Толе Паша II том – Стале Попов

 

III   ТОЛЕ МАРИОВСКИ ПАША
Толе остана сам со своите осум опробани другари. Виде оти ја напуштија борбата сите, им удри уште неколку залпови во правец на конакот и казармата, си го јавна својот коњ и со другарите, го напушти и тој „бојното поле” со тешка тага на душата што не го турна Арслана од мудурлакот.
Налутен како рис прв дотрча кај војводите и уште од педесет метра почна да вика и псуе:
—    Ами вака ли, море коркари, ќе го падеме Турчинот, слепци да водите што го зедоте на душа народот, аир да не сторите во очите да рече господ златен! Ти иих, шо такцират имале сиромаси со вас да тргаат, да би орлите ви го тргале месото на живота!
Па се обрна кон селаните и четниците што останаа крај војводите.
—    И гледате? Господа војводите на бравите и кокошките волкави во грчмаците, a кога замириса барут, ватиа лимја гора, да не се вратат. Ами на кого и оставите ниа сиромашки синови, голораки да и дере сега јузбашијата, море мурдари! Шо мислите сега и каде ќе и криете тиа вашите тикви шо не размислиа како ќе излезе работата?
Или само „ајде да му појдиме на мудурот и да го земеме конакот”, како да е заек, ќе се исплаши и ќе побегне од смреката, — па се исправи пред Тренков.
—    Е, господин коркар војводо? Шо мислиш сега, да ти а тргам малихерката или сам ќе се обесиш на дабот? Гиди брлива главо, ѓиди! Оди, Толе, собирај шо повеќе луѓе да свршиме работа, а тој ни капка крв не виде и а намачка како кукавица. Така се истеруал Турчииот со валби и петелеље прел селаните. Mope крвавење, брату, крвавење сака, та да го оставе конакот, не само валби. Co валби се плашат децата и бабите, а не Арсланбеј и неговите заптии и аскери шо носат оружје од пред петстотини години. Токо, ајде најдете го од ѓаволот. Јас се излага и си реку оти мажи одат по планина, а тие и од стрина Богдана биле подолни. Јаз’к за името шо го носите — „војводи”. Такви се војводите како вас, клечковци — им се навика Толе в лице на сите војводи, па дури и на Петрета Ацев што го кандиса да му се придружи, го дупна коњот и ги повика своите опробани и верни другари уште од арамискиот занает.
—    По мене, деца, по мене, ако сакате да се вршат работи, a со виа коркаровци ќе и дадиме вересиа главите.
Војводите останаа замајани од истапот на Толета, се тргнаа настрана под сенката на големата јасика и почна и тие да се препи раат.
— Си има право Толе, другари, си има. И јаз’к да му е сега нему што не ја отпетла манлихерката да не отранче сите како зајаци — прв почна да му одобрува на Толета Пере, којшто последен го напушти сражението во гробиштата.
—    Што право бре, Петре, не виде ли и сам оти аскреот сиот беше на нога? Кај ќе се справиме ние со двесте мамзери утврдени зад такви метеризи? — почна да го правда своето бегање Тренков, што на Ацев и Тошев им ги отвори устите.
—    Ами, кога лачкавме ние во Смилево оти не сме готови, ти што велеше, бре Орде? Народот ја бара борбата, ние само да го поведеме. „Камо ти го, бре машко, тој народ што ќе се нафрли со голи раце на оружаниот аскер? Еех! греови, греови ќе гледаме ако останеме живи. Двесте души не исплашија и не нападија со еден плотун како чавките Дервиш полјакот во Бзовичко, та ќе го дочекаме Џавидпаша со две, а може и дваесет илјади души. Туку пак ќе речам: вие да ја имате на души што ја фрливте сиромаштијата во устата на волкот. По стопати берете му го гревот — заврши Пере и длабоко воздивна, вртејќи ги очите од Јордана да не му го гледа суратот.
—    Е, море, ние, ние. Тоа се стори што се стори, туку сега ставајте да се позасолниме во растов, оти агите лесно можат и овдека да не оплескаат со мамзерките. Што велиш ти, Петре, која страна да ја фаќаме?
—    му се обрна Јордан Ацев на чиј реон беа собрани.
Дури тие така се разговараа под јасиката, селаните што беа дошле дотука со нив нога за нога, кој по нужда, кој отворено се разотидоа, та дури и Ушко од Врпско не му рече ни збогум на „дедот” Петрета, со кого беше одличен и личен пријател.
Намуртени, озлојадени, загрижени, тие брзаа да се доберат до некоја колиба или трло каде што ги оставаа кременачките, косите или крклизите и бараа пекој обичен, предмет — јарем, палечник, плаз, некој сноп ‘ржаница да кренат на рамо и со него да си влезат в село, незабележани, оти знаеја што ги чека дома сите оние што беа им се придружиле на комитите.
Војводите со своите четници пак се искачија на високата, со гора обрастена, тумба
—    „Становица”. Оттаму почнаа да ја наслушуваат надежта. Тивката августова вечер им помагаше да можат да слушаат далеку. И штотуку падна мракот Тренков, восхитувајќи се, почна да им обрнува внимание на другите војводи и четници:
— Слушајте, слушајте! ридиштата одѕеваат нешто.
И навистина од Црна ечеше некаков монотонен длабок ек, којшто се одбиваше од голите Галишки и Гудјаковски скрки. Бучеше нешто, како тапан некаде да бие без прекин, но од каде идеше, уште не можеше да се разбере, бидејќи воздухот уште беше исполнет со денешната врева.
Дури околу стари вечери почна гласот да се пораспознава. Се слушна и првиот силен звук на топ, а и неговиот правец можеше да се определи.
—    Откон Селечка, луѓе, од Селечка иде гласот, — радосно извикна Пешковчето, обрнувајќи го своето лево уше право на запад.
—    Тие се, тие, нашите го напаѓаат Прилеп и агите се бранат со топовите — му се испушти и на Ацев радосен извик, макар да беше притиснат и тој како Перета од денешниот неуспех.
—    Mope, тие арно му се примолкнале, ете, на Прилеп, туку ние како ќе се јавиме утре пред нив, ќе ни црвее образот, — се јави еден од Петревите четници којшто не можеше да си објасни зошто војводите без никаква жртва ја напуштија борбата со витолишкиот аскер.
—    Е, море, ако свршат работа тие, како ќе се јавиме — јавиме, па и нека не обесат нас, туку да не излезе и нивната како нашата, та да не не збере никоја — пак песимистички проговори Пере, ја наведе главата и длабоко се замисли.
Колку ноќта навлегуваше, толку топовите појасно се слушаа, а околу полноќ јасно се распознаваа и пушките. Дури едно време по полноќ можеа да се забележат и секавици, кога грмеа топовите.
—    Аха, — промрмори Тренков. — Треба Никола во Крушево да се расправа со агите, не ќе бидат оние молњи од Прилеп, — ја приближи тој вистината и цела ноќ престоја потпрен на пушката под високиот даб на самиот врв на Становица.
И не се излага Тренков. Навистина, тие топовски грмежи идеа од Крушево, и навистина Никола Карев со своите другари се расправаше со агите, но не да ги избрка, но сега ја бранеше победата и првата македонска република од турските сили кои донесоа и топови за да ја урнат.
—    Та, така Бешу а? Ошче не замирисал барутот — вие со Гулета а намачкате? Ами вака ли ме кандисуаше, побратиме, да ви се придружа? Леле, леле пуста организациа ваша! Да знае, ич да не ве праша, да му влезе еден ден, ќе и нападе како јаребици од трње. Ама јас си вела ваа сила шо се собра, не двесте, ами две илјади да се ќе побегнат. А ние шо направиме? He му дадоме ни да разберат оти дојдоме, а скинаме назад, — почна уште истата вечер Толе да го тевтише реонскиот началник за Мариово, Трајко Бешот, во Полчиште, каде што со своите другари наврати да се одмори, а Мише Ќосето да се види со тетка си Мита по толку години.
—    За вечера сакам една јаловица и три тепции алва, — му заповеда строго Толе на Бешот. — Самиот ти ме вовлече во вој алабак табури и за јадење да страдам со своите луѓе. Ако си остане Толе Паша како што си оде сам, немаше вој страм да го јада.
—    Е, море имаш право, Толе, и главата да ми а скршиш со бардакот, токо да ли е само до мене кривицата. Ете, ни војводите од другата страна не издржаа, — почна да се правда Бешот, ветувајќи му ја на Толета бараната вечера.
—    Војводите! — со иронија го произнесе Толе звучното име — војводи! Кои војводи? Такви се војводите, како ниа нашите коркари? Е, море, е? Колку сака до војводи! Војвода да бидиш сака првен ти да а кладиш главата в торба, та после другите да и поведиш по тебе. Војводите одат напред пред четниците, како забитите пред војската, а не како козарот по кози, како шо направиа нашите војводи. Токо пушчи му го ним в’кот, шо сториа ќе најдат. Ќе и вида сега во кое дупче ќе се пикнат кога ќе и поткачи Сефедин со аскерот. А ако дојдат овдеа кај тебе и побараат леб, ќе те обеса јас лично на ореот во твоата градина, ако чуа оти си и прибрал и си и наранил? Слушна?
—    Слушна, брат Толе, слушна. И кој ќе ме слуша мене сега да му дада? Нивната сила се виде. Народот разбра со кого има работа, та тешко ќе биде сега да се повела. Па неоти ќе не остават сега агите живи? Којзнае шо ќе стане со нас по ваа ѓурунтиа! — се приближи Бешот до вистината на блиската иднина на сите оние што учествуваа во бунтов.
— Шо сака со вас нека стане, кога немате семки во главите. Јас дури су жив од својот пат не скршнуам. Co вас или без вас, јас си а знам работата моа. Ако ми паднат на колај, ќе се расправа и со Арсланбеј и со Тренков војвода. Ама ми е жал оти не му го тргна одма куршумчето кога избега од гробишчата или во ливадата.
Co такво расположение Толе ја преседе ноќта по борбата во Полчишта и во зората го дочека и Мише Ќосото, кое оваа ноќ ја проведе со тетка си, и уште неразденето си го јавна коњот со дисагите, полни месо, леб и алва и си ја фати неговата златка Сливина, да си го продолжи својот стар занает — арамилакот.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *