Откријте го Мариово

 

7.
Во селото Орле кое се наоѓа токму зад онаа висока чука што се вика „Гарван” Толе нарача, како во Чаништа, десет брави и десет фурни леб; за него со другарите пак пет шест кокошки и две тепсии алва и реши да ја проведе оваа ноќ во една одаја со Мише Ќосото, а утре да го однесе јадењето на Маргара и да се збогува со своите не многу сакани гости.
Но кога се раздени убаво дотрча еден од аазите и му соопшти дека Бахтијар ја кренал војската во правец на Маргара.
—    Нека оди кој кај сака; вие гответе го јадењето! — ладно му одговори Толе и ги собра другарите да се напоручаат убаво „оти ќе имаме троа работа денеска” — им рече. Во тоа време, кај осум саатот запукаа и првните пушки околу Маргара. Но Толе не брзаше.
 — Ќе останат и за нас Турци, мајка му стара, ќе протепаме колку да сакате, не брзајте многу! — Им рече на другарите.
И околу девет десет саатот стана, си го јавна Белчета и за час се најде на спротивната чука.
Погледа сеир некој саат и друг и кога виде дека Бахтијар има намера да ги опколи сосема четите, им запукаа в грб на аскерите и ги распади долу долот.
Кон ужина пристигна и засилувањето на Бахтијара и со него Велиага од Маково со своите катили, кој од „Бучкур” почна да му вика на Толевиот четник и другар Петка Кормакот од Маково:
—    Предај се Петко, брееееееј! Не гини лудо, бре, ќе простит царот, бре!
Но место предавање Петко му запна еден куршум и коњот падна под агата, а тој старски побегна назад за Маково, оставајќи го Бахтијара сам да се расправа со бунтовниците.
Започна и дваесеттиот јуриш, но силата на аскерот беше земена. Паднатите трупови од нивните другари ги обесхрабрија, а Толе не им даваше да се појават на западната страна на чуката, та го држеше слободен тој простор за повлекување.
Борбата се продолжи како што предвидуваше Ивановиќ — до самиот мрак, кога се даде заповед за повлекување кон запад. Сите знаеја дека таа страна ја осигури Толе и немаше што да се двоумат. Ја напуштија Маргара, оставајќи ги своите осум другари да ја топат со својата топла крв и оваа чука, како Соколот што го натопија Манол Разов и двата четника
Толе ги пречека војводите над самото селце Орле, на преслапта „Мал Гарван”, со сите останати четници. Орленци го разнесоа лебот и месото и Толе им го раздели.
—    Е, сега, другари, ајте ми со здравје кој за каде сте! Мојот домаќинлак толку беше. Гледајте да не попадните пак во некоа клопка, оти Бахтијар ошче утре ќе ве запашка — се збогува Толе со своите гости и си го јавна Белчета за Крушевица.
На разделување Борис љубезно го покани Толета:
—    Ајде, брат Толе, да те водиме во Бугарија, да се одмориш малку.
Толе се закикоте на коњот:
—    Голема работа свршивме, господин Борис, та ќе се одмориме, токо ајте ми со здравје! — и го дупна коњот, ги остави.
Колку да не се мирисаа Ѓорче, Пере и Петре со Бориса, Гарванов и Тренков, положбата во која се најдуваа им наложуваше да се помагаат.
—    Е, што велиш ти, Ѓорче? Кој правец да го фатиме сега одовде? — му се обрна Борис на Ѓорчета. — Ете, ние веќе ти ја изложивме нашата намера оти сакаме да се прибереме во Софија. Ти сега оттаму идеш, каква е положбата; ќе се пробиеме ли некако до границата?
—    А бре, кога сте решиле, што да не се пробиете! Еве ви ги беловодичани, ќе ве преметнат преку Дервен, ќе ја фатите Бабуна. Само преку Вардар ќе треба да бидете претпазливи. Но ќе се нареди и таму. Нема таква сила по велешко како овде, — им го кажа своето мислење Ѓорче и ги повика беловодичани што го доведоа него.
—    Е, попе, Иге, Милане, Тоше! Пак назад по трага откај што дојдовме. Ќе ви бидеме некој ден и друг пак вам гости, кога Толе ни го откажа своето гостопримство…
—    Мојот предлог е да одиме заедно до Ливада, та таму малку понараат ќе се договориме кој каде ќе фати. Мораме да се делиме. Ошкава олелија не ќе можат селата да кријат и хранат.
И беловодичани тргнаа назад по истиот пат по кој го доведоа Ѓорчета вчера вечер.
Бахтијар остана замајан од неуспехот. Ги испцу своите бимбашии, јузбашии, милазими и други нему потчинети офицери, та место да тргне утредента да ги гони востаниците, тој се зафати со пренесување на ранетите и закопувањето на истепаните двесте души аскер.
Така слободно, ноќта, по сражението, се извлечкаа четите по сртот на Селечка и останаа да денуваат на Ливада, на синорот Беловодица, — Плетвар — Лениште — Кокре, токму крај она кладенче каде што пред година Шаќир му го доведе Толе Паша на Петрета Ацев.
—    Е, сега кој за каде е? — запраша самиот Ацев во чијшто реон се сметаа.
—    Костурци — во костурско, — се провикна Циле Кономладски.
—    Леринци во леринско, битолчани во битолско! — загрмеа момчињата од сите страни и се раздвоија на групички, предводени од своите месни војводи, кои не сакаа веќе да му се покоруваат на штабот, бидејќи и луѓето од штабот, од една покана да одат со нив во Бугарија, друго ништо не знаеја да им заповедаат.
И вечерта се разделија. Сарафов со своите луѓе и стотина четници месни раководители што сакаа „да се одморат” се збогува со тие што не сакаа „да се одморат” и предводен од Тошета и Игета од Беловодица, околу полноќ го пресече џадето Прилеп Градско меѓу селата Плетвар и Лениште и до зора ја фати Бабуна и Никодинска планина за да го продолжи својот пат преку Вардар.
—    Борис го помина благополучно џадето, не се слушна никаква пукотница, — им се обрна Пере на Ѓорчета и Петрета. Ќе ја фаќа или веќе ја има фатено Бабуна.
—    Сигурно е поминат штом не се врати, — му одговори Ѓорче. — А ја фати ли Бабуна — ќе се свлечка; натаму нема големи потери, ќе се одвлечка, како јас што се довлечкав.
—    Арно ќе направиме и ние да се префрлиме на таа страна, — предложи Петре — ќе го фатиме Ореовец мое и Крстец. Ако не спотераат агите, Баба нека е жива, Никодинска планина. Како полабаво таму ми изгледа. Ова пустино Мариово зовре веќе од аскер. He гледате? За три дена две сраженија имавме.
—    Арно, вие ќе ја фатите Баба и Никодинска, ами ние кај ќе кршиме глава? — се јавија Лазар поп Трајков и другите костурци и леринци со Сугарев.
—    И јас тоа се мислам, луѓе! Да дојдете со нас, треба цела Бабуна, Мукус, Крушевските планини и Пелистер да ги одите дури да ги фатите леринските планини. Да се вратите откај што дојдовме, којзнае дали не ќе ве згашти пак Бахтијар! — почнаа да се мислат Петре, Пере и Ѓорче.
—    Одавде, со нас, белким е послободно, но бестрага е далеку. Назад по Селечка и Смечот, да го фаќате Скочивир и да и прејдете на Шемница, многу е блиску, ама многу е ризично. Ич не знам што ќе правиме со вас — пак се мисли Петре.
—    Ризично не ризично, јас велам да се вратиме откај што дојдовме. Ако не начека Бахтијар, најпосле и нека погинеме, неоти кај нас не чека свадба! Ние и таму ќе ги крвавиме гаќите дури стојат главите, и тука. Барем од патот ќе скратиме, — предложи Иван Попов и ги погледна своите другари.
—    Што велите вие другари? — им се обрна лично.
—    Согласни сме, Иване, зошто да не! Што ќе губиме недели, може и месеци по оние ридишта, да му ги дадиме главите на Џавидпаша, да му ги однесиме на нашиот Дургут паша, ако ги спасиме од Бехтијара, — одговори Циле за сите.
—    Тогаш и со вас да се делиме, макар со тага на душата, — проговори Ѓорче, a Петре ги замоли поп Пана и Милана од Беловодица да им бидат на услуга уште некој ден и друг на костурци и да ги испратат барем до Скочивир, да ја прејдат Црна, та понатаму нека си водат сметка тие.
Така се разделија прилепчани од костурци.
—    Одете со здравје и гледајте, не оставајте го народот во очајание. Насрчувајте, бодрете, убедувајте дека не е се пропаднато. Ќе светнат посветли дни, ќе се исправат грешките и ќе дојдеме до слободата. Само трпение и цврстина препорачувајте. Да не се распадне Организацијата и народот да се почувствува немоќен, та да ја изгуби верата во себе и своето раководство. Ние пак ќе се собираме и понатака и ќе кроиме планови. Ајте ми со здравје и вардете се! Вардете ги вашите глави баш за тоа народно дело! — беа последните зборови на Ѓорчета. Се прегрна со сите, се избакна со солзи во очите и ги остави, а тој тргна со прилепчани на север.
Костурци останаа на милост и немилост на судбината.
—    Да тргаме уште ноќеска дали не е ризично? — почна со предлогот Сугарев.
—    А бре, да одмориме уште утре овдека, убаво е местото, високо. Ене, Мариово сето се гледа како на длан, белким ќе видиме некои знаци на движење војска, белким ќе накачи некој селанец, барем малку од малку да знаеме кај одиме, да не му рипнеме на волкот право в уста — проговори Попов. — Еве ги луѓево што ни ги оставија Ѓорче и Пере; ќе потслезат до преслапна, ќе најдат некој овчар, ќе подразберат, — па им се обрна на попот и Милана:
—    А, попче? Што велите вие? Ќе можеме утре да подразбереме нешто од некого? Или да тргаме уште ноќеска?
—    А бре, браќа, по мое мислење ризично е да тргаме, ризично е и да останеме. Бахтијар може да биде замајан еден два дена, на третиот чекајте го по цело Мариово и Селечка. Ќе си имаме уште расправии со него. Туку, и да тргаме ноќеска, еве, ноќта прекрши. Ќе стигнеме најмногу до „Висока”. Токму ќе му појдеме на волкот в уста, што рече еден пред малку. Да преденуваме, најпосле, уште утре овдека, па утревечер уште совреме да му се обидеме; ако можеме да се извлечкаме некако! Но јас би рекол нешто друго ако сакате да ме послушате.
—    Да чуеме!
—    Да се разделиме и ние ноќеска, за секој случај. He видовте некни на Маргара. Ако не беше Циле со оној другар, Ивановиќ ли, како се викаше? — со знамето на другата чука лошо ќе поминевме сите на едно место! Затоа, ако сте согласни, едниот од нас со Милана да остане со половината од вас овде, а едниот и другата половина — да ја фати онаа друга чука — Лигураса се вика — па ако, биде нападната и опколена едната група, другата да може да и помогне, наоѓајќи се надвор од обрачот.
После: таму, зад Лигураса, има едно селце, Вепрчани се вика; ќе гледаме да се добереме и некој сомун леб да пригодиме. Ако тргнеме по ридиштата без залак леб, ќе позастанат момчињата, не ќе можеме да ги одведеме, — заврши поп Пано со својот предлог.
—    Се прима, попче, се прима! Вие сте тукашни и верни луѓе. Како ќе речете, така нека биде! — се изјасни за сите Лазар.
И се разделија. При тргањето го утврдија правецот на движењето:
—    Што да стане стане; зборно место ќе биде селцето Паралово зад Смечот, — им рече Попов кој остана со Сугарев, Цилета и своите четници. А Смечот веќе сите го знаеја, бидејќи оттаде дојдоа во Мариово. А ако не се случи нешто лошо, Милан утревечер пак ќе ги врати сите и заедно ќе тргнат по сртот на Селечка.
Милан ги остави четниците на чуката и во утрешната мугра тргна за Вепрчани. Но кога наврте на долот, на пет шест стотина метра од чуката, од растот испадна војник со пушката на готовс и громко извика:
—    Теслим, бре ќерата! — и просто му ја допре цевката од пушката на Милана в гради.
Милан ги крена рацете во знак на „теслим” и војникот го отера кај онбашијата. Овој кај чаушот, та дојде и до јузбашијата.
—    Камо комитите, бре ќерата! — го запраша јузбашијата Милана, а Милан се прави недоветен.
—    Воловите, ефенди, воловите ми побегнаа навака, ги барам.
—    Воловите, кравите, коњите, маските, тоа вие барате, анасени… ана! Сите вие воловите барате, а криете и раните комитите. — My се овргали јузбашијата и нареди да го кутнат и бијат.’
Списка Милан колку грло што го држеше, повеќе за да чујат четниците отколку од болките, но беше веќе доцна.
—    Каде се комитите, бре пезевенк! Кажувај оти сега ќе одерам жив! — почна да го тевтиши сега бимбашијата Милана, кога јузбашијата го извести за фатениот селанец.
—    Аир ефендум, какви комити барате од мене, мирна раја! — се правда Милан, но ќотекот се продолжи, и по заповед на бимбашијата Милана го обесија на еден даб. Душа испушти, но збор не испушти каде се комитите.
Ги слушнаа Милановите пискотници четниците на врвот на чуката и се вомјазија.
—    Било, речено, ќе ги оставаме главите овдека, — тажно проговори Железаров.
—    He правиме белким лошо да се иставиме дури е рано. Ете, од спротивната страна ништо не се забележува, — предложи Златков. Се согласија Апостол и Пешковчето и еден викна:
—    По нас, деца!
Четниците тргнаа по војводите на спротивната страна од Милана, назад кон Ливада, со надеж да се искачат на тој највисок врв и да ги најдат своите другари Попов, Сугарев, и Цилета и да ја поделат борбата и судбината, но на двесте триста метра под чуката просто нагазија на залегнатиот аскер, кој ги дочека со плотун од десет метра растојание.
—    Оооф, мајке мори! Me изеде! — писна Пешковчето и падна на место. Другите залегнаа во растот и отворија оган, a пo кратко време затрештија и бомбите, но аскерот не се раздвои. Напротив, на самата преслоп Лигураса засвире буријата и од сите долишта се назагнаа војници во правецот на сражението, зацврстувајќи го обрачот. А веќе почна да се разденува.
Педесетината момчиња, колку што дојдоа со овие војводи, почнаа да фаќаат поудобни метеризи, но Турците ги опсипуваа со град куршуми, та уште несместени паднаа пет шест од нив, меѓу кои и Коста Младенов од Дуње, којшто прво реши да оди во Бугарија со Борисовци, но на Ливада се попишмани и тргна со Пешков, како вешт на местото да ги доведе, а десетина беа тешко ранети и онеспособени за борба.
Нерамната борба се разврза откако се понаместија четниците и аскерот. Над илјада души аскер ја опаша со неколку редици чуката и нарипуваше секој половина час на јуриш. Бомбите ги одбиваа јуришите, но од пладнина почнаа поретко да грмат, бидејќи беа на привршување.
Зад еден плочест камен фати метериз Димитрија Миндев од Карамани, четник на Пешков, а на долниот крај се довлечкаа над педесет аскери. Дури дојдоа до плочата Димитрија кутна шестина, но другите не се откажаа. Фрлија и тие бомба зад плочата и Димитрија се запрпелка во правот, но остана сиот облеан во крв по лицето. Беше го закачило парче во десниот образ.
—    Теслим, бре ќерата! — извика чаушот од зад плоча и рипна напред да го налегнува Димитрија.
—    Имам уште за тебе, бре куче! — извикна Димитрија и тргна со берданката. Го изарчи и последниот фишек што го чуваше за себе. My го „подари” на чаушот од кој овој падна на плочата пред самите негови нозе.
Co пушката за цевка рипна трипати по плочата и се најде пред десетина штикови. Замавна лево и десно со кундакот и кутна уште двајца, но рацете му се олабавија, a забите почнаа да му чкртаат. Офна силно и се фати со двете раце за двете слабини во кои веќе беа закачени два штика. И тој падна мртов, продавајќи ја својата глава за десетина турски. Аскерот се насобра по педесет души на еден четник и нарипа живи да ги фаќа, но овие се држеа зад стените и Турците секое нарипување го плаќаа со по еден два убиени другари и пак залегнуваа и тие зад своите метеризи. Фати пладнина време. „Кој ќе издржи до мрак?’се прашаше секој четник во себе, а бимбангијата се плашеше да не се замрачи, та и оттука да му се извлечкаат комитите.
„Каде ли се Иван, Циле и Горѓи што ги нема да се јават? — се прашаа во себе Тодор, Петре и сите живи четници, не можејќи да ги слушнат грмежите од пушките и бомбите од Ливада, каде и нив Бахтијар ги нападна, но благодарение на честата гора овие лесно се префрлија на Ленишко, кое не беше опседнато, та над самото селце го заметнаа трагот и удрија кон југ, заблудувајќи го аскерот со сражението на Лигураса. Турците помислија дека четите се движат кон исток каде на ЛиЃураса веќе беше започнато сражението од Златков, Железаров и Пешковчето, та место да трчаат по овие што побегнаа кон југ, тие се назагнаа на исток, убедени дека натаму бегаат. Затоа Попов, Циле, Сугарев и другарите не им помогнаа на овие што беа сега овде опколени, но затоа пак тие се извлечкаа без жртви и опасност од опколување.
„Ех! Камо сега некој Толе Паша да се јави однекаде в грб!” си помисли Златков и длабоко издивна. „Не е секој ден Велигден, Тодоре, не е!” — почна да очајува, не гледајќи излез од тешката положба.

Close Menu