Откријте го Мариово

 

2.
Конзулот си достоја на зборот и му ги теслими на валијата „бунтовниците” Шаќира и Ѓура пак со интервенција да им се суди по царските закони, и овие се најдоа уште истата вечер во Катилана.
Се знае. Кој доспеал во тој затвор не ќе се пофали со добра постапка; нема да помине без тесни долапи, ситен синџир на гуша, белегзии на раце и тежок тумрук на нозе. А особено ако дигнал рака на падишахот и неговите силни слуги. Па затоа и Крсте и Ѓуро поминаа на тој ред и одлежаа по десет дена во тесните ќелии, стенкаа под тешкши тумрук и сите други стеги, но по десетте дена веќе беа во една од широките темни одаи, со уште дваесетина како нив, и почнаа да кркаат од тавите печено бравско месо и кисело млеко што им идеше од градот.
По лубениците и грозјето што им идеше разбраа дека летото поминало, а потоа и воздухот ја мени својата температура, та се уверија дека и зимата дошла.
И еден таков, студен, зимен ден га изведоа и нашите бунтовници на суд.
Скроениот план во Алимасковото одајче уште за малку ќе се извршеше и Јован имаше да биде пуштен, а Шаќир да плати за сите сторени и несторени греови.
Арно ама „што не покрил господ — човек не може да покрие” велат старите, та кога мудриот кадија ја праша бабата Цвета:
—    Кој дојде прв кај тебе, бабо? — оваа ја кажа вистината и одговори.
—    Овој, Крсте што го викате.
—    A! a! а! — извикна задоволен кадијата. — Значи Јован барал Шаќира, а не Шаќир да заколит Јована? е, е, е! Се разбра работата. Кој бегат од колачот не одит кај него да му носит главата да пресечит — заклучи кадијата и им ја прочита својата пресуда: Крсте Гермов — Шаќир — идам — 101 година — доживотно, а Јован Ѓуровчето „шубе — тарафанда”, — две години сургун.
—    Стоте вам, едната мене, — се слушна од оптуженичката клупа од Шаќировата уста.
И ги вратија во својата одаја во Катилана да чекаат спровод за Диар Беќир, Ерзерум, Љум Куле, Едикале или некој друг од многуте казнени заводи во турската голема царевина.
Се разбира дека и двајцата се жалија на пресудата, та останаа да чекаат резултат од жалбите.
Дури тие го чекаа овој резулат состојбата во нивната одаја секој ден се менуваше. Нови идеа, старите излегуваа.
Едно утро се простија со еден бушав и страшен човек — Алекса — Леко го викаа, дотеран и тој како нив, кој не се врати веќе. Разбраа дека го обесиле на ат пазар во Битола баш до шадрванот, каде што пазарџиите си ги појат добиците вода. А народот по тој случај запеа:
Црно му било пишано
На Александар Турунџа
шеснајсгодишен војвода…
Потоа дотераа еден „наивен” кираџија што носел ориз од Штип и Кочани, кој исто така не се вратил назад во одајата. Но затоа се пренесе шепот дека тој, кираџијата, кој се викаше Дончо, го испратиле агите без никаков суд на оној свет, бидејќи колџиите му нашле во оризот некакви „железни јајца” за кои тој „не знаел откаде дошле и кој му ги турил во вреќите”…
И на сите во одајата им стана јасно дека ќе го мрсат ортомчето, било јавно како Алекса, било тајно како Дончета, та еден ден излезе еден млад човек висок, со руса убава брадичка, пред сите со еден предлог:
—    Ќе не каснат агите што ќе не каснат; таа се виде, луѓе, ами ајде да побараме некое чаре.
Сите дваесетмина триесет, колку ги имаше во одајата, (колушот) се собраа околу момчето, кое некако отскокнуваше од нив и со умот и со лицето.
—    Е кажувај го бре, Кољо, чарето? — му се обрнаа неколку гласа одеднаш.
—    Ете, ние сме овдека сите од една траба, што се вели, сите луѓе од Организацијата. Кажувај што можеме да направиме? — продолжи нашиов Шаќир, на кого не му се одеше 101 година сургун, а можеби уште на втората и третата да му го најдат чарето агите и да го испратат кај Алекса и Дончето ќираџијата.
—    Јас велам да организираме бегање од оваа пустиња, — излезе со предлогот младиот Никола.
—    Бегање? — се испушти од триесет грла. — Убава работа, но каде се излегува од Катилана? — се затапкаа сите, не гледајќи некакви можности во предлогот.
—    Бегање, бегање, другари. Ако се согласиме сите, мене ми се чини дека ќе успееме. Одамна го имам намислено ова, ама сам, без вас сите, не се може. А ако сте согласни, да ви го изнесам мојов план.
—    Што е тоа несогласни, море, туку кажувај да слушнеме и сите да поразмислиме — одговори еден за сите.
—    Ако некој не е согласен, ќе може ли да додржи, барем да не не издаде — праша момчето место да почне со изнесувањето на својот план.
—    Шпиуни меѓу нас нема, а страшливците ќе си ги сошијат устите, — се провикна Шаќир и му се опули на Јована в очи, познавајќи го како колеблив и плашлив.
( — Добро, тогаш, — почна момчето. — Јас одамна ги гледам нужниците и се распрашувам кај наши луѓе каде води ѓеризот, колку е широк, каде истечува итн. Сите гледенија што ги добив до сега ми ја подгреваа надежта, дека ќе можеме по него да излеземе. Нам ни треба сега само едно. Одовде, од оваа пустиња да отидеме до него — до ѓеризот. А колку се научив тој не е далеку од нас.
—    Како ќе се провлечеме преку ѕидов? — се слушна сомнително прашање.
—    Ќе ви кажам, — рече момчето. — Јас со конец и камен го мерив нужникон колку е длабок. Безбеле, на таа длабочина е и ѓеризот. Може нешто и подлабок но тоа нема да ни попречи. Ние зимава треба да ископаме овде во еден ќош една дупка толку длабока. И ако темелите се подлабоки, што не верувам, ќе дупиме натака дури да удриме на него — на ѓеризот. Ќе го искршиме првиот ќунк на парчиња и ќе ги раз’рваме другите по него и така ќе се промолкниме еден пo друг. A ми рекоа дека надвор од двориштево ѓеризот е ѕидан со плочи, четвртаст и толку широк што не ќе има потреба да го прошируваме. Води право во Драгоров над самиот пиш од водениците на Арслановци, та сите ќе попаѓаме во вирот без да се плашиме оти Драгор ќе не однесе.
Ете го мојов план накусо: ние треба да почнеме со копањето уште веднаш, та до пролет да ја свршиме оваа работа, ако сте согласни, — заврши иницијаторот на бегството Никола Каранџулов и застана да ги слушне своите другари.
Еднодушно го одобрија планот сите и веќе секој пајдос и по два пати се враќаа во клозетите со по едно ќесе земја врзано за учкурот од гаќите.
Така почнаа. Ноќе копај во ќошот, со разни парчиња железа што им беа доставени од луѓето на Организацијата, полни ги ќесињата што ги направија од своите крпи за лице, а дење турај ја земјата во клозетите, која водата ја носеше надолу по ѓериз и ја исфрлаше во Драгорот.
Радоста беше неопишана кога после два три месеци навистина удрија на ќунците од ѓеризот. Точно беше ја измерил Никола длабочината и правецот и тие веќе за десетина дена ги изнесоа парчињата од ќунците и удрија на калдрмисаниот ѓериз доволно широк да може човек помешечка да се провлече стотина метра надолу.
И една ноќ, при крајот на март, одајата се испразни. Последен излезе и бапна во вирот Никола и по река, надолу, ги најде сите триесет и два другари во врбјакот каде што се разделува патот за Поешево и Оптичари и им ја честита слободата, а тие едногласно, уште тука, го избраа за свој војвода, благодарејќи му со тоа, што ги извади од затворот и им ги спаси животите.
Така се образува четата на Коле Каранџулов, во која попаднаа и нашите пријатели Крсте Шаќир и Јован Ѓуров и поодија со него дури да го најдат својот војвода Толе Паша и да тргнат со него.
Валијата и пашата испратија големи потери по бегалците и не знаејќи кој е нивниот војвода, ќе почнат да се распрашуваат кај бабите по селата.
— Нешто ќе те прашам, бабо
Право да ми кажиш…
Кој војводи беа, бабо
У тебе на гости?
Дали Толе Паша бабо
Дали дедот Коле?

А бабата ќе им одговара:
Дејди Турче, Турче, море
Итро ем будало,
Та лели ме прашаш, Турче,
Право ќе ти кажа!
Ни војводи беа, аго,
Ни кумити беа,
Туку тие беа аго
Кутри затворници!
Апцана дупнале, аго,
Они испаднале,
Војвода им беше, Турче,
Кољо Каранџулов!
И се разнесоа овие прашања и одговори по цело Мариово, пеани од устите на сите мариовци и мариовки.

Close Menu