Откријте го Мариово

6.
Под таква околност дојде и Илинден. Но Толе позадоцне и ги доведе луѓето дури утредента, по Илинден, та нападот се одреди дури другиот ден. А за тоа време мудурот веќе беше известен од кајмакамот за сето она што стана во Смилево и Крушево.
На Становица гората се измеша со луѓе. Колку дабје што имаше толку луѓе стоеја до нив или седеа под нив, секој со сакмата и торбата на рамо и пусатот в раце. Тие што имаа огнестрелно оружје ги прегледуваа кремењето, чарковите, капсите, штракаа по десетти или педесетти пат дали работат нозете и петлињата на кремењачките и капсалиите, а тие што носеа секири, балтии, коси, крклизи — го остреа своето ладно оружје со егиња и ги вртеа главите, секој сакајќи да не дојде до употреба на ова нивно „оружје”.
На лединката „Чегревите нивчиња” каде што сонцето одвај пробиваше, седеа крај ладното кладенче војводите и го разгледуваа планот на нападот. Веќе четири дена како се разгледува тој план. Според него ќе треба да се нападне селото преку ноќ. Главната сила ќе удри на северниот крај на селото откај гробиштата. Ако се заврзе бој, камените гробови се нарачани за метеризи и заклон. Од јужната страна ќе се јават стотина востаници да ја разделат силата на аскерот, а од запад Толе со своите четници ќе навлева во селото да му се доближи на конакот и да му влезе на Арсланбеј како пред неколку години што му направи кај Сивета во Старавина.
Околу пладнина Тренков си ја даде својата последна наредба на војводите:
—    Ајде сега, другари, соберете ги луѓето и право на чешмата во жиовските ливади! Тивко, со мукает слегувајте.
Пред самиот мрак, над илјада души четници и востаници ги исполнија ливадите и направија тркало околу самата чешма. Дури да слезат до чешмата, низ растот останаа пет шеесет може и стотина од селаните, што на Толета не му откина од острото око, бидејќи сите в глава ги познаваше. Затоа тој го растрча својот бел коњ околу собраниот народ и со страшен глас се провикна:
—    Слушајте, луѓе и браќа! Гледам дека некои од дојдените сакаат да се вратат назад и да не остават сами да се бориме. Нека разбере секој таков, а особено нивните десетари, дека таквите ќе бидат обесени ошче утре на сретсело, а нивните деца и жени изгорени во нивните куќи. Затоа секој десетар да си и собере луѓето. Каде ќе гинеме ние, нека гинат и тие.
А селаните знаеја дека Толе никогаш не се шегува, та не му тежи умот да го направи ова што го зборува, толку повеќе кога утре ќе ги нема агите да го бркаат.
—    Ајде, боже, поможи, — се провикна Тренков и тргна напред, пред оваа собрана армија, за да ја одведе на бојното поле — селото Витолиште.
Десетарите ги собраа луѓето и тргнаа по војводите, а мракот веќе падна.
На Пеливарската чешма Јордан застана. Тука ги сретна трите товари барут, испратени од Битола, и почна со неговото распределување.
—    Кој носи пусат да земе барут и олово, — се разнесе пак Толевиот дебел глас во ноќната тишина и темница.
Се нагрвалија околу вреќите. Шаќир почна да тура секому по еден грст црн прав и по една рака куршуми.
—    Нема кај да го тура, бацко Крсте. — се провикна едно младо голобрадо момче од Врпско.
—    Капата, бре пес! — го искара Крсте детето и ова го симна од главата својот извалкан фес и го прибра барутот и сачмите, а откако се истави од Шаќира, си ја нарами кремењарката, фати горе Жиовскиот дол, та си отиде дома, мислејќи во себе. „Како да не! Ке ода да и го арча златен барут и сачми на Турците, кога можа со него да си отепам десетина лесици”, — си префрли преку Становица, оставајќи го својот десетар Ушка да вика во темницата: „Кај вати, Петкоооо!”
Петко убаво го слушаше Ушка, но молчејќи си го продолжи својот пат за дома.
Се раздаде барутот и се расподели народот по планот. Градевци, Бешивци, Полчивци, со дедот Колета и Бешот на чело, тргнаа први, да го заобиколат селото и да се најдат на јужната негова страна. Селските војводи почнаа да ги тешат десетарите, a овие своите десетини.
—    Mope, шо му се плашите, ослепаго, на еден стар дркул; ќе го налегниме како вол, — им влеваше кураж Бешот на другите селски војводи, псуејќи го стариот мудур, Арсланбеја со кого беше долгогодишен пријател, како коџабашијата Трајко од Витолишта.
—    Mope, да не се тиа двестете околу него, лесно е за него, Бешу, токо кога ќе залачкаат тиа, кај ќе одиме? — му одговараше песимистички расположениот градешки селски војвода Гуле.
—    Ќе залачкаат нивните, ќе залачкаат и нашите, — горделиво ги бодреше Андон од Дуње, кој со Толета требаше да му влезе на Арслана во конакот.
Секако на аскерот не му откина од ушето оваа врева спроти село, и караулот го извести јузбашијата, а овој се најде на ритчето Бранов стол над селото, та и сам ја слушна вревата. А токму по тоа време — околу полноќ — на Коста Тучков му се испушти капсалијата, пукна пустињата во сред таа нема тишина и ја издаде целата работа.
— Навистина идат, си пробрборија јузбашијата и мудурот и ги впија очите во мракот, небарем ќе ги бројат.
—    Треба да се баеги собрани, — му прогвори Арслан на Сефедича и пак го опомена на своите задолженија и обврски кон падишахот.
—    Тестир на аскерот да не го напушта селото оти не гори огнот. —
—    Без гајле, мудур ефенди, без гајле, — го успокои Сефедин стариот Стамболија на кого почнаа вилиците и брадата да му се терсат. — Расимчауш ги држи метеризите околу конакот. Дури стои неговата глава, немај гајле. А ти со заптиите држи го калето од конакот. Ќе се обидеме. Ако рекол алах, најпосле ќе ги дадеме и главите за нашиот падишах и верата алахова.
Co овие утешенија го испрати Сефедин мудурот со една патрола во конакот, а сам ги обиколи сите стражарски места, па и Расимчауша и им стави до знаење дека ноќеска ќе има нешто — добро да се држат.
Дедот Коле ја зазеде јужната позиција, војводите се приближија до гробиштата од север, а Толе влезе со своите осум четници од западниот крај в село, не разделувајќи се со Мише Ќосото. Уште при влегувањето, го слушна чеканото прашање од стражарот.
—    Ќим сн сен!
Но место одговор Бојко чкрапна со малихерката и војникот падна смртно погоден.
—    Ах, анани!… ах аврадини…! се провикнаа неговите другари и го напуштија постот, бегајќи кон црквата за да му се придружат на Расимчауш зад црквеното кале.
Гласот од Бојковата пушка го слушнаа војниците во гробиштата на кои удри главната востаничка сила со војводите и почнаа да стрелаат, заклонети зад гробовите. Гробовите беа добри метеризи, но не за востаниците, како што беше во нивниот план, ами за аскерот.
Се заврза борбата. Почнаа и војводите да пукаат, им се придружија четниците и останатите востаници, но укрепениот аскер не ги остави своите метеризи — гробиштата и не попушти, а веќе и зората забеле, та војводите наредија повлекување да не ги фати денот. Востаниците тоа и чекаа. Еден по еден ја фатија долината на Задна Река и уште до пладнина си разотидоа по домовите како ништо да не било.
Толе со своите четници ајдути влезе в село и се запати право кон црквата и конакот. Ќе го турка Арслана од мудурскиот стол за да го намести Тренков или некој друг. Нему му беше сеедно кој ќе седне на него — само да го турне агата.
Од црквеното кале го дочека Расимчауш со педесет мамзери, а Толе го фати калето од Врвцовци и ја заврза борбата.
—    Теслим, бре ќелешковци ниедни, ако сакате главите да и спасите! — се провикна Толе и ја испразни својата куса манлихерка кон калето отакде пукаа мамзерите.
—    Теслим вие, бре ќерата, ако сакате да не печиме живи! — се слушна одговорот од Расима со уште посилен глас кон аскерот:
—    Атеш, чуџуклар, атеш! ) Грмежите в село го привлекоа јузбашијата што беше во гробиштата, па гледајки дека од неговиот „фронт” бунтовниците отстапија, го собра аскерот и му притрча во помош на Расимчауш. Удри в грб на Толевци и овие беа принудени да се повлечат без свршена работа. А и денот веќе фати. Се провиде убаво.
Дедот Коле пропука на казармата и гледајќи дека главната сила, што ја предводеа војводите откон гробиштата, се откажа од борбата, и тој како Толета се повлече и ги фати блиските чукари „Шупливец” да гледа што станува в село.
Толе се извлечка од селото, но не ги напушти згодните метеризи гробиштата, ами гледајќи дека јузбашијата ги напушти истите за да му помогне на Расимчауш, сега тој зазеде тука позиција, надевајќи се дека главната сила со војводите е тука за да ја продолжи борбата. Но војводите за неполн саат, додека Толе се расправаше со Расимчауш беа го поминале селото Жиово и пак на старото место, на Жиовските ливади, се собрале и се ладеа на студената чешма.
Аскерот ги забележа голораките дедо Колеви востаници по чуките, а сигурен дека немаат оружје, се назагнаа живи да ги излови. Тогаш Толе се јави од гробиштата, сега тој на аскерот в грб, та овој пак се врати во своите метеризи околу конакот и казармата, а селаните се разбегаа кој каде види по чукарите и си отидоа дома.

Close Menu