓорче тргна со остатокот од својата чета и беловодичките раководители по самиот срт на Селечка. Околу полноќ беше на Будимеш, откаде преку ден во Прилеп се гледа и движењето на луѓето, но ноќта ги криеше и белите ѕидишта, та Ѓорче само си претстави во умот дека тука, долу, негде во темницата, спие неговиот Прилеп, та ни една светилка нема да светне. A тој чекаше баш од него — од Прилеп да светне сонцето на слободата. Застана за минут наместо, замолча небарем одаваше посмртен почит на паднат херој, а потоа си промрмори.
— Ах, Прилеп, Прилеп! Оросписки град. Пред дваесет и пет години ти собра потписи да се вратат Русите од Велес, сега со прст не мрдна да помогнеш. Спи во смрдевата и никогаш не разбуди се! Збогум мој Прилеп, да би оган те изгорел со сите твои Аџи Рамповци, Аџи Илиовци и сите христијански бегови и паши! Чудо, човече, ни од таа голотијата не стана некој да помогне! Што се чудам пак? Кој ќе ја поведе голотијата и против кого? На чорбаџиите им е арно, сиромаштијата спие и ете ти бездејство.
Се наприкажува Ѓорче сам со себе и тргна пред четниците, за кое време тие се собраа околу него.
Пред зори, кога Деницата веќе искочи над Перун неколку остени, стигнаа на „Висока” и беловодичани предложија тука да се денува. Чешмата вода има, гората засолниште, сигурно нема да бидат забележани.
• И остана Ѓорче со дружината — поп Пана и Игета —тука, а Тоше и Милан тргнаа да ја фатат со ноќ Маргара и да видат ќе има ли однекаде некој абер или паднаа вчера в раце
—    Ако никој друг, Толе сигурно им има побегнато на агите — го уверуваше Иге Ѓорчета. — Тој маж досега на сто пусии паднал, ама ниедна го нема задржано.
И не се излага Иге.
Толе ја прегази прв Црна баш на Скаклевите воденици каде што претполагаше и Ѓорче, и под самото Чаниште ги дочека четите. Ги испрати со Трајка да ја фатат Маргара, а сам со другите свои другари влезе во селото и нарача десет брави, десет фурни леб, тутун, ракија и се друго што им се „следуваше” во она време на четите кога ќе бидат „на гости” во реонот на некое село.
—    Четите ќе бидат на „Студената вода”, утре таму го сакам јадењето. Да не ве лаже умот да чините абер во Маково оти змија лута ќе ве клукне! Ќе ве испеча сете како глувци”
—    им се закануваше Толе на аазите и коџабашијата од кои го бараше јадењето.
—    Немој бре Толе, не пусти го селото, бре брату! He гледаш ли колкава сила не налегнала па и ти сакаш да не дозапустиш!
—    молеа селските луѓе, но востаниците беа гладни и истоштени, а Толе им вети дека ќе најде леб оттаде река.
—    Ами кога ќе разбере Бахтијарпаша,
шо џуап ќе даваме, бре Толе? Оди во Крушевица твоа; малку е подалечку од аскерот, белки не ќе се забележи толку колку овде пред носот негов! — ја повторија и потретија селаните молбата, но Толе си остана на своето и нареди преку ноќта да му се зготват пет шест кокошки и толку мазници за неговите луѓе и остана да преноќува в село.
Го дочека изутрина лебот и бравите, ги натовари на пет коњи и нарача за другиот ден пак толку.
—    Дури ќе бидат тука четите таинот го сакам навреме, — си ја даде наредбата кога излезе од селото.
—    Е море, ќе проштаваш, Толе, за утре, туку излези денеска од село! — си помисли коџабашијата во себе и отиде кај поп Ристета да се посоветува што да прави да се спаси селото од очигледна пропаст.
—    А бре, што, Митре… Да чиниме абер ноќеска во Маково, та што сака нека праве Толе најпосле. Еднаш се умира, стопанка му. Ако не не изгоре Толе — Паша ќе не изгоре Бахтијарпаша. Толе е со осум души; нека има другари, според лебот што го нарача, најмногу три, четири до петстотини, а Бахтијар има четириесет илјади. Од кого велиш повеќе да се плашеме? Силата на четите им се зеде, Бахтијар ги брка како зајаци и ќе ги отпаде откај нас сигурно. Затоа јас велам да чиниме абер еден во Маково, еден во Старавина ноќеска и утре место леб и брави да им се поткаже аскерот откон Острилата… ќе фатат горе „Висока” или „Смечот”, ќе се истребат откај нас, ете не сите спасени од бељата.
Додека вака се разговараа коџабашијата и поп Ристе четите лакомо јадаа на „Студена” од донесените печени брави и топол леб, кога по ридот одоѕгора се зададоа двајца селани. Тие го видоа караулот, а и тој ги виде и ги дочека да му се приближат:
—    Вила, другар, вила! — викна од десетина дваесет метра Тоше, што караулот го умири и одговори:
—    „Вамо”, другар „вамо”, ајде, побргу влегувај во растот да не се парталиш на пресопта.
Тоше и Милан влегоа во растот, се поздравија и со другиот четник што беше на стража и побараа да ги одведат веднаш кај војводите.
Навртоа на чешмата „Студена” под самата тумба Маргара и ги најдоа „распашани” сите војводи: одмараат по добриот ручек и заморен ноќешен пат.
Co два збора им кажаа дека ги бара Ѓорче, кој иде во помош со педесетина четници и осум товари џебане.
—    Доцна, другар Ѓорче, доцна! Го испуштитвме пилето, избега! — му се испушти на Толета, а другите се израдуваа.
—    Сега ќе разбериме ќе има ли некоја помош од Бугарија или ќе се прибираме сите внатре. Сигурно Ѓорче ќе ни каже — промрмори Сарафов, иако знаеше дека никаква помош нема да дадат неговите пријатели.
—Ќе имаме еден маченик повеќе да ги делиме страданиите и ништо повеќе — песимистички одговори Пере, — но ајде побргу, Тоше, и ти Милане, одете, доведете го; барем да се видиме уште еднаш! — им се обрна на дојдените.
Тоше и Милан покаснаа од тоа што беше останало и бргу отрчаа до „Висока”. Во самата вечерна мугра се влечкаше Ѓорчевата чета по ридот кон југ и за неполни два часа дојде до Маргара каде што се стави со главниот штаб и сите што беа со него.
—    Како сте, Пере, Петре, Луко, Митре? — им се обрна љубезно Ѓорче на своите другари и единомисленици, па колку за адет ги поздрави и Борисовци:
—    Како сте и вие, господа војводи? Ја ослободивте ли, бре мажи, мајка Македонија?
—    Кажувај, Ѓорче, кажувај какви новини носиш однатре. Се спремаат ли браќата да удрат на агата или не?
—    Mope, пушка златна да ги удре и брадва да ти ги пресече, Борисе, тие твои браќа, туку не парај ми го срцето со линџа! Какво спремање, какви тикви стамболки! Волкот ако не си ја врше работата сам — тешко нему! И ние така. Нели сами си го истуривме млекото, ќе сркаме киселина сега. Туку вие како сте, останавте ли живи, — па нарочно разгледа горедолу, барајќи со очите некого во оние што го обиколија и сериозно запраша:
—    Камо го Дамета, бре луѓе? Да не го испративте кај свети Петрета? Или отиде да преговара со Хилмипаша во Солун? Зати тој е и е учен во Беас Куле, Адакале, ДиарБекир, Шам, Ерзерум.
—    Mope, остана жив желен по Демирхисаријата, туку којзнае до кога. Го викавме со нас, но Даме како Даме, се нарогуши и ја наметна: „Одете, — рече вие по вашиот пат, јас по мојот. Еднаш ме вапцавте вие, уште еднаш ќе имате здравје” и остана; што можевме да му правиме! — му одговори Гарванов.
—    Си има право човекот! Кој ќе се попари од млекото, ќе дува и на маштеницата, потфрли Сугарев отстрана и разговорот се сврте за положбата што настана  по  неуспехот.
Ѓорче им раскажа каква е положбата во Бугарија:
—    Народот со симпатии ја следи нашата борба и готов е да ни притекне во помош, но правителството се изговара дека се најдува во тешка политичка положба и не позволува никаква акција во наша полза. Турскиот конзул секој ден протестира против исфрлањето на чети, та одвај и јас ја минав границата. Уште малку ќе бев вратен од Ќустендил назад со целата чета. Ете каква е положбата! Таква!
Пере и Петре му ја изложија нему каква е положбата внатре, и Ѓорче ја удри главата в земи, a пo малку продолжи:
—    Излез, другари?
—    Излезот го нема никаде — побрза да му одговори Борис. — Ние се спремаме да одиме во Бугарија, да ја поразбистриме работата, но во тоа прашање не сме едногласни. Некои од другариве сакаат да останат како Даме што направи — и покажа на Перета и други нивни едномисленици, кои веќе беа определени во својот став по ова прашање, та дури веќе и на една страна стоеја.
—    Значи, да ги оставиме сите наши дејци од народот на милост и немилост? — праша Ѓорче.
—    Па, што можиме и да им помогнеме, бре Ѓорче? Нашето присуство само ќе ги дразни Турците, та поголеми зулуми ќе прават. Ами вака: Ние ќе ја напуштиме земјава, луѓето ќе се приберат. Co малку маки и страданија ќе помине и оваа бура како сите вакви досега, и ајми со здравје — го поткрепи предавничкиот став и Тренков, додавајќи дека „ете, Хилмипаша ветил амнестија, та ќе им биде полесно на луѓето без нас, отколку со нас”.
—    Убаво сте ја свршиле, џанум! Мошне убаво! Токму тоа и се бараше од вас да ја растурите Организацијата. Мислите дека ја растуривте, но мене ми се чини дека не ќе оди така лесно таа работа како вие што си ја претставувате, — па се обрна кон Перевци:
— Другари! Јас дојдов да помогнам, не да го победиме Хилмипаша но да го победиме Кобурга и неговите агенти и да не ја дадеме нашата Организација да пропадне или да премине во туѓи издајнички раце. Кој сака, каде сака нека оди, нам местото ни е меѓу нашиот народ. Тој треба да види и осети дека не е оставен од своите синови и да црпи од нив сили за натамошна борба. Само така, помогнат во најтешките дни, ќе ја задржи верата во себе и ќе ги сплоти сите свои сили за да може еден ден да си ја извојува скапо платената своја слобода без ничија помош. Ако сега, во најтешките моменти, го напуштиме, тој ќе ја изгуби таа вера во себе и ќе го вратиме делото за пет стотини години назад. А за сето тоа проклетството ќе падне на нас. Кој е за оставање, другар сум му до последно издишување. Кој е за бегање — патот му е прав — нека си оди со здравје, — го заврши Ѓорче својот краток, но пламен говор сред дабовата корија и порача на еден од неговите четници да му подаде вода.
Сарафовци се накиселија, но однапред го знаеја Ѓорчевиот став, та ништо не ги изненади. Гарванов само промрмори колку да каже нешто:
— Секој си е сајбија на својата глава, Ѓорче! Ние, штабов, такво решение зедовме и по него ќе постапиме. Ако не му се бендисува на некого нека не се придржува, но и последиците ќе бидат негови.
Најпосле се јави и Толе, којшто со внимание ја слушаше препирката:
— Оставете и кавгите, џанум, токо гледајте, правете планот и како ќе се извлечкаме одутре одовде, оти Бахтијар може да не намириса, та се пусти гаќи ќе останат. А ошче утре ќе бидите мои госје. Ќе седите овде, a јас ќе отрчам до Орле да осигурам јадење, оти виа пезевенци Чанивци како непара се за вера. Да не му текне да откажат, та да трпиме цел ден. А сакам да ви пригода по некој сомун за пат, оти веќе време е да се разделиме и секој да си а гледа работичката, кога веќе му се издутнаме на Бахтијара вчера.
И си ги викна Толе своите арамии, си го јавна Белчета и околу полноќ му влезе на Орле.
Останаа да се дечкаат до некое време Перевци и Борисовци, додека најпосле пред зората не ги навали сонот да продремат.
Грижата за заштита му беше поверена на официрот од српската војска, Црногорецот Јозо Ивановиќ, кој како искусен војник ја оцени месноста и со заштитницата на знамето се оддели од главните сили и го поседна вечерта врвот „Касматова Тумба”, кој доминира над Маргара, а од исток на Острилата постави двојна стража.
Така заштитени војводите и четниците ја дочекаа зората.
Таа ноќ во селото Чаништа, откаде Толе зеде брави и леб, и откаде требаше и за утре да се однесе пак јадење на Маргара ни леб се месеше, ни брави се печеа. Само двајца луѓе со пo една маска излегоа на мракот од селото и тргнаа во два разни правци.
Коџабашијата Митре, забраден со бела марама, небарем заб го боли, ја јавна маската и ја бодна долу Скаклевите воденици, ја прејде Црна баш каде што прејдоа четниците вчера вечер и за неполни два часа влезе во Старавина — никој да не го забележи. Отиде право на караколот, го најде бимбашијата што га бркаше на „Соколот” четите и му кажа дека нападнале вчера вечер кај него и утре ќе денуваат на високата чука Маргара над нивното село.
Поп Ристе ја остави дома поповската шапка, тури црвен фес на главата, се наметна со ќулката од сакмата; и тој ја јавна својата маска и го фати Топли Дол, та не оди ни саат, дотрча до турските шатори под Маково во ливадите. Co два збора го побара и го најде Бахтијар — паша, истегнат под својот „сарај” од платно, и му ги шепна истите зборови што и коџабашијата во Старавина на бимбашијата. И работата се разбра!
Комитите утре ќе денуваат на Маргара!
— Тоа се барат од вас, бре синко! Да кажите каде сет, а за фаќање имат царот луѓе. Царска рака долга, ќе фатит батакчиите.
И уште пред зори двајцата предавници се вратија секој дома, ги врзаа маските на јаслите и легнаа да мигнат, ако можат, без да ги забележи некој кај беа ноќеска.
Веднаш по кинисувањето на коџабашијата од Старавина, засвире аскерската бурија на узбуна. Аскерот нарипа, но дури се спреми, построи и доби заповед за тргнување, веќе и петлите пропејаа, а на Црна го забели и зората. Трчаше пред аскер бимбашијата на својот арапски коњ, им даваше зорт на јузбашиите, мулазимите, башчаушите, чаушите и онбашиите да го стегаат аскерот, што побргу да накачува на нагорништето, за да дојде до целта незабележан уште неразденето убаво, но аскер како аскер, се влечкаше тромо и, спротивно ка офицерските желби, не сакаше да влегува во борба ноќно време, оти не можеше да види што ќе нагази и откаде да се пази. Затоа сонцето го огреа баш во селото Чаништа, оттука до чуката Маргара имаше уште цел час одење, та тие што беа на чуката слободно можеа да го видат неговото движење.
И Бахтијар нареди узбуна во маковските ливади та и тој тргна со своите две илјади Анадолци кон Маргара, со таа разлика што тој беше поблиску, та уште в зори се најде под самата чука. Но додека го правеше распоредот на трупите и планот за напад, и него го фати сонцето и тој виде како се точка старавинската војска во правецот на чуката. Бимбашијата ја виде оваа од Бахтијара   и двајцата заповедници се ставија во „Липје” и го утврдија планот.
Според тој план Бахтијаровиот одред ќе ја опсади чуката од југ и запад, а тој на бимбашијата, од илјада војници, ќе ја опсади од север и исток и така, заградена од сите четири страни, ќе се нападне на знак од Бахтијара. Обрачот ќе се стега додека не се ликвидира и последниот бунтовник.
*
По препирките на Студена, војводите и четниците продремаа по некој половина час, но веднаш ги изненади стражарот од „Боцкин Камен” со вест дека слушнал аскерска бурија откон Маково.
Нарипаа сите, спремни за борба или бегање, а Пере прв проговори:
—    Има право Толе што не потсети дека луѓево од ова село не се за вера. Никакво чудо не е да сме предадени, — и се заслушаа сите: ќе чујат ли и сами некаква бурија. И не се излагаа. Тивката јасна и свежа есенска ноќ даваше можност да се слушнат и петлите како пеат во Маково, Рапеш, Чаништа, та дури и тие од преку река во Бзовиќ и Старавина и на големо нивно изненадување, сега се слушна аскерската бурија не од Маково, туку од Старавина.
—    Се виде таа, џанум! — му се испушти и на Бориса; — предавство! И на двете војски овие пци им сториле абер, но ајде да поразмислиме малку што да правиме, — предложи тој.
—    Да се иставиме, туку каде ќе се задржиме кога ќе се раздени и кога ќе не поткачи Бахтијар? — му упадна Митре Влавот.
Сите се замислија. Навистина во тешка положба се најдуваа. Можеби уште во потешка отколку некни на „Соколот”. Таму беа скриени во густата гора и аскерот не ги знаеше каде се. А овдека чуката од двете страни е гола, а што е најглавно, ги знаат точно каде се, та ќе го насочат нападот точно на нив, ќе ги опколат и сите живи ќе ги изловат. А ако го напуштат овој положај, ќе ги фати денот, ќе ги стигне аскерот можеби на некој незаштитен терен и сите ќи ги избие.
Дури така беа во недоумение, дотрча одозгора и Ивановиќ којшто исто ги слушна буриите. Сите нему му се обрнаа како на воено лице.
—    Јасно, јасно ми е се, — рече тој. — Ние денеска мораме да примиме борба. Но што ќе ја примиме неподготвени и незаштитени, ние ќе ја примиме подготвени овде. Теренот ни дава изглед да можеме да ги одбиеме нападите и да се држиме некако довечер. А падне ли мракот — ноќта е наш сојузник и заштитник. Ќе му се обидеме и верувам ќе го скинеме обрачот, ќе се извлечкаме некако. Само добро да се распоредеме, — заврши Јово и им го соопшти планот за одбрана.
Според тој план четите требаше да се распоредат околу чуката и да ги фатат големите карпи. Аскерот мора да напаѓа отворено, одоздола нагоре, и четниците ќе можат од заклоните да стрелаат и одозгора бомби да фрлаат. А тој — Јово со Цилета и со заштитата на знамето ќе остане на своето место, „Касаматова Тумба”, и во случај таа да остане надвор од обрачот, што прирадно и беше, бидејќи беше одделена неколку стотини метра од Маргара, тој ќе даде оган в грб на аскерот и ќе го раскине обрачот.
Според планот и постапија. Добро им дојдоа бомбите и патроните што ги донесе Ѓорче. Ги разделија по четниците и ги фатија определените места.
—    Ајде, боже, поможи! — се прекрстија сите и се разделија, договорувајќи се каде ќе се собираат тие што ќе останат и ако останат живи.
—    „Висока”, „Висока”! Правец на север, на онаа висока тумба! — им предложи Ѓорче. Јас оттаму дојдов и згодно место е сртот. Секаде ќе бидеме одозгора ако случајно не поткачат агите — беа последните зборови на Ѓорчета, чијшто предлог сите го одобрија.
Одеднаш чуката оживе. Колку внимателно да ги фаќаа четниците метеризите, аскерот ги забележи, а командантите со биноклите можеа да ги видат како се сместуваат зад големите карпи.
—    Бак, бак, бак! — му се испушти на бимбашијата кога прв ги забележи и му ги покажа на Бахтијара.
—    Значи, ќе не чекаат оние пезевенци на чукана, — рече пашата и се насмевна, потценувајќи ја смелоста на востаниците.
—    Треба да се баеги — му одговори бимбашијата.
—    Според сведението што го донесе сношти попот тие зеле десет брави месо и десет фурни леб. Од четири петстотини души не можат да бидат повеќе, — ја направи точната сметка Бахтијар. — Значит, седумосум, наши на еден нивни; не ќе свршат работа?
—    Ќe свршит како ништо! — одговори некако со недоверба бимбашијата кој веќе имаше искуство со герилските борби на востаниците.
Дури се договараа, дури издадоа заповед за напад, сонцето веќе искочи и часовниците покажуваа повеќе од осум.
Аскерот се разви во стрелци, толку густо, што ако се фатеше за рамо, можеше да направи танец од оро, на чело со „танчарот” бимбашијата, а опашката би ја држал Бахтијарпаша.
Co пристигањето на десниот фланг бимбашијата издаде заповед за напад. Од север, исток и запад се слушна бука од илјадници човешки викотници. Сите Анадолци подивеа и почнаа да се дерат, да псујат, да зборуваат неврзани и неразбирливи зборови. Повеќе од нив се слушаше: „теслим, бре, кумитлар”, и сите под команда почнаа да стрелаат во чуката.
Од исток веќе накачи аскерот до врвот „Боцкин Камен”. Претстражата од Сугаревата чета мораше да се јави прва. Штом Рифатчауш излезе напред на својот коњ, тргна караулот и тој падна од коњот.
Пукањето на првата четничка пушка и паѓањето на чаушот направи забуна во блискиот до него аскер. Сите полегнаа на земја и почнаа да стрелаат. Комшиите лево и десно позастанаа. Но бимбашијата дотрча и бргу ги дигна во напад. Овие накачија, — го „презедоа” речениот камен и се запатија кон самата чешма „Студена”, каде што денуваа вчера четите. Од север, по долот „Света Петка”, и од југ, преку „Пупулеги” и „Шопово трло”, аскерот го стегна обрачот и напна нагоре да накачува. Еден одред од две три стотини души се растегна малку налево, да ја заобиколи чуката и од запад и се спремаше што побргу да ја префрли преслапта зад чука и да фати врска со северниот одред од бимбашијата. На тој начин Бахтијар сакаше да ги опколи востаниците и да ги држи макар цела зима, за да ги принуди на предавање.
Но токму кота требаше да се врзе синџирот на преслопта; згрмеа пушките од Ивановиќ и Цилета од „Касматоа Тумба”, која по неговото предвидување остана надвор од обрачот. Бахтијар и бимбашијата не го познаваа местото и не предвидоа дека може некоја чета да ја опседне таа тумба и да ги бие одѕади.
Се заврза борба прво тука; аскерот се стаписа — кој лево, кој десно, без да успее да го врзе обрачот. Но сега Бахтијар заповеда јуриш на Маргара додека не се извлечкани преку слободниот простор.
—    Теслим бре, ќерата, оти сите ќе изгинете, — викаше секој Турчин и пукаше во чуката зад која се криеја четниците со Ѓорчета, Перета и Митре Влавот начело. Кога веќе аскерите наближија под самата чука, војводите дадоа знак за борба на „целиот фронт”.
—    На нас тргаат агите, Пере, на нас. Ми се чини тука е главната сила на Бахтијар, — му велеше Ѓорче на Перета, кој ја стискаше манлихерата цврсто и право „на месо” стрелаше.
И навистина Бахтијар на овој дел ја фрли поголемата сила.
Аскерите трчаа нагоре, четниците стрелаа, потоа затрештеа бомбите и целата чука се замагли.
Од „Студена” караулот што го отепа Рифатчауш се накачи да им се придружи на другарите и да им помогне во борбата. Аскерите од Рифата го погодија смртно и тој падна наместо.
Ивановиќ не им даде да го врзат обрачот на преслапта, но затоа плати со своето десно око. Го погоди куршум преку носната ‘рскавица и му излезе под десната веѓа, та можеше со левото око да ја види својата зеница од десното.
—    Брак, бре будали, бре, брак! Што загтањате како биволи на угорништето, — им викаше Пере на аскерите, фрлајќи бомби и куражејќи ги своите четници да издржат додека фати мракот за да се извлечкаат од обрачот.
Бахтијар ја осети сериозната положба и нареди можеби десетти јуриш, а порача и појачање од Маково каде еден бимбашија остана со илјада души аскер.
He малку се испрепали аскерот од западната страна на чуката и не малку се изненади Бехтијар кога околу пладнина почнаа од наспоред, од исто така високата чука „Гарван”, да грмат в грб на аскерот десетина манлихери. Аскерот се стаписа надолу и сега немаше опасност од врзувањето на обрачот. Целата западна четвртина од Маргара беше слободна.
—    Кој ќе бидат оние браќа што маваат од чукана? — се запрашаа војводите.
—    Може некој одред аскер ја има фатено таа чука да мава од високо на нас — проговори Тренков.
— А бре, како на нас, не гледаш оти ги распадија агите под нас? На нив маваат, а не на нас, — му одговори Борис. — Само кој може да биде тој наш спасител? Ене, ги не, фатија агите пустиња долу долот, — и покажа со рака на одредот војници што бегаа оти оној од „Гарван” ги имаше наспоред на голото како на тепсија и скоро секој куршум на место погодуваше, та пискотниците од ранетите им го забрзуваа бегањето на здравите.
—    Слушајте, слушајте! Манлихери пукаат, — ги позна Ѓорче грмежите на пушките. — Имате некоја чета само со манлихери наоружана?
—    Петре просто воскликна:
—    А бре, Толе наш е, со своите арамии, бре! Ех, господ здравје да му даде! Токму навреме се намести на чукана! Е, е. He берете гајле, нели се замеша и Толе и тоа на онакво место! Ќе го брани тој долот дури да падне мракот, а во темницата ќе се извлечкаме. Имало господ и од оваа клопка да се издутниме, — заврши Петре со утешителното и пријатно разјаснување на настанот и ги окуражи своите четници, соопштувајки им ја и на другите војводи ново настанатата положоба во нивна корист со Толевата појава на „Гарван”.

Close Menu