Толе Паша II том – Стале Попов

 

14.
Како што се очекуваше, бимбашијата му влезе во трагата на Толета уште утрото, по неговото збогување со градевци. Се разбира, даскалот Димо не можеше да го преболи срамот што му го нанесе Толе пред селаните, та испрати човек во Бешишта и му соопшти на бимбашијата дека Толе е одавде река. Овој ги фати сите пристапни места кон селата и Толе уште на втората вечер нагази на пусија крај бачилото Манчевско во Бешишкото поле.
— Ceгa по него, момчиња, — си ја даде бимбашијата наредбата на јузбашиите и мулазимите и овие му се зашија за врат на Толета.
Кршка лево, кршка десно, ги подлажува дека се вратил кон Градешница, но сега загарите не се подлажуваа со лисичината опашка, бидејќи и селаните правилно ги известуваа за Толевото движење, та не го оставаа ни да се издише.
Навистина, при секое среќавање со него паѓаше понекој од аскерите, по некој се рануваше, но тие беа толку многу што на секој Толев четник броеја по цела стотица, та бимбашијата не се плашеше оти Толе ќе ги истепа сите. Тој лично раководеше со гонењето и сакаше да го доведе до крај.
Толе ја осети сериозната опасност и сакаше пак да направи маневар со преоѓањето преку Црна. Ги домами војските до Становица над Жиово, скршна на југ, небарем се враќа назад кон Градешница и преку Врпско ја прејде Црна и кондиса во Гудјаково, мислејќи дека ќе се поодмори дури да го побара бимбашијата на оваа страна од реката.
Но овој ред бимбашијата не се излага како порано и не се врати да го бара Толета одавде река.
— Нека кршка, нека кршка, Неговиот правец е преку река, — им рече тој на јузбашиите и прати едно одделение да ги извести оние јузбашии, што беа по левиот брег на реката за да се приберат кон селата Вепрчани и Гудјаково и да го чекаат арамбашата Толета со неговата дружина.
Сметката излезе точна.
Уште ноќта бимбашијата полека ја прејде реката и во темницата го опколи од трите страни селцето Гудјаково во кое Толе се одмараше. Го остави северниот крај слободен, не за да го пушти Толета да избега, ами да му го поттера на оние јузбашии, што исто така ноќта ја навртеа војската на дветри стотини метра до селцето и залегнаа на пусија во густите смреки и грмушки од Никулица, Нежилово и Клен за да го дочекаат скриени зад карпите.
Кога пукна зората, на 14 октомври 1904 година, кај Цоцовци дотрча селанец и на Толета му рече:
—    Бацко Толе, аскер здола Црна!
Но Толе по својот обичај само нареди побргу да се готви јадењето.
—    Ако умра, баре сит да умра, — му рече на Цицот, како ништо лошо да не гледаше во умирачката.
Бимбашијата јавно ја насочи војската кон селцето и Толе го виде обрачот од трите страни, бидејќи веќе убаво се раздени, та дури и сонцето огреа.
Толе ги собра другарите, го јавна коњот и на очиглед на целата војска го бодна преку страна над село, а бимбашијата сам прв тргна со една од пушките на војниците; беше прилично оддалечен — не го погоди. Отворија оган и војниците, но Толе го преметна ритчето и го фати Кленскиот дол, а Брниклијата фати еден камен за метериз и почна да стрела во аскерот. Овој изналегна во гробиштата крај црквичето, а Толе продолжи нагоре, горе долот, убеден дека и сега лесно му се слизна од раце па бимбашијата. Го позастана малку коњот и виде дека Трајко ги задржа Турците, му ја пушти уздата и го потера полека нагоре, дочекувајќи ги другарите по него, и како секогаш што правеше, си ја викна својата мила песна:
He плачи, мајко, не жалај, мори,
Оти ќе станам ајдутин…
И таман што се заврте да му викне и на Трајка да се прибере, одеднаш од камењата на пет метра пред него загрмеа педесетина пушки.
Co последниот стих од песната на устата Толе падна заедно со коњот и извика така силно што долот одѕена:
— Оооф! ме изедоа мене пците, токо не дај се баре ти, сине. — Во последното издишување се сети дека и син му Велјан е во тие што одеа по него.
Но ниту Велјан, ниту пак друг од неговите другари мрдна погоре од Толета. Од непосредна близина стрелаа Турците и сите четници паднаа наместо.
Брниклијата ја виде клопката и летна надолу низ аскерот. Овој пропука на него, a повеќе се повлекоа лево и десно, та Трајко со еден куршум во десното рамено, но плитко, се извлечка долу долот и куртули.
Се смирија пушките. Бимбашијата нареди и буријата засвире кај црквичето; го повика аскерот на збор. По половина час навртеа оние тројца јузбашии што го отепаа Толета. Еден чауш ја донесе главата од Толета и ја фрли пред нозете на бимбашијата, а чарбаџи Стеван од Крушевица, кого Толе пред десетина петнаесет години го уцени со сто лири пари што и беше престрамил на Ката, а кој цело лето оди со потерите да им помогне да го фатат Толета, восхитено се провикна пред бимбашијата:
—    Еве а, ефенди, главата од вој арамиа! Вимбашијата се стресе од глетката, a полчишкиот зимошен јузбашија чкртна со забито на Стевана и тивко му проговори:
     Тој знае зошто умре, но ти не знаеш зошто живееш, ќерата ниеден!
Да се однесе главата кај трупот! — намуртеио нареди бимбашијата и се распраша колку души паднаа; има ли паднато некој од аскерите, куртули ли некој од комитите…
Откако се извести за се, па и дека куртули еден, ги развлече устите и процеди преку заби:
—    Нека остане некој за семе! — ја собра војската и замина за Дуње, наредувајќи му на коџабашијата да ги закопа отепаните комити „да не се свампират” и да го напаѓаат селото.
Во тој момент му пристапи на бимбашијата Суло, чаушот што ја донесе Толевата глава, што го отепа лично Толета и го замоли:
—    Изим, бимбаши ефенди, да останам ноќеска овдека, оти нозете не ме крепат веќе. Ќе си дојдам утре сам.
Бимбашијата ја заврте главата, но го остави со целата негова десетина и овој се нагости дента и вечерта од оние кокошки и мазници што ги нарача Толе за себе и другарите.
—    Само на селото никаков ќедер! — строго му заповеда бимбашијата и тргна пред аскерот, разделувајќи се со витолишкиот јузбашија, кој по истиот пат се врати назад во Витолиште и му ја соопшти пријатната новина на стариот мудур Арслан беј.
—    Ех, сега нека земит душата ала! — се провикна Арслан и го прегрна Сефедина, на кого исто така му се симна еден голем товар од грбот.
Сулочауш стана утредента и го викна коџабашијата:
—    Ајде, коџабаши, да одиме да покажам каде сет арамиите, да видиш и да закопаш, да не плашиш веќе од Толе Паша, — и тргнаа само двајцата.
Оти, мајката, чаушот не зе ни еден од аскерите — се запраша коџабашијата, но не му рече ништо.
Уште на одењето чаушот си ја зеде пушката на готовс.
—    Еден, два, три, четири, пет, шест седум… — ги изброја Суло труповите и почна да се чуди.
—    Ај анасени, бре коџабаши! Јас оставив осум вчера, каде побегнал едниот? — му се обрна на коџабашијата и почнаа обајцата да се ѕверат низ смреките, затресени од страв да не им скокне сега тој што го нема.
И уште така наеежен, коџабашијата се вџаши и ожолте како восок. Сакаше да се врати назад, да му рече на чаушот дека ништо нема, ама овој ја забележа неговата забуна, се стрчна со навртена пушка пред себе и го виде ранетото момче. И само што требаше да оптегне за ногата, да пукне, му се сретнаа очите со паднатиот и Суло го задржа прстот.
—    Ставај, бре комито, ставај да носам жив кај бимбашијата, — почна да го скорива Суло младото петнаесет шеснаесет годишно момче, кое ги вргалеше очите во небото и случајно ги фрли во Суловите. Лицето му беше отунато во крв, десната рака скршена, а на устата му вриеше шапка пења. Градите високо му се креваа и спуштаа, а од грлото се слушаше потајно стенкање.
—    Па овој готов, зошто да арчам куршумот, бре коџабаши? — се провикна Суло, ја наметна пушката преку рамо, и дигна еден камен од дваесет триесет оки, та му го фрли на главата на момчето. Коџабашијата се фати за очи од глетката.
—    Вака требит за нив. Да столчиме главите како на змии! —
Се наведе и втор камен да земе, но Боше коџабашијата не му даде тоа да го стори. Co светкавична брзина го јавна одѕади, го стисна со двете раце за врат и го удави како волк јагне. Co ова братучедот Боше го освети својот братучед Велјана, помалиот Толев син, на кого Суљочауш му ја столчи главата.
Си ја наметна мамзерката од чаушот и уште вечерта го најде Брниклијата во Галишките колиби и му се придружи. Го „суредија” чорбаџијата Стевана од Крушевица и поп Ристета од Чаништа, па потоа ги положија и своите глави.
Колку да беше суров Толе и колку самоволии да направи, народот пак запеа:
Жалајте го, браќа
Толета војвода
Којшто Толе падна
За нашата слобода…
По два дена од смртта на Толета, ја најдоа Митра обесена на една греда, долни крај, во татковата и куќа. Таа си достоја на клетвата дека без него нема да живее.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *