Откријте го Мариово

11.
Кога виде Толе дека селата се наполнија со аскер, а и времето заклучи, народот војската го задржа во селата, јасно му стана дека не ќе може да презимува по меќанот — по колиби трла — како што правеше минатите години. Затоа реши и тој да се прибере во нефшлело од неговиот „пашалук”, но сега не како паша, ами како обичен мариовец.
Стигна некако до чебренскиот манастир, ги соблече Ѓорчевите кумитски алишта што ги зеде од Чачовци кога Ѓорче замина за Битола, ја наметна поповата антерија и долама, ја кладе поповата шапка, а бидејќи пооди некој месец и друг небричен и нестрижен се направи токму „папаз ефенди”.
My побара на јагуменот поп Ристета еден такам женски алишта, го преслече Ќосото и срцето му запрва од радост кога го виде по толку години пак невеста, како што беше некогаш кога се запозна со неа кај Брлета. My ја остави пушката и седлото од коњот на попот, а со нив заедно Брниклијата, Најда и сина си Велјана за „момци” на манастирот до Ѓурѓовден. My кладе на Белчета негов еден самар од манастирските коњи, и една сабота, тој јаваница, Митра по него, околу мракот му отиде на Бешот во Полчишта, кој штотуку се беше вратил од затвор.
Поп Ристе го познаваше мошне убаво Толета и Трајка, но сега не посмеа ни да помисли за некакво предавство. Едно, што го гризеше совеста за она што го направи пред два три месеца кога ги предаде четите на Маргара; а друго: со ова сакаше да го задолжи Толета и да ја ублажи својата одговорност ако излезе еден ден на видело предавството. Затоа му услужи дури и со својата свештена облека и шапка и му вети дека ќе ги држи Трајка, Најда и Велјана како момци на манастирот без да ги тера дури и на работа.
Толе му стави до знаење што го чека во случај да го предаде и се раздели пријателски, дури оставајќи на дизгот во црквата десет лири пари, што ги собра летоска од црквите по селата.
Кога удри вечерта на караулот на крајот на Полчишта не се изненади.
— Ќимс’н сен? — извика војникот, но гледајќи го попот на коњот и жената по него си промрмори нешто за себе, во кое време Толе му одговори:
—    Бенјим папас ефенди, — и не запирајќи го коњот помина крај војниците откои едниот ја изгледа похлепно Митра и му ја покажа на другиот:
—    Бак, бак, кардаш, ѓузел ѓелин.(Види, види, брату, убава невеста.) Толе влезе во селото, го најде Бешот кој се изненади на неговата смелост и дрскост, но познавајќи му го убаво табиетот, ништо не му советува или препорача кога му рече Толе дека тука ќе зимува зимава:
—    Сега ти си знајш, брат Толе! Јас веќе немам збор во селото. Лаже, мате, отио напред. Некои ме слушаа, други со сила и натераме, ете, заедно со тебе, влегоа во огнот, некои пострадаа, ене и по апцаните; другите, еве, ќе страдаат на своите огнишча, без да можеме да им помогнеме ни јас, ни ти. Како те ваќа умот сега — така прави! Ич мене не прашај ме за нишчо, па ниту со нешчо ќе можа да ти поможа, — си ја кажа Бешот својата сегашна положба и го остави Толета сам да си ја реди работата.
—He сакам да ми помагаш, море, токо да не те лаже ѓаволот да ме издадиш, та за помагање нема што да ми помагаш ти мене, кога ни сам не можиш да се поможиш, — му одговори остро Толе и пак го нападна што беше причина баш тој — Бешот — Толе да влезе во Организацијата и да земе учество во борбата, која по трагичниот свршеток се претвори во црни резилаци и срамови, од кои еден дел и Толета го притискаа.
Си го зеде коњот и си отиде кај старите јатаци Цуцуловци, што го хранеа и криеја уште пред десетина петнаесет години. Митра стана снаа на Стоја Цуцулов, а Толе — најстар негов син и продолжија да си живеат. Селаните се затресоа прво кога слушнаа и кога го видоа дека Толе е тука, но од друга страна и се поослободија. Ако дојде некаков зорт и прашање за разрешување ќе го разреши најарно тој и ќе ја понесе одговорноста.
— Вие само во мене гледајте, — им велеше Толе на сите што го прашаа што ќе биде и како ќе биде. — Ќе се ранат за ранење, нема чаре, но гледајте баре од зулумите да куртулите. А за да и избегнете ниј, честете го јузбашијата, мулазимот, башчаушот и чаушите. Сучете мазници, зелници, алви и кокошки. Шо ќе а тураат сами они маста — гответе му вие; шо ќе и тепаат они кокошките — пржите му и вие сами, ни и ватил камен нозете, се стори тоа. He подлагаа Бешовци ваши овдеа, ќе се тргаат маки, токо само со помин да бидат. И воа ќе помине’. Ќе си одат Турците, море, за одење, токо којзнае какви ни се ружаат да не вјанат по ниј!
Така бујниот Толе, притеснет од положбата во која се најдуваше, ги советуваше селаните да се спасуваат со гоштавање и придавачки, а сам во себе вркеше од гнев, сега не само на Турците, што си ги бранеа своите петвековни државни права, ами повеќе на Борисовци, Тренковци кои „дојдоа од џенемиите” — од Бугарија — да ја запалат земјата и да го остават народот на милост и немилост на разјарениот душман”.
И да видите, луѓе, фатија место Толевите совети. За среќа на полчивци, на самиот јузбашија, а најповеќе за среќата на Толета и Митра, овој јузбашија се погоди некако разбран и „кретен” човек.
Уште првата вечер го поканија десеттина домаќини на вечера и конак и тоа нему му направи голем впечаток. Тој доаѓаше со мисија да ги тероризира, истизува, да прави тевтиши и зулуми, како што им рече Бахтијар на бимбашиите, а овие наивни селани, место да се плашат и кријат од него, го викаат на конак. Ја сместија војската со азите и коџабашијата заедно и секаде виде како жените се растрчаа да готват за војниците; им ги симињаа раниците; им подаваа столчиња да седнат им го валеа огнот да се разгреат. Co еден збор, јузбашијата почувствува едно гостопримство, та неговата свест не му позволи да ја пренесе Бахтијаровата наредба за терор на војниците, ами напротив, им заповеда да се држат човечки додека и рајата така се држи.
— Ако забележи некој од вас некој пезевенлак од нивна страна, ќе ми кажете мене, јас ќе ви наредам што ќе правите после, — им стави до знаење на сите свои потчинети и ја прифати поканата од чорбаџи Чешелка да му биде гостин вечерва, а другите чорбаџии зедоа по еден мулазим, чауш или башчауш и сите вечерта добро го нагостија.
Овој марифет и Бешот им го препорача на селаните, но не зеде и не земаше веќе учество во селските работи, сметајќи се за виновен и компромитиран и молејќи ги да го остават малку понастрана и за нивно добро, бидејќи и Турците не ќе гледаат со добро око на него. Го оставија селаните, но само од директното учество, а советите ги прифатија и многу умно направија.
И сега, кога и Толе, како Бешот, им рече на азите и коџабашијата да ги честат офицерите, овие со сета своја сила се фрлија на таа работа. Место сами аскерите да фаќаат и тепаат кокошки — им вареа и пржеа самите домаќини; место сами да колат овци, кози и говеда — коџабашијата нареди луѓе за таа работа, кладе казани на сретсело, одреди фурни за леб, а јузбашијата лично им делеше таим на аскерите, со кое овие беа доволни дури и предоволни, добивајќи два трипати повеќе јадење од она што го добиваа од царот.
И слабо кој направи понекој мал истап, кои истапи јузбашијата уште во почетокот ги ликвидираше разумно.
Навистина сермија: брашно, маст, сирење, овци, кози, па и понекое говедо отиде, но главно од зулумот ова село се спаси.
На крајот се разбра работата од каде беше:
Мајка му на јузбашијата беше била каурка — Гркинка, но беше побегнала за некој си бег во Солун, ама од голем мерак што имале обајцата еден спрема друг, таа успеала да го кандиса да не ја потурчува, што значи тој беше од татко Турчин, а мајка христијанка, која во неговото детинство беше повлијала на неговото воспитание и разбирање за каурите.
Да го оттргне бегот сина си од ова влијание беше го испратил некоја и друга година во Стамбул на училиште, а тој се запиша потоа во военото училиште и со една група кадети отиде и проведе две години во Германија, та кога се врати, стана муљазим, a пред една година и јузбашија! Сето ова беше направило од овој Турчин културен човек, и тој како таков се покажа во Полчишта.
— Ќе а истутнеме зимата со овој човек,— се тешеа сите полчивци кога слушаа што се прави по другите мариовски села. А најмногу се тешеше Толе дека навистина без никакви потреси и непријатности ќе ја помине оваа лоша зима, од која есеноска баеги се уплаши.
И ја издутнаа полчивци сите здрави, сите живи.
Најпосле се крена аскерот и од Полчишта како и од другите села. Место пљачкање, тепање, псуење, овој јузбашија го построи и се збогува со сите селани што излегоа, та дури и Толе го стисна за рака и му ја подржа малку повеќе од другите селани.
— Ај ми со здравје, јузбаши ефенди. Господ да ти даде шо ти срце сака, убаво си поминаме, бериќетверсан. Ете, вакви луѓе требе царот да има, та да не се буни рајата, — му рече Толе и убаво го изгледа.
И јузбашијата го изгледа Толета и многу му поласкаа последните негови зборови. Го дупна коњот, излезе пред војската, оставајќи еден од муљаземите одѕади да не се врати некој војник да направи некој маскарлак. Излезе и се замисли длабоко. Како да му ги откри Толе причините за оваа народна буна.
„Право рече овој прост селанец. Еве, четири пет месеци преседов во ова ѓаурско село, едно влакно од косата не загина ни на еден војник, а камо ли мене. Од едно јадеше, пиење, гоштавање и чест ништо друго не покажаа овие луѓе спрема нас. Зошто тогаш се плачат нашите кајмаками, кадии, муфтии и разни спаии? Зошто најпосле се дигнаа овие мирни селани против нас? — почна да се праша јузбашијата и го најде одговорот, во својата личност, кој му го откри самиот Толе: „вакви луѓе требе царот да има, та да не се буни рајата”.
А какви беа царските луѓе против кои се бунеше рајата?
Јузбашијата ги знаеше многу убаво, тргнувајќи од својот татко — бег во Солун и преку разните негови другари — бегови, спаии, кајмаками, кадии, м”_ртии, авалеџии, беглиџии, идеше до сите заптии и колџии и нивните пљачкашки дела.
„Ете, тие се злото на царштината и тие ќе ја урнат, а не овие домаќини луѓе што се креваат да си ги заштитат своите имоти и животи”, — си заклучи тој и си отиде во Битола да му рапортира на својот бимбашија, а преку него и на самиот Бахтијара дека во неговото село зимоска убаво поминал без да имало причини за зулуми правење.
—    Како бре, јузбаши ефенди, како немало причини за зулуми? — се изненади бимбашијата на ваквиот рапорт.
—    Ами знаеш ли дека Сефедин и мудурот во Витолишта најмногу пиштат од тоа село? Таму е, велат, осарникот на сите пси што излегоа да ги бркаат нив од мудурлаќот и кашлата.
—    Како за кого, бимбаши ефенди! И осите не касаат кој не ги нагази. Елбете, нагазиле Сефедин и мудурот на осарникот, та ги искасале, — одговори иронично јузбашијата и поздрави во знак ва сврешен доклад.
—    Ништо чудно, — промрмори бимбашијата и го ослободи овој јузбашија за да ги прими рапортите од  другите.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu