Откријте го Мариово

 

9

Прилепската чета, со која отидоа Пере и Ѓорче, закрстари по Баба, Никадинска планина и Бабуна, но Бахтијар ги насочи потерите и на таа страна, та еден ден мораше и таа да се растура. Пере слезе в град да се крие и да работи на подигање духот кај старите работници, а Ѓорче намисли да отиде во Битола. Затоа го замоли Ацева да го префрли пак во Мариово, толку повеќе што Бахтијар ги истегна војските од старо Мариово и ги префрли по Селечка и Бабуна, та Толе пак остана слободно да „пашува” во својот „пашалук”. и му ја исполни Петре желбата на Ѓорчета. По познатиот канал Беловодица — односно Ливада и Вепрчани, една ноќ ја прејде Црна и преку Врпско, по ридот, каде што се извлечкаа Златков и Железаров, се најде уште утрото на Кравица, откаде можеше да го види и Солун, не само Битола.
На бичкијата од Тошета најде селани од Градешница и разбра дека тие дни потерите се тргнале од кај нив и дека Толе господари со овие села.
— Ќе ме водите кај него — ги замоли Ѓорче и уште истата вечер тргна со двајцата свои четници. Другите ги остави со прилепската чета.
—    О, добредојде, господин Ѓорче, добредојде! Пак кај мене на гости? — го поздрави иронично Толе и се зачуди, зошто овој голем војвода не си отиде со другите во Бугарија.
—    Кај тебе, брат Толе, но не за долго. Ќе те молам за една услуга. Да ми најдиш еден човек што ќе ме одведе во Битола, — му одговори Ѓорче.
—    Битола? Ти стиска сега да одиш во Битола? Ами Бахтијар не е кренат сосема од Маково, а патот токмо преку него врви, — се зачуди Толе.
—    Таму сакам, Толе, таму да поминам. Но ќе ми треба човек што го знае патот, да не одам без пат, оти поризично ќе биде.
—    Тамо — тамо! Кога ти зела главата ветер! Ете, утре ќе одат пазарџии со штици, ќе тргнеш со ниј со едно магаре, оди ми со здравје, ама јас не одговарам за твоата глава, — се искажа Толе и го викна Гулета. My го предаде Ѓорчета со два збора:
—    Човекот сака да биде мариовец и утре пазарџиа за Битола. Најди му алишча, човек и едно магаре со штици.
Митре си ја зеде грижата. Толе ги беше научил луѓето од својот „пашалук” слепо да ги исполнуваат неговите наредби. Го одведе Ѓорчета кај Чачовци, го облече во Тодорова мариовска облека, (најискината и најизвалкана што беше); Ѓорче ги остави своите комитски алишта, пушката, нагантот, биноколот и убавите јанински опинци; заврза едни свински со сиџими и тури на глава еден калнав искинат фес. Co еден збор се направи мариовец и половина. И чекаше да се осамне за да тргне со самиот домаќин Тодора Чачев со двете маски и магарето.
Толе не можеше да дотрае, а да не види каков ќе изгледа Ѓорче како мариовец, та в зори отиде кај него. Кога влезе во куќата, го виде Ѓорчета да седи на билото, замислен. Погледна и ја опфати целата негова фигура, но веднаш се тргна нешто. My се приближи, го поздрави и го праша:
—    Е, готов ли си, господин Ѓорче?
—    Како што гледаш, брат Толе.
Толе се наведе пред него, го фати за големата црна брада и почна да му ја тресе главата.
—    Ами, метлата, господин војводо! Мислиш не ќе познаат агите оти ваа работа не е мариовска? Кој мариовец носи волкава брада? — и му се обрна на Тодора.
—    Дај и Тодоре ножиците да го направиме господинот токмо мариовец, да не си a земите обата бељата по Маково.
Ѓорче се скамени наместо кога прецени дека една таква ситна работа можеше да го издаде, и не мрдна од местото дури Толе со големо задоволство не му ја „искастри” брадата. Кога се помазни по лицето и виде дека од убавата црна брада останале само корењето, силно се натажи, та дури и обескуражи, небарем сета сила му се зеде. Но друг излез немаше и тој тргаа во зората со Тодора; вечерта благополучно стигна во Битола, врвејќи низ синџири аскер по Маково.

Не пропуштајте

Close Menu