Толе Паша II том – Стале Попов

 

13.
Мудурот и јузбашијата во Витолиште поседоа една две три недели откако се крена аскерот, такаречи, без работа, чекајќи да дојдат луѓе на уќуматот од другите села на мудурлакот, но за големо чудо никој не стапна. Распратија понекој од селаните со задача да проверат што има — што нема по селата, но овие се враќаа со извештаи дека ништо особено ни виделе, ни чуле, освен трагите од зимошните зулуми.
—    Значи, се истребија сите откај нас — задоволен констатира стариот мудур и се спремаше да му предложи на јузбашијата да излезат некој ден да ги видат пепелиштата и пустошот што го направија војските и да ги покараат и поучат селаните да си седат мадро, да не се поврати злото пак. Но во тој момент му падна на памет есеношната случка со Толета во Мечи Дол, та реши да ги испратат со мифтишот шесте мина колџии, по двајца в село, и тие, како свои луѓе, да им донесат извештаи за положбата.
И ги испратија: двајца во Полчишта, двајца во Бешишта, а Асан Јајата и Џемаила во Градешница. Овие ги нарамија пушките и пак ја запејаа омилената песна.
„Не седи Џемко слободен…
Кавурска пушка не дупи…
Макар и Арнаутите да се бунтуваа по тоа време, оние Арнаути што беа на служба во државната администрација страшно ги мразеа каурите и жестоко постапуваа со нив во време на востанието. А такви имаше во сите државни служби, особено заптии и разни колџии.
— Пука, бре, агачко, и дупи! Шо ве дупнал ѓаволот да идете на в’кот в уста? — им се испречи Толе на патот во Крлигово на тие што одеа за Градешница и ги опколи со своите арамии.
Ги тевтиши што му згазиле во неговата „света земја”; ги псува, ги галати, но донесе пресуда даим удри Брниклијата по дваесет и пет дреновици и ги пушти да му носат поздрав на Арслана, дека Толе се свампирил и не пушта никого во својата територија.
—    Кој ќе сака да дојде вамо, да побара изим од Толе Паша. Така ќе му носите здраво живо на мудурот, јузбашијата и вашиот мифетиш! — им рече, испраќајќи ги преку Сатока.
—    He вар, не јок () бре Асан, Џемаил? — се изненади мифетишот кога, уште истиот ден зарана, се вратија претепаните колџии.
—    He вар — не јок, ич бише () само тој арамија, Толе Паша, ни ги искрши коските!
—    Бре, што зборувате? Бре каков Толе, каков паша по толку потери? — се фати за глава мифетишот и веднаш му ги одведе своите службеници на мудурот и тој да ја слушне оваа работа од нивните усти.
—    Така беше, мудур ефенди, и така ни рече — ги потврдија колџиите зборовите од мифетишот, којшто прв му раскажа на Арслана како поминале денеска неговите колџии.
—    Ах, анасени! ах, авардини! — се изнапсува и начуди стариот мудур, изненаден од дрската постапка на Толета.
—    Бити вајда, ќе пустит тој пезевенк овие села. Жал ми е, жими вера, имат добри луѓе во нив; ама, ете, има и едепц’зи што го кријат тој арамија, и крај сувото — ќе горит и суровото, — изусти Арслан и го викна јузбашијата да му ја сопшти „пријатната” новина — дека го поздравил Толе Паша и му нарачал да оди да се види со него.
Откако се советуваа двајцата со Сефедина, напишаа секој за себе по еден краток извештај и ги известија своите старешини.
—    Ќе му одам уште утре, нели нарачал, та за видување — ала билер () — му одговори Сефедин на мудурот и нареди вечерта да се спреми целиот табур за потера.
Излезе Сефедин вечерта по темница никој да не го види и според кажувањето на колџиите, ги насочи потерите по оние села каде што се врткаше Толе.
—    Како да е ќе го најдеме, ако не во Градешница — во Старавина; ако не Полчишта — Бешишта — им рече тој на своите чауши, башчауши и онбашии. — Само добро држите да не ни куртули и овој сефер, оти сите ќе ве избесам на црниците пред кашлата! — им се закани јузбашијата. — Зошто толку се плашите од него? Неоти тој не е од месо и коски? Неоти него не го дупи куршум? — почна да ги насрчува кога ги виде замислени, а во себе и сам се запраша:
„Зар може навистина да не го фаќа куршум како што се слуша?” И сам се утеши: „Да не веруваш! Пак којзнае! Ѓаурска работа, може и тоа да биде; инаку како се доварди од толку потери и пусии на кои падна овие десетина дваесет години арамилак!
Го распореди аскерот во три табури по педесетина души, а педесетина остави да ја вардат кашлата и конакот, да не му текне пак на Толета да ги нападне и во самото Витолиште, кога ќе разбере дека кашлата е празна.
„Не му тежи умот и тој магарштилак да го направи”, — со право си рече во себе Сефедин.
И навистина, на Толета не му тежеше умот за ништо. Што му паѓаше на ум — не се враќаше назад. Но тој немаше наумено да го напаѓа сега сам мудурот и јузбашијата, оти тоа сега не му требаше, но им порача по колџиите да не го вознемируваат и тие него, како тој што ве ќе га вознемирува нив. Но кога разбрал дека Сефедин излегол да го брка и — тој презеде една „дипломатска акција”.
Уште на вториот ден по Сефединовото излегување, Толе се преметна од запад на исток од Витолиште, и од Жиово му прати порака на мудурот:
—’ Еве сум во Жиово со сите мои арамии, и ако сакам вечер ќе ве испечам во конакот и кашлата, бидејќи Сефедин со аскерот не в тука. Но јас од тоа не ќе имам никаков аир, та неќу да си товарам на душата греови. Ами, разбери се еднаш и не праќај го аскерот да лупа за бадијала. Ако пак мислаш оти ќе ме ватиш, на староси се лажиш!
А Жиово е на четири километра од Витолиште и дури да пристигне  Сефедин од другите села, Толе можеше навистина да му припука ноќта.
Се затресоа мудурот и чаушот што останаа со војниците и пак го фатија нокта црквеното кале — да се бранат ако ги нападне Толе, како што направи лани на Илинден. Но не се појави таа ноќ никој, та утредента Арслан го испрати селскиот протуѓер Шиклата да го бара Сефедина, на кого му ја соопшти положбата, молејќи го веднаш да се врати со аскерот.
Толе преку Врпско ја прејде Црна и во Гудјаково го најде распиштолен Андона со своите четници. Заедно со него го прокрстари и овој реон — мало Мариово, ги најде по Крушевица и Рапеш Стоја и Петка, си ги даде директивите како арамбаша на сите четири чети и пак прејде на Скаклевите воденици да „пашува” по Бзовиќ, Груништа, Старавина, Градешница, Полчиште и Бешиште. Мудурот и јузбашијата се затворија во Витолиште и не посмејаа веќе да испраќаат потери.
Андон ги догоре чифличките кули и кошарки во Крушевица, што останаа лани лето недогорени; Петко и Стојо — тие во Маково и Рапеш, такашто Мариово го очистија од турчовина во сите села, освен Витолиште, та му удрија едно своеволие секој во својот реон, а Толе во цело Мариово како врховен заповедник. Јадење, пиење, па и по некоја пара вергија од чорбаџиите за алишта, опинци, саати, костези.
Толе, изгледа, му се насити на Ќосото и почна да пребира други мариовки.
—    Ти, Марије, си одиш со Мушона, а? Змија лута ќе те клукне, ќе те обеса на сретсело, да знајш? — ја судеше еден ден Толе во Бзовиќ дваесеттодишната убава чупа Марија Милетова од Старавина, за која разбра дека му се подала на Мушон Евреинот што држеше дуќан во Старавина за некакви си прстенчиња, грлувчиња, мониста и други ѕрнѕурки.
Оваа, уплашена од Толевото ортомче, мораше да бара средства да го спаси животот, но знаејќи дека кај Толета нема аманзаман, прибегна кон тоа средство најмногу што дејствува кај машките.
—    Е море, си ода, бацко Толе, си ода, бре, млада су, ми се сака да носа, да јада локумчиња, шиќерчиња? — му одговори таа слободно и му намигна со левото око. — Зар тебе не ти се каснуа пиленце? — И не дочека Толе да си ја каже вистината дека, му се каснува и нему пиленце како што е таа, му се фрли на вратот и почна да го бакнува.
На Толета не му ни требаше повеќе. Женските бакнежи го разнежија и неговото арамиско срце, и тој, место осуда, и ги врати бакнежите двојно и тројно и ја испрати да си оди во Старавина, но со строга наредба да не му ги плаќа на Мушона прстењето и локумите со својата младост, ами со петте лири што и ги даде тој.
Ho Толе не беше секогаш во Старавина за да биде крај Марија. Кога беше во друго село, требаше некоја да ја замени и Марија и Ќосото, кого почна да го распоредува на конак со другите четници, а не со него.
Затоа во Градешница Толе кондиса кај убавата Неда Романова, со која проведе два три месеци, па како да се присети на својот случај со црното Кате пред дваесет години кога му го наметна Адем, и тој намисли да ги смести своите Катиња, Нешиња, Мариња, та еден ден ја викна Ѓурѓа Ватралкова, мајка на убавото момче Митрета Ватралков и и нареди да ја земе Неда „негова” за сина си Митрета.
—    Mope, како така, бацко Толе, ами роднина сме! — почна да се брани Ѓурѓа, знаејќи ја Неда како негова посестрима и расипана девојка.
—    Рода, не рода, јас повелам овде! — и се провикна Толе и му се опули на Брниклијата, а овој ја налегна Ѓурѓа и замава со дреновицата.
—    Гроб, гроб за ваа кучка шо не сака да го слуша Толе Паша! — нареди Толе да се копа гроб за Гурѓа.
Виде невиде се согласи Ѓурѓа, и Неда му стана невеста на Митрета, како Ката од Стевана ковачот што стана Толева невеста под притисокот од Адема.
И така со ред по сите села си фати посестримки, а Ќосото сосема го забатали. Дури почна и да ја тевтиши и навредува.
—    Ах, Толе, Толе, да би од куршум не куртулил, да рече господ златен, шо ми a г’тна младоста! — почна и таа да го колне, леејќи порои солзи во темните ноќи, кога си мислеше колку го сакаше и сака, и колку маки и страдании крај него истрга, решена да умре со него заедно.
И кога Толе еден ден дојде во Полчиште, Митра му ја остави пушката и четничките алишта на Бешот, се облече во женски алишта од ќерка му Петра, и отидо кај браќа си во Витолиште, да си ја оплакуна горчливата и несреќна љубов по арамијата Толета.

** *
Бахтијарпаша страшно се разлути кога го доби извештајот од витолишкиот јузбашија дека Мариовото ушто не е смирено. Валијата му го препрати писмото од мудурот со извесна напомена дека ја истргал војската без да сврти работа. Затоа овој го повика оној бимбашија што беше зимоска во Витолиште, му ги покажа двете писма и строго го укори:
—    Се вративте, бимбаши ефенди, со несвршена работа, — и го погледна напорки.
Овој си ја поткасна муцката и омодре, но ништо не проговори.
—    Што мислите сега да преземете, ефенди, по овие писма? — го праша Бахтијар место да му нареди нешто.
—    Што ќе заповедате, пашум тоа ќе преземам јас.
—    Јас заповедав есеноска да не се враќате дури не ги исчистиме тие трње, а вие сите четворица со четири илјади души аскер не фативте еден арамија, та налет комитите што ви избегаа.
—    Крив сум, паша ефенди, пред тебе и пред падишахот, ама кој се надевал дека крај толкава сила ќе се осмелел некој и понатака да буричка и мати вода. Заповедај, готов сум да ја исполнам секоја твоја наредба, — одговори натажено бимбашијата и поздрави по војнички со удирање на топуците од чизмите.
—    Како знаеш да ја ликвидираш оваа работа до есен, да не мрзне и гладува аскерот и на зима.
—    Евет, паша ефенди! — пак тропна бимбашијата со чизмите и направи налево круг да излезе.
Бахтијар се поуспокои и го врати.
—    Ќе го земиш твојот табур и ќе отидеш таму во тоа пусто Мариово, да би се опустело да рече алах! Води сметка што помалку жртви да дадеш и дури не ја видиш главата пред тебе од тој разбојник да не ми излеваш пред очи. Води сметка што пишува мудурот овдека. „Без помош од самите каури не ќе свршиш работа”. Затоа сега, за разлика од зимоска, помалку тевтиш и зулуми. Фати ја работата со добро, прибери некој и друг селанец да ти помогнат, да го предадат, оти ако го кријат тие, никогаш не ќе го фатиш или убиеш. Ете, мудурот пишува дека и селаните од него почнале да пиштат. Толку поарно за нас. Ќе им се скисне и ним од неговите самоволија, та белким ќе го предадат. Друго чаре нема, — му даде Бахтијар инструкции на бимбашијата и го испрати некаде околу Петровден да го брка Толета по Мариово.
Како што носеше местото, почна прво со мало Мариово. За две три недели ги нагази Стоја и Петка по Маргара и Смечот. Двајцата паднаа со по некој и друг четник, а другите му се придружија на Андона.
—    He се издржуа, бацко Толе, шо не се издржуа, токо ајде да а ваќаме и ние Бугарија како тиа лани! — му предложи еден ден Андон на Толета.
—    Џенем ваќајте! Кој кај сака — кршите вратот! А виду јас и таа нивна Бугарија шо сермиа е. Дури ќе стое лејката, јас одовде не мрдам — му одговори Толе и се раздели од него, испраќајќи го до Плетварски Дервен, да не го згаштат уште тука агите. Го преметна преку џаде и се врати назад со тие што не сакаа да одат со Андона. Останаа со Толета: Брниклијата, син му Велјан…
Дури бимбашијата го претресуваше мало Мариово, Толе се врткаше по старо Мариово преку Црна. Кога овој прејде преку река, Толе прејде на другаот брег.
—    Ќе го мотам ваха како лисицата шо го мота загарот со пашката! — задоволно Толе им зборуваше на селаните кога преоѓаше од едното во другото Мариово.
И го мота навистина цело лето. Побарај го по десниот брег на Црна, тој јави се на левиот; прејди му на левиот — тој кажи се на десниот.
—    Е, арамбашо, мрда, мрда, домрда — се провикна еден ден бимбашијата кога наполно ја разбра Толевата тактика.
—    Значи, треба да го поделам табурот на два дела. Половината од едната страна, половината од другата, — си заклучи бимбашијата и така направи.
Остави тројца јузбашии со петстотини војници по левиот брег, а сам тој со двајца и толку аскер почна систематски да ги претресува селата и планините по десниот брег. My се придружи и витолишкиот јузбашија со стотина војници и положбата на Толета се влоши.
И не само со ова се влоши положбата на Толета.
Разбиената лани Организација почна да се созема. Останатите војводи јавија глави понекаде и ја засилија будноста на Бахтијара и неговите сили, Но и друго нешто му ја отежна положбата.
Битолскиот окружен револуционен комитет си ја присвои функцијата на бившиот Централен комитет и во името негово, којзнае по каква штура идеа, им испрати на сите организации едно окружно писмо, што јазастрани вистинската борба и ги расцепи и тие малку останати сили во народот.
Писмото сега даваше директиви не за борба против заедничкиот непријател, ами борба меѓу селаните. Имено: тоа писмо им наложуваше на раководствата да ги натераат сите дотогашни патријаршисти, што се сметаа за Грци, да се откажат од патријаршијата и да станат екзархисти или Бугари.
—    Ете, бугарските чети сакаат и верата да ни а менат, — им ја објаснуваше даскалот Димо Гулушов еден ден на своите Старавинци содржината на писмото и ги викаше да не признаваат отсега натаму никакви бугарски чети ни војводи, ниту пак да ги хранат и кријат.
А бидејќи Толе лани дојде да ги вика селаните во борба заедно со четите чии војводи Сарафов, Тренков, Гарванов, Чакаларов беа Бугари, тоа Димо им го објасни дека и Толе е бугарски војвода, та ќе треба и него, не само што да не го слушаат, ами дури и да го бркаат.
—    Така, брат Толе, така. Отсега потамо нема леб за бугарски војводи кај нас — му се исправи еден ден Димо лично на Толета во Градешница.
—    За кого нема леб, бре пес, кај вас? — му се овргали Толе, а Брниклијата замава со стапот по Дима, уште неналегнат.
Селаните се узбунија и вечерта влегоа кај Толета петшеест души, еден поеден, да му стават до знаење, дека нема да го прибираат понатаму. За да го заплашат овие „Грци” „Бугаринот” Толета, влегуваа оружани со една мартинка в раце, која на вратата ја менуваа таа иста пушка, бидејќи само таа беше во селото, но на Толета му се стори дека има најмалку педесетшеесет такви.
—    Јас не признавам ни грнци, ни букари, и сакам мојот збор да се слуша! — провика утрото пак Толе. Но пријателите Гуле, Гуце, Тодор, Марко и друга му дадоа да разбере дека селаните се оружани и ако почне да прави некои лудории како што си имаше обичај порано, ќе го врзат и ќе го предадат на бимбашијата, којшто толку пати ги советува, та дури и замоли да му го предадат Толета: голем бакшиш ќе добиеле.
—    Аха! — се издиши Толе и се замисли. „Значи, близу ти е крајот и тебе, Толе!” — си проговори за себе, но никако не можеше да помисли за некое спасување со бегање.
„Отепа толку Турци, па нека отепаат и они еден Толе, мајка му стара”, — си рече во умот и ја напушти Градешница со еден пророчки поздрав.
— Е збогум за последно видување, пријатели, и браќа. Јас не сака да ве права ни Бугари, ни Грци, како шо не су ни јас ни Бугарин, ни Грк, ами ваш брат Мариовец, Маќедонец. Реку да ве куртулам и од едните и од другите, а најногу од Турците, токо лели си и сакате вие — ќердосате си и сете. Само паметуате ми го лавот, дека сете ќе ве псуат и вјаваат како добици, и тешко ќе и симнете од грбот. Нека ви го берат греот тиа шо ве подлагаа и шо ќе ве лажат и натака! — се збогува Толе со својата „престолница” — Градешница — и со своите „поданици” мариовци, та тргна со четата на север, за да ја поварди главата уште некој и друг ден.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *