Откријте го Мариово

 

5.
Витолишкиот мудур Арсланбеј седеше еден поручек во својата одаја, два три дена пред Илинден, наднесен над едно писмо и ѕуреше во него преку очилата, очигледно замајан од неговата содржина. Се исправи, ги извади очилата, ги забриша со шамивчето и почна да ги префрла нервозно од рака в рака, па почна сам да си зборува:
— Бак, бак, бак, пис милет, бреј! He сетит да гледат работата да живејит, туку матит вода во аван. Ќе туркат ѕид со глава, а оти ќе кршит лејката не му текнуват!
Се замисли длабоко, па како да се присети нешто, плусна со рацете.
На вратата се појави заптијата Ибраим и направи темане:
—    Бујрум, мудур ефенди!
—    Оди, Ибро, викни го јузбашијата од кашлата.
— Евет, мудур ефенди, — изусти Ибро и излезе низ врата поведен во знак на послушност, а мудурот пак ги кладе очилата и пo десетти пат го прочита писмото дури да дојде јузбашијата. Чита и цука, се чуди, се лути, псуе каурска вера, мајка, живи, мртви. Најпосле тропна и влезе јузбашијата.
—    Бујрум, мудур ефенди! — праша младото забитче и направи скромен поклон со раката на градите, повеќе поради староста на мудурот отколку на неговата положба.
—    Те викав, Сефедин, те викав и има зошто да те викам. Повели, седни… и… еве читај, —го покани бегот својот заштитник, командирот на оружаната сила што беше пратена да го варди уќуматот — царската власт во овој најзафрлен дел од големата турска царштина.
Јузбашијата, уште не седнат убаво, го дочитуваше краткото, но јасно писмо од кајмакамот, кое со својата содржина ги вознемири претставителите на султанот. Кајмакамот пишуваше:
„Од мене, прилепскиот кајмакам, Салиефенди до тебе стари пријателе Арсланбеј поздрав и молитва да ти го чува алах здравјето, главата и власта.
Овој час наш човек ми кажа дека овие дни — салам и тој не знае кога — ќе имаш гости од планина. Каурите се спремаат да ја уриваат нашата царштина од темел па чекај ги и кај тебе некоја ноќ и приварди се да не те најдат на спиење и да те испечат жив во конакот.
Толку за сега. Потаму ќе ти јавам ако излезе нешто ново, а и ти веднаш чини абер ако забележиш нешто слично во твојот мудурлак”.
—    Е! Прочита што пишува казмакамот? — му се обрна стариот мудур на младото офицерче и го покани да седне на столот од десната страна.
—    Прочитав, мудур ефенди, ама не ме израдува многу — му одговори кратко јузбашијата и, седнувајќи на покажаниот стол, ја извади кутијата со тутун, та му понуди на стариот Арслана.
Завитка мудурот, завитка и Сефедин и со апетит тргнаа од килибаровите чибуци, длабоко замислени.
Најпосле мудурот проговори!
—    Што мислиш, Сефко, по оваа работа? Гледаш што пишува кајмакамот? Да се вардиме да не не испечат некоја ноќ живи. Што треба да направиме да не го доживееме тој резил?
Сефедин почна да го теши старецот:
—    Без гајле, мудур ефенди, без гајле. Моите анадолци се секогаш готови да те одбранат и тебе, и мене и честа на нашиот падишах. Јас сега ќе наредам деврие низ селото, караули по сите патишта, а еден чауш лично кај тебе ќе караули. Само ти гледај да подразбереме кога се ружаат да нападнат.
Мудурот се поослободи и нешто се присети та пак плусна со рацете.
На вратата пак се појави Ибраим.
—    Оди, Ибро, да викнеш коџабашијата. Трајка.
—    Евет мудур ефенди, — пак повтори Ибро и се изгуби низ врата.
—    Ceгa ќе разбереме се што ни треба, — му се обрна мудурот на јузбашијата и двајцата почнаа да кројат планови како ќе се заштитат при евентуален напад.
Додека тие се советуваа какви мерки да преземат, Ибраим го дотера коџабашијата Трајка.
—    Да ви се ногу години, ефендилер, — проговори Трајко и со длабок поклон ги поздрави двајцата султанови служители, сиот затресен од возбуда, знаејќи дека не го вика мудурот за добро. А кога го виде и јузбашијата, крвта му се здрви.
—    Бујрум — бег, си ме викал? — проговори како со туѓа уста.
Мудурот го направи пријатно лицето, му се насмевна под мустаќ и го покани со најљубезен тон претставителот на селото:
—    Бујрум, коџабаши, бујрум, повели седни да направиме еден муабет! — и му ја подаде тутунарката. ‘— Повели, направи еден тутун. Знаеш, тутунот го правит лезет муабетот.
Трајко седна и завитка цигара, му ја врати кутијата и ја запали цигарата. Седна како на трње и зачека да слушне зошто го викнаа денеска на конакот и тоа обајцата главабашии.
Мудурот почна оддалеку:
—    Знаеш што викав тебе, коџабаши?
—    Да чујам, мудур ефенди!
—    Еве, по два дена идит тој вашиот Илија Грмелија, како викате вие. Јас имам ниет да отидам и овој година на гости во Градешница на Илинден, та реков да земам и тебе, да правиш мене кумпатага. Знаеш како ти ет. Јас стар човек, та не ми се одит со овие младите — ќатипче, јузбашија, чауши, башчауши. Сите ќе гледаат во нив, мене никој не ќе погледат. Вака — јас стар, ти стар, белким ќе опулит некој младо невеста во нас — божем се нашакува Арслан и го погледна под око Трајка.
„Аха, си помисли Трајко, — оддалеку почна да посега бегот”, но се направи да не разбра дека и него го вика.
—    Убаво си наумил, бег, убаво. Оти да не појдиш; оди прошетај се, како да е ќе се опуле некоа, ако не млада, оно од постарите!
—    Ама јас ќе го одам, џанум, токо канам и тебе, и во тебе да опулит некој млада, а? Што велиш, ќе правиш мене дружина или да викам Мисирлијата?
—    Сполај ти бег, сполај ти. Јас вој Илинден немам ниет да ода на госје. Ошче не ми е собрана седбичката, ете и на страгата ме викнаа вие дни, да си го зема тоа млекцето. A ти оди со здравје и погледај некоа и за мене, ако е и постара — пак на шака ја тера Трајко, ама му жежи столот и само што не подрипнува кога Арслан го кани.
При овој одречен одговор од Трајка Арслан го погледна јузбашијата и незабележено ги развлече муцките.
—    Тогаш да викам Мисирлијата; ја кажи ти некој што ќе одит, да одиме заедно. Мене, жими вера, од некое време шубе да излезам сам надвор од селото. Ете, дал господ диви луѓе што не мирисаат нас Турците, та да не сретнат мене сам некаде, да одерат на стари години! — се приближи со дикат Арслан до темата за која го викна коџабашијата.
На Трајка му заигра долната клепка од десното око што тој си го протолкува како знак за несреќа и уште толку се наежи.
„Ќе ме топат виа пци денеска. Треба да имаат нешчо намирисано” — си помисли во себе, но почна да го разбива мудуровото мислење, па му вели:
—    Mope бег, ако се плаше орачот од врапците — не сее просо, токо гледај си ти ќевот. При царцката живот и сила никој напреку не може да ти се опуле, не да те дере. Шо ми зборуаш такви детинцки муабети. Кој е тој шо ќе крене рака на царцки човек? Ќе му се исуше!
—    Ха, ха, ха! — се насмеа мудурот, a пo него и јузбашијата.
—    Што убаво местиш муабетот, бре коџабаши. Како убаво што зборувате така убаво да работите, топ не разбиват ни вас ни нас жими вера, — стана од столот и му се приближи.
—    Мислите, ние трева пасиме, бре чорбаџи Трајко? „При царцката живот и сила немало кој да кренит рака на мене”, а вие спремате и на самиот падишах да кревате рака; Мижи Асан — да ти бајам, правите вие работа, а? Толе Паша собират селаните да бркат нас од уќуматот и кашлата, а ти мене маслосуваш и тураш вода под рогузина.
My се наднесе над лицето, го фати за раменици и му се заѕури во очите.
—    Зошто не одиш на гости во Градешница, бре ќерата? Мислиш ти не знаеме ние оти ќе кревате ѓурунтија овие дни? Кажуј, кажуј бргу кога, или да викам Ибраима да затворит во визбата и наместит коските! — и почна да го тресе за гуната за која го исправи.
Трајко стана и почна да се правда:
—    Аир ефендум, шо е тој лав шо ми го велиш? Кој е тој што ќе кревал буна против царот; кабул не го права јас тој страм. Толку години, ете, сме заедно; сме си поминале како господ што рекол, аир. Ни за буна знам, ни за нишчо. Си го направил некој ќевот, ме накодошил да ме страмите.
—    Слушај Трајко, слушај стар пријател, — го симна гласот Арслан и почна испитувачки да го подмамува. Сам рече дека толку години поминавме како господ што рекол. Сум јал еден залаг леб во твојот куќа, си пил и ти кај мене пекој кафе, си запалил некој цигара. Демек, ние со тебе не сме си душмани. Сакам и понатаму да не бидеме душмани, ако не можеме да бидеме пријатели. Затоа сега ти ќе кажеш се што знаеш по овој работа, да чинам абер на кајмакамот и валијата, оти ако разберат од друг, ќе обесат обајцата нас. Жими вера и имаат право. Таков магаршчилак да се токмит кај нас, а ние да не знаеме и да не кажеме, навистина за бесење сме.
Трајко ги собра рамениците и повтори.
—    Аир ефендум; ни знам, ни абер имам за такво нешчо. Оти има по планините лоши луѓе како Толета шо го рече сам, та го знајте и вие, го знае и царот. А за некоја буна во народот јас не су чул, ни су разбрал. Па дип веќе ако се крие од мене, тоа може, ама јас не знам.
На овој Трајков одговор мудурот пожолте, а јузбашијата позелене во лицето.
—    А што е ова, бре ќерата? — му се врекна јузбашијата и го извади од џебот на блузата писмото. Почна да чита:
„Каурите се спремаат да ја уриваат нашата царштина од темел…”
—    Што велиш? Лажит овој што испратил овој писмо до мудурот?
—    А бре, ефенди, јас не знам нишчо, та тој лаже ли или и него го излагале, и тоа не знам.
—    А не можеш да одиш на гости во Градешница? Седбата, млекцето, несвршени работи? Mope, море! Ќе кажиш, жими вера, туку доцна ќе бидит. Ти си стар човек; после, половина царцки чоек, немој да тераш со сила да кршиме коските. Толку повеќе што си стар пријател на Арсланефенди… Кажи, кажи, да не носам тебе во кашлата кај Расимчауш. Таму ќе го кажиш и што не ет за кажување, ама да не бидит со лошо.
—    Аир ефендум, по стопати аир! — се правда Трајко и сиот се тресе.
По самото негово држење видоа дека знае, но не сака да каже, затоа мудурот му намигна на јузбашијата и му проговори.
— Земи го, јузбаши ефенди, кај тебе ноќеска, па утре ќе го продолжиме муабетот. Трајко се зачипчи за стариот свој пријател.
—    Аман бег, аман ефенди, аман пашум, аман татче! Ти татко, ти мајка, да не сториш кабул на стари години да ми гниат коските! Дотука ли беше нашето пријателство од пред двајсет години.
—    Трајко, јас не можам да помогнам сега тебе. Ти сам викаш бељата. Кажи што знаеш — оди дома, бркај работа, ако веќе не сакаш да го идеш на гости со мене во Градешница — го отстрани Арслан Трајка од себе и му го предаде на јузбашијата.
Трајко почна да се бори со себе:
„Да кажа — ќе ме заколе четата; да не кажа — ќе ме отепа ноќеска Расим чауш, — и застана сред одаја да се чуди.
—    Ајде, коџабашиа, ајде пред мене, што чудиш? — го поткани Сефедин стариот коџобашија, и пак почна да го искушува:
—    Слушај коџабаши, слушај синко. Жалам тебе, ама повеќе жалам мене, мудурот овдеки и царот наш. И јас сум јал леб во твојот куќа и не сакам да правам тебе кедер, ама рече ефенди Арглан, сам ќе носиш кабаетот. Ти знаеш Расимчауш многу убаво. Ќе предадам вечер нему и до утре или ќе кажиш или ќе одиш на оној свет. Зашто да тргаш мака кога може без неа да поминеш? Ние знаеме дека ти за тој работа не крив. Ами да оправдаме и нас, и тебе пред кајмакамот и валијата, да чиниме еден абер, та понатаму, тие нека му мислат. Зошто за ваков ситна работа да гнијат тебе коските и предвреме да лежиш во гробот?
Трајко се свитка. Тој знаеше мошне убаво кој е Расимчауш и како ќе помине ноќеска кај него во кашлата. He ќе може да издржи под тешкиот ќотек и ќе признае, ќе каже што знае. Тогаш што печали што јаде ќотек? Ништо. Најпосле се реши да каже. Ако дојде до колење подобро нека го заколат четниците, отколку да се влечка улугав без нога, без рака, слеп без око или со искршени ребра од Расимчауш. Се издиши длабоко и му ја побара кутијата на Арслана да завитка уште една цигара.
Турците се успокоија.
— Бујрум, Трајко, бујрум. Завиткај пет, не една. Јас тој сум Арсланбеј, твојот пријател. Бујрум. Седни, море, да свршиме работа, та не плаши се од нив. Ние знајме оти страв тебе од комитите, да не колат. Такви сет царцките работи. Ако не колат комитите — ќе бесит валијата нас, ами да држиме појакиот, та да протутниме уште некој и друг година.
Седни, седни запали цигарата! — го покани пак Арслан Трајка и му чкрапна кибрит, водејќи го кон столот на кој седеше прегеска.
Плусна со рацете и му нареди на Ибраима.
—    Јап јуч татли, Ибро (Направи три слатки кафиња Ибро.)
Ибраим ја затвори вратата, Трајко и Турците седнаа и почнаа нервозно да тегнат дим од запалените цигари.
—    Е, да чуеме, коџабаши, — проговори јузбашијата очигледно нервозен од неизвесноста, дали Трајко ќе каже или пак само гледа да помине времето да не оди кај Расимчауш.
—    Mope, бре, ефендилер, шо не покрил господ — човек не може да покрие. Шо да ви кажа. Слушам од тебе — од мене оти најсна ќе правеле тиа неранимајковци некој бунт, ама кога и каде, право да ви кажа и мене не ми кажуат. Се плашат како царцки човек да не ви чина абер вам. Ете, на Градешница слабо кој ќе оде на госје; гледам повеќе селани каде се иставаат од селото по колибите. Носат повеќе јадење отколку што требе, си наоѓаат разни мани само да не се в село; криат по јамите алишча, благота. Ете, од два три дена ваки нема да стапне човек од другите села кај нас, та шо се крои, што се шие, ви реку оти не знам и не знам, ако веруате бога. Распрашуам — распрашуам по приатели, по роднини, никој салам нема да ми каже. Некој велаат во сета земја врие, други велаат угу кај нас е вој стра, инсан како инсан, кој може крај да му вати на разни муабети? А оти се мати водата — се мати. И вие сами гледате. Ете јас шо има да кажа. А па вие привардувајте се виа дни по воа денот да не не најдат апанс’с и да не испечат живи, како шо пишуа во книгата. Друго нема шо да кажа. Биле, колиле, бесиле, било такцир ќе се страда на правда бога.
На Турците не им се направи ќефот. Гледаат дека Трајко сака да седи на два стола. Нешто поткажа и ги предупреди „виа дни привардувајте се” ама кој ќе бидат „виа дни” Трајко не сака да каже.
Влезе Ибро со кафињата. Пак завиткаа цигара, зачурија и ги испија кафињата.
Мудурот сака да ја дотера до крај работата.
—    Та така, велиш, Трајко, виа дни, а? Салам, салам да подразбера кога?
—    А бре, бег, салам нишчо не знам и не разбра. Ви реку јас оти така се зборуа во селото. Виа дни, сигурно на денот, пред денот или по денот — не знам. Ама тука се вртат муабетите. Околу Илинден, та ѓаволот да и знае. Ама за секој случај ви реку и пак ви вела, позавардете се дури да помине матилешот. Шо трици ќе јадат, токо пак, коа тој шо рекол: „покриеното млеко   мачките не го локаат”. Та и ние така, да се позавардиме, да не се сторе некој ќедер апанс’с. И разговорот се сврши.
— Е, така Трајко, така. Било та се рекло, море: „Ески досдушман олмас”. ). Ете, за малку работи ќе расипевме нашиот стар пријателство. Само гледај сега и ти ако разбереш нешто, по пиле да знајш да го чиниш абер, оти и тебе ќе дерат кожата. А ние ќе гледаме да не дојдит дотаму. Јузбашијата овдеки ќе земит гајлето да довардит нас двајцата, — го утеши Арслан Трајка и му стави до знаење никому да не кажува за разговорот.
Трајко се ослободи од тешкиот страв од Расимчауш и стана, си отиде да мисли како ќе се спасува од четите ако разберат оти ја откри најголемата тајна на Организацијата.
Мудурот и јузбашијата го испратија Трајковиот одговор до прилепскиот кајмакам и ги ставија на нозе сите свои оружани сили, главно да се заштити власта — мудурот и казармата.
Двестете души војници и десетмината заптии не ги остава пушките од раце. Претполагаа дека востаниците дење нема да нападнат, но сепак беа во припремна состојба. А штом ќе паднеше мракот селото беше блокирано, а баш најлошиот Расимчауш со педесет војници се сместуваше во црквеното кале за да го брани конакот од мудурот, кој беше десетина дваесет метра оддалечен од црквата. Деврието патролата — крстосуваше низ село и секаде каде што ќе видеше светлинка влегуваше да се убеди што луѓе има во таа куќа. Но и ќуќите опустеа не само ноќе што се светеа, ами и дење скоро сите беа затворени. Народот се точеше надвор од селото под разни изговори — оди на работа — жетва, вршење бачило.

Не пропуштајте

Leave a Reply

Close Menu