Откријте го Мариово

12.
Co кревањето на аскерот од Мариово и со разубавување на времето им се отворија очите на сите селани, а особено на Толета. Селаните тргнаа по работа, та реши и Толе да „излезе на работа”. И еден убав априлски ден си го јавна својот Белче, си ја поведе „невестата” Митра по него и му отиде на поп Ристета на манастирот.
—    Презимуа ли бре, брат Толе? — срдечно го дочека попот и му ги изнесе неговите комитски алишта, пушката, пиштолот и дулбијата.
—    Mope, јас презимуа, токо ти како си со момците? — го праша Толе и ги побара Трајка, Најда и Велјана кои, плашејќи се од аскерот што се точкаше тие дни по Црна, беше ги испратил поп Ристе на колибата да се маткаат околу стоката, да не паднат в очи.
—    Арно си поминаме и ние, бериќатверсан. Тука се, кај стоката на колибата — му одговори попот задоволен што му услужи на Толета и со тоа го покаја оној грев од Маргара.
И Митра ги соблече невестинските алишта, си ги облече четничките, си ја прибра и таа пушката и од убава руса жена пак стана Толевиот четник Мише Ќосото.
Ги прибра Толе и другите четници и, речи си, уште неизмиени казаните во кои се вареше манџа за аскерот, тој со сета своја арамиска тајфа се истресе една вечер во Градешница. (Тука му беше повеќе врталиштето).
—    А бре ми, кај те носи матната, кај кршиш глава, в реката да појдиш да се удавиш, бре, кај одиш вака јавно на бел ден? He гледаш не испекоа Турците за тебе, бре Толе? — го засипа со клетви Гуле и почна да ги крши прстите. — Малку ли ни беа виа страданиа и маки, ѓупците да ве мачат, шо го зете народот на душа, бре? Ошче ли сакате да не истезаваат? Леле, мајко ти мила, шо сме имале да тргаме, орлите месата да ви и тргаат на белото видело, да рече господ златен!
—    Де, де, де! Сами си го викате и си го довикате! Шо не тргате маки кога јас сам си оде, токо кога нарипате вие со Бешот ондеа и ниа даскалите и офицерите шо ме подмамите и мене! Ако е за лутење — јас требе да се лута на вас, а не вие на мене. Токо, тоа помина ка помина, сега умот во главата ако сакате да не се врате! — му одговори и Толе наострен како Гулета.
—    Ете, агите јадоа, пиа, тепаа, гореа и пак живи останаме. Сега да си а прод’жиме нашата работа како есеноска. Никој да не стапне во Витолишча кај мудурот оти вртомчето и дреновицата ми стоат и си и носа со мене. Се разбраме, лели? Јас дури су жив
— мојто ќе се слуша. Кога ќе а видите главата моа одделена од рамената, шо сакате правите — им го повтори Толе својот закон на сите селани по сите села и си „запашува” пак како лани.
—    Бре, аман, шо ќе направиш, ќе го вратиш пак аскерот да не дозапусти! — се притапкаа сиромаси селаните, но Толе не се делеше од својот ум дека тој е паша на овој пашалук.
Покрај  јадењето, судењето, наложи и парични давачки — „за пашата” — од секое село, покрај оние што и собра есеноска од црквите. My требаа на пашата бели меџудии да ја подреси уздата на коњот; му требаа лири и половини лири за ќостези на саатите. А беше учен и ќемерот да не го носи празен, за да дава бакшиши по разни посестримки.
—    Кога ми е празен ќемерот не можа да спиа — им велеше на селските раководители кога им ги бараше и земаше наложените пари.
—    Ај, орман да фати да не се врати! — го колнеа селаните.
Го наполни ќемерот со жолти, ја нареси уздата од Белчета со киски и бели меџудии, го опна ќостегот со бели череци и зашета од село в село.
Слушне ли во некое село кавга, веднаш се најдува во него да пресуди со дреновицата; слушне ли да отишол некој селанец во Витолиште, макар по каква било работа, Толе го подложува на судење како прекршител на неговите „свети закони” и пак таа златната — дреновицата заигрува.
Се затресоа селаните повеќе од него отколку од сите Турци што ги имаше во Витолиште.
—    He а бива ваа со Толета, луѓе, — почна неговиот пријател Гуле. — Да правиме давии, да кажуаме на мудурот во Витолишча — ќе не избесе ако остане жив. А тој лесно не се дава в раце, па не е ни право да го дадеме. Ами ајде да правиме абер на началството во Битола, да му напишат некое писмо, да го поучат, понакараат, белки ќе се арниса од виа работи, — предложи Гуле и сам отиде еден ден „ на пазар” и му ја изнесе на Лозанчев и Дорев сета Толева работа.
—    Земи го писмово и однеси му го да видиш што ќе рече — му го подаде Дорев писмото и го испрати.
Кога му го предаде писмото Гуле на Толета, овој ја заврте главата и му рече:
—    He зборуа со мене, побратиме. Дај му го на кого сакаш, а мене кажи ми со уста да те слушна од кого е и шо бара тој шо ти го даде.
Гуле му рече дека бил во Битола, го нашле луѓе од окружниот комитет, кои слушнале што прави он по Мариово и во писмото го советуваат да не го диви народот, ами да гледа да се смири и да работи како што работеше во востанието, да ги прибира и бодри луѓето оти пак ќе ни требаат.
—    Хахаха! — прсна Толе да се смее. — Да не мислат пак да го тераат Толета да го брка Арслана и јузбашијата од Витолишча? Е, е, е! Се разбра таа, џанум! Сакаат да му го наметнат на Толета пак јаремот од нивната организација, ама на! — изговори Толе подругливо и го удри кундакот од манлихерката. — Еднаш Толе влезе во таа стапица, ошче еднаш нека ми проштаваат!
—    Ми рекоа, брат Толе, ако не можиш да вирееш по селата тие би те испратиле во Бугарија, да се зас’ниш и да се одмориш, — му ја пренесе Гуле поканата да го напушти Толе Мариово и да оди во Бугарија.
—    Ногу арно ми е мене овде. Кому не му чини, ене му и патишчата на сете четири страни, џенем ако сакаат нека ватат! — остро одговори Толе и си ја продолжи својата арамиска работа.

Close Menu