Толе Паша II том – Стале Попов

10.
Најпосле остана Толе сам да „пашува” по неговиот „пашалук” — старо Мариово, со своите арамии.
Ги зареди слободно сите села. На Црна се стави со Андона и си ги даде своите наредби, бидејќи тој остана и понатаму главабашија на сите четири чети што се образуваа од неговата арамиска дружина.
— Ете така, Андоне; ќе му пренесиш на Стоја и Петка. Времето веќе наближуа за зимуање. Нека ваќаат меќани до пролет. A кога ќе закука кукавицата, ќе се најдиме пак во мајката планина. — Co тие зборови се раздели Толе од Андона и прошета уште некоја недела месец низ Мариово, барајќи од селата каде денуваше да го почитаат како единствен господар.
Почна Толе и да суди на својата територија, а не само да ајдукува.
Полчивци и Дунчани се караа за синорот Раково и Рамништето и сто години цели борби водеа чија стока да ја пасе тревата. Полчивци полагаа право на неа што ја купиле старите од султанат, кога изгорело селото Лисиче. Долга и широка беше таа историја со Лисиче, што ја кажуваа старците на своите внуци и правнуци.
Мариово, пред двесте триста години било етимско ничие; друга прикаска имаше: како тоа било хасчифлик лично на султанот, кој го подарил на својата султанија Мара — Кола Марија — и оваа ги ослободила мариовците од секакви даноци. Но едно беше главно: тие села по Мариово во тоа старо време беа слободни, без бегови и господари, та беа се поткренале и материјално.
И еден ден идат некакви Турци трговци од Битола во Лисиче и од осум куќи село, купуваат седумдесет волови. Ги плаќаат Турците воловите, но при тргнувањето еден ја завртел главата некако заканително. По одењето на Турците, селаните почнале да си го толкуваат вртењето на главата од Турчинот. Коџабашијата тоа го одгатнал вака:
—    Турците видоа дека од осум куќи село купија седумдесет волови. Значи селово е богато! И сега ќе си одат во Битола, ќе соберат свои луѓе и ќе дојдат да го опљачкаат селото.
—    „Ами чаре?” — повикале селаните.
—    Чарето тоа е. Да му се загнеме по нив и да ги оплескаме по Топли Дол, — им советува коџабашијата.
И така направиле. Ги отепале Турците — трговците во Топли Дол зад Чаниште и си ги вратиле назад продадените волови.
Власта ја иследила оваа работа, го изгорела Лисиче, ги истепала селаните, ги преселила децата и жените, а за судските трошоци го продала целиот реон од Лисиче (Раково и Рамништето) на Полчивци.
Подоцна тука блиску се заселило селото Дуње и почнало да ја пушта својата стока во ова пасиште, кое Полчивци го чувале за зимовиште, бидејќи летна паша имале во големата планина.
Ете, по тие причини полагаа право Полчивци на оваа земја, а на Дунчани им беше двор, и стотина години се караа, та дури и жртви даваа. На Дунчани им беше пред нос, на Полчивци пет шест сати далеку од селото, но си имаа тапија за него и не сакаа да му го отстапат. Кадијата од Прилеп секоја година земаше по стотина двесте лири од секое село и спорот не го решаваше.
Затоа Толе реши да и тури крај на таа кавга и пресуди местото да го користи Дуње.
—    Де ако смее некој од полчивци нека а погази ваа моа пресуда! — Им рече еден ден на сретсело.
—    Ќе го обеса секого кој ќе наврти да и брка Дунчани од Раково.
И го направи. Го обеси на дабот пред неговата колиба Петка Ромков што отиде во Раково, газејќи ја Толевата пресуда. Кога се разбра таа работа, ниеден полчишец таа зима не прејде преку река да ги вознемирува Дунчани.
И не само за такви големи работи Толе судеше.
Се скарале во Градешница две жени на чешмата, која прва да лее вода. Обесправената направи давија на бацка Толета и овој ја извиде работата на сретсело пред сите селани. Се утврди дека чорбаџивката Милка Мачкарова ја нападнала будаличката Стојна Мојанчева и и ја искршила стомната, та дури и една рака коса и искорнала од главата, сакајќи преку ред да залее вода.
—    Дваесет и пет на Милка по голо месо! — му нареди Толе на Брниклијата кого го одреди да ги извршува неговите пресуди. И овој пред сите ја грабна Милка за прцле и ја кутна. И ја засука кошулата и и наброја дваесет и пет дренови по дебелото месо, на очиглед на цело село.
—    Неќу кавга ни ѓурунтиа дури повелам јас овде! — викаше Толе во секое село кога ги собираше селаните да ги расправа нивните меѓусебни препирки. И повелаше, пашуваше, попуваше, та дури и владикуваше Толе. Се заинати поп Тодор во Градешница и неќе да го венча сина му на сиромашецот Васил Ватралката оти немал да му плати две лири, една за него, една за владиката.
—    Ќе венчаш, попче, како поп токо не мачи го Трајка. Јас су овде и владика и патрика, — му нареди Толе и му се опули на Брниклијата, кој веднаш рипна и го грабна попот. На молба од селаните не ги окрка дваесетипетте дреновци.
—    Јас немам апцани да ве затварам и да ве држа со месеци и години како Турците, ами вака: вртомчето и стапот нека ми се живи. — Кој не слуша ќе го мрси вртомчето или ќе го крка дреновакот — беше неговото разбирање за правосудието. И така постапуваше: за поголеми грешки — бесилката, за помали — дваесет и пет по голо месо.
И дури пашуваше тој по Мариово, ниеден селанец не стапна во турски уќумат да тужи некого. Се што имаше — им судеше Толе.
Но, времето си врвеше. Помина септември, октомври, та дојде и ноември со неговиот Митровден. Според српската поговорка „Митров данак хајдучки растанак” и Толе мораше да бара зимовиште, толку повеќе што востаниците ја напуштија борбата, та и тие се прибраа да се издишат, некои по Бугарија други, ете, по градиштата, како Пере и Ѓорче.
Бахтијарпаша отсекаде добиваше извештаи дека бунтот е смирен, само витолишкиот јузбашија и мудур му се плачеа оти Толе уште врлува во нивниот реон и оти тие не се во состојба да го смират него.
— Толку поарно, — си рече еден ден Бахтијар. — Имам мана да ја прехранам војската по овие села место да ја враќам назад по Анадол. А ќе можам да земам и уште некоја стотица лири од овие ѓаури.
И така направи. Четири бимбашии со по илјада души војници остави да зимуваат по селата во Мариово.
— Тестир ќе дадете на оваа песја вера. Нека пцовисаат до еден зимоска од студ и глад — им зборуваше Бахтијар на бимбашиите кога ги испраќаше на зимување.
—    Еден во Старавина, еден во Витолиште, еден во Дуње и еден во Маково ќе бидете. Во секое село по петина аскери на куќа. Истерајте ги од дома и мачките нека пцовисаат по племните и трлата. Јадење, пиење, зоб за коњите, огрев, облекло, обуш од нив. Нека видат и осетат дека султанот повела овдека, а не некакви Толе Пашовци, војводи и комити.
Co тие зборови се збогува Бахтијар и си отиде во Битола да ја проведе зимата, заплашувајќи ги бимбашиите дека ќе ги посети да се убеди дали оваа негова наредба ќе биде исполнета или не, што и го направи баш сред зимата, околу свети Атанас.
И токму настапија првите есенски дождови и лапавици, ги наполни аскер сите мариовски села.
—    Ајде, коџабаши, конак за осумстотини души аскер и тројца забити, — му нареди мудурот во Витолишта на копабашијата Трајка, а овој ги собра сите аази и одведе во секоја куќа по пет души војници Анадолци од груби погруби, од гнасни погнасни, погани, просто ѕверови. И првиот збор со затечените селани, жени, деца во куќите им беше:
—    Сик дишери, бе анасени ана, ѓаурлар. Дишери, дишери, дишери, ) — и не чекајќи овие да излезат, ги фаќаа за раменици и ги исфрлаа како партали во дворот на дождот и снегот сред вириштата и калта до колена.
— Племната, деца, ваќајте а племната; ако можите во сламата да се позатоплите, друго чаре нема, — им советуваше дедот Бале на своите десеттина членови од семејството. И овие го послушаа, ја отворија племната и се закопаа децата во сламата, а возрасните ги скрстија рацете и ги удрија главите ничкум.
Дома останаа да господарат Анадолците. Ги растоварија раниците, го распалија огнот и прва грижа им беше да се најадат, та почнаа да претураат по куќата.
— Бурда, бурда вар екмек, (Онде, оиде има леб. ) — радосно се провикна еден, отворајќи ги ноќвите и гледајќи ги топлите сомуни, што ги намеси денеска невестата на дедот Балета.
Но со лебот требаше и нешто друго. A затоа тука беа двассеттината кокошки за прва потреба, па после ќе дојдат на редот овците, козите, кравите, воловите, та не ќе куртулат ни магарињата кога ќе се свршат копитарите со расцепени копита.
И така аскерите ги зазедоа куќите, a селаните ги преселија децата во племните.
Co стискаа, мрзнеа, боледуваа; изумреа сите деца под една година и старците, додека пукна пролетта да се постоплат на сонцето тие што останаа живи.
Како за инат и времето им ги зголеми страданиите. Од Арангела, кога падна еден снег, до стреи, одвај кај Мученици се распраи времето.
—    Така, чорбаџи Трајко, Димо, попе, даскале, така. Сакавте да бркате мене и Сефедина со аскерот, еве уште осумстотини души ќе рагате, дури не се умирит овој пис милет, — им зборуваше Арслан на коџабашијата и другите селани кога идеа да се плачат од зулумите на дивите Анадолци.
—Ќе раните, ќе трпите и ќе пукните кога не седите мадро — им одговараше Арслан.
А дали се трпеа зулумите од овој алабак табури? И дали тие зулуми беа малку па да се истрпат?
Ретко ќе се најде перо и рака да ги опишат, но отприлика изгледаа вака:
— Аман ага, аман пашум, аман султанум! — пиштеше и се виткаше од ударите дедот Стојко Кусибоја налегнат во сред двор во тињата.
—    Аман — заман јок, нерде кумитлар анасени… ана! ) — викаше онбашијата и маваше по старецот со една недокастрена суровица.
He беше работата за комитите, но дедот Стојко не донесе мед што му нарача вчера Расим, та го окрка ќотекот.
Кај Батанџиовци една вечер станаа пискотници во племната.
—    Бабо, бабо, бабо! Нерде о невесталар? — почна да вика еден од чаушите што седеа кај нив, а зад него стоеја уште десетина такви. Бабата Стаќа се направи да не разбра што бараат, та тивко одговори:
—    He се тука машките, ефенди, не се тука, утре ќе си дојдат од колибата, — и сакаше да ја затвори вратата од племната, — но еден што разбираше по нешто македонски ја кладе ногата на прагот, ја задржа вратата и и се овргали на старата.
—    He требат нам машките, мори магарице. Камо невестите, сакаме да поправиме малку муабет со нив, да поминит времето.
Двете невести, Јова и Петкана, и дванаесет годишното девојче Митра ја разбраа работата и се закопаа во сламата како прасиња во буниште, но чаушите навлегоа во племната, ги грабнаа вилите, ја избуричкаа сета слама и ги извлечкаа скриените жени и девојчето, та им ги затнаа устите на трите со шамии.
Зимата продолжи. Амбарите почнаа да се празнат, овците, козите и говедата да се намалуваат, но налет сермијата што отиде, ами другите зулуми не се поднесуваа. Секој Турчин маваше на секој селанец, селанка па и на децата.
—    Нерде сагодина, бре ќопек! — ги дочекуваа аскерите селаните и маваа по очи — по глава само затоа што некој заборавил да го поздрави со омилениот им поздрав: „да ти се ногу години, ефенди”.
Но најстрашно беше посегањето на жените. Откако дојдоа Анадолците ни една млада жена не смееше да се појави надвор од племната.
— Сак’н, мило чедо, не излевај да не си а земиш бељата, — беше првиот збор на секоја мајка и свекрва што имаа млади ќерки или снаи.
И ако се наложуваше некоја да излезе, таа прво си го гаравеше лицето со саѓи, се забрадуваше со црна искината и извалкана шамија, но и така ретко да беше спасена од срамот и нападите на аскерите, кои гледаа да дојдат до жена, та убава лоша, млада стара, немаше значење. За некое миење, преслекување и перење, ни збор не можеше да стане: жените станаа чуми, мажите — вампири, дивјаци. Отунаа во коси и бради, зовреа вошки во нечистотијата, а овие донесоа триста болести, та скоро половината население од селата изумре, а пустите куќи од ден на ден се умножуваа.
Па и тие — куќите — не поминаа подобро од луѓето и стоката.
Околу средето на зимата се досвршија дрвата по двориштата и аскерот почна да гори се она што беше од дрво направено.
Почна со јаслите од долни крај, продолжи со амбарите, каците, ноќвите, а кога и овие се досвршија им се загнаа на кочините, говедарниците, та дојде редот и на племните во кои живееја селаните. Co триста молби и придавачки нареди бимбашијата да не се откриваат барем половината племни во кои живеат луѓе, но затоа дојдоа на ред гредите, диреците, клештилата и желниците од самите куќи во кои живееја самите аскери. Откривајќи ги куќите, студот се повеќе и повеќе навлегуваше во покриениот, но одграден простор и огнот мораше да плапоти без престанок. А за тоа требаа дрва, кои селаните со своите гладни и мршави магариња не беа во состојба да ги донесат ни лебот да го испечат, та остави за греење.
Но времето си ја тераше својата работа. Околу Мученици се пораспарталија облаците и се прозаби небото за да може да се пробие некој и друг зрак од пролетното сонце. My се израдуваа тие што останаа живи и излегоа крај ѕидиштата да ги затоплат измрзнатите коски и да ја поискашлаат кашлицата што ги нападна уште пред два три месеци.
Тоа ги раздвижи и аскерите и овие почнаа да излегуваат од дома, а и бимбашијата нареди обука, та така куќите се поиспразнија и децата се поиздишија на припекот по двориштата.
Но селаните не и се радуваа сега на пролетта како порано. Колку да беше времето убаво за работа, тие немаше со што да тргнат. Маските, коњите, магарињата токму сега почнаа да пцовисуваат, воловите ги изеде аскерот, а овчарите останаа со стаповите в раце и ѕвонците по мутлите нафрлани, бидејќи се се изеде и изумре од глад, која затропа на сите селски врати. Но мајката природа секогаш притекнува во помош на своите рожби. Сонцето ги извлечка од земјата копривите, штавеот печурките и други билки од кои можеше да се свари зелјице и да се фаќа нова крв, та така децата по цел ден береа зелје, полжави, копаа корење од диви кочани и со сем земја ги полнеа своите празни стомачиња. He малку изумреа и од оваа лоша храна, но пак не се исполни желбата на Арслана да се заличи и семето од овој пис милет. Колку за семе останаа и машки и женски, макар половината; може и преку половината изумреа.
Нестанокот иа храна по селата ги загрижи бимбашиите, а и им се досади цела зима по пустите мариовски села, та предложија сите четворица да ги прибере Бахтијар во Битола, бидејќи и така немаа никаква работа. И навистина, преку зимата не се покажа потреба да бркаат некој комита. И кој би бил тој толку будала зимно време да брка комитлак? Кој можеше да се скрие од толку аскер во секое село кога земјата е посипана со бело брашно”?
Затоа и Бахтијар се согласи со предлогот од бимбашиите и во крајот на марта и почетокот на април ги прибра Анадолците во Битола.
„Ако се појави некаде некој трн, ќе ги пратам одовде”, — си помисли тој во себе.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *