Откријте го Мариово

 

 

4.
Толе ја разбра салам сета работа на Конгресот од Петрета и доби од него упатства што треба да работи.
—    Ти сега ќе гледаш што повеќе оружје да се внесе во народот, — беше последниот збор што му го рече Петре на Толета.
Толе си дојде во својата чета во Полчишко и се замисли како да дојде до оружје.
Гледајќи ги Шаќира и Ѓура, се сети дека есеноска испрати по овие двајцата шестотини лири за пушки, та сега ги закачи нив за таа работа.
—    Камо пушки за парите шо ви и дадоме есеноска со Бешот, бре побратими? — им вели Толе и им запрети оти ќе ги обеси ако не стигнат пушките уште за некој и друг, месец, кога ќе треба да се употребат.
Шаќир и Јован се бранеа дека ги предадоа парите на прилепското началство, а што стана понатака тие не можеа ништо да разберат од затворот. Затоа Толе реши да го прати Јована во Бугарија по пушките.
А овој, откако ја намириса работата дека ќе ги мешаат капите со агата, се зарадува на предлогот од Толета и во мај замина по канал за Софија.
Ги најде шестотини лири и навистина купи сто и дваесет куси манлихери за нив, а од војните магацини украдоа со некои прилепчани две три илјади патрони и ги испрати за внатрешноста. Но место за Прилеп, ова оружје замина за Пирин со кое Сандански навистина наоружа стотини свои востаници. Барем така се правдаше Ѓуро кога се врати по востанието.
На три четири дена пред Илинден, на тумбата Становица, над селото Жиово, се собраа прилепските војводи со своите чети да го направат планот за напад на мудурлакот во Витолишта.
Најпосле настапи судбоносниот ден да се обиде рајата со агата.
Екна борба во битолската револуциона област. Смилево се запали, огнот го видоа по сите ридишта од Кожув и Албанија и ги запалија сноповите ‘ржење што беа приготвени од пред два три месеци.
И во Мариово светнаа пламени на Гумништа, Панделе, Висока, Смечот, а тој на Кравица можеа да го видат и во Солун при јасната јулска ноќ без месечина.
Во Невеска, Баница, Рупиште, Екшису и по целата железничка линија зовреа пушки, пиштоли, бомби. Востаниците ликуваа во ослободените населби.
Карев со другарите го нападна и презеде Крушево, но нашите востаници задоцнија. Толе ги обиколи сите села по старо Мариово и насекаде бараше едно:
—    До вечера, до утре, сакам илјада души со оружје в рака да го нападеме мудурот и јузбашијата во Витолишча.
—    Co ошчо бре, Толе, со ошчо да тргнеме кога оружје немаме в рака? — се жалаа селските раководители кога Толе наредуваше.
—    Ами кога ви веле јас од лани: пусат, море луѓе, пусат прибирајте, вам шо ви се чинеше, а? „Се шакуа Толе”. Еве како излезе вистинска таа моа шака. Сега како знајте: секирите, косите, крклизите, шо имате со тоа излегувајте. Инаку ќе му го дада огнот на селото и ќе ве испеча како глувци сете! — грмеше Толе со својот длабок глас и им се закануваше дека сите ќе ги избеси на врбите во ливаѓето.
И селаните се спремаа, место во Градешница на Илинден на гости — во Витолишта на бој.
—    Го гледате шишот мој? Муш, муш, муш! Ќе измушкам најмалку десет аскери со него во Витолишча, — се шегуваше Илко Корунов од Бешишта, одејќи по Бешишкото Поле со сакмата нарамо и еден крклиг врзан на стап со подвеската од десната нога.
—    Остави и, море, шо ти сториле шо ќе и мушкаш, токо да пратиме некој да му рече да сварат повеќе пилав и да го остават да се лади, оти жежок не се јаде, — му одговараше Саботко Неданов, фаќајќи се за кубурите и фалејќи се како по двајца аскери ќе тепа наеднаш.
Ho какви такви, Толе поткрена неколку стотини души од своите села, a со оние што ги доведоа Андон, Петко, Стојо и дедот Коле се собраа над илјада и се ставија на расположение на војводите.
Јордан Тренков им одржа говор во Жиовските ливади под Становица.
—    Момчиња! — (макар да имаше и старци од шеесет години). Часот на слободата тропна. Ноќеска ќе му влеземе на мудурот и јузбашијата и ќе ги исколиме сите ако не избегаат. — Ноќеска, велам, ќе го заградиме селото од сите четири страни и ќе му влеземе на мудурот во конакот, ќе го симнеме од столот и ќе си седнеме ние, ќе се ослободиме и од него, и од неговите заптии — да не ги глодаат веќе коските!
— Mope, арно со мудурот ќе свршиме, господин војводо, токо кога ќе разбере Џавидпаша кај ќе одиме? — се провикна некој од купот.
—    Џавид. Дургут, Халил, Хилмипаша, на сите ќе му дојдиме доак, не плашете му се, не сме сами. Ете, цела Македонија е веќе на нога. Слушате ли оти во Крушево веќе вријат пушките? Така е низ целата земја. Ние да си ја свршиме нашата работа, овие одовде да ги нападиме, та со пашите, има и друг да се расправа. Тука се браќата Б’лгари, тие ќе му удрат в грб и ќе си ја соберат пашите опашката дури во Анадол, откај што дојдоа. Само напред ноќеска! — повтори Јордан по десети или стоти пат за братската помош од Бугарија пренесена од Сарафов.
—    Е, море, напред напред! — им се испушти од грлата на стотина души голораки селани.
—    Ќе ваќаме со гола рака змиа, нема чаре! — рече Гуцето и ги поведе своите градевци кон витолишките гробишта, откаде требаше да го нападнат селото.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu